Стојан на Ордановци

„Стојан на Ордановци“ — песна на македонскиот поет Коле Неделковски, дел од поетската збирка „Молскавици“, објавена во 1940 година, во Софија.

Историјат кон поемата уреди

Пред излегувањето на „Молскавици“, песната „Стојан на Ордановци“ претходно веќе била објавена во списанието „Илустрација Илинден“ (Илустрация Илиндень), кн. 6/96, година X, јуни 1938, стр. 1, со насловот „Стојан војвода“ (Сто'анъ войвода). Притоа, постојат големи разлики меѓу текстот на песната од списанието и во стихозбирката. Така, песната „Стојан војвода“ има 13 строфи, додека „Стојана на Ордановци“ има 11 строфи при што преголемата експозиција во втората, третата, четвртата и петтата строфа е стегната во три нови строфи со изменета содржина. Понатаму, шестата строфа од „Стојан војвода“, коај гласи: „Тага за мајка сирота / одамна што ја остави / и лична млада невеста / со машко дете на раци“ во која е присутен призвукот на народните стихови со истата содржина, поетот ја престилизирал во четвртата строфа од „Стојан на Ордановци“, која гласи: „Тага за мајка сирота / в црнило што ја оставил / и мила млада невеста / со таа убост приказна.“ Слично на тоа, стиховите од седмата строфа: „Сè така Стојан навеан / од тија мисли измачен / тргна со болка на срце...“ се редиригирани во следниве стихови: „Сè така в темно навеан / од тешки мисли измачен / тргна со мака на срце...“, кои отскокнуваат во споредба со претходните. Најпосле,10., 11. 12. и 13. строфа се сосема преработени.[1] На пример, 11. и 12. строфа од „Стојан војвода“ се споени во една строфа во „Стојан на Ордановци“, и тоа:

Во „Стојан војвода“ овие две строфи гласат:

Од река страшна пусија
Со страшен глас му извикна:
— Стојане, постој, почекај,
Позапри и се предади.

Уште му гласот течеше
Низ таа река широка,
Засвире куршум, пропиште
Онаа песна проклета.

Додека во „Стојан на Ордановци“, новата строфа гласи:

А тиран-крвник пусија
со страшен глас му извикна...
И куршум екна — пропиште
онаа песна проклета.

На тој начин, наративноста му отстапила место на елиптичното кажување, а на крајот од песната е додадена нова строфа во која е отсликана атмосферата по смртта на јунакот.[2]

Анализа на песната уреди

Во песната, авторот дава лик на борец за национално ослободување. Тој не може да трпи „ропство да му тежи над глава“ и поради тоа излегува „в гора зелена со своја бујна дружина“. По неколку години минати во борба против поробувачот, него го обзема тага по домашните — „мајка сирота в црнило“ и „невеста со таа убост приказна“. На патот кон дома, него го убива од заседа „тиранот-крвник“, а природата ја оплакува смртта на јунакот: „Потемна небо, прогрме, / цела се земја затресе, / брег темен од жал распукна...“ [3]

Наводи уреди

  1. Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 82-84.
  2. Тодор Димитровски, „Белешки“, во: Коле Неделковски, Стихови. Кочо Рацин, Скопје, 1958, стр. 84-85.
  3. Тодор Димитровски, „Коле Неделковски (1912 — 1941)“, во: Коле Неделковски, Песни. Македонска книга, Скопје, 1967, стр. 9.