Северномакедонско наречје

Северномакедонско наречје — едно од трите наречја на македонскиот јазик. Ова наречје се зборува на територијата на северна и североисточна Македонија, околу градовите Тетово, Скопје (Црногорија), Куманово, Кратово, Крива Паланка и Свети Николе. Наречјето се дели на две подгрупи и тоа: западна група и источна група.

Граници уреди

На југ тие граничат со кочанскиот, штипскиот и велешкиот говор. Граничната линија во наjгруби црти оди (по правецот исток - запад) по вододелницата меѓу Брегалница и Злетовска Река, ја сече последнава јужно од Злетово и излегува на селото Судик. Ова е истовремено и границата мегу кочанскиот и кратовскиот говор. Меѓу штипскиот и овчеполскиот говор, границата оди по линијата Судик - Врсаково - Богословец. Овие се најјужни села каде што доминираат црти од овчеполскиот говор. Од Богословец границата оди кон северозапад по правецот на селата Кнежjе - Трстеник - Џидимирци, кои се наоѓаат западно од Свети Николе, а спрема скопската говорна област по правецот Џидимирци - Дивље - Горно Коњари - Миладиновци (Аџалари) - Буjковци. Во последниве две села готово подеднакво се употребуваат кумановски и скопски црти. Спрема Скопската Црногорија граничната линија поминува северно од Скопjе. Во селата Стаjковци, Црешево, Горно Оризари, Волково и Кучково, кои се наоѓаат сите на една линија, преовдадуваат црти од црногорскиот говор, негде повеќе, како на пример во Кучково и Горно Оризари, негде помалку. Областа меѓу Вардар до неговиот завоj северозападно од Радуша и Лепенец населена е со албански елемент. На север овие говори граничат со српската јазична територија. Јазичната граница оди приближно по линијата Шар - јужно од Качаник - Скопска Црна Гора - Козјак - Широка Планина - вододелницата меѓу Крива Река и Горна Пчиња - бугарската граница. Последни македонски населби спрема прешевската област се: Думановце, единствено македонско село меѓу албанските населби во кумановскиот дел на Црногоријата, Табановце, Алгуња, Пелинце, јужно од манастирот Прохор Пчински, а спрема Горна Пчиња: Буковљане, Длабочица, на кумановскиот дел и Герман, Нерав, Огут, Подржи Коњ, Луке на кривопаланечкиот. Источната граница на северните говори оди по државната граница меѓу Македонија и Бугарија. Сите овие говори во својата основа претставуваат еден посебен дијалектен тип. Од другите наши дијалекти со кои граничат на југ се разликуваат со ред и фонетски, морфолошки и синтаксички особености. Но исто така тие се разликуваат и од призренските и јужноморавските српски дијалекти со кои граничат на север и со коишто имаат повеќе органски врски.[1]

Дијалектни одлики уреди

  • Изедначување на еровите (големиот ъ со малиот ь) во еден глас /ă/ : дăш, сăн, лăн, дăн, котăл;
  • Замена на вторичниот ер2) со ă : лăже, мăгла, ветăр, осăм, рекăл;  
  • Предлогот в/во во овие говори гласи у: иде у школу, у грат; или во претставка: улезе, унутра, унук, удовац;
  • Старословенското ѫ речиси во сите положби на зборот се заменило со у : рука, пут, иду, имау;
  • Старото самогласно л е заменето со у/лу/ла: јáбука, вýна, вук, слýза, слăнце, клăче, слăза/слуза.
  • Премин на е во а во зборовите : трáва, орá/ораф.
  • Наставка во општата форма кај именките на : жену, њиву;
  • Наставка -ога во заменско-придавните форми: њéга, тóга, дóброга;    
  • Кај именките од женски род се јавува множинска наставка –е: жене, шамие;
  • Во прво лице множина, сегашно време, се јавува наставка –мо: óдимо, úдемо;
  • Наставка –в за трето лице множина: они úмав;
  • аставка –ше во трето лице множина, во аорист: они имáше
  • Протетично ј пред почетното е: језúк, јеш;
  • Наполно губење на гласот х од самогласниот систем: сóа, сиромá;
  • Се чува старото палантално л (l’): пóље, постéља;
  • Групата мн се разедначила во мл: млозúна;
  • Групата мј се променила во мњ: лáмња;
  • Наставка –ики за именките од среден род во множина: пилики, телики
  • Кратка заменска форма за женски и машки род гу и га: њýма гу видó, њéга га видó;
  • Имперфектно-аористната наставка гласи –смо и –сте: викáсмо, викáсте;
  • За минато-идно време присутна е формата теше/ќеше: теше да úде;
  • Од предлозите покарактеристични за овие говори се: уз, више, проз, из...: уз рéку иде, више пýт, проз сéло пројдé, из грат се врнá;
  • Карактеристични именски наставки за овие говори се: -ача, -оња, -оќа...: дебељáча, сивóња, простóка, старóка, самотúња.[2]

Разлики меѓу овие говори уреди

Постојат разлики и во рамките на самите северни говори, со што се укажува на тоа дека и овие говори не покажуваат апсолутно единство. Од една страна стојат говорите во источниот дел од северното наречје (кумановскиот, кратовскиот, кривопаланечкиот и овчеполскиот), кои се одликуваат, главно, со: слободен акцент , употреба на една членска наставка (-ат), предлогот со овде е сас/сăс и други црти, со кои овие говори стојат поблиску до источните македонски говори. Од друга страна пак, говорите од западниот дел од ова наречје (скопскоцрногоркиот и тетовско-вратничкиот или долнополошкиот говор), ги одликува: третосложниот (фиксиран) акцент, губењето на меѓусамогласното в, употребата на троен член, со што се овие говори поблиску до западното македонско наречје.

Дијалекти на северномакедонското наречје уреди

Наводи уреди

  1. Дијалектите на македонскиот јазик, Божидар Видоески, том 2, стр.159
  2. Македонски јазик и литература за III година, Стојка Бојковска, Лилјана Минова – Ѓуркова, Димитар Пандев, Живко Цветковски, Гане Тодоровски, Наташа Аврамовска, просветно дело, Скопје,2004
  3. Божидар Видоевски (Дијалектите, том1, 1998: стр.149-162 Архивирано на 20 јуни 2021 г.) овој дијалект го нарекува исклучиво Тетовски (не Долнополошки).
  4.  Божидар Видоевски (Дијалектите, том1, 1998: стр.149-162 Архивирано на 20 јуни 2021 г.) го наведува Вратничкиот дијалект посебен од Тетовскиот.