Сатирикон (Петрониј)

Сатирикон или Сатирска книга (латински: Satyricon) - роман на староримскиот писател Петрониј Арбитер, составен од 20 книги, а напишан во проза и во стихови. Од романот се сочувани само фрагменти, а најголемиот сочуван дел е „Трималхионовата гозба“ (Cena Trimalhionis) во кој се опишува гозбата на богатиот сноб Трималхион во некој град во Јужна Италија. Ракописот во кој се наоѓа овој фрагмент е пронајден во Трогир, во 17 век, а денес се чува во париската библиотека.[1]

Сатирикон или Сатирска книга (латински: Satyricon) , Петрониј

Трималхионовата гозба уреди

Од „Сатирикон“ е сочувана само околу една четвртина, а од тие фрагменти целосно е сочувана само „Трималхионовата гозба“. Објавен во Милано, во 1477 година, првиот текст на „Сатирикон“ бил во уште пофрагментирана состојба отколку денешната, зашто во таа верзија недостасувале многу делови дури и од „Трималхионовата гозба“. Меѓутоа, во 1663 година, во Трогир, во куќата на Никола Ќипико (предок на писателот Иво Ќипико) младиот научник Марин Статилиќ-Статилео открил стар ракопис in folio кој содржел и непознати делови од „Трималхионовата гозба“. Ракописот бил датиран од 1423 година, а најпрвин бил објавен во Падова, во 1664 година, следната година бил објавен во Париз,[2] а првото целосно издание било испечатено во Амстердам, во 1669 година при што на насловната страна е наведено дека се работи за фрагмент пронајден во Трогир (Cum fragmento nuper Tragurii reperto).[3] Подоцна, трогирскиот ракопис бил објавен во Амстердам, во 1671 година,[4] а во 1756 година, во Амстердам, се појавило изданието на француски јазик, во кое пишува дека е приредено според ракописот којшто божем бил пронајден во Белград, во 1688 година.[5] По пронаоѓањето, ракописот предизвикал остра дебата меѓу научниците: Шефер, Рајнезиус, Вагнезајл, Валоа, Пти, Луциќ, Градиќ и други спореле околу неговата автентичност. Особено скептични биле француските научници, кои Статилиќ го нарекувале „непознато момче“ (iuvenes ignotus), а Ќипико го нарекувале homo obscurus. Во својата одбрана, напишана на латински јазик, Статилиќ (под презимето Statilius) го бранел своето откритие и, за да ги докаже своите тврдења, му го испратил на Гримани, венецијанскиот пратеник кај папата. Гримани собрал повеќе научници кои го испитале ракописот и ја потврдиле неговата автентичност, а потоа истото го направиле и француските научници на една конференција одржана во дворецот на принцот Конде. Дваесет години подоцна, францускиот офицер Нодо (Nodot) во Ротердам објавил едно издание на Петрониј кое било дополнето со божем неколку дополнително откриени делови за кои во предговорот напишал дека ги пронашол во Белград, во 1688 година, каде ги препишал од некој Французин. Меѓутоа, „откритието“ на Нодо набргу предизвикало сомнежи: славниот адвокат од Рим, Брегиер де Барант, философот Лајбниц и други научници ја откриле измамата врз основа на некои галицизми и по некои други пропусти на Нодо. Сепак, науката имала полза и од овој фалсификуван „белградски“ примерок, зашто Нодо, кој бил образован и паметен човек, логично ги поврзал фрагментите од „Сатирикон“.[6]

Содржина уреди

„Сатирикон“ претставува опис на авантуристичкиот живот на неколку ослободени робови (најлошиот слој на тогашното римско општество), кои слободата ја добиле така што на своите господари им вршеле различни нечесни услуги. Главниот лик е Енколпиј, кој во романот самиот раскажува за своите доживувања. Тој убивал, крадел, ја обесчестил жената на својот пријател и за тие нешта воопшто не се кае. Тој скита наоколу со двоите другари: едно момче кое му служи како жена, еден пропаднат човек и пропаднатиот, остарен поет Еумолпиј, кој ги следи во нивните скитања низ расипаната Кампанија. Тие посетуваат сомнителни куќи, разгледуваат музеи или се опиваат во бедните меани по предградијата при што понекогаш крадат и мамат, а понекогаш тие се измамени и ограбени. Еднаш, тие се поканети на гозбата што ја приредува едне сноб, ослободен роб, но во книгата се опишани и други случки, како: судири со полицијата, кавги со меанџијата, пријателство со стари дами „крај кои се постудени отколку зимите во Галија“, итн. Притоа, најинтересен е последниот дел на романот во кој се раскажува за нивната најдуховита измама, но за жал, тие делови не се целосно сочувани.[7]

По еден бродолом, тие се исфрлени на брегот и од еден селанец дознаваат дека се наоѓаат во близината на градот Кротон. Кога го прашуваат за обичаите во градот, селанецот им кажува: „Ако сте чесни трговци, бегајте одовде... но ако му припаѓате на оној многу поблагороден свет кој знае да лаже и да мами, слободно влезете. Зашто во овој град никој не се грижи за ученоста, му се потсмеваат на мудриот и убав говор, а честа не се почитува и не се наградува. Целото граѓанство е поделено на две класи: измамници и измамени...“ Слушајќи го тоа, Енколпиј и неговите другари се договараат да влезат во градот и да ги измамат измамниците со помош на едноставен план: поетот Еумолпиј да се претстави како африкански господар, кој поседува безброј имоти во Нумидија и кој го загубил својот последен син, па затоа тргнал на долго патување, со цел да се утеши, но го затекнала бура; во тој бродолом изгубил 20 милиони сестерции, но дома му останало богатство вредно 300 милиони и „толку робови што би можел да ја нападне и освои Картагина, кога би го посакал тоа.“; неговите слуги веќе се на пат и набргу ќе му донесат многу повеќе пари отколку што изгубил. И нивниот план успева: чекајќи ги слугите, „богатиот Африканец“ е нестрплив и очаен и повеќепати го преправа тестаментот, а многу жители на градот се надеваат дека ќе го грабнат неговото наследство и му го даваат на располагање својот имот, а мајките му ги нудат своите деца... За жал, каков е крајот на таа измама не е познато, зашто тоа не може да се утврди до сочуваните фрагменти на делото.[8]

Случките опишани во „Трималхионовата гозба“ ги опишува Енколпиј кој, заедно со својот пријател, учителот по ораторство, Агамемнон, е повикан на гозба кај многу богатиот старец Гај Помпеј Трималхион, поранешен роб. Кога Енколпиј и Агамемнон пристигнуваат во палатата, го затекнуваат Трималхион како игра со топки, а потоа се воодушевуваат на убавините и на раскошот на неговата палата. На влезот, тие го среќаваат благајникот на Трималхион, кој сака да го казни слугата, но го замолуваат да му прости. Во раскошната сала пристигнува домаќинот и гостите се сместуваат околу богатата трпеза, а Трималхион постојано ги изненадува гостите со богатите и необични јадења, при што, додека ја служат храната, робовите се принудени да пеат. На гозбата е присутна и Фортуната, сопругата на Трималхион, која многу ја почитува. Трималхион постојано пред гостите го истакнува своето богатство, но исто така, настојува да се пофали и со своето познавање на астрологијата и поезијата. Меѓутоа, сакајќи да се покаже паметен и образован, Трималхион кажува бројни глупости и покажува големо незнаење за историјата, уметноста и митологијата. Притоа, тој и неговите пријатели раскажуваат за неверојатни случки со врколаци и вештерки кои божем им се случиле.[9]

Тогаш, во домот на Трималхион со голема помпа доаѓа неговиот пријател Хабина со сопругата. И тие се исто толкави снобови како и домаќините, постојано фалејќи се со скапоцениот накит. Потоа, Трималхион им соопштува на присутните дека, по неговата смрт, еден дел од наследството ќе им го остави на своите робови, а на Хабина му дава инструкции за својот надгробен споменик. По тие трогателни зборови, Трималхион ги кани присутните да му се придружат во бањата, каде тој бакнува еден млад роб и тоа е причина за остра кавга меѓу Фортуната и Трималхион. Во лутината, тој им раскажува на присутните за своето минато, т.е. како од роб, со помош на трговската вештина, заработил големо богатство и стекнал слава, потоа доживеал пропаст, но повторно станал богат. Притоа, главната поента на неговиот говор е дека „човекот вреди онолку колку има“ и дека „златото ви обезбедува почитување“. Најпосле, неговиот невкус кулминира кога го повикува слугата да му ја донесе посмртната облека, легнува како да е мртов и ги принудил слугите да го тажат. Од големата бучава, во палатата доаѓаат пожарникари, а Енколпиј и Агамемнон ја користат приликата да си заминат.[10]

Осврт кон делото уреди

Најголемиот дел од „Сатирикон“ за кој се претпоставува дека е целосно сочуван, е познат како „Трималхионовата гозба“, која е опишана од XXVII до LXXVIII глава на романот. Имајќи предвид дека „Сатирикон“ претставува збирка на посебни раскази, песни и расправи кои немаат врска со останатите делови на романот, „Трималхионовата гозба“ најчесто се смета за посебна целина и често се објавува самостојно.[11]

Од личностите опишани во „Сатирикон“ можеби најдобро и најинтересно е насликан ликот на Трималхион. Тој е ослободен роб, кој од најголема беда напредувал до големо богатство, така што живее во голема раскош и необично расипништво. Оттука, овој лик му послужил на Петрониј како средство за критика на неморалот и снобизмот на неговото време. Ликот на Трималхион е многу сличен на граѓанинот-благородник (ликот од драмата на Молиер), зашто сосема спокојно зборува за Ханибал како учесник во Тројанската војна или се расфрла со разни расправи за философијата и етиката, сакајќи да делува како Сенека. За гозбите да му бидат посвечени, тој ги праќа своите слуги на улица и тие ги канат случајните минувачи.[12]

Некои филолози сметаат дека ова дело дава слика на состојбата на дворот на Нерон, а ќелавиот, болен, екстравагантен и добродушен старец Трималхион го претставува императорот Нерон или пак неговиот помошник Тигелин.[13] Сепак, романот има поширока смисла и во него е претставен животот во тогашната епоха, без некои посебни алузии. Притоа, можно е делото да било напишано за забава на императорот и на неговите дворјани.[14] Историчарот Гастон Боасје смета дека Петрониј го напишал своето дело за друштвото што се собирало околу царот Нерон, (кој бил еден од најобразованите римски владетели) со намера да ги исмее ослободените робови кои сакале да бидат дел од највисоките општествени слоеви. Имајќи предвид дека Нерон не го трпел својот претходник и очув, царот Клаудиј и дека немилосрдно ги гонел робовите-ослободеници од неговото време, Боасје претпоставува дека, преку ликот на Трималхион, Петрониј го исмеал Палас, кој најпрвин бил обичен роб, а потоа, како прв министер на Клаудиј, стекнал огромно богатство. Кога дошол на власт, Нерон морал долго време да го трпи богатиот и моќен Палас, иако многу го мразел, а најпосле го отрул. Можеби таа омраза кон Палас била инспирацијата на Петрониј да ја напише сатирата „Трималхионовата гозба“.[15]

Наводи уреди

  1. „Petronije Arbiter“, во: Rimska lirika. Beograd: Rad, 1964, стр. 102.
  2. Божидар Ковачевић, „Петроније и његова књига сатира“, во: Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 80.
  3. Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 3.
  4. Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 39.
  5. Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 69.
  6. Божидар Ковачевић, „Петроније и његова књига сатира“, во: Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 81-82.
  7. Божидар Ковачевић, „Петроније и његова књига сатира“, во: Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 83.
  8. Божидар Ковачевић, „Петроније и његова књига сатира“, во: Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 84-85.
  9. Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 7-57.
  10. Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 57-78.
  11. Божидар Ковачевић, „Петроније и његова књига сатира“, во: Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 85.
  12. Божидар Ковачевић, „Петроније и његова књига сатира“, во: Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 85.
  13. Божидар Ковачевић, „Петроније и његова књига сатира“, во: Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 86.
  14. Божидар Ковачевић, „Петроније и његова књига сатира“, во: Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 80-81.
  15. Божидар Ковачевић, „Петроније и његова књига сатира“, во: Петроније Арбитер, Гозба Трималхионова. Београд: Нолит, 1957, стр. 85-86.