Србизација (или посрбување) се нарекува процесот на наметнување и утврдување на српски национален идентитет преку наметнување на српскиот јазик, српска култура, обичаи итн. Обиди за србизација во Македонија започнуваат уште во 19 век, а особено се засилуваат во Вардарскиот дел на Македонија којшто после Букурешкиот договор паѓа под српска власт и подоцна под Кралството Југославија. Вардарскиот дел и делови на јужна Србија официјално биле наречени Вардарска бановина.

Во Речникот на Вук Караџиќ од 1818 година се наоѓаат одредниците: србити, србитисе, србљење.

Обидите за србизацијата се спроведувале преку српската црква, како и државните институции. Во 1920 година, владата во Белград донесува уредба за колонизација на Вардарска Македонија и Косово. На територијата на Вардарска Македонија паралелно со српската колонизација, се спроведува и аграрна реформа. Од целата обработлива земја која потпаѓа под аграрната реформа, македонските селани добиваат само 35%, а останатата е доделена на српските колонисти - жандарми, резервни офицери, четници и др. Поранешни војводи на Српскиот Четнички Покрет во Македонија добиваат како подарок цели села во Тиквешко и Велешко. Покрај колонизацијата, врз македонското население се вриши и физички терор, спроведуван од колонизираните неколку илјади српски жандарми. Поради револуционерната настроеност на македонското население, во тој период, теророт бил особено суров. Според официјални податоци, од 1920 до 1926 година, од страна на српската власт без никакво судење се убиени над 1.700 Македонци и Албанци. Во тој период низ затворите минуваат над 30.000 Македонци, а по 1927 година, во затвор остануваат над 8.000 од нив.

Како обид за србизација некои го сметаат и односот на Српската православна црква кон Македонската православна црква, преку нејзино непризнавање, а на тлото на Република Македонија создава паралелна српска црква, наречена Православна Охридска Архиепископија.