Удар на милоста (новела)

„Удар на милоста“ (француски: Le Coup de grâce) — краток роман на француската писателка Маргерит Јурсенар, напишан во 1938, а објавен во 1939 година. Изразот Le Coup de grâce го означува последниот удар со ладно или огнено оружје со кој од милост се убива човекот кој умира во маки. Врз основа на романот, во 1976 година бил снимен истоимениот филм во режија на Фолкер Шлендорф.[1]

Содржина уреди

Ерик фон Ломон (Eric von Lhomond), пруски благородник со француско-балтичко потекло, откако бил ранет во Шпанската граѓанска војна, чека воз во Пиза со кој треба да замине во Германија. Додека седи во бифето на железничката станица, тој ја раскажува својата животна приказна: Во текот на Првата светска војна, како момче, живеел со мајка си на имотот на неговата тетка Прасковија во Кратовице, во близината на Рига, дружејќи се со својот најдобар пријател Конрад. Кога заминал на воена обука во Германија, војната завршила, а тој им се приклучил на антиболшевичките одреди во Руската граѓанска војна. Учествувајќи во борбите во Балтикот, тој повторно се сретнал со Конрад и со него дошле во семејниот дворец. Таму, Ерик повторно се сретнал со сестра му на Конрад, Софија, која претходно била силувана од некој офицер. Со текот на времето, Ерик сфатил дека Софија се вљубила во него, а тој најпрвин се однесувал воздржано, а потоа и грубо кон неа. За време на една кратка посета на Рига, Ерик имал љубовна авантура со една проститутка, а по таа случка, Софија имала неколку љубовници со намера да предизвика љубомора кај него. Меѓутоа, пркосејќи му со своите постапки на Ерик, таа, всушност, постојано се измачувала и страдала. Кога во дворецот пристигнал еден воен одред, Софија стапила во љубовна врска со офицерот Фолкер. За време на прославата на Божиќ, додека таа танцувала со љубовникот, Ерик ја удрил силно. Набргу, тој заминал во блискиот град на воена задача, а кога се вратил, ја затекнал Софија како го напушта дворецот и во таа прилика тие си размениле меѓусебни навреди. Откако потрагата по неа не дал аникакви резултати, Ерик заминал во блиското место каде дознал некои информации за Софија и, оттогаш, сите присутни во дворецот во Кратовице, вклучувајќи го и нејзиниот брат, ја сметале за предавник и за шпион. Подоцна, порадо влошената воена состојба, војниците морале да го напуштат Кратовице, а при повлекувањето, некаде во Полска погинал Конрад. Кога одредот на Ерик го зазел селото Ково, меѓу заробените болшевички војници ја препознале и Софија. Ерик разговарал со неа, измачувајќи се со желбата некако да ја ѝ го спаси животот, но таа рамнодушно ја одбила помошта. Тогаш, тој сфатил дека во Софија нема повеќе никаква љубов кон него. Утредента, откако претходно биле стрелани нејзините соборци, Софија побарала неа да ја стрела токму Ерик, кој сфатил дека, на тој начин, таа му се одмаздила за невозвратената љубов.[2]

Осврт кон делото уреди

Во предговорот кон романот, напишан на 30 март 1962 година, Јурсенар објаснува дека го напишала во Соренте, во 1938 година. Според нејзиното признание, дејствието во книгата е инспирирано од вистински случај, а трите главни лика (Ерик, Конрад и Софија) се речиси исти како што на авторката ѝ ги опишал еден од најдобрите пријатели на главниот лик. Притоа, Јурсенар укажува дека темата на романот е истовремено многу далечна и многу блиска до современиот читател: далечна зашто оттогаш на човештвото му се случиле многубројни настани, а блиска зашто ние сме заглавени во истата морална зачмаеност која е опишана во романот. Осврнувајќи се кон романот, Јурсенар укажува дека тој се задржува во рамките на традиционалната француска приказна која ги задржува некои од одликите на трагедијата: единството на местото и времето, дејствието сведено на две-три личности, неизбежниот трагичен крај, како и декорот - далечниот балтички крај кој вчерашната актуелност ја поместува низ просторот, речиси поклопувајќи се со оддалечувањето низ времето. Според нејзиното признание, авторката немала намера повторно да создава една епоха или едно миље, меѓутоа психолошката вистина не дозволувала игнорирање на надворешните факти кои го условуваат некој настан. Поради тоа, за да ги долови ватентичноста на просторот и времето во кое се случува дејствието во романот, таа ги истражувала воените карти, статиите во старите илустрирани весници и кажувањата на сведоците од тогашните воени судири. Подоцна, луѓето кои учествувале во таа војна ѝ ја дале најдобрата можна критика — дека романот навистина личи на нивните спомени.[3]

Во романот, Јурсенар ја применила својата вообичаена раскажувачка техника: книгата е напишана во прво лице, но раскажувањето го врши главниот лик, и тоа поради две причини: прво, од книгата да се отстранат ставовите и коментарите на авторката и второ, да се покаже човечкото суштество кое се соочува со својот живот, кое се труди чесно да го објасни и да се присети на него. Освен тоа, долгото усно праскажување на главниот јунак претставува долготрајна книжевна конвенција. Во замрсените односи на љубовта и омразата најдобро се покажува расчекорот меѓу сликата која раскажувачот ја дава за себе и неговото вистинско лице. Така, во своето раскажување, Ерик го става Конрад во втор план, т.е. дава нејасен портрет на својот најсакан пријател. Од друга страна, тој ја става во прв план Софија не затоа што му ласка нејзината љубов, туку затоа што неговиот кодекс му ја наметнува должноста со почит да зборува за својот противник, особено ако тој е жената која не ја сака. Оттука, главната тема на романот е онаа истородност и судбинската солидарност на три лица кои се соочени со истите опасности. Особено се слични Ерик и Софија, кои се цврсто решени да одат до крајот на самите себе. Нивната сличност е нагласена за време на последната средба, кога тие се споени со нивната цврста врска. Притоа, воопшто не е важно кој од нив ја дава а кој ја прима смртта, па дури е неважно дали во животот се сакале или се мразеле. Како што наведува Јурсенар, суштинската благородност на главните ликови била една од причините поради која таа одлучила да го напише романот при што нејзината цел не била да дискредитира ниту една општествена група или класа, ниедна земја или партија. Напротив, според нејзиното сопствено признание, романот е напишан имајќи ја предвид неговата вредност како човечки, а не политички, документ и за него треба да се суди така.[4]

Наводи уреди

  1. „Völker Schlondorff“. Evene. Посетено на 2012-03-07.
  2. Marguerite Yourcenar, Oproštajni udarac. Sarajevo: Svjetlost, 1987.
  3. Marguerite Yourcenar, Oproštajni udarac. Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 5-7.
  4. Marguerite Yourcenar, Oproštajni udarac. Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 7-11.