Вилијам Пол Кокшот (роден на 16 март 1952 година) е шкотски компјутерски научник, марксистички економист и професор на Универзитетот во Глазгов.

Вилијам Пол Кокшот
Роден(а)16 март 1952(1952-03-16)(72 г.)
Единбург, Шкотска, Обединетото Кралство
ЖивеалиштеГлазгов, Шкотска, Обединетото Кралство
НационалностШкотско, Британско
ПолињаКомпјутерска наука
Марксистичка економија
УстановиУниверзитет Глазгов
ОбразованиеУниверзитет Манчестер (додипломец)
Универзитет Хериот Ват (магистер)
Универзитет Единбург (доктор)
Страница
paulcockshott.wordpress.com

Образование уреди

Кокшот се здобил со звање магистер по економија (1974) од Универзитетот Манчестер, магистер (1976) по компјутерски науки од Универзитетот Хериот Ват и доктор по компјутерски науки од Универзитетот Единбург (1982).[1] Покрај мајчиниот англиски, зборува и француски и германски јазик.

Кариера уреди

Во периодот 1988-1997 Кокшот работел на Универзитетот Стратклајд. Од 1998 година тој работел на Универзитетот Глазгов.

Во периодот 1977-2002 Кокшот е член на Компјутерското здружение на Институтот на електро-инженери (IEEE Computer Society). Од 1992 година тој е член на Американското здружение за научен развој.

Тој има дадено придонеси во областа на збивањето на слики, 3Д телевизија, паралелни компајлери и медицински слики, но им стана познат на пошироката јавност за неговите предлози во мултидисциплинарната област на економска пресметливост, особено како соавтор, покрај економистот Алин Котрел, на книгата Кон нов социјализам, во која тие силно се залагаат за употреба на кибернетика за ефикасно и демократско планирање на комплексна социјалистичка економија.[2] Првобитно објавена на англиски јазик во 1993, оттогаш книгата е преведена на шведски[3] (2002), чешки[4] (2006), германски[5] (2006), шпански[6] (2007), руски[7] (2007), фински[8] (2012), кинески[9] (2015), македонски (2020) и италијански[10] (2021).

Политички ставови уреди

Во 1970-тите години, Кокшот беше член на Британската и ирската комунистичка организација, но тој и неколку други членови станаа незадоволни од ставот на оваа организација во врска со работничката контрола.[11] Кокшот и неколку други членови на Организацијата си поднесоа оставки и формираа нова партија, Комунистичка организација на британските острови. За време на 1980-тите, кога студирал на докторски студии во Единбург, тој бил регрутиран во CPGB заедно со колегата студент по компјутерски науки, Мафи Калдер.

Кон Нов Социјализам уреди

Оваа книга (првпат објавена во 1993 година од Spokesman, Нотингем, Англија) е обид на Кокшот и Котрел да одговорат на тврдењето дека социјализмот е мртов и закопан по пропаѓањето на Советскиот Сојуз.

Јадрото на книгата се состои од серија поглавја кои го опишуваат она за што Кокшот и Котрел веруваат дека би биле ефикасни и демократски методи за планирање на комплексна економија. Кокшот и Котрел, исто така, ги испитуваат прашањата околу нееднаквоста и нејзино елиминирање, системите за плаќање на трудот, демократскиот политички устав за социјалистичкиот комонвелт, комуната како збир на аранжмани за живеење, како и сопственичките односи под социјализмот.

Една од темите на Кон Нов Социјализам е дека брзината на современите компјутери прави реална разлика во изводливоста на ефикасно економско планирање. Во есејот „Социјалистичко планирање по распадот на Советскиот Сојуз“, на пример, Кокшот и Котрел го проценија времето на пресметка потребно за детално планирање на економија од десет милиони производи. Во тоа време на најсовремена компјутерска технологија, Кокшот и Котрел користеле како референтна бројка една милијарда пресметки во секунда за напреден мултипроцесор. Ваквите бројки застаруваат брзо. Детали за најбрзите компјутери во светот може да се најдат на Википедија. Во 2008 година, неколку компјутери се способни за над 10 квадрилион операции со подвижна запирка во секунда - седум реда на големина побрзи од Кокшот-Котреловиот репер за 1993 година.

Која е теоретската основа за нов социјализам? уреди

Главните основи за постсоветски социјализам мора да бидат радикалната демократија и ефикасното планирање. Демократскиот елемент, сега тоа е јасно, не е луксуз, или нешто што може да биде одложено додека условите не се посебно погодни. Без демократија, како што аргументиравме горе, водачите на социјалистичкото општество ќе бидат натерани да употребуваат принуда за да го осигурат производството на вишок производ и ако принудата биде ублажена, системот ќе тежнее кон застој. Во исто време, развојот на ефикасен планирачки систем најверојатно ќе биде невозможен во отсуство на отворен натпревар на идеи. Неуспехот на советските комунисти да излезат со одржливи предлози на социјалистичка реформа во текот на последните години е сведоштво за штетните дејствија на системот во кој конформизмот и покорноста биле примарни. Капиталистичките општества можат да постигнат стопански напредок под услови на политичка диктатура, бидејќи дури под таква диктатура доменот на приватна стопанска активност е прилично нерегулиран и нормалните процеси на натпревар остануваат делотворни, додека забранувањето на организирањето на работничката класа може да допушти повисока стапка на експлоатација. Во услови на социјализам, не може да постои такво одделување на угнетувачката држава од „слободната“ економија; и ако критериумите на идеолошка „исправност“ преовладуваат во унапредувањето на менаџерите и дури во економско-теоретската дебата, долгорочните изгледи за раст и ефикасност навистина се мрачни.

И во однос на демократските институции и во однос на механизмите на ефикасно планирање, мораме да кажеме дека проблемите кои се појавиле во советскиот случај одразуваат одредени слабости во класичниот марксизам. Маркс, Енгелс и Ленин биле многу посилни во нивните критики на капитализмот одошто во нивното позитивно теоретизирање за социјалистичкото општество. Што се однесува до демократските институции, болшевиците првично се држеле цврсто за советите на работничките и војничките делегати како претпочитан облик. Иако ова може да било тактички досетливо, ние тврдиме дека советскиот облик е природно несоодветен и всушност опасен и дека принципите на социјалистичкото демократско уредување мора да ги бараме на друго место. Што се однесува до планирачките механизми, Маркс и Енгелс имале некои интересни предлози, но овие не биле никогаш развиени над нивото на прилично неодредени општости. Советските планери импровизирале свој сопствен систем, кој функционирал за одредени цели во свое време, но развојот на нивното размислување за социјалистичките стопански механизми било ограничено од она што тие го сфатиле како потреба да се сообразат со каноните на марксизмот – да ги избегнуваат и всушност да ги осудуваат сите теоретски методи, како што е маргиналната анализа, којашто изгледала оцрнета од „буржоаските“ конотации. Западните марксисти тврделе дека овој стремеж бил заснован на погрешно толкување на Маркс. Сосема очевидно дека било така, но фактот дека Маркс не се обидел да ги објасни принципите на функционирањето на една планирана економија во каква било смисла, го направи таквото погрешно читање можно. Во секој случај, социјализмот никогаш повторно нема да има каква било веродостојност како стопански систем додека ние не ги објасниме таквите принципи во разумни подробности.

Краток преглед на книгата уреди

„Во остатокот на овој вовед нудиме краток преглед на главните аргументи што следат, во однос на проблемите и прашањата кои се идентификувани погоре. Главите 1 и 2 се занимаваат со прашањата поврзани со нееднаквоста и неправедноста. Првата глава дава преглед на основите на нееднаквоста во капиталистичкото општество – основи кои, како што сугериравме погоре, социјалдемократското подобрување е неспособно да ги искорени. Втората глава покажува како доследниот социјалистички систем на плаќање би можел суштински да ја отстрани нееднаквоста. Платежниот систем кој е прикажан во главни црти во глава 2 зависи од идејата дека целокупната трудова содржина на секој производ или услуга може да се пресмета. Глава 3 го оправдува ова тврдење, развивајќи го притоа аргументот дека стопанската пресметка во услови на трудово време е рационална и технички напредна.

Потоа, главите 4 до 9 развиваат разновидни аспекти на ефикасен систем на стопанско планирање, систем способен да осигури дека стопанскиот развој е насочуван од демократски утврдените потреби на луѓето. Глава 4 утврдува некои основни концепти и приоритети, и разликува неколку различни „нивоа“ на планирање, имено стратешко планирање, детално планирање и макроекономско планирање, кои потоа детално се разгледани во главите 5, 6 и 7 соодветно. Глава 8 во главни црти го прикажува специфичниот механизам за осигурување дека деталниот модел на производство останува на линија со преференциите на потрошувачите, истовремено отстранувајќи ги прекумерните редици и кусоци. Глава 9 ги испитува информациските услови за видот на планирачки систем којшто ние го замислуваме и го поврзува прашањето на точната информација со стимулансите и санкциите со кои се соочуваат поединците. Преку овие глави правиме неколку споредби помеѓу видот на системот што го предлагаме, и системот што вообичаено е оценет дека не успеал во Советскиот Сојуз.

Додека главите 4 до 9 се занимаваат со планирањето на едно стопанство во изолација, главите 10 и 11 го прошируваат аргументот на прашањата што произлегуваат од трговијата со други стопанства, важен практичен интерес во светот на растечка меѓузависност.

Главите 12 и 14 преминуваат од стопанските на понатамошните општествени и политички прашања. Глава 12 ги поврзува социјалистичките цели и грижите истакнати од феминистите. Ги истражува можностите за домашни комуни како алтернатива на основното семејно „домаќинство“, и покажува како таквите комуни би можеле да функционираат во рамките на широката структура на едно планирано стопанство. Глава 13 ја разгледува политичката сфера, и предлага радикален облик на демократско уредување способно да им даде реална контрола на обичните луѓе над своите животи. Како што спомнавме порано, ние сме критички кон советскиот модел на демократија. Ние сме еднакво критички кон парламентарните системи, а нашите сопствени предлози произлегуваат од преиспитувањето на механизмите на класичната (атинска) демократија во современ контекст. Глава 14 го испитува прашањето за сопственичките односи и ги разработува посебните облици на сопственост кои се потребни како основа за стопанските и општествените облици што претходат.

Во последната глава се занимаваме со некои контра-аргументи предложени од скептичните социјалисти во изминатите години. Во овој контекст одговараме на аргументите во прилог на „пазарниот социјализам“ како алтернатива на видот на планирање што ние го застапуваме.

Основната тема која ја анимира книгата, низ сите нејзини разновидни конкретни аргументи, се надеваме, ќе биде јасна. Имено, го земеме како наша крајна цел најголемото можно исполнување на потенцијалот на секој човек, како поединец и како член на општеството. Ова исполнување бара достоинство, сигурност и суштинска еднаквост (а сепак не, се разбира, истост), како и производствена ефикасност. Тоа исто така бара луѓето да пронајдат одржливи начини на живеење во рамнотежа со целата животна средина на планетата. Тврдиме дека овие цели можат најдобро да се задоволат преку кооперативен, планиран облик на поопштествено стопанство при радикално демократско политичко уредување – постсоветски социјализам.“[12]

Историја на создавањето на Кон нов социјализам уреди

Самите автори велат дека идејата за пишување на книгата им дошла во 1983 година по објавувањето на „Економијата на изводливиот социјализам“ на Алек Ноув. Алек Ноув - сограѓанин на Кокшот и Котрел, гуру на западната советскологија, на самиот него не му се непознати левичарските идеи; долги години бил член на Социјалистичката партија на Шкотска. Пред тоа, Алек Ноув објавил повеќе од десетина изданија од неговото класично дело од времето на Советскиот Сојуз, Советскиот економски систем, како и други дела за СССР, а во книгата ги користел целото свое знаење и обемен фактографски материјал, се обидел убедливо да докаже дека социјалистичката економија не може да постои без да се потпира на пазарот. Судејќи според неговите пишувања, Ноув беше поддржувач на „пазарниот социјализам“, каков што се разви во тоа време во Унгарија и што се чинеше многу привлечно за советските водачи од периодот на перестројка.

Во исто време, книгата на Кокшот и Котрел е одговор на неолибералната политика на владата на Тачер, која во тоа време добиваше на интензитет во Англија. Затоа, авторите аргументираат против еден од духовните татковци на неолиберализмот, Фридрих фон Хајек. Во принцип, книгата е напишана кон крајот на 1980-тите - раните 1990-ти, кога СССР сè уште постоеше, но неговата криза беше очигледна.

Кон нов социјализам за прв пат беше објавена во 1993 година и оттогаш е преведена на повеќе европски јазици. Авторите направија мали исправки на новите изданија за да се земе предвид брзиот напредок на компјутерите и комуникациските технологии. Сепак, главниот текст се појави токму во времето кога беше потребно да се изврши интервенција за да се спаси советската економија.[13]

Класична еконофизика уреди

Оваа монографија го испитува доменот на класичната политичка економија со користење на методологии развиени во последниве години и со новата дисциплина на еконофизика и со компјутерска наука. Овој пристап се користи за преиспитување на класичните поделби на политичката економија: производство, размена, дистрибуција и финансии.

Книгата започнува со испитување на најосновната одлика на економскиот живот - производството - и поставува прашања околу физичките закони што овозможуваат да се одвива производството. Како тоа човечкиот труд е во состојба да го модифицира светот? Книгата ја разгледува улогата што информациите ја одиграа во процесот на масовно производство и степенот до кој човечкиот труд сè уште останува клучен ресурс. Рикардовата теорија за вредност на трудот е преиспитана во однос на еконофизиката, презентирајќи компјутерски модели за симулирање на дејствијата и интеракциите на автономните агенти (поединечни или колективни субјекти, како организации или групи) со цел да се проценат нивните ефекти врз системот како целина. Во овие модели, Рикардовата теорија на вредност се појавува како сопственост што ја има збирен или комплексен систем, но што ја немаат поединечни членови. Авторите презентираат модели кои предизвикуваат класна распределба на приходот и долгорочна еволуција на стапката на профит во пазарните економии. Парите се анализираат со употреба на алатки добиени од компјутерската наука и неодамнешната Чарталистичка школа на финансиска теорија (теорија на пари што тврди дека парите потекнуваат од обидите на државите да ја насочуваат економската активност, а не како спонтано решение на проблемите со размената или како средство со кое може да се токенираат долговите, и дека фиатската валута има вредност во размената поради суверената моќ на државите да наплатуваат даноци на економска активност што се плаќа во валутата што ја издаваат).

Опфаќајќи комбинација на техники добиени од три области, класичната политичка економија, теоретската компјутерска наука и еконофизиката, за да се произведат модели кои го продлабочуваат нашето разбирање за економската реалност, оваа книга е од интерес за докторанти и магистери, како и научници кои работат во областа на еконофизиката.[14]

Карл Маркс изјавил дека се обидувал да ги открие законите на движењето на капитализмот - чувство што е многу под влијание на физиката. Што е еконофизика? Во принцип, таа се обидува да ги разбере економските феномени во однос на концептуалниот апарат што физиката го разви за изучување на системи со висок степен на слобода. Како таква, таа се позајмува многу од идеите развиени во статистичката механика.

Еконофизиката потекнува од два главни извори. Математичарите Фарџун и Маховер кои го проучувале капитализмот како хаотичен систем и го заклучиле дека цените се пропорционални на трудовите вредности според статистичката механика. Во поново време се забележува наплив на дипломирани студенти по физика на работни места во финансискиот сектор каде што ја применија својата концептуална позадина за економски проблеми.

Бидејќи оваа последна работа ја плаќаат нивните работодавци воглавно, таа има тенденција да биде прилично фокусирана на финансиските пазари, но отвори перспектива за да луѓето со примарно математичко или физичко потекло започнат да ја гледаат економијата без претходна идеолошка формација дека би добиле придобивки од дипломата по економија. Ова создава студии кои се многу повеќе емпириски и помалку идеолошки засновани од оние што тежнеат да испаднат во случајот на економистите.

Важноста на еконофизиката за социјалистите е дека можете да ги користите овие методи за да го анализирате капитализмот и да разберете зошто трудовата теорија на вредност е веродостојна и зошто распределбата на приходите одеднаш менува насоката.

Важни резултати добиени во областа на еконофизиката се:

  • Дека трудовата теорија на вредност е во основа точна.
  • Дека секој пазарен систем има прилично нееднаква распределба на приходот - ова би важело дури и за систем на фирми што работат во сопственост на работници.
  • Дека постојниот систем, сепак, содржи уште понееднаква распределба на приходот отколку што би се очекувало токму од горенаведените размислувања.[15]

Како работи светот: Приказната за човечкиот труд од праисторија до модерно време уреди

Трудот е неизбежен, но неговата организација не е уреди

 
Насловна страница на книгата Како работи светот: приказна за човечкиот труд од праисторија до модерно време (2020)

Сите човечки општества, од најпримитивните до најмодерните, имаат важна заедничка особина – неопходноста да се работи. Водата, храната, засолништето и другите основни елементи на животот не доаѓаат како подароци. Потребно е труд за да се обезбедат и да се одгледа следната генерација.

Толку е темелен овој основен принцип на човековиот живот што генерации на марксистички теоретичари ги имаа засновано своите анализи на општествата и социјалните структури врз економската основа на некое дадено општество. Рамката на основа и надградба е контроверзна за повеќето други школи на мисла, иако треба да биде очигледно дека капиталистичката организација на една економија поставува силни параметри за тоа како таа капиталистичка земја може да се организира себеси политички и културно. Како и да е, можат ли традиционалните марксистички сфаќања да се изменат за пошироки интерпретации?

Компјутерскиот инженер Пол Кокшот, во својата последна книга „Како работи светот: Приказна за човечкиот труд од праисторијата до модерната ера“, одговара со нагласено да. Неговата претпоставка е дека западниот марксизам бил преовладуван од „луѓе со обука во хуманистички науки или социјални студии“ кои немаат „волја да користат математичка квантитативна анализа“. Пол Кокшот има намера да го дополни терминот „начин на производство“ со „многу потехнолошко толкување“. Со други зборови, проучувањето на технологијата е подобра основа за разбирање на организацијата на трудот во различни начини на производство во текот на човечката историја.

 
Пол Кокшот држи во раце печатени изданија на неговата најнова книга Како работи светот (2020)

Овој акцент на технологијата е силната страна на книгата, но, исто така, на моменти, слабост. Оваа перспектива овозможува ново размислување за различни теми како за тоа зошто земјоделството ја заменило фазата на лов и собирање, неефикасноста на капитализмот и причината за слабостите на Советскиот Сојуз кои кулминираа со неговиот колапс. „Како работи светот“ е книга полна со интересни идеи.

„Како работи светот“ го води читателот низ сите основни начини на производство на човековата историја - долги поглавја секое за „предкласното општество“, робовладетелската економија, феудалната економија, капиталистичката економија и социјалистичката економија, плус завршно кратко поглавје за „футуристичката економија“ што се врти околу претстојната исцрпеност на фосилните горива и намалувањето на достапната енергија со што општествата после фосилните горива веројатно ќе се соочат. Клучно, книгата тврди дека „идејата за апстрактен труд“ важи за сите економии, не само за капиталистичките.

Транзиции кон земјоделство и покрај дополнителниот труд уреди

Професорот Кокшот демонстрира дека земјоделството барало повеќе работни часови отколку што барало ловот и собирањето и го поставува прашањето: Зошто настанала транзицијата? Тој тврди дека ловците го истребиле крупниот дивеч и населението на ловџии и собирачи станало преголемо за достапното земјиште за да ги прехрани. Иако земјоделството барало повеќе труд, исто така се произведувало повеќе храна по единица. Оваа промена дојде со круцијален развој - сега имало суфицит. Ловците и собирачите немале капацитети за складирање и морале да бидат мобилни; она што било земено било брзо изедено. Овие често биле егалитарни општества (иако не секогаш, засновани на студии за изолирани општества кои преживеале во 20 век).

Со новиот феномен на вишок храна, способноста и, со оглед на цикличната природа на земјоделството, неопходноста за складирање храна за идна употреба, овозможило појава на хиерархија и значително ја продлабочило подреденоста на жените којашто ги имала своите корени во склоноста на општествата на ловци и собирачи за жените да се селат во други населби за брак, ставајќи ги тие млади жени, отсечени од својата првобитна заедница, во подредени положби кон своите сопрузи и свекрви. Но, иако е потребен вишок храна за да се појави непродуктивна елита, книгата тврди дека вишокот сам по себе е недоволен за развој на социјална стратификација:

„Класно општество бара вишок, но тврдењето не држи. Вишок храна не бара експлоатирачка класа. Воспоставувањето на класно општество се чини дека барало други несреќи: војна, патријархат и религија.“ (стр. 45)

Авторитарните идеологии мора да се развијат за да се оправда нееднаквиот статус, а жртвувањето на луѓе поттикнува висока социјална раслоеност. Идеологиите на супериорни и инфериорни луѓе го „правдеа“ ропството, но професор Кокшот дополнително тврди дека робовладетелските економии зависеле од транспортот и урбаните пазари. Трудот е извор на вредност во робовладетелските економии. Следната фаза, феудализмот, исто така се одликувала со експлоатација, но во различна форма. Недостаток на транспорт и ограничена циркулација го карактеризирале феудализмот. Лордовите не морале да се занимаваат со систематска трговија и селаните биле самодоволни; принудата била лепило што ја одржувала оваа економија во функција.

Преминувањето од феудално земјоделство во капиталистичко земјоделство барало селаните „да бидат лишени од правото на посед и пристапот до општите земјишта.“ (стр. 93) И тоа ја носи книгата до нејзиното најдолго поглавје, дискусијата за трудот во капиталистичката економија. И тука, технолошката перспектива на авторот поцелосно стапува во игра. Цената на трудот ги регулира цените на производите и профитабилноста и, она што е суштински важно, доколку на работниците им се исплаќала целокупната вредност на нивниот труд во капиталистичките претпријатија, немало да има профит за капиталистите - „во капиталистичкото општество, ќе има маржа.“ (стр. 111)

Напредок на механичката енергија во услови на капитализам уреди

Онаму каде што капитализмот се разликува од феудалните и робовладетелските економии е далеку поголемата употреба на механичка енергија и научно истражување. Во спротивност со општо прифатената теорија дека употребата на робовски труд во Римското Царство го спречила примитивната парна машина што била развиена уште тогаш од нејзино воведување во производство затоа што користењето машини би било многу поскапо од континуираната употреба на робови, тврди професорот Кокшот дека Хероновата кугла или еолопил била многу неефикасна за да има индустриска употреба. Дури и првите парни машини од 18 век биле експоненцијално помоќни и во голема мера можеле да го зголемат индустрискиот капацитет. Кокшот тврди дека токму овој нов капацитет бил катализатор за индустрискиот капитализам: „Постоењето на стоковните односи и наемниот труд не ќе биле доволни за појавата на капиталистичкиот начин на производство.“ (стр. 123)

Ограничувањата на производниот капацитет биле надминати со појавата на фосилните горива и за возврат технолошките напредоци што произлегоа од поефикасните фосилни горива довеле до иновации и нови производи што создаваат повеќе нови производи. За возврат, капиталот потребен за градење и управување со големи индустриски фабрики бил над можностите на работниците и претходно независните занаетчии, принудувајќи ги малите независни производители во банкрот поради обемот на конкуренција. „Примената на машини со напојување и фосилни горива овозможило зголемена продуктивност на трудот што затворило цели производствени гранки за самовработениот занаетчија.“ (стр. 128)

Капиталистот кој иновира прв собира екстра профит, но таквите придобивки секогаш се привремени, бидејќи конкурентите наскоро ќе ја усвојат иновацијата. Силите на постојана конкуренција ја зголемиле довербата во технологијата, иако Кокшот тврди дека иновацијата за еден капиталист е вредна само кога платите се високи. Пример што не се испитува во книгата, а којшто исто така служи како делумно објаснување зошто толку производство е преселено во земји во развој каде што работниците се ниско платени, е можноста да се исплаќаат драстично пониски плати. Тоа е „иновација“, што конкуренцијата диктира бргу да се копира. Книгата тврди дека можноста на капиталистите да иновираат „не треба да се преценува“, но континуираното преселување на производството и развојот на глобалните синџири на снабдување е тежок доказ за значителна капиталистичка иновација, секако, длабока негативна за работниците. Контролата над средствата за производство, исто така, им овозможува на капиталистите да ја контролираат технологијата неопходна за да се реализираат овие трансформации во производството - уште поголема иновација што е лоша за работниците.

Математичкиот пристап на „Како работи светот“ добро му користи на авторот во неговата теорија за тоа зошто разликата во платите меѓу мажите и жените опстојува: Професорот Кокшот тврди дека тоа е затоа што жените работат помалку часови од мажите и како последица на тоа помалa e веројатнoста во однос на мажите тие да бидат единствениот заработувач на плата во семејството; тој верува дека разликата во платите нема да биде пополнета сè додека нема иста веројатност дека жените ќе бидат единствен заработувач на плата во семејството како мажите. Висината на еден таков заработувач на плата не може да падне под нивото на гладување поради основната причина што стапките на смртност би се зголемиле; она што би се случило е последователен недостиг на работници отколку каков било морталитет што би ставило краен понизок лимит врз платите.

Таа природна пониска граница секако не спречува паѓање на платите на длабоко експлоатациско ниво. Згора на тоа, финансиите создаваат уште поголема нееднаквост - не само што се непродуктивни, туку се и огромно исцедување на пари. „Бидејќи толку малку финансии одат во зголемување на реалното производство, овие ренти (профити од неочекувано среќа) можат да се одржат само со смалување на реалниот животен стандард на голем дел од населението.“ (стр. 196) Истовремено, станува збор за растечките станбени цени, што е производ на неефикасност. Бидејќи становите се средства подложни на шпекулации, тие ја зголемуваат вредноста прекувремено и со тоа шпекулациите стануваат попрофитабилни отколку ангажирањето во продуктивна активност, што за возврат се вовлекуваат во повеќе шпекулативни капитали, што дополнително го потстрекнува процесот. Заемите од страна на банките за возврат одат несразмерно кај недвижниот имот. Сепак, се случува поголема експлоатација.

Судејќи за социјализмот според реалните услови, а не идеалите уреди

Поглавјето за „социјалистичките економии“ веројатно ќе биде најконтроверзно за многу читатели. Поглавјето почнува со тоа што точно се забележува дека не постои иста дефиниција за социјализмот. „Како работи светот“ аргументира дека „како општествени научници, не можеме да судиме за реалниот свет според стандардите на идеален свет. Не е работа на реалноста да се материјализираат нашите идеали. Реалноста се содржи во сите свои слави, ужаси и противречности.“ (стр. 209) Во врска со тоа, нема што да направиме освен да се согласиме. Материјалната реалност е она што треба да го прифатиме како меродавно.

Толкувањето на таа реалност, од друга страна, остава простор за дебата. „Како работи светот“ соборува различни теории за тоа зошто Советскиот Сојуз и моделот што тој го наметна на земјите од Средна Европа не беше социјалистички, вклучувајќи ја и таа за употребата на пари, дека не можете да имате социјализам во една земја и дека имало недостиг одошто изобилство коешто социјализмот треба да го обезбеди. Досега добро, иако овие аргументи се презентирани на малку скицирачки начин, отколку да бидат целосно изложени. Откако се ослободува од овие аргументи и повторувајќи дека постои „општо разбирање“ дека тие земји се социјалистички, Кокшот го нуди својот концепт за тоа што всушност е социјализмот, заснован врз она што постои.

Иако пишува дека „Она што го разликува се формите на сопственост и начинот на кој се одредува вишокот производ“, Кокшот заклучува дека социјализмот се одликува со машинска индустрија и земјоделство, исто како и капитализмот. Неговата дефиниција почива, меѓу другото, врз мешавина на технички достигнувања како што се „широката потрошувачка на електрична енергија“ и „широката употреба на машини и применета наука“, проткаени во општествените односи како што се „отсуство на класа на богати приватни сопственици“ и „јавна или задружна сопственост над најголемиот дел од економијата.“ (стр. 209-201)

Да бидеме сигурни, тврдењата дека Советскиот Сојуз бил „капиталистички“ е ултралева фраза што фрла малку светлина. Но, дали социјализмот едноставно е експропријација и изградба на индустрија? Ако е така, тогаш треба да се согласиме со фалењето на Јосиф Сталин во 1930-тите години дека социјализмот веќе е изграден и последователното фалење на Никита Хрушчов во 1950-тите дека Советскиот Сојуз беше во процес на градење комунизам, наследникот на социјализмот. Но, дали е тоа сè? Поцелосно дефинирање на социјализмот наложува демократијата да се прошири на економските прашања и да се зајакне во политичките прашања, над она што е можно во капитализмот. Потоа, би следело дека експропријацијата на капиталистите и воспоставувањето на државна или задружна сопственост врз најголемиот дел од економијата е претходник на социјализмот, а не самата реална содржина.

Алтернативна теорија, за која не се дискутира во книгата, е дека советскиот модел претставувал пост-капиталистичка економија (секако не капиталистичка) во транзиција кон социјализам, транзиција никогаш завршена. Можеби ова може да се сфати како приближување кон идеализам и во спротивност со согласеноста од погоре дека на тие земји треба да им се суди врз основа на нивната материјална реалност, што очигледно го вклучувало фактот дека тие требале да трошат толку многу од своите ресурси за одбрана од бесконечните напади од капиталистичкиот свет. Но, да се изнесе оваа позиција не е со цел да се отфрлат тие искуства, туку да се жали за она што можеше да се направи. Популарното движење кон крајот на 1960-тите години во Чехословачка со цел да ја задржи економијата во државни раце, но во управништво на работниците преку совети и координативни тела во систем на демократска социјална одговорност беше унапредување за социјализмот што никогаш не се разви поради инвазијата од страна на Варшавскиот пакт. Таа инвазија беше во функција на ограничени идеолошки рецепти, кои станаа калцифицирани во една посебна форма, која се разви во хаотичен модел на една земја (Советскиот Сојуз), која не можеше да го напушти специфичното апсолутистичко културно наследство на доминантната нација на таа земја (Русија).

Социјализмот не треба да биде само индустриски развој и крај на приватниот капитал, туку и демократски систем кој расте, се развива и се менува со зголемувањето на свеста и развојот на членовите на општеството, а не крута формула.

Фискални расчекори преку неурамнотежено оданочување уреди

Терминот „реално постоечки социјализам“ честопати се користеше за Советскиот блок и покрај безобѕирноста на терминот, можеби тоа е разумен компромис. Тие земји се вратија на капитализмот, и така дискусијата за нивните економии неминовно се преместува кон утврдување на причините зошто тие се вратија на капитализмот. Професор Кокшот дава оригинална теорија за ова: системот на оданочување. Поточно, тој тврди дека потпирањето на даноците на продажба и даноците на приходите од претпријатието наместо утврдување на доходовен данок на плати, е она што ги скрило трошоците за бесплатните социјални услуги, ја зголемило цената на машините и со тоа ја обесхрабрило механизацијата и ја поскапило релативната цена за обезбедување бесплатни услуги. Како резултат на тоа, менаџерското натрупување на труд било охрабрено со истовремени превработувања и недостаток на мерки за ефикасност. Оваа теза е поврзана со неговото верување дека советската употреба на пари е грешка; наместо тоа, луѓето требало да бидат платени во „работни часови“. На овој последен аргумент, ќе се вратиме.

Се користи математика за да се објасни оваа теорија. Економијата е поделена на три дела – производство на средства за производство (или како уште се нарекуваат „producer goods“), производство на производи за широка потрошувачка и давање бесплатни услуги, како што се образованието, здравството и јавната инфраструктура. Парите за третата категорија треба да дојдат од прилив на приходи, а потребата тие да се наплатат и потребата од првата категорија на средства за производство, го ограничува она што е достапно за стоки за широка потрошувачка. Под претпоставка дека она што е достапно за стоки за широка потрошувачка мора да биде ограничено на пари – еквивалентни на часови поминати во производство на производи за широка потрошувачка, Кокшот сугерира дека имало три можни начини на оданочување: данок на добивка на вработените, данок на продажба или ДДВ, или вреднување на сите стоки со маржа или профит.

Бидејќи немало данок на доход во Советскиот Сојуз, приходите за социјални услуги биле собирани од даноци на приходите на претпријатијата, оние што произведуваат производи за широка потрошувачка и оние што произведуваат средства за производство, како и од даноци на продажба. Поради тоа, трошоците за машинерија се многу поголеми, со што обезбедувањето на социјални услуги е далеку поскапо отколку што би било. Тоа било „краткорочен популизам што ја попречуваше ефикасноста“ (стр. 256) и го поевтинил трудот и ги поскапило машините.

Истовремено, Кокшот тврди дека советските работници требало да се плаќаат во работни часови отколку во рубљи. Ова ќе било поправеден начин на плаќање на луѓето и ќе ги направило расчекорите во даночењето повидливи за сите; парите биле неопходни за да се маскира фактот дека, на пример, колективните земјоделци биле помалку платени во однос на нивниот вложен труд. Во суштина, аргументот е дека еден час работа требало да се надомести со еден час трудов ваучер. Ако се направило тоа, ќе имало непосреден егалитарен ефект:

„Значајноста на трудовите ваучери е дека тие ја утврдуваат обврската за сите да работат со укинување на незаработените приходи; трудовите ваучери ги прават економските односи меѓу луѓето транспарентно очигледни; и тие се егалитарни, осигурувајќи дека целиот труд се смета за еднаков. Тоа е последниот аргумент што осигурило трудовите ваучери никогаш да не се стават во функција под бирократските државни социјализми на дваесеттиот век. Кој владетел или управител бил подготвен да ја види својата работа еднаква на онаа на обичен работник?“ (стр. 263)

Ова уредување исто така ќе ги елиминирало црните пазари затоа што трудовите ваучери не ќе можеа да циркулираат или да се пренесат на некој друг; тие можеа да се користат само во заедничките продавници. Но, „апсолутно есенцијално“ е што цените ја одразуваат трудовата вредност вметната во нив за да се избегнат расчекорите. Ова за возврат ќе го направило планирањето поодговорно, бидејќи отстапувањата на продажбата од реалното производство би испратиле сигнал дека нивото на производство треба да се прилагоди на реалната побарувачка.

Што предизвикало да се распадне Советскиот Сојуз? уреди

Горенаведеното беа сериозни слабости во советската економија, тврди професорот Кокшот, покрај тоа што наjквалификуваните технички и професионални работници станувале незадоволни затоа што нивните заработки не се споредувале со елитите во капиталистичкиот Запад. Незадоволството на таа општествена група било важно затоа што била несразмерно застапена во Комунистичката партија. Структурните промени направени од Михаил Горбачов имаа ефект на дезорганизирање на економијата во која претпријатијата беа меѓусебно силно поврзани и на овозможување за пораст на криминалците на црниот пазар како што се влошуваа државните приходи затоа што падовите во производството резултираа во помалку приходи како резултат на потпирањето на даноците на претпријатијата и даноците на продажба.

Кокшот дава силен аргумент за својата теза дека даночниот систем довел до советската економска криза. Наоѓаме многу квалитети во овој аргумент и размислувајќи за тоа го збогатуваме нашето разбирање за советската економија. Но, ова е пример кога силното потпирање на математиката и технологијата испушта некои делови од она што би се наречело поголема слика. Она што е испуштено е хипер-централизацијата на економијата, неспособноста на централните планери и дистрибутивниот систем да го имаат неопходното знаење за да обезбедат дека суровините и производите биле правилно доставени и ригиден систем на производствени квоти, заснован на физичко производство (всушност, Кокшот се осврнува на ова прашање во соавторската книга со Алин Котрел Кон Нов Социјализам, во Chapter 6 Detail Planning, Planning in USSR, pp. 78–80 – заб. на уредувачот на биографијата на П.Кокшот). Основните плати во Советскиот Сојуз биле ниски; работниците сметале на бонусот што требало да се плати за исполнување на квотите. Менаџерите и директорите биле одговорни за исполнување на квотите одредени од министерствата и нивните работни места виселе на конец ако не ги исполниле квотите. Така, и раководните лица и обичните работници имале мотиви да го сокријат капацитетот и да ги одржуваат квотите што е можно пониски, и да чуваат дополнителни материјали и персонал за да го „заземат на јуриш планот“ ако заостанат.

Вишоците на материјали некаде значеа кусоци на некое друго место; тешкотиите во дистрибуцијата на доволни материјали ги зголемија овие тенденции. И бидејќи квантитетот, а не квалитетот, беше од важност, производи со лош квалитет можеа да се произведат без реална санкција. Целосен опис на советската економија не може да ги исклучи овие фактори. Иако Кокшот го започнува почетокот на наметнување на капитализмот во 1986 година, што треба правилно да биде датиран во 1990 година, кога генералниот секретар Горбачов присили преку законодавство серија мерки со кои се воведоа елементи на капитализам, вклучително и закони со кои се стави крај на ограничената способност на работните луѓе да се бранат и механизми кои овозможија приватизација, тоа е мал технички аргумент. Реформите што беа востановени од 1986 година недвосмислено ги оптоварија работниците поради нивната еднострана имплементација, а професорот Кокшот е сосема во право кога пишува дека реформите на Горбачов на крајот ја дезорганизираат економијата, предизвикувајќи колапс.

На крајот на краиштата, вредноста на една книга не е дали се согласуваме со сите аргументи изложени во неа; несогласувањето со некои аргументи од книгата со толку голем обем на интересни теории и анализи е неизбежно. Она што е релевантно е стимулирање на размислата и предизвикот на вредни идеи. Книга која има намера ништо помалку од тоа да ги открие функционирањата на светот од најраната предисторија до денес и во иднина, си има поставено далекусежна цел. „Како работи светот“ успева на прекрасен начин.

Пол Кокшотовата книга Како работи светот е важен придонес за историскиот материјализам, надополнувајќи ги класичните анализи на трудот и богатството на Маркс и Енгелс со систематски приказ за тоа како економиите и општествата се формираат од извори на енергија и технологии. Со силен фокус на транзициите од предкласна до робовладетелска економија, од селска економија до современ капитализам, објективната проценка на Кокшот на историскиот социјализам и разумно истражување на веројатните комунистички иднини, нуди нови, просперитетни насоки за прогресивна политика.[16]

Објавени дела уреди

  • „Имплементации на PS-algol“ (1990),
  • „Алатка на лексички компајлер“ (1990),
  • „Кон нов социјализам“ (1993),
  • „Прирачник за SIMD програмирање во Линукс и Виндоус“ (2004),
  • „Класична еконофизика“ (2009),
  • „Премин кон социјализам на 21-от век во Европската Унија“ (2010),
  • „Компајлер на Глазгов Паскал со векторски наставки“ (2011),
  • „ЕУ на крајот? Нашата иднина надвор од капитализмот и командната економија“ (2011)
  • „Пресметка и нејзините граници“ (2012),
  • „Аргументи за социјализам“ (2012)
  • „Како работи светот: Приказната за човечкиот труд од праисторија до модерно време“ (2019).

Преведени дела уреди

Наводи уреди

  1. Curriculum Vitae
  2. Allin Cottrell & W.Paul Cockshott, Towards a new socialism Архивирано на 27 јуни 2018 г. (Nottingham, England: Spokesman, 1993). Retrieved: 17 March 2012.
  3. W. Paul Cockshott & Allin Cottrell. „Planhushållning och direktdemokrati“ (PDF).
  4. W. Paul Cockshott & Allin Cottrell. „Kybersocialismus“ (PDF).
  5. W. Paul Cockshott & Allin Cottrell. „Sozialismus ist machbar“ (PDF).
  6. W. Paul Cockshott & Allin Cottrell. „Hacia un Nuevo Socialismo“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2021-02-02.
  7. W. Paul Cockshott & Allin Cottrell. „К новому социализму“.
  8. W. Paul Cockshott & Allin Cottrell. „Uusi Sosialismi“ (PDF).
  9. W. Paul Cockshott & Allin Cottrell. „走向新社会主义“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2018-11-23.
  10. W. Paul Cockshott & Allin Cottrell. „Verso un Nuovo Socialismo“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2021-06-28.
  11. What is the Communist Organisation in the British Isles? in Proletarian, No. 1, c. 1974.
  12. Cockshott, Paul (1993). Towards a New Socialism. Nottingham, England: Spokesman. ISBN 978-0851245454.
  13. Левыкин, Дмитрий (2006). „Прикидка плановой экономики“.
  14. „Classical Econophysics“. P2P Foundation Wiki. 4 јули 2017.
  15. „Econophysics“. P2P Foundation WIki. 24 август 2019.
  16. „Work is inevitable but its organization is not“. Systemic Disorder. 20 мај 2020.

Надворешни врски уреди