Панче Караѓозов (роден на 18 март 1903 година во Штип - починал на 28 јануари 1971 година во Скопје) — македонски хирург и професор, еден од најистакнатите стручњаци од областа на хирургијата, и е сметан за основоположник на хирургијата во Македонија.[1]

Панче Караѓозов
Роден 18 март 1903
Штип, Отоманско Царство
Починал 28 јануари 1971
Скопје, СФРЈ
Националност Македонец
Познат хирург
Сопружник Иванка
Татко Александар
Мајка Катерина
Деца Катерина
Александар

Животопис уреди

Рани години уреди

Панче Караѓозов е роден на 18 март 1903 година во Штип, како најмал од петте браќа и една сестра, во земјоделско-трговско семејство, од татко Александар и мајка Катерина Караѓозови. Уште како мал се истакнувал со својата бистроумност и желба за учење. Како еден од најдобрите ученици на Штипската гимназија, го продолжил своето образование на познатите универзитети во Грац и Виена. По дипломирањето, во јули 1929 година, продолжил да работи и обавува задолжителен лекарски стаж во повеќе познати клиники во Виена, и тоа: за внатрешни болести, за кожни и венерични болести и шест месеци на Одделението за хирургија во болницата „Sophien Spital“. Bo декември 1929 година започнал да работи како волонтер во Универзитетската хируршка клиника во Ерланген, Германија во познатата Шинденова хируршка школа, следните осум и пол месеци. Таму посебно се истакнувал во ставањето анестезија со т.н. Дрегеров апарат. Потоа, во текот на воениот рок, служел 10 месеци во Скопската воена болница, до крајот на август 1931 година кога положил испит за резервни санитетски офецери.

Период до Втората светска војна уреди

На 1 октомври 1931 година, Караѓозов официјално започнал специјализација по хирургија во Белград кај познатиот српски хирург, Миливое Костиќ, управник на Хируршката клинка и Шеф на катедра по хирургија, основач на неврохирургијата на балканските простори. Специјалистичкиот испит по општа хирургија, Караѓозов го положил во 1936 година[2] и продолжил да работи на Клиниката за хирургија во Белград околу една година. Во 1935 година како млад лекар ја основал службата за трансфузиологија и пренесувајќи ги искуствата од неговата едукација од Грац и Белград ја вовел методата на директна трансфузија од универзален дарител заедно со д-р Јован Пановски, од универзален дарител со крвна група „0“, со употреба на Цанков шприц, со директно прелевање на болниот повеќе мали порции од 20 мл. крв[3].

Во ноември 1937 година, кога се вратил во Скопје, и се вработил во Одделението за хирургија во тогашната Бановинска, подоцна Земска (Државна) болница во Скопје. Со тогашниот шеф, д-р Никола Гукниќ, работел на организација и унапредување на хируршкото одделение и дејност. Во 1939 година бил испратен на 4-месечна работа во Битолската болница во која формирал Одделение за хирургија, а по војната истото го сторил и во градот Штип. Во текот на 1940-те години и по формирањето на Медицинскиот факултет во Скопје во 1947 година Караѓозов станал најпрвин началник на Одделението за хирургија а подоцна и заменик директор на Клиниката за хирургија.

По избувнувањето на војната во 1941 година бил мобилизиран како хирург во Дивизиската болница во Шабац. По неколку месеци се вратил во Скопје, како началник на Одделението за хирургија во Земската болница од 1 јули 1941 г. Во август 1944 година се придружил на Народноослободителното движење и бил коптиран за член на Народноослободителниот одбор во Штип. Потоа, во Брегалничко-струмичкиот корпус ја извршувал должноста главен хирург и организирал привремена воена болница во слободната територија во Пехчево.

Период по Втората светска војна уреди

По ослободувањето на Македонија бил демобилизиран и повторно го презел раководењето на Хируршкото одделение во Земската болница во Скопје. Брачната двојка Караѓозови, заедно со првата медицинска сестра, штипјанката Славјанка Влахчева, по војната, во периодот од 1945/46 година, биле организатори на првото училиште за медицински сестри и техничари во Скопје во кое своето формално образование во повоениот период го добиле многу генерации медицински сестри и техничари. Подоцна ова училиште го добило името „Д-р Панче Караѓозов“.

При формирањето на Медицинскиот факултет - Скопје, во март 1947 година бил именуван за доцент на Катедрата по хирургија и заменик директор на Клиниката за хирургија и бил еден од првите 19 наставници на факултетот. Во 1952 година организирал и успешно раководел со самостоен Трауматолошки центар во Клиничката болница во Скопје, со 45 кревети. Во 1993 година, кога била дадена во употреба новата зграда на хируршките клиники при МФ-Скопје, формиран бил посебен Ургентен центар кој го носи името „Проф. д-р Панче Караѓозов"

Со формирањето на првата факултетска наставна база по хирургија, Караѓозов како наставник-доцент продолжил со образовната активност за првите генерации студенти по медицина и првите специјализанти по хирургија во слободна Македонија. Тој, исто така, работел и на стручното образование и дооспособување на постојните и нови клинички кадри (медицински сестри и техничари, болничари и др.). Во 1950 г. остварил шестмесечен престој во Универзитетската клиника во Стокхолм, Шведска, од областа на нев-ротрауматологијата и неврохирургијата, а потоа повеќе пократки престои во Копенхаген, Цирих и Минхен.

Повеќегодишното интензивно темпо на работа негативно се одразило на неговото здравје, физичка и психичка исцрпеност. Во првата половина на 1954 г. сериозно се разболел од исхемична болест на срцето, а тоа барало подолго лекување и закрепнување. По прекин од близу една година повторно се вратил на работа, на раководната позиција - заменик директор на Клиниката за хирургија. Во 1960 г. бил избран во вонреден професор, а во 1967 г. за редовен професор на Медицинскиот факултет.

По повеќегодишно тешко исхемично заболување на срцето, починал во Скопје, на 28 јануари 1971 година, во 68-та година од животот.

Признанија и награди уреди

Ценејќи ја севкупната професионална и општествена дејност на проф. д-р Панче Караѓозов, Републичката комисија за доделување награди во знак на признание и благодарност на народот, во 1969 година му ја доделил „Октомвриската награда за животно дело“. Караѓозов е добитник на Орден на трудот II- степен и Орден за заслуги за народ со сребрен венец. Добитник е и на Спомен-плакета од Собранието на град Скопје за 20-годишен несебичен труд.

Наводи уреди

  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Караѓозов“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 670. Text "series " ignored (help)
  2. Донев, Дончо; Дечовски, Стојан (2014). „За првите доајени на Медицинскиот факултето во Скопје - Панче Караѓозов, професор и основоположник на македонската хирургија“. Vox medici. Скопје: Лекарска комора на Македонија.
  3. Дечовски, Н.; Донев, С.; Дечовски (2014). „Проф. д-р Панче Караѓозов - пионер на македонската хирургија“. Улогата на штипско Ново Село во македонската историја - Зборник на трудови.

Литература уреди

  • Ѓеоргиев К. Проф. д-р Панче Караѓозов (1903-1971). Македонски медицински преглед, декември 1971;26(3-4):213-17.
  • Дечовски Н, Донев Д, Дечовски С. Професор Панче Караѓозов - пионер на македонската хирургија. Прв научен собир на Штипското научно друштво: „Улогата на Штипско Ново Село во македонската историја". Штип, 17 октомври 2014. Зборник натрудови: 145-51.
  • Donev D, Polenakovic М. Contributions of the doctors from Macedonia to the establishment and initial development of the FM-Skopje, R. Macedonia. Prilozi-Contributions, MASA 2012; 33(2): 239-77. Available at: http://www.manu.edu.mk/prilozi/2012_2/20d.pdf Архивирано на 27 јули 2020 г.
  • Драгојевиќ Б, Чакмаков, рецензеиги. Реферат за избор вонреден професор по предметот хирургија (Панче Караѓозов) на МФ-Скопје. Билтен на Универзитетот во Скопје бр. 28, април 1960: 5-11.
  • Институт за трансфузиона медицина на Р Македонија, Историјат: Крводарувањето во Македонија низ годините наназад. Достапно на: http://www.itm.org.mk/mk/MS_26.html Архивирано на 12 мај 2015 г.
  • Лазаревски М, Никодијевиќ Б, Велков К, Чапароски Р, Главаш Е. Развој на институциите во рамките на МФ-Скопје. Во: Лазаревски М, уредник. Медицинскиот факултет во Скопје 1947-1987. МФ-Скопје, 1987:183-345.
  • Серафимов К. Хирургија на жолчното ќесе и екстрахепаталните жолчоводи. КУЛТУРА а.д. Скопје, 2003: стр. 294
  • Тофоски Ј, уредник. 60 Години Македонско лекар- ско друшгво 1945-2005. МЛД, Скопје, 2008: 378.
  • Чакмаков А, Арсов Д, Милетиќ Д, рецензенти. Реферат за избор редовен професор по предметот хирургија (Панче Караѓозов) на МФ-Скопје. Билтен на Универзитетот во Скопјебр. 105, мај 1967: 12-21.