Сивец — најпознато македонско рудно наоѓалиште на мермер во околината на Прилеп, според кој е наречен и еден вид на бел мермер. Се наоѓа на периферијата на пелагонискиот масив, на границата помеѓу планините Бабуна и Козјак[1], а во подножјето на источната падина под превојот Плетвар. Во ова подрачје се издвоени следните серии на карпи: бигорливи песочници, песокливи глини, механички материјал (детриус) и бели доломитски мермери[1]. Најзначајни се белите доломитски ситнозрнести мермери со ретки пластови на калцити[1]. Димензиите на рудното тело од Сивец изнесуваат 44х106 м3 цврста маса[1]. Хемискиот состав на мермерот од сивец е CaCO3 - 61% и MgCO3 - 39%[1]. Вкупните рудни резерви во Сивец се 6.471.200 м3[1]. Треба да се истакне дека мермерите од Сивец имаат нагласена блоковитост, некогаш и по неколку кубни метри со одлична белина што ги вбројува во едни од најквалитетните во Европа, па и во светот[1]. Поради високиот квалитет посебниот вид на изразито бел и мазен мермер е наречен и познат под името Сивец. Мермерот од Сивец е надалеку употребуван во градежништвото и вајарството ширум Македонија, во земјите од поранешна Југославија и Европа. Тој се наоѓа на голем број градби и споменици како што се: Порта „Македонија“, Могилата на непобедените, спомениците на Методија Андонов - Ченто, Цар Самоил, Јустинијан I и др. Долги години од самото отворање со рудникот стопанисува и експлоатира „Мермерниот комбинат“ од Прилеп, кој по приватизирањето е во сопственост на странска компанија од Грција, а сивечкиот мермер го обработуваат и повеќе помали приватни претпријатија од градот Прилеп.

Ископување на мермер во рудникот Сивец во Прилепско

Галерија уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Серафимовски, Тодор (2009). Блаже Ристовски (уред.). Македонска енциклопедија. 2. Скопје: МАНУ. стр. 1267–1268. ISBN 978-608-203-023-4 (1) Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).