Принципи на банкарско работење

Принципи на банкарското работење се: принцип на ликвидност, принцип на сигурност и ефикасност на вложувањата, принцип на рентабилност и принцип на транспарентност.

Принцип на ликвидност уреди

Банката, по правило, работи и располага со туѓи извори на средства, како што се депозити на претпријатијата, штедни влогови на населението, користени кредити за ликвидност од домашни банки, користени странски кредитни линии, прибирани средства врз основа на издадени сопствени хартии од вредност и сл.

Ликвидноста на банката ја претставува нејзината способност навреме да ги подмири сите свои достасани обврски. Прибраните средства по различни основи, банката ги пласира во различни облици на актива, како што се: кредити, хартии од вредност, вложени средства во вид на депозити кај домашни и странски банки, основни средства и сл. Сите овие облици на актива се со различен рок на достасување и различен степен на ликвидност. Процесот на претворање на одредени позиции во активата, во готовина, зависи од два фактора:

  • Брзината, односно потребното време одредена позиција во активата да се претвори во готовина;
  • Можноста, односно трошокот на самото претворање, што подразбира дали одредена позиција во активата може да се продаде, односно да се наплати по вредноста по која се евидентира таа позиција во банката.

Поаѓајќи од структурата на активата, според степенот на ликвидност, може да се разликуваат следните категории на ликвидна актива:

  • Примарна резерва, или уште позната како суперликвидна актива, која се состои од износот на парични средства во благајна и на сметка на банката над обврската за издвојување и користење на задолжителна резерва. Со оглед на тоа што примарната резерва не генерира приход, банката настојува да го ограничи износот на суперликвидна актива.
  • Во категоријата на секундарна резерва, покрај примарната резерва влегуваат и оние позиции од активата кои лесно можат да се претворат во готовина, како што се: депозити кај коресподентните банки и хартии од вредност кои лесно можат да се продадат (благајнички записи на централната банка, обврзници на државата, сертификат за депозити на банките, комерцијални записи итн.). Во основа, станува збор за оние хартии од вредност што можат да се користат како обезбедување (залог) за кредити кои централната банка ги одобрува на банката за ликвидоносни потреби.

Меѓутоа, при оценка на ликвидоносната позиција на банката не е доволно да се има предвид само брзината и можноста на активата на банката за генерирање на готовина, туку и можноста на банката за нејзино задолжување. Класичното правило вели дека краткорочните пласмани треба да бидат покриени со краткорочни извори на ликвидност, додека пак долгорочните депозити треба да служат за одобрување на долгорочни кредити. Меѓутоа, банкарската практика покажува дека ова правило не мора во целост да се почитува и свесно се отстапува од истото, при што се врши т.н. рочна трансформација на средствата и обврските на банката. Ова произлегува оттаму што без оглед на тоа што депозитите по видување во секој момент можат да се повлечат од банката, сепак искуствените сознанија покажуват дека секогаш се задржува еден ден од овие средства на сметките на банката, кои имаат карактер на стабилни депозити.

Почитувањето на принципот на ликвидност од страна на банката е неопходно заради обезбедување стабилно и сигурно банкарско работење. Во таа насока, секоја банка е должна:[1]

  • Да ги следи и почитува законски пропишаните стандарди за ликвидност;
  • За свој интерни цели да го утврди прифатливото ниво на покриеност на депозитите со ликвидна актива;
  • Да ја следи рочната усогласеност на активата и пасивата, односно пласманите и изворите на средства;
  • Да ги следи очекуваните приливи и одливи од банката;
  • За свој интерни цели да го утврди и следи нивото на т.н. стабилни депозити.

Принцип на сигурност и ефикасност во вложувањето уреди

Почитувањето на овој принцип најмногу доаѓа до израз при одоборување на кредити на комитентите. За да не дојде во ситуација, банката да не може да ги наплати своите побарувања, водејќи се од принципот на сигурност, таа презема низа мерки и активности за оценка на кредитната способност на својот комитент.

Оценката на кредитната способност на комитентот се заснова на следните пет елементи:

  • Оценка на одликите на комитентот;
  • Оценка на капацитетот на комитентот, при што се испитува производствениот и финансискиот капацитет;
  • Оценка на нивото на капиталот, односно нето вредноста на имотот на комитентот;
  • Оценка на колатералот, т.е. видот на обезбедувањето, со кое дополнително се осигурува враќањето на кредитот. Најчесто како обезбедување на кредитот се користат: хипотека на недвижен имот, залог на подвижни предмети, меница потпишана од два или три жиранти, со административна забрана на дел од платата на клиентот - физичко лице и друго.

Принципот на ефикасност во вложувањето е тесно поврзан со принципот на сигурност и се состои во настојувањето на банката да ги насочи своите финансиски пласмани кон оние субјекти за кои се очекува да постигнат најдобри резултати, најголемо производство, рентабилност и продуктивност. И овој принцип, како и принципот на сигурност се заснова на преземање низа мерки и активности со кои се оценува кредитната способност на комитентот.[2]

Принцип на рентабилност уреди

Основен мотив во работењето на секој банка е остварување добивка. За да ја оствари оваа цел, банката треба своите пласмани да ги насочува кон рентабилни проекти. Водејќи се од основниот мотив - максимизирање на профитот, банката ќе ги инвестира прибраните средства во проекти кои генерираат повисока стапка на принос. Оттука, банката може да го зголеми својот профит преку вложување во високо приносни проекти, но кои истовремено се и поризични. Токму оттука произлегува и основната банкарска дилема: „профитабилност, наспроти сигурност“. Дали банката ќе избере да направи помалку приносни пласмани, но кои истовремено се и помалку ризични, или пак обратно изборот ќе биде пласман со повисок принос, но и повисока стапка на ризик, зависи од менаџерот на банката и другите органи на управување. Банките претежно претпочитаат стабилни и сигурни профити, наспроти остварување макисмално можни профити, но кои би ја загрозиле ликвидноста.[3]

Принцип на транспарентност уреди

Почитувањето на принципот на транспарентност значи обезбедување доволно податоци на јавноста за работењето на банката. Главно, овие податоци се однесуваат на следното: кои се главните акционери на банката, составот на раководниот тим на банката, локацијата и видот на финансиските активности кои ги извршува банката и основните финансиски извештаи на банката, како што се билансот на состојба и билансот на успех.[3]

Наводи уреди

  1. Љупчо Трпески, Банкарство и банкарско работење, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Економски факултет, Скопје, 2009, стр. 325.
  2. Љупчо Трпески, Банкарство и банкарско работење, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Економски факултет, Скопје, 2009, стр. 328.
  3. 3,0 3,1 Љупчо Трпески, Банкарство и банкарско работење, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Економски факултет, Скопје, 2009, стр. 330.