Фурка

село во Општина Дојран

Фурка — село во Општина Дојран, во областа Бојмија, покрај патот помеѓу Валандово и Нов Дојран.

Фурка

Воздушен поглед на селото Фурка

Фурка во рамките на Македонија
Фурка
Местоположба на Фурка во Македонија
Фурка на карта

Карта

Координати 41°14′26″N 22°36′47″E / 41.24056° СГШ; 22.61306° ИГД / 41.24056; 22.61306
Регион  Југоисточен
Општина  Дојран
Област Бојмија
Население 459 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1485
Повик. бр. 034
Шифра на КО 06030
Надм. вис. 345 м
Слава Илинден
Фурка на општинската карта

Атарот на Фурка во рамките на општината
Фурка на Ризницата

Потекло и значење на името уреди

 
Сретселото

Името на селото првпат е споменато во турски документи во XVI век. Постојат повеќе тврдења за тоа како селото го добило името. Се поврзува со старословенскиот збор фурка што означува „вид вретено за предење“. Како друго значење се поврзува со романско потекло од фурка со значење вилушка или вила, овде означувајќи место каде што се состануваат два дола.[2]

Според народните преданија старото Фурка (кое се наоѓало 2,5 км од новото, денешно Фурка) имало облик на кириличната буква Ф. Во некои дела на познати историчари, пак, се тврди дека името потекнува од некои странски зборови. Според едни, „фурка“ на грчки значи губилиште (според наводното ослепување на Самуиловите војници на ова место). Според други името води потекло од турскиот „фурсат“ - што значи лоши луѓе. Имено, познато е дека селаните не дозволиле да се населат Турци во селото. Понатаму, се знае дека во определен период му бил придодаден и називот Дервен, поради функцијата што ја имало.

Географија и местоположба уреди

Селото се наоѓа во северозападниот дел на територијата на Општина Дојран, чиј атар нашироко се допира со подрачјето на општините Богданци и Валандово. Исто така, селото се наоѓа недалеку од самиот пат Валандово-Стар Дојран.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 320 метри.[3]

До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1105.

На запад од реката Вардар, преку Пугана и Габрошка Река, а на исток од Дојранската Котлина, селото лежи на висорамнина. Се наоѓа некаде во средината на замислениот триаголник помеѓу Дојран, Богданци и Валандово. Се наоѓа на надморска височина од 320 метри, а највисокиот врв е на 456 метри.

Историја уреди

 
Фурка во 1931 година

Подрачјето на Фурка е населено барем од средниот век, за што сведочат остатоци од повеќе наоѓалишта околу селото.[4]

Според историските извори Фурка постои многу одамна, најмалку 1000 години, во кои секогаш ја делело судбината со цела Македонија. Во литературата најрано се спомнува како дел од Самоиловото Царство. Имено, според д-р Стјепан Антолјак, Фурка било местото каде, откако биле заробени на Беласица, биле доведени Самуиловите војници и биле ослепени.

Многу повеќе се знае за селото за време на отоманската власт на Македонија. Тука треба да се напомене дека порано Фурка се наоѓала на 2,5 километри северно од денешната. Тоа била населба од збиен тип, со неколку анови и семејства, сместена на патот Скопје-Солун и на патот кој ги поврзувал Албанија и Цариград. Ваквата местоположба подразбирала дека поминувале многу луѓе, кои отседнувале во фурските анови. Меѓу нив и австрискиот конзул Хан, кој во своето дело „Патување по текот на Дрина и Вардар“, ќе напомене дека „селото Фурка Ан е многу прочуено место на јужниот крај од една клисура, на половина час од Валандово“. Во Османлиската административна поделба селото било дел од Ќустендилскиот Санџак, Бојмиска Нахија, Дојранска Каза, а на феудалниот господар Јусуф - спахија му носела годишен приход од околу 3000 акчиња.

Во овој период, односно во 1530 година Фурка за првпат се спомнува како дервенџиско село. Тоа значи дека луѓето освен со полјоделство и сточарство се занимавале и со дервенџиство, односно ја презеле одговорноста да го чуваат патот Дојран - Валандово, кој минува низ Дервенската Клисура на чиј јужен крај се простирала старата населба Фурка, од разбојниците карактеристични за анархијата во Османлиското Царство. На стража секој ден одел по еден маж од секое семејство. Оттаму и тврдењето на некои историчари дека во одреден период на името Фурка бил придодаден и називот Дервен.[5]

Во 1573 година, Фурка се спомнува како голема населба од 100 домаќинства и 50 неженети. Не е познато како за толку краток период од само 43 години (1530-1573) толку многу се зголемил бројот на жители во селото. Во истиот, селаните на спахиите Али и Мурат им плаќале 8667 акчиња. Фурка се спомнува и во пописот од 1700 година, повторно како дел од Бојмиската Нахија, со годишен приход за спахиите од 4660 акчиња.

Во XVIII век, дервенџиите веќе не можеле да ја спречат големата наезда на турски разбојници (башибозук). Тоа ги натерало селаните на најрадикалниот чекор - иселување од селото. Според легендата, тројца калуѓери патувајќи од Штип за Солун застанале да преноќат во ановите. Но, биле фатени од разбојници и биле убиени над селото на местото Колникот. Селаните, исплашени, почнале да се иселуваат на висорамнината над селото каде им биле трлата. Од стара Фурка денес нема речиси никави остатоци, освен двете селски чешми Дервенска и Дилирова. Сега тоа место се нарекува Аниште, се разбира, поради тоа што стара Фурка била позната по ановите.

Била основана нова населба, со истото име. Луѓето брзо почнале да создаваат услови за нормален живот. Продолжиле да се занимаваат со полјоделство и сточарство. Во овој период била изградена и црква на заштитникот на Фурка, Свети Илија, во 1878 година. Оттогаш, Илинден се слави како празник на селото.

Вкупно 2 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[6]

Стопанство уреди

Атарот на селото зафаќа простор од 21,4 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 1.168 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 618 хектари, додека на пасиштата 210 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција. Во него работела земјоделска задруга, а денес поседува услужни објекти.[3]

Околу селото има повеќе ритчиња, составени главно од песоклива почва и гранитни карпи. Каде што е тоа можно, луѓето го користат земјиштето за лозарство и овоштарство, а помалку и за други гранки.

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948647—    
1953641−0.9%
1961715+11.5%
1971681−4.8%
1981633−7.0%
ГодинаНас.±%
1991558−11.8%
1994586+5.0%
2002570−2.7%
2021459−19.5%

Според податоците од 1873 година во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, селото имало 120 домаќинства со 355 жители христијани.[7]

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Фурка живееле 420 жители, сите Македонци.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Фурка имало 520 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.[10]

Селото е средно по големина, коешто во 1961 година имало 715 жители, од кои 694 биле Македонци и 20 жители Срби. Во 1994 година бројот се намалил на 586 жители, од кои 582 биле Македонци и двајца жители Срби.[3]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото имало 570 жители, од кои 563 Македонци, 6 Срби и 1 останат.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 459 жители, од кои 445 Македонци, 1 Србин, 3 останати и 10 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 420 520 647 641 715 681 633 558 586 570 459
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Општествени установи уреди

Самоуправа и политика уреди

Селото влегува во рамките на Општина Дојран, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Стар Дојран.

Во периодот 1955-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Гевгелија.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Дојран, во која покрај селото Фурка се наоѓале селата Ѓопчели, Николиќ, Нов Дојран, Сретеново, Стар Дојран, Црничани и Чаушли. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Нов Дојран, во која влегувале селата Ѓопчели, Николиќ, Стар Дојран, Сретеново, Фурка, Чаушли и Црничани.

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0378 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 408 гласачи.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 411 гласачи.[19]

Културни и природни знаменитости уреди

 
Поглед на црквата „Св. Илија“
Археолошки наоѓалишта[4]
Цркви[20]

Култура и спорт уреди

ФК Борец, играл осум сезони по ред во третата лига Југ, од 1996/97 до 2003/04 кога излегува од лигата.

Галерија уреди

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 195. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 309.
  4. 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 107. ISBN 9989-649-28-6.
  5. Печат на едно време - Никола Стојанов
  6. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  7. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр. 192-193.
  8. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 163.
  9. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, рр. 100-101.
  10. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 6 мај 2024.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 декември 2019.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 29 декември 2019.
  19. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 6 мај 2024.
  20. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  21. Црквата често пати на многу места е погрешно именувана како „Пресвета Богородица“

Надворешни врски уреди