Хорхе Луис Буручага (роден на 9 октомври 1962 година во Гвалегвај) — аргентински фудбалски тренер и поранешен играч од средниот или од нападот.

Хорхе Буручага
Лични податоци
Роден на 9 октомври 1962(1962-10-09)(61 г.)
Роден во Гвалегвај, Аргентина
Држава Аргентина Аргентина
Висина &100000000000001770000001,77 м
Играчки податоци
Позиција среден ред, напаѓач
Повлекување 1998 (35 г.)
Кариера*
Години Клуб Наст. (Гол.)
1979-1981 Арсенал Саранди Арсенал Саранди 49 (7)
1982-1985 Индепендиенте Индепендиенте 146 (53)
1985-1992 Нант Нант 140 (27)
1992-1993 Валенсиен Валенсиен 32 (10)
1995-1998 Индепендиенте Индепендиенте 89 (19)
Репрезентација
1981 Аргентина Аргентина 20 2 (0)
1983-1990 Аргентина Аргентина 57 (13)
Раководител на екипите
2002-2005 Арсенал Саранди Арсенал Саранди
2005-2006 Естудијантес Естудијантес Л.П.
2006-2007 Индепендиенте Индепендиенте
2008-2009 Банфилд Банфилд
2009-2010 Арсенал Саранди Арсенал Саранди
2011-2012 Либертад Либертад
2012-2014 Атлетико Рафаела Атлетико Рафаела
2015-2016 Атлетико Рафаела Атлетико Рафаела
  • Сениорските учества и голови се сметаат само за домашни натпревари
податоците се од 6 јануари 2011.

† Учества (Голови).

‡ Учествата и головите за репрезентација се според податок од 17 ноември 2010

Познат по прекарот Буру, тој ја започнал својата кариера во Арсенал Саранди во 1979 година, за потоа да премине во Индепендиенте во 1981 година, каде станал еден од симболите на клубот низ еден од најуспешните периоди во неговата историја. Тој поминал осум сезони со црвените во два различни периоди, првиот од 1982 до 1985 година и потоа помеѓу 1995 и 1998 година, завршувајќи ја својата играчка кариера после вториот престој таму. Со вкупно 234 натпревари и 72 гола за Индепендиенте, тој му помогнал на клубот да освои неколку трофеи почнувајќи од Метрополитано првенството 1983, потоа Копа Либертадорес 1984 и Интерконтиненталниот куп 1984, а по враќањето во клубот во 1995 година и Суперкуп Судамерикана и Рекопа Судамерикана.

Помеѓу двата периоди во кои го носел дресот на Индепендиенте, Буручага имал европско искуство во кое го носел дресот на два француски клуба: најпрво, тој седум години настапувал за Нант од 1985 до 1992 година, и бил избран за најдобар странски играч во француското првенство за сезоната 1985-1986 (неговата прва во Нант), а потоа една сезона поминал и во Валенсиен.

За аргентинската репрезентација забележал 57 настапи и 13 гола, во периодот од 1983 до 1990 година. Со својата нација, станал светски шампион на првенството во 1986 година во Мексико, на кое го постигнал победничкиот гол за гаучосите во финалето против Западна Германија. Освен на ова првенство тој ја претставувал Аргентина и на Мундијалот 1990 и на две изданија на Копа Америка во 1983 и 1989 година. По завршувањето на играчката кариера, тој станала тренер и водел неколку аргентински екипи и парагвајскиот клуб Либертад.

Биографија уреди

Роден е на 9 октомври 1962, во Гвалегвај во провинцијата Ентре Риос,[1][2] но само на двегодишна возраст се преселил со своето семејство - неговите родители и дванаесет браќа и сестри - во Буенос Аирес.[1] Неговите фудбалски почетоци, датираат токму во овој град кога започнал да игра фудбал во младинските категории на Ривер Плејт, на возраст од 9 до 14 години. Сепак, немајќи кој да го спонзорира за влез во повозрасните младински категории во клубот, тој бил отпуштен на само 13 години.[1] На многу рана возраст, тој поминал низ многу тежок период во кој меѓудругото го загубил и својот татко во 1977 година.[3] Сепак, тој не се откажал од фудбалот, по заминувањето од Ривер имал проби во екипата на Килмес каде не се задржал, но набргу потоа неговиот прв професионален клуб во кариерата се појавил во неговиот живот сосема случајно; додека играл во соседството, тој бил забележан од близок пријател на Умберто Грондона кој го одвел во Арсенал Саранди.[2][3]

Неговата прва сопруга, Лаура Мендоса, загинала во сообраќајна несреќа во 1995 година.[1][4] Од бракот со неа тој има две ќерки.[1] Во 1997 година, тој повторно се оженил, овојпат со Фабиола Паула Роси со која добил уште две деца: синовите Мауро и Роман, и двајцата денес спортисти: Мауро фудбалер,[5] а Роман тенисер.[6]

Технички карактеристики уреди

Играч со одлична визија за играта, голема прецизност во додавањата и одлична техника што го направило повеќе од интересен фудбалер, кој делувал како врска помеѓу средниот ред и напаѓачите.[1] Искуството кое го стекнал низ годините му овозможило да игра на различни позиции во средината на теренот, но неговата омилена позиција била десно крило, на која играл на почетокот на својата кариера и каде се снаоѓал најдобро меѓудругото и поради тоа што бил природен деснак.[1]

Иако бил играч од средниот ред, тој одлично се снаоѓал пред противничкиот гол постигнувајќи преку 150 голови во својата кариера, а многу често токму тој бил човекот кој ги постигнувал одлучувачките голови во најважните натпревари на неговите екипи како во финалето на Копа Либертадорес 1984 или во финалето на Светското првенство 1986. Се сметал и за одличен изведувач на пенали.[1]

Клупска кариера уреди

Арсенал Саранди уреди

Во 1979 година, Буручага како 16 годишник му се приклучил на Арсенал Саранди, откако сосема случајно бил забележан како игра фудбал во соседството од страна на пријател на Умберто Грандона, синот на Хулио Грандона - основач на клубот.[2][3] За време на првата година во Саранди, тој најчесто играл за втората екипа во третата лига, но импресионирал толку многу што веќе кон крајот на сезоната бил повикан во првиот тим, заедно со соиграчот Хуан Карлос Уртасун.[7] Своето деби за првиот тим на Арсенал Саранди, Буручага го направил на 20 октомври 1979 година, играјќи како стартер во последниот натпревар од сезоната во Примера Б Метрополитана во кој неговиот клуб го победил Естудиантес со 2-1.[7]

 
Буручага со Арсенал Саранди во 1980 година.

Следната сезона, под водството на тренерската двојка Оскар Лопес и Оскар Каваљеро, Буручага ја започнал на клупата за резервни играчи.[8] Сепак, откако Раул Оскар Баљиони заработил црвен картон во натпреварот од второто коло против Банфилд, се отворила можност тренерска двојка да му даде шанса на Буручага да го започне натпреварот од третото коло како стартер, на позицијата која тој никогаш повеќе нема да ја загуби до крајот на првенството.[8] Својот прв гол во дресот на Арсенал Саранди, Буручага го постигнал во победата со 3-0 на домашен терен против Дефенсорес дел Белграно на 22 март 1980 година.[8] Сепак, на клубот не му одело добро во текот на оваа сезона и морал да се бори за опстанок во лигата, а тренерската двојка Лопес-Каваљеро била отпуштена од фунцијата кон крајот на јули.[8] Новиот тренер, Хуан Емилио Елена им дал повеќе можности на помладите играчи како Буручага, а овој му вратил со гол во победата со 2-0 против во тој момент високопласираната екипа на Химнасиа Ла Плата во 33-тото коло од првенството, победа што била од огромно значење за опстанокот на Арсенал во дивизијата на крајот од сезоната.[8] Во сезоната 1980, Буручага иако многу млад бил еден од најкористените играчи во клубот забележувајќи 34 настапи и 6 гола во Примера Б Метрополитана, што донело интерес за него од поквалитетните аргентински екипи во тој момент.

Во 1981 година, како резултат на големиот број ангажмани во младинската репрезентација на Аргентина, Буручага ги пропуштил поголемиот дел од натпреварите на Арсенал Саранди.[9] Во последното коло од првенството, победата со 2-0 над Алмиранте Браун на 12 декември, Буручага го постигнал својот прв гол за сезоната;[9] истиот, многу брзо, ќе се покаже и како неговиот последен во дресот на Арсенал Саранди.[9]

Пред почетокот на следната сезона Буручага ќе го напушти Саранди. И покрај фактот дека како резултат на тоа што настапувал за клубот како многу млад во комбинација со неговата брза продажба, тој не покажал во Арсенал ниту половина од класата што ја поседувал и што ќе ја покаже подоцна, пред се, во аргентинската репрезентација на Светското првенство 1986, Буручага и денес се смета за најпознатиот играч кој го носел дресот на Арсенал Саранди.[10] Вкупно за својот прв клуб во кариерата одиграл 49 првенствени натпревари и постигнал 7 голови.

Индепендиенте уреди

 
Буручага во дресот на Индепендиенте во 1985 година.

Во 1982 година, Буручага направил голем скок во својата кариера приклучувајќи му се на Индепендиенте, кој освен што се натпреварувал во најсилната аргентинска лига бил и еден од најсилните аргентински клубови во тој период.[3] Своето деби за Ел Рохо, го направил на 14 февруари 1982, во победата со 4-1 на гостувањето против Естудијантес Сантјаго дел Естеро.[11] Тој се појавил во игра од клупата за резерви заменувајќи го Алехандро Барберон во 78-мата минута.[12] На 28 февруари, за време на натпреварот од третото коло против Унион Сан Висенте, Буручага (од пенал) го постигнал својот прв гол за Индепендиенте во победата со 2-3.[12] Тој постигнал пет гола во Кампеонато Насионал, кои на крајот не биле доволни за Индепендиенте да се пласира во нокаут-фазата на разигрување за титулата, завршувајќи на третото место во групата Б. Во Метрополитано првенството, својот прв гол го постигнал во седмото коло во победата со 5-0 над Феро Карил Оесте во Авељанеда.[12] Својата добра форма ја потврдил и на следните два натпревари во кои исто така бил стрелец, против Сармиенто (2-2) и Институто (4-2), но својте најдобри перформанси ги демонстрирал во завршницата од сезоната кога постигнал 5 гола на последните 8 натпревари, помагајќи му на својот клуб да го заврши првенството на второто место со два бода помалку од шампионот Естудијантес. Со 12 постигнати гола, тој бил втор најдобар стрелец на клубот во Метрополитано, зад Карлос Морете, кој бил најдобар стрелец во целото првенство со 20 погодоци.

 
Составот на Индепендиенте, победник во Метрополитано 1983.

Следната сезона, Индепендиенте стигнал до финалето на Кампеонато Насионал, каде загубиле од Естудијантес со вкупен резултат 3-2.[13] На патот дотаму, Буручага постигнал 8 погодоци, и бил најдобар стрелец на Ел Рохо во натпреварувањето, изедначен со напаѓачот Морете. Истата година, со своите 15 гола Буручага бил најдобар стрелец на Индепендиенте и дал огромен придонес за освојувањето на титулата на неговиот клуб во Метрополитано 1983.[14] После три нерешени резултати во првите три кола од првенството, Буручага го постигнал единствениот гол во победата на гостувањето кај Феро Карил Оесте (0-1).[15] На 21 септември 1983, тој постигнал два гола во победата со 3-0 над Таљерес.[15] Сезоната ја завршил со вкупно 55 настапи во двете првенства и 23 гола.

Во 1984 година, Буручага помогнал Индепендиенте да освои уште два многу важни трофеи: Копа Либертадорес и Интерконтиненталниот куп. Во најсилното меѓународно натпреварување на Јужна Америка, Буручага дебитирал на 29 февруари во натпреварот против Естудијантес во Ла Плата (1-1),[16] додека својот прв гол го постигнал во победата со 1-0 на гостувањето кај парагвајскиот Спортиво Лукењо.[17][18] Во последното коло од групната фаза против Олимпија, Индепендиенте во Авељанеда го совладал парагвајскиот претставник со 3-2 со головите на Марангони, Буручага и Буафарини, за да заврши на првото место во групата и да се пласира во полуфиналната група.[18][19]

 
Буручага го постигнува победничкиот гол за Индепендиенте во финалето на Копа Либертадорес против Гремио.

Во полуфиналната група, Буручага постигнал два гола во победите на домашен терен над Универсидад де Католика (2-1) и Насионал Монтевидео (1-0);[20][21] со две победи и две нерешени, Индепендиенте ја освоил групата пред уругвајскиот и чилеанскиот клуб и се пласирал во финалето. Финалето на Копа Либертадорес се играло на два натпревари, дома и гости, а противник на Индепендиенте му бил брзилскиот Гремио, бранител на титулата од претходната сезона. Во првиот натпревар од финалето одигран во Порто Алегре, клучниот момент се случил во 24-тата минута: Буручага добил одлична топка од соиграчот Рикардо Бочини, стигнал навреме и само ја "поткопал" преку голманот на бразилската екипа за да го доведе Индепендиенте во водство од 1-0.[3] Тој резултат останал важечки до крајот на натпреварот и аргентинците обезбедиле предност пред реваншот на домашен терен во Авељанеда.[22] Во вториот натпревар Индепендиенте ја одбранил предноста, играјќи без голови пред домашните навивачи и ја освоил својата седма титула во натпреварувањето. Буручага со 6 постигнати гола бил најдобар стрелец на Индепендиенте.

Во декември 1984 година, Индепендиенте како шампион на Јужна Америка учествувал во Интерконтиненталниот куп 1984, против европскиот шампион Ливерпул, кого го совладале со 1-0 во Токио со голот на Хосе Алберто Перкудани.[23][24] Буручага го одиграл целиот натпревар за својата екипа и на крајот го прославил новиот трофеј со соиграчите.

Буручага во Индепендиенте останал до летото 1985 година. Иако во клубот поминал само три ипол сезони, тој бил најдобриот стрелец на клубот во декадата (1980-1989) со 53 гола.[25]

Нант и Валенсиен уреди

Во 1985 година, Буручага ја напуштил татковината и го започнал своето европско искуство потпишувајќи за францускиот клуб Нант. Дебитирал за канаринците на 16 јули, во првенствениот натпревар против Тулон кој завршил без голови 0-0.[26] Десет дена подоцна, на 26 јули, тој го постигнал својот прв погодок во дресот на Нант во победата со 2-1 на гостувањето кај Стразбур.[27] На 17 септември, го направил своето деби во европските натпреварувања, играјќи во поразот со 2-1 на гостувањето кај исландскиот Валур во првото коло на Купот на УЕФА.[28] Својот прв гол во истото натпреварување го постигнал на 6 ноември во победата со 4-0 на домашен терен над Партизан во реванш натпреварот од второто коло.[29] На 30 ноември, тој постигнал два гола во размер од само по три минути во победата со 3-2 над Бастија.[30] На 14 март 1986, Буручага постигнал гол во победата со 2-0 на домашен терен во дербито против Париз Сен Жермен;[31] сепак, и покрај овој успех Нант не успеал да ја добие битката за титулата со парискиот клуб, завршувајќи на второто место со три бода помалку од шампионот.

Својата прва сезона во Франција, Буручага ја завршил со 35 настапи во првенството и 9 гола, што му ја донело престижната награда за најдобар странски фудбалер во лигата.[32]

Откако во летото станал Светски шампион со Аргентина, Буручага ја започнал својата втора сезона во Нант каде сега му се приклучил и неговиот сонародник и колега од репрезентацијата Хулио Олартикоечеа, кој како ново засилување дошол во клубот од Бока Хуниорс. За време на сезоната 1986-1987, Буручага постигнал 7 гола во разочарувачката кампања на клубот кој завршил дури на 12-тото место во француското првенство.

Буручага останал во Нант до 1992 година, играјќи седум сезони во клубот. Сепак, серијата повреди на коленото кој започнале во неговата трета сезона ги ограничиле неговите настапи на многу мал број и не му дозволиле да ги покаже во целост својте квалитети.[33] Своето искуство во Нант го завршил со 140 настапи и 27 гола за клубот во француската лига.[33]

Во 1992 година, Буручага се преселил во друг француски прволигаш, Валенсиен, за кој дебитирал на 8 август 1992 во поразот со 2-1 на гостувањето кај Сошо;[34] во истиот натпревар тој го постигнал својот прв гол за клубот, реализирајќи од белата точка за моментален резултат 1-1.[34] Буручага постигнал 10 гола во Дивисион 1 и бил најдобар стрелец на Валенсиен во првенството, но не успеал да му помогне на клубот да го избегне испаѓањето. Сепак, единствената сезона која ја поминал во дресот на Валенсиен, ќе остане запаметена по неговата вмешаност во скандалот со поткуп во кој тогашниот француски и европски шампион Олимпик Марсеј си ја „купил“ првенствената победа со 1–0 над Валенсиен на 20 мај 1993 година. Играчот од средниот ред на Марсеј, Жан-Жак Ејделие, и генералниот директор на клубот, Жан-Пјер Бернес им понудиле пари на Буручага и уште неколку други играчи на Валенсиен за да не играат со „полн гас“ во натпреварот; Буручага изјавил дека се согласил, но потоа се предомислил.[35] Последователно, тој бил осуден на условна затворска казна од шест месеци кога била донесена пресудата на 15 мај 1995 година.[36]

Враќање во Индепендиенте и завршување на кариерата уреди

Во 1995 година, Буручага се вратил во Индепендиенте после точно десет години откако го напуштил овој клуб.

Веќе во првата година по доаѓањето, тој освоил уште две титули со клубот: Суперкопа Либертадорес[37] и Рекопа Судамерикана.[38][39]

Својот последен натпревар во кариерата го одиграл на 10 април 1998 година против Велес Сарсфилд. Вкупно за Индепендиенте одиграл 234 натпревари и постигнал 74 гола.

Репрезентативна кариера уреди

 
Буручага постигнува еден од својте први два гола за Аргентина, против Еквадор на Копа Америка 1983.

Буручага најпрво бил дел од младата репрезентација на Аргентина под 20 години, а своето деби за сениорската репрезентација го направил во 1983 година, носејќи го дресот на гаучосите во пријателски натпревар против Чиле во Сантјаго. Тој го започнал споменатиот натпревар и играл до 68-мата минута кога бил заменет од Алехандро Сабеља.[40] Неколку месеци подоцна, тој бил повикан да ја претставува Аргентина на Копа Америка 1983. Во првиот натпревар на аргентинците на турнирот против Еквадор во Кито, Буручага ги постигнал својте први (два) погодоци во дресот со националниот грб, носејќи и предност на својата репрезентација од 2-0 која во продолжение аргентинците не успеале да ја сочуваат и натпреварот завршил нерешено 2-2. Во последното коло од групната фаза, против истиот противник, Буручага уште еднаш бил прецизен стигнувајќи до квотата од три гола на турнирот што го прават најдобар стрелец (изедначен со Карлос Агилера и Роберто Динамите).

Во следните години, Буручага учествувал во квалификациите за Светското првенство 1986, каде ги одиграл сите 6 натпревари и постигнал еден гол во победата со 3-1 над Колумбија во Богота, помагајќи Аргентина да се пласира на Мундијалот во Мексико како прва во својата група. Давајќи голем придонес во квалификациите, сосема очекувано тој бил избран од селекторот Карлос Билардо меѓу 22-цата фудбалери кој требало да ја претставуваат Аргентина на завршниот турнир.

 
Буручага го прославува победничкиот гол за Аргентина, против Западна Германија во финалето на СП 1986.

Своето деби на Светските првенства, Буручага го направил на 2 јуни 1986 година, играјќи во победата со 3-1 над Јужна Кореја во првото коло од групата А. Во последниот натпревар од групата против Бугарија, Буручага го постигнал вториот гол за Аргентина во победата со 2-0, круцијална за селекцијата да се пласира во нокаут-фазата. Предводени од еден од најдобрите фудбалери на сите времиња Диего Марадона, аргентинците релативно лесно ги минале и следните противници и се пласирале во финалето. Финалето на Светското првенство 1986 се одиграло на Стадионот Астека во Мексико Сити, а противник на Аргентина и била репрезентацијата на Западна Германија. Аргентинците повеле со 2-0 во 55-тата минута, но Западна Германија се вратила со два гола за само шест минути и резултатот во 80-тата минута бил изедначен на 2-2: клучниот момент во финалето дошол во 83-тата минута, кога Буручага примил одлично додавање од Марадона, успеал да и побегне на противничката одбрана и да го совлада голманот Харалд Шумахер за да ја доведе Аргентина повторно во водство.[3] Откако до крајот на натпреварот немало одговор од германците, Аргентина ја освоила својата втора титула светски шампион, а стрелецот на победничкиот гол Буручага добил статус на култна икона во својата земја.[3]

Во 1989 година, Буручага играл за Аргентина на Копа Америка 1989 во Бразил. Тој забележал 6 настапи на турнирот, а Аргентина завршила како третопласирана во финалната група.

Својте последни настапи за својата земја ги забележал на Светското првенство 1990 во Италија, неговиот втор Мундијал во кариерата. По шокирачкиот пораз во првиот натпревар од Камерун, гаучосите се опоравиле со победата од 2-0 над Советскиот Сојуз во второто коло од групната фаза, во која стрелец на вториот гол бил Буручага; тоа бил неговиот последен погодок во репрезентативната кариера.

Својот последен настап за својата земја Буручага го имал во финалето на Светското првенство 1990, во кое судбината одлучила повторно да ги спои Аргентина и Западна Германија. Сепак, овојпат финалето е завршено со различен исход од оној пред четири години во Мексико, на радост за германците и тага за аргентинците. Буручага играл до 53-тата минута кога бил заменет од Габриел Калдерон.

Хронологија на репрезентативните настапи уреди

Хронологија на настапи и постигнати голови за националната селекција ― Аргентина
Дата Град Домашни Резултат Гости Натпреварување Голови Инфо Детали
12-5-1983 Сантјаго Чиле   2 – 2   Аргентина Пријателска -   68'
14-7-1983 Асунсион Парагвај   1 – 0   Аргентина Куп Феликс Богадо -
21-7-1983 Буенос Аирес Аргентина   1 – 1   Парагвај Куп Феликс Богадо -
10-8-1983 Кито Еквадор   2 – 2   Аргентина Копа Америка 1983 - Прва фаза 2
24-8-1983 Буенос Аирес Аргентина   1 – 0   Бразил Копа Америка 1983 - Прва фаза -
7-9-1983 Буенос Аирес Аргентина   2 – 2   Еквадор Копа Америка 1983 - Прва фаза 1
14-9-1983 Рио де Жанеиро Бразил   0 – 0   Аргентина Копа Америка 1983 - Прва фаза -
12-1-1984 Колката Романија   0 – 1   Аргентина Нехру куп 1
14-1-1984 Колката Индија   0 – 1   Аргентина Нехру куп -
17-1-1984 Колката Полска   1 – 1   Аргентина Нехру куп -
20-1-1984 Колката Кина   1 – 0   Аргентина Нехру куп -
24-1-1984 Колката Аргентина   3 – 0   Унгарија Нехру куп -
17-6-1984 Саун Пауло Бразил   0 – 0   Аргентина Пријателска -
18-7-1984 Монтевидео Уругвај   1 – 0   Аргентина Пријателска -
2-8-1984 Буенос Аирес Аргентина   0 – 0   Уругвај Пријателска -
24-8-1984 Богота Колумбија   1 – 0   Аргентина Пријателска -
1-9-1984 Берн Швајцарија   0 – 2   Аргентина Пријателска -
5-9-1984 Брисел Белгија   0 – 2   Аргентина Пријателска -
12-9-1984 Диселдорф Западна Германија   1 – 3   Аргентина Пријателска -
18-9-1984 Монтереј Мексико   1 – 1   Аргентина Пријателска 1
25-10-1984 Буенос Аирес Аргентина   1 – 1   Мексико Пријателска -
5-5-1985 Салвадор Бразил   2 – 1   Аргентина Пријателска 1
9-5-1985 Буенос Аирес Аргентина   1 – 1   Парагвај Пријателска -
14-5-1985 Буенос Аирес Аргентина   2 – 0   Чиле Пријателска 1
26-5-1985 Сан Кристобал Венецуела   2 – 3   Аргентина Квал. за СП 1986 -
2-6-1985 Богота Колумбија   1 – 3   Аргентина Квал. за СП 1986 1
9-6-1985 Буенос Аирес Аргентина   3 – 0   Венецуела Квал. за СП 1986 -
16-6-1985 Буенос Аирес Аргентина   1 – 0   Колумбија Квал. за СП 1986 -
23-6-1985 Лима Перу   1 – 0   Аргентина Квал. за СП 1986 -
30-6-1985 Буенос Аирес Аргентина   2 – 2   Перу Квал. за СП 1986 -
26-3-1986 Париз Франција   2 – 0   Аргентина Пријателска -
30-4-1986 Осло Норвешка   1 – 0   Аргентина Пријателска -
4-5-1986 Тел Авив Израел   2 – 7   Аргентина Пријателска -
2-6-1986 Мексико Аргентина   3 – 1   Јужна Кореја СП 1986 - Прва фаза -
5-6-1986 Пуебла Италија   1 – 1   Аргентина СП 1986 - Прва фаза -
10-6-1986 Мексико Аргентина   2 – 0   Бугарија СП 1986 - Прва фаза 1
16-6-1986 Пуебла Аргентина   1 – 0   Уругвај СП 1986 - Осминафинале -
22-6-1986 Мексико Аргентина   2 – 1   Англија СП 1986 - Четвртфинале -   75'
25-6-1986 Мексико Аргентина   2 – 0   Белгија СП 1986 - Полуфинале -   85'
29-6-1986 Мексико Аргентина   3 – 2   Западна Германија СП 1986 - Финале 1   90'
16-12-1987 Буенос Аирес Аргентина   1 – 0   Западна Германија Пријателска 1
2-7-1989 Гојанија Аргентина   1 – 0   Чиле Копа Америка 1989 - Прва фаза -
4-7-1989 Гојанија Аргентина   0 – 0   Еквадор Копа Америка 1989 - Прва фаза -
8-7-1989 Гојанија Аргентина   1 – 0   Уругвај Копа Америка 1989 - Прва фаза -
12-7-1989 Рио де Жанеиро Бразил   2 – 0   Аргентина Копа Америка 1989 - Финална фаза -
14-7-1989 Рио де Жанеиро Уругвај   2 – 0   Аргентина Копа Америка 1989 - Финална фаза -
16-7-1989 Рио де Жанеиро Аргентина   0 – 0   Парагвај Копа Америка 1989 - Финална фаза -
21-12-1989 Каљари Италија   0 – 0   Аргентина Пријателска -
28-3-1990 Глазгов Шкотска   1 – 0   Аргентина Пријателска -
3-5-1990 Виена Австрија   1 – 1   Аргентина Пријателска 1
8-5-1990 Берн Швајцарија   1 – 1   Аргентина Пријателска -
22-5-1990 Тел Авив Аргентина   1 – 2   Израел Пријателска -
8-6-1990 Милано Аргентина   0 – 1   Камерун СП 1990 - Прва фаза -
13-6-1990 Неапол Аргентина   2 – 0   Советскиот Сојуз СП 1990 - Прва фаза 1
18-6-1990 Неапол Аргентина   1 – 1   Романија СП 1990 - Прва фаза -   60'
24-6-1990 Торино Бразил   0 – 1   Аргентина СП 1990 - Осминафинале -
30-6-1990 Фиренца Аргентина   0 – 0 прод.
(3-2 пен.)
  Југославија СП 1990 - Четвртфинале -
3-7-1990 Неапол Аргентина   1 – 1 прод.
(4-3 пен.)
  Италија СП 1990 - Полуфинале -
8-7-1990 Рим Западна Германија   1 – 0   Аргентина СП 1990 - Финале -   53'
Вкупно Настапи (30. место) 57 Голови (27. место) 13

Титули уреди

Играч уреди

Клупски уреди

  Индпендиенте
Метрополитано 1983
1984
1984
1995
1995

Репрезентативни уреди

  Аргентина
Мексико 1986

Индивидуални уреди

1983 (3 гола, изедначен со Карлос Агилера и Роберто Динамите)
  • Најдобар странски играч во Француската Дивисион 1 : 1
1985-1986

Тренер уреди

  Естудијантес
Апертура 2006

 
Буручага (лево), заедно со соиграчите од Индепендиенте, Енцо Тросеро и Рикардо Бочини со трофејот од Копа Либертадорес.

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 „Jorge Burruchaga - Biografia“. Посетено на 9 март 2022. Занемарен непознатиот параметар |publihser= (се препорачува |publisher=) (help)
  2. 2,0 2,1 2,2 „Jorge Luis Burruchaga“. biografia.es. Посетено на 9 март 2022.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 „JORGE BURRUCHAGA: MÁS QUE UN SOCIO“. El Grafico. 9 декември 2021. Посетено на 9 март 2022.
  4. „DANA: El candidato silencioso“. 13 June 2005.
  5. „El Chievo ficha al argentino Mauro Burruchaga, hijo de Jorge Burruchaga“. Mundo Deportivo. 17 August 2018.
  6. „Profile of Román Burruchaga in ATPTour.com“. ATP Tour. 17 January 2021.
  7. 7,0 7,1 „Un año con cambio de nombres“. Arsenal de Sarandi. Посетено на 9 март 2022.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 „Un equipo con gol“. Arsenal de Sarandi. Посетено на 9 март 2022.
  9. 9,0 9,1 9,2 „Cuando está Elena, está todo bien“. Arsenal de Sarandi. Посетено на 11 март 2022.
  10. „Arsenal de Sarandí - History“. en wiki. Посетено на 10 март 2022.
  11. Maximiliano Roldan (14 февруари 2015). „14/2 Un dia como hoy...“. infiernorojo. Посетено на 11 март 2022.
  12. 12,0 12,1 12,2 „Independiente - 1982“. historiadeindependiente.blogspot.com. 21 ноември 2018. Посетено на 11 март 2022.
  13. „A 37 años del Estudiantes campeón del Nacional ante Independiente“. Depo. 10 јуни 2020. Посетено на 12 март 2022.
  14. „35 años de un título inolvidable“. Club Independiente. Посетено на 12 март 2022.
  15. 15,0 15,1 „Independiente - 1983“. historiadeindependiente.blogspot.com. 22 ноември 2018. Посетено на 12 март 2022.
  16. „Copa Libertadores 1984 - Grupo I (Argentina y Paraguay); Estudiantes La Plata - Independiente 1-1“. historiadeindependiente.blogspot.com. 28 февруари 2016. Посетено на 12 март 2022.
  17. „Copa Libertadores 1984 - Grupo I (Argentina y Paraguay); Sportivo Luqueno - Independiente 0-1“. historiadeindependiente.blogspot.com. 28 февруари 2016. Посетено на 12 март 2022.
  18. 18,0 18,1 „13 Mar: Sportivo Luqueño - Independiente 0-1 [Burruchaga];
    25 Apr: Independiente - Olimpia 3-2
    [Marangoni, Burruchaga, Bufarini; Guasch, Benítez]“
    . RSSSF.
  19. „Copa Libertadores 1984 - Grupo I (Argentina y Paraguay); Independiente - Olimpia 3-2“. historiadeindependiente.blogspot.com. 28 февруари 2016. Посетено на 12 март 2022.
  20. „Copa Libertadores 1984 - Semifinales A; Independiente - Universidad de Catolica 2-1“. historiadeindependiente.blogspot.com. 28 февруари 2016. Посетено на 12 март 2022.
  21. „Copa Libertadores 1984 - Semifinales A; Independiente - Nacional Montevideo 1-0“. historiadeindependiente.blogspot.com. 28 февруари 2016. Посетено на 12 март 2022.
  22. „Copa Libertadores 1984 - Final; Gremio - Independiente 0-1“. historiadeindependiente.blogspot.com. 28 февруари 2016. Посетено на 12 март 2022.
  23. „Intercontinental Club Cup 1984“. RSSSF. Посетено на 12 март 2022.
  24. Denis Fabricatore (5 август 2018). „#ElRojoEnJapón: campeón del mundo en 1984“. Посетено на 12 март 2022.
  25. „GOLEADORES DE LA DECADA DEL 80 (1980-89)“. historiadeindependiente.blogspot.com. 31 јануари. Посетено на 12 март 2022. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  26. „Toulon - Nantes 0-0“.
  27. „Strasbourg - Nantes 1-2“.
  28. „(C3) Coupe UEFA 1985/1986 - 1er tour; Valur Reykjavik - Nantes 2-1“.
  29. „Nantes - Partizan 4-0“.
  30. „Bastia - Nantes 2-3“.
  31. „Nantes - PSG 2-0“.
  32. „Архивиран примерок“. Архивирано од изворникот на 5 September 2015. Посетено на 13 January 2016.
  33. 33,0 33,1 „Jorge Burruchaga y el gol del título“. Apuntes de Rabona. 8 октомври 2021. Посетено на 15 март 2022.
  34. 34,0 34,1 „Division 1 1992/1993 - Round 1; Sochaux - Valenciennes 2-1“. footballdatabase.eu. Посетено на 16 март 2022.
  35. Bidwell, Nick (13 July 1993). „Football: Scandal leaves a stain on the white shirt of Marseille: Allegations of match-fixing, of franc-filled envelopes buried in gardens are threatening to dethrone the kings of French football. Nick Bidwell reports“. The Independent. Посетено на 11 June 2015.
  36. Adams, Tom (10 March 2011). „The shame of Marseille“. ESPN FC. Посетено на 11 June 2015.
  37. Bobrowsky, Josef (11 April 2001). „Supercopa Libertadores 1995 – Full Details“. RSSSF. Посетено на 11 June 2015.
  38. „Un estigma que se reitera“. Lá Nación (шпански). Архивирано од изворникот на 2011-06-05. Посетено на 11 June 2015.
  39. Garin, Erik (3 July 2003). „Recopa 1994“. RSSSF. Посетено на 11 June 2015.
  40. „[12/05/1983] Chile-Argentina 2:2“. Partidos de la Roja. Посетено на 17 март 2022.

Надворешни врски уреди