Три бои: Сина (француски: Trois couleurs: Bleu) — филм на Кшиштоф Кишловски (Krzysztof Kieślowski) од 1993 година. Исто така, Кишловски е автор и на сценариото, заедно со Кшиштоф Пјешевич, Агњешка Холанд и Славомир Иџиак. Музиката ја компонирал Збигњев Преснер. Главните улоги ги толкуваат: Жилиет Бинош (Juliette Binoche), Беноа Режан (Benoît Régent), Флоранс Пернел (Florence Pernel), Шарлот Вери (Charlotte Véry). „Три бои: Сина“ е првиот дел од трилогијата „Три бои“ кои ги симболизираат боите на француското знаме и паролите за слобода (сино), еднаквост (бело) и братство (црвено). Филмот ја освоил наградата „Златен лав“ и уште шест други награди на Филмскиот фестивал во Венеција, три награди „Цезар“ и бил номиниран за „Златен глобус“.[1]

Синопсис уреди

Жули (ја игра Бинош) е во среќен брак со познатиот композитор Патрис. Додека семејството се вози во автомобил, Патрис ја губи контролата над воланот и удира во дрво. Во несреќата гинат Патрис и ќерката, а Жули е тешко повредена. Уште додека заздравува во болницата, Жули размислува за самоубиство, но сепак се решава да ја победи болката по изгубеното семејство на тој начин што ќе ги прекине сите врски од нејзиниот дотогашен живот. Таа ја сместува мајка си во дом за старци, ги пали партитурите на неизведениот „Концерт за Европа“ на нејзиниот сопруг, ја испразнува куќата и дава налог за нејзина продажба и си го враќа моминското презиме. Откако води љубов со најблискиот соработник на Патрис (кој одамна е вљубен во неа), таа веднаш го напушта и се сели во Париз. На тој начин, таа сака да побегне од сè што ја врзува за спомените на семејството и болните емоции. Во Париз, Жули се спријателува со сосетката Лусил, а потоа дознава дека соработникот на Патрис сочувал копија од партитурите на концертот и дека планира да го доврши. Исто така, таа дознава и дека Патрис имал љубовница која е бремена и очекува негово дете. Жули се запознава со љубовницата на Патрис, ѝ ја поклонува семејната куќа, започнува љубовна врска со соработникот на Патрис и го довршува неговиот концерт.[1]

Наводи уреди