Методи Спиров Тројачанец

Методи Спиров Тројачанец (Прилеп, 19 февруари 1897Скопје, 31 декември 1982) – македонски стоматолог.[1]

Методи Спиров Тројачанец
Роден 19 февруари 1897
Прилеп
Починал 30 декември 1982
Скопје
Националност Македонец
Занимање стоматолог
Роднини Ѓорче Петров

Животопис уреди

Методи Спиров е роден во Прилеп на 19 февруари 1897 година. Основно училиште завршил во Прилеп,VII клас Трговска академија во Солун (1913) и гимназија во Софија (1914), живеејќи кај чичко му Ѓорче Петров. Откако го завршил и Военото училиште во Софија (1914-1917), бил упатен на фронтот, а по ранувањето кај селото Младо Нагоричане, Кумановско (1919) и лекувањето, заминал на студии во Германија (1921), каде дипломирал на отсекот за забни лекари на Медицинскиот факултет во Берлин (1922-1927) и ја одбранил докторската дисертација „Ueber die Wirkung einiger organischer Säuren auf die Zähne#, (Phusiologischen Institut der Univerzität Berlin, 13. VIII 1927).

По дипломирањето работел како стоматолог во родниот Прилеп (1927-1930), Загреб (1930-1938) и пак во Прилеп (1938-1944). По ослободувањето Президиумот на АСНОМ го ангажирал да ја организира забоздравствената служба на територијата на Демократска Федерална Македонија и се преселил да живее во Скопје. Организирал разни курсеви за забоздравствена заштита. Бил професор во Средното стручно забарско училиште во Скопје (1947-1949), шеф на Школската забна амбуланта и шеф на Превентивната забоздравствена служба, а потоа добил дозвола за приватна пракса со признаено звање „заболекар-специјалист стоматолог“ (1952). Бил претседател на Стоматолошката секција на Македонското лекарско друштво и се занимавал со здравствена публицистика. За неуспешниот обид да биде избран за вонреден професор по Детска стоматологија на новооснованиот Стоматолошки оддел на Медицинскиот факултет го подготвил хабилитациониот труд „Психолошко-педагошки принципи во детското забарство“ (1960). Работната кариера ја завршил како „здравствен советник I врста“ на Заводот за здравствена заштита на мајки и деца (1962) и по два месеци бил пензиониран (1963).[2]

Наводи уреди

  1. Македонска енциклопедија, том II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 1512. ISBN 978-608-203-024-1.
  2. Македонска енциклопедија, том II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. 2009. стр. 1513. ISBN 978-608-203-024-1.