Македонски литературен кружок

Македонскиот литературен кружок во Софија претставува една од најмаркантните пројави во литературно-културниот континуитет и во развитокот на македонската национална свест воопшто.[1]

Статут на Македонскиот литературен кружок (прва верзија) втора страница

Тој е директно продолжение на националната мисла што се изрази во Словеномакедонската книжевна дружина на Ѓорѓи Пулевски (1888) и Младата македонска книжовна дружина во Софија (1890-1892), во ученичката дружина Вардар (1893-1894) и Македонскиот клуб со читателите во Белград (1902) и пред сè во Македонското научно-литературно другарство (1902-1917), словеномакедонското национално-просветно друштво Свети Кирил и Методиј (1912-1913), руско-македонското благотворно друштво Св. Кирил и Методиј (1913-1914) и Македонскиот револуционерен комитет (1917) во Санкт Петербург. По Првата светска војна во новонастанатите историски околности истата идеја најде автентичен израз во активноста на ВМРО (Обединета) (особено во периодот 1930-1936), поспецијално во Литературниот кружок на Кочо Рацин (1931-1932) и МОРО (1933-1934) во Скопје и во културно-просветното друштво Вардар во Загреб, Белград и Скопје (1935-1937), како и во македонскиот народен сојуз во САД и Канада (1930-1945) и македонските прогресивни групи во Аргентина (1935-1945) со сите активности и печатни периодични и други изданија.

Македонскиот литературен кружок беше формиран во почетокот на август 1936 година при Редакцијата на весникот Македонски вести во Софија, но по укинувањето на весникот и прогонот на уредниците, работеше илегално под името Македонски публицистички кружок Нација и култура (1937-1938). Од есента 1938 па сè до почетокот на 1942 година се развиваше една богата литературно-културна, национално-политичка и општествено-револуционерна дејност на веќе стабилизираниот полуилегален Македонски литературен кружок во Софија што го водеше раководно тело на чело со познатиот поет и македонски национален деец и револуционер Никола Јонков Вапцаров.

Активноста на Кружокот се развиваше континуирано и ангажирано на однапред насочени и подготвени редовни неделни состаноци, но и на разновидни неформални средби, каде што се читаат и се оценуваат литературни творби и компетентно критички се разгледуваат новите подготвени збирки песни, раскази, репортажи, есеи и трактати на членовите, како и на веќе објавени книжевни дела од Македонци (на македонски или на друг јазик) независно од местото на издавањето. Некои од овие материјали се зачувани интегрално или фрагментарно.

Знаменит остана воведниот реферат на Никола Вапцаров на првиот, обновувачки состанок на Кружокот (октомври 1938) што потоа беше вообличен во познатата негова песна - поема „Доклад“ (реферат). Овој текст во извонредната форма во 1963 година се наоѓаше во Домот, музеј Никола Вапцаров, но брзо по нашето прочитување (од сината тетратка) беше засолнат во депото на тогашниот Централен партиски архив на ЦК на БКП во Софија и дури на 15 февруари 1995 година, во весникот „Литературен форум“ беше објавен според еден нецелосен и на крајот фалсификуван препис што го направил Николај Шмиргела во 1994 година.

Патриотски задачи уреди

Овој реферат на Вапцаров ја конципира идната идеолошко-политичка и национално-литературна дејност на Македонскиот литературен кружок во Софија. Вапцаров е мошне критичен кон дотогашната дејност на македонската интелигенција и посебно кон Македонците што пишуваат. Тој зборува за татковината како идеал, за јакнењето на едно поколение ентузијазирано од лозунгот „Слободна и Независна Македонија“ како програмски стремеж, зашто се работи за најважната етапа од македонското прашање во последниве години. „Но, ако ние милееме за својата татковина,“ - им се обраќа Вапцаров на кружочниците - „ако во нас има капка македонска крв, ако во нас останала искра од благороден патриотизам, овојпат треба да го впрегнеме, ропски да го впрегнеме за да понесеме дел од тежината на едно дело и жестоко величие на една епоха.“ Тој самокритички прашува: „Што направивме ние, другари, за да го помогнеме политичкиот процес? Направивме ли нешто системно, организирано? Се помачивме ли барем да создадеме убедување дека постои македонска книжевност? Се помачивме ли со своите слабички сили да создадеме впечаток дека постојат група луѓе што пишуваат што не ја заборавиле својата татковина?... Ние требаше да бидеме авангарда, така по свое, а останавме назад.

Мнозина од нас беа во чекор со политичкие лозунзи на моментот, но колцина го почувствуваа во срцето македонското прашање? Колцина му дадоа жива форма? На што се должи тоа? Само затоа што сме малечки таленти ли? Несреќата не е само таму. Несреќата беше што ние ги кажувавме репликите секогаш по политичкиот суфлер. И народецот, простиот народец, лебарскиот работник, гладниот земјоделец, ситниот чиновник, не го почувствуваа нашето постоење и оттаму не ја почувствуваа и борбата.“

И Вапцаров, како во песната после преминува кон конкретните насоки:

Нашите задачи? Та ние имаме толку работи да кажеме. Еден старец умира и пред смртта го мами зеленото спокојство на гробиштата во родното село, крстот на неговата мајка, топлината на родната земја. Еден млад ја ора тука земјата, а мисли дека таму таа некако поинаку мириса, дека ветерот е подруг, дека ѕвездите се ниско, многу ниско, дека ако наутро се качиш на Али - ботуш, ќе го фатиш сонцето, дека старата на Чисти понеделник мисли за крупните кавалски маслинки, дека младата пее за шарената чаршија во Струга. Што мислите? Романтика и конзервативизам? Но слушате, пријатели, тоа живее во душата на народот. Ако вие му расправате како некое попросветно момче врбува и всадува македонска свест во понепросветен, ако му ги дадете бескрајните доводи на просветниот, кој му расправа оти е срамно да не се чувствува Македонец и дури потоа го заведете во својот кружок, каде што другите исто така теоретизираат, бидете сигурни дека ништо нема да излезе.

Национална жед уреди

Нашата задача, значи, е сложена, - продолжува Вапцаров - зашто треба да го фатиме животот не клекнат, туку движејќи се со моторна сила на авион. И уште посложена, зашто обично се пишува искрено кога пред себе имаш едно зовриено движење што ти дава крилја. А од друга страна, рековме дека само политички не се изградува едно движење, рековме дека теба уметност што да стигне во низините и да распали една национална жед. Што се добива всушност? Еден круг, чија почетна точка не се знае. И треба да се повлече всушност тангента што да допира до една точка што се вика хармонија меѓу политичката концепција и уметноста. Политичката концепција често ќе ја испраќа уметноста да го трасира патот или обратно. Но, неизбежната цел и на двата фактора ќе биде народносната свест. За нас се создава недогледно поле за работа. Македонскиот фолклор е толку богат. Ние треба да го изучуваме во неговите најтенки подробности. Ние треба да им влеземе под кожата на оние што го носат уште жив во себе. А тоа се старите луѓе што носат неизмерливи богатства. Тоа се зборниците со фолклорен материјал. При проучувањето на вториве, меѓутоа, треба да бидеме особено внимателни, зашто не се ретки случаите на фалсификувања или на авторски амбиции што сервираат неочекувани невкусности. За нас, особено за белетристите, е апсолутно неопходно да ги познаваат карактерите, обичаите, носиите, јазикот и типичното преовладување на некои изрази, зборови и слики. Потоа Вапцаров ги потенцира најглавните национални задачи на македонските писатели:

Ние треба да ја познаваме македонската историја и најмногу историјата на нашето национално-револуционерно движење - Илинден, Гоце, Даме, битките. Нивната смрт и подвизите на многу непознати. Треба да се создаде таканаречената револуционерна романтика што е составен дел на уметничкиот реализам.
Не мислете дека сето тоа ќе стане во еден здив. Не заборавајте дека ако со нешто го покажеме своето постоење, своите усилби, одоздола ќе изникнат други што далеку ќе не надминат. Вистина е дека работите никогаш не тргнуваат како наивен часовник. Ќе се сретнат мачнотии, но тие нема да бидат толку оштествени, колку внатрешни - во самите нас. Тие мачнотии, според своите сили, ќе ги преодолееме, но треба страшно напрегање и себеоткажување. Треба да запнеме машки. Што се бара всушност од нас? Многу. Мошне многу. Барем од оние што сме собрани овде. Ние сме Македонци. И нашето творештво треба да биде во служба на македонската кауза. За мнозина ќе биде тешко се да тргне така како во ждоброто старо времеж. По мое, тоа е главната причина, другото е резултат.
Се разбира дека при една посериозна анализа би требало да се разгледа битот. Не помалку битен од него е културниот фактор што ја вклучува историјата и главно историјата и легендата за револуционерното движење, песните, јазикот и др.
По потцртаниот шовинизам на поробителите, кој одвраќа, отуѓува, станува некаква изолациона преграда помеѓу власта и поробените и создава противдејствена сила....

Така, со незавршена реченица завршува досега пројавениот дел од програмскиот документ на Кружокот што го формулирал своерачно Никола Ј. Вапцаров во октомври 1938 година. Бидејќи на времето, како што сведочи Шмиргела, бил размножен во неколку примероци, постои надеж дека е зачуван и преостанатиот текст од рефератот и дека еден ден ќе и биде даден на увид на бугарската и на пошироката научна јавност.

Во истиот октомври Вапцаров прави реферат и за две песни на Ангел Жаров (Михаил Сматракалев) и уште на почетокот ја истакнува тематската определба дека Ангел Жаров е на најправилниот пат од сите нас што сме обединети од стимулансот - Македонија, зашто тој не го заборавил својот општествен долг, зашто тој единствен од присутните луѓе ја има како доминантен мотив во своето творештво нашата татковина.

Поставувајќи ги Македонија и македонското прашање во еден таков национален и меѓународен контекст, Антон Попов забележува дека воспримањето или одречувањето на идејата за македонската нација се оцртува како пробен камен за Македонците и нивната ориентација, за политичкиот пат што треба да се следи, зашто тоа прашање единствено сега може да легне во основата на лозунгот за слободна и независна Македонија. Притоа не заборава да потсети дека црносотниците, агентите на бугарскиот и италијанскиот империјализам ги таксуваат тие повици како српско дело. Тие - вели - одамна се скарале со македонската историја, со традициите во македонското ослободително движење, за да може да се очекува од нив друго становиште. Тие никогаш не биле близу до македонскиот народ, до македонските народни маси, за да можат да ги сфатат настанатите промени во мирогледот и ориентацијата на тие маси, па затоа сонуваат за Велика Бугарија, за обединување на бугарското племе, за животен простор итн. Но за слободна Македонија тие не сакаат ни да мислат, за македонска нација тие уштге помалку сакаат да чујат.

Луѓе без корен уреди

Нагласувајќи дека тие противници на македонскиот национален развиток ги величаат Хитлер и Мусолини и се наполно во услуга на бугарската влада во спроведуваната од неа политика за постигнување на националните идеали, дека засекогаш го загубиле сето свое македонство, Попов и го заклучува своето фрагментарно зачувано излагање со зборовите: Но, токму затоа што имаме такви противници, токму затоа што Македонија е објект на нови империјалистички посегања, арена на империјалистичкиот фронт, ние сме должни да бидеме со еден непоколеблив и јасен македонски поглед, способни да им дадеме аргументирана заштита на своите убедувања, способни да ги разоткриваме и разобличуваме провокациите и намерите на разните посегнувачи кон Македонија.

Седниците на кружокот редовно се одржуваат, а на нив опстојно се реферира за новите литературни творби и збирки. Во 1939 година, Михаил Сматракалев опширно реферира за стихотворбите: Илинден и Гемиџиите од Венко Марковски и меѓу другото бележи: Стихотворбата од Илинденската епопеја третира една многу симпатична тема. Тука авторот посакал да ни го наслика Гоце Делчев, да ни го претстави во онаа сончева светлина, во која народот навикнал да го гледа. Тој ненадминат по големина лик на Македонецот - борец навистина е една чудесна легенда во душата на секој Македонец. Неговите човечки квалитети го воздигнаа на врвот на македонскиот пиедестал.

А во истата година членот-основач на Кружокот Ѓорѓи Абаџиев прави мошне опфатен реферат за расказот Во црквата од Ангел Жаров, при што со отворено критички тон ја разгледува прозната творба на овој поет, па забележува: Да се пресоздаде македонската историска реалност - тоа е една од нашите најважни задачи. Откако Кружокот ја започна својата работа, само Антон Беломорски упорно и доследно пишува македонски раскази... Жената, Вела, разбирливо со својот маж, огреана од моќната радост во борбата на еден народ за слобода, се одрекла од бесцелното постоење на себичното и секојдневјето. Да се изваја ликот на македонската хероинка, да се пресоздаде уметнички минатото во рамките на историската правда, таа задача навистина не е лесна. Затоа Абаџиев го поставува прашањето: Пред се, дали Во црквата е македонски расказ? И воопшто: Каде е тука специфичното македонско? Зашто: И Србите биле под Турско и Бугарите и Македонците... Ние не можеме да сфатиме дека хероите бездруго се Македонци. Типичното недостасува. Обработувајќи го нашироко ликот на Вела, Абаџиев сепак истакнува: Таа станува учесник во борбата на народот за ослободување. Тоа е општествено-политичката идеја што Жаров ја вложил во Македонската Вела.

Минатото - патоказ кон иднината уреди

Во мај 1939 година, по повод 50-годишнината на Софискиот универзитет, во Софија доаѓаат поголема група студенти-гости од Белградскиот универзитет, меѓу коишто се и дваесетина од Македонија. Македонскиот литературен кружок веднаш ги прифаќа и цело време се заедно. Се прават посети на видни личности од новата македонска историја, се држат говори и се разменуваат искуства од борбата за национално ослободување. Меѓу белградските Македонци се истакнуваат неофицијалниот водач Кузман Јосифовски - Питу и Тодорка Оровчанец, која на состанокот во Домот на Крушевското братство во Софија одржува запалив говор на македонски јазик, извикувајќи: Ех, браќа и сестри, чудно убава е нашата татковина Македонија! Се си имаме ние Македонците... Но едно си немаме - слобода! Нејзе и одговара Михаил Сматракалев, кој меѓу другото рекол: Драга другарке Тодорке, кога ќе се вратиш во нашата земја, кај нашите луѓе, кажи им дека ние тука сме исполнети со длабока вера, како и вие, дека не е далеку денот кога ние Македонците ќе се здобиеме со тоа што го немаме, со своја слободна република. Исто така, ве молам, кога ќе се вратите, да ја бакнете нашата земја од наше име, да и кажете дека ја сакаме и ќе се бориме до смрт за да можеме да ја видиме слободна и среќна!

На последната вечер од престојот сите се собираат на заедничка трпеза во домот на Венко Марковски, каде што се држат говори и се читаат стихови што некои од гостите и си ги запишуваат и бараат да им се испраќаат и збирките. Со стихови настапуваат Ангел Жаров (Бегалци), Никола Вапцаров (Татковина и Писмо) Венко Марковски (Жетварите) и Коле неделковски (Анѓелко и Ропство). По повод овие манифестации А. Жаров напишал и две (зачувани) стихотворби: Песни за гостите од родната земја и Мала песна на Тодорка Оровчанец, додека во Карираното тефтерче на Никола Вапцаров се запишани два фрагмента од говорот што го одржа на овие средби. Тој меѓу другото рекол:

Ако вие, коишто сте илјадници километри далеку од нашата земја, не сте ја заборавиле и толку ја сакате, живеете со верата дека ќе биде ослободена, белки во синовите на нашиот народ, распрснати по сите меридијани, не е изгаснат копнежот по родната земја. Верувајте, утре таа ќе биде слободна штом овие години на ропство не можеа да го погребат прогонството низ...

Еден народ, овој народ ќе си ја извојува слободата. Ние ве поздравуваме за огромната услуга што денеска и ја правите на македонската кауза и ве уверуваме дека очите на целиот народ ве следат со бодрост и вера.

Верувајте исто така и (црпете сили) дека стоиме здраво на својата опозиција и никогаш не сме го заборавиле својот долг како писатели...

Проучувањето на македонското национално минато беше една од главните задачи на кружоочниците. Во тој поглед особено се појавија Васил Ивановски, Коста Веселинов, Ангел Динев, Антон Попов и Коле Неделковски. Притоа посебно беше важно да се проучи континуитетот на македонската национална свест и борбата за национална слобода. Уште во 1935-1936 година, Ангел Динев во своите Македонски вести двапати објавуваше факсимил на насловната страница на Македонски глас што беше пренесено и сред македонската прогресивна емиграција во САД, а во 1939 година во својата брошура Преродбата на Македонија и Илинденското востание, Коста Веселинов го посочи Крсте Петков Мисирков на чело на преродбенските дејци.

Се во потрага по фактите за македонското културно-национално минато, работејќи во Народната библиотека во Софија, некаде во тоа време, Коле Неделковски ја нашол и книгата За македонцките работи од Крсте Петков Мисирков. Тоа силно го заинтригирало и во почетокот на 1940 година тој се поврзал и со сопругата на Мисирков и од неа ја добил книгата За македонцките работи, како и некои други материјали поврзани со неговиот живот и дејност. На 18 мај 1940 година, Неделковски, од името на Кружокот, му пишува на д-р Сергеј Крсте Мисирков, синот на Крсте Мисирков, што тогаш живее и работи во градот Елена. Тоа писмо претставува најавтентичен показ на континуитетот во развитокот на македонската национална мисла и свест и ја посведочува директната врска меѓу Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург и Македонскиот литературен кружок во Софија. Неделковски соопштува дека уште пред неколку месеци, барајќи по творештвото на најголемиот син на Македонија, се сретнал со сопругата на Мисирков, од којашто чув и разбрав - вели - за дел од животот на вистинскиот Македонец и исто така се израдував уште повеќе кога ми кажа дека и чедото на најскапиот син на Македонија живее со мислите со коишто ги проживеал сите свои дни од својот живот неговиот татко.

Неделковски не можел да не го искаже не само својот пиетет кон Мисирков, туку и да ја опише состојбата на македонскиот народ и односот на новата генерација кон националното прашање. Затоа тој му пишува на д-р Сергеј Крсте Мисирков:

Викот на бесмртниот Македонец Крсте Мисирков се разнесува дури сега над неговата мила татковина и таа, измачена веќе од борбите и соперништвата на неколку народи, коишто ништо не штедеа за да ја имаат поосрбена од едни, побугарена од други и погрчена од трети: но таа не се даде на никого, а си остана со својата боја македонска, и сега, подигната културно и економски, го подзема најдрагиот нејзин глас, го прегрнува најсветото име и со целата своја моќ го држи и го разнесува како светилник до најкрајните катчиња на својата ширина.

По патот на Мисирков уреди

Поврзувајќи го најдиректно делото на Мисирков со дејноста на Кружокот, Неделковски продолжува:

Па и ние, прокудените, каде и да се наоѓаме надвор од скапата наша татковина, се чувствуваме туѓинци и затоа не останавме глуви на делото и идејата на Вашиот незаборавлив татко, ами го прегрнуваме тоа дело за да го изградиме со цената на најмилото. И така, далеку од татковината, ние се обединивме во едно Македонско литературно другарство, од чиешто име се осмелив да Ве замолам да ни излезете во пресрет за да не запознаете поподробно со животот и дејноста на нашиот покоен татко (биографијата) за да можеме големиот борец поодблизу да и го претставиме на македонската општественост.

Коле Неделковски пишува дека добил од сопругата на Мисирков една тетратка-дневник што еден од членовите на Кружокот веќе ја препишал на машина, па додава:

Препишав неколку статии од в. Мир од Народната библиотека, како: Самоопределување на Македонците, Македонскиот национализам, Македонската култура и др. коишто ги испратив во Македонија под Српско. Книгата За македонцките работи исто така ја препишавме на машина и ќе ја испратиме и неа, та ако може таму да се даде в печат, па ако Вие знаете дека има некаде од оваа книга повеќе примероци, пишете ми и ние веднаш сите ќе ги откупиме.

Самиот д-р Сергеј К. Мисирков подоцна пишува дека по писмото добил и пакет со примероци од книгите на Венко Марковски, Коле Неделковски и Никола Вапцаров со своерачни посвети од авторите. Тој соопштува дека кај мајка му заедно со Коле Неделковски биле и Венко Марковски и Никола Вапцаров, а веројатно и Ѓорѓи Абаџиев и Митко Зафировски. Засега не знаеме како завршил обидот за преиздавање на книгата на Мисирков во вардарскиот дел на Македонија, но нема сомнение дека тие преписи на книгата и на неговите статии одиграле голема улога во зајакнувањето на националната свест кај младата интелектуална генерација. Делото на Мисирков било разгледувано и на посебен состанок на Кружокот, а преписите биле однесени во Белград од Митко Зафировски.

Пораката на македонската младина уреди

Какви биле вистинските национални чувства и патриотските разбирања на Кружокот покажува и случајот со обидот за меѓународна афирмација на македонската борба. На специјално заседание Кружокот решава на еден своевиден и ефикасен начин да се испрати порака до Москва за целите на борбата на Македонците. Шансата е да се искористи доаѓањето на еден советски фудбалски тим во Софија. Кружокот подготвува специјално излеан бронзен медалјон, на кој на едната страна има релјеф на македонско знаме, на кое пишува (на македонски јазик): Слободна независна Македонија, а под него-етничката карта на цела Македонија, врз која е испишана Гоцевата мисла: Јас го разбирам светот само како поле за културен натпревар меѓу народите. Под неа со поголеми букви пишува: Гоце Делчев. На реверсот на медалјонот е изгравирана посветата: Преку другарите спортисти македонската младина праќа поздрав до младите во СССР 1940, август, Софија.

Значајно е да се одбележи дека идејата за медалјонот била на Вапцаров, кој и требало да им го предаде на фудбалерите, а изработката е дело на бугарскиот уметник и пријател на кружочниците, Николај Шмиргела. Бидејќи предавањето било неуспешно, медалјонот останал зачуван во оставнината на кружочникот Ѓорѓи Абаџиев и сега се наоѓа во Скопје.

Татковината е постојана преокупација на кружочниците. Не случајно се распишува и посебен конкурс на темата да се изрази во уметничка форма маката на емигрантот за својата родна земја и народ, да се изрази како се чувствува тој далеку од нив, какви чувства преживува и на што мисли во таа состојба.

Во своите Попатни белешки и размислувања, Антон Попов во 1940 година исто така точно ја индивидуализира својата родна земја, својата непреболна татковина. При една од посетите на Пирин, Попов пишува дека тоа е најсвидната личота на мојата земја, наша радост, наша надеж, горда закрила на мојот бунтовен народ. Тој гордо извикнува: Ние сме на македонска земја, низ солзи наша, скапа за нас со жртвите што ги зема борбата за слобода, со крвта пролеана, триж посвидна станата со борбата на најсвидните чеда на мојот народ за нашата слобода, скапа за нас со едно големо и херојско минато што го споило целиот народ во една борба, една судба, скапа за нас од црните спомени за една жестока и подла братоубиствена борба, станата скапа и непрежалена за сите прогонети од неа што сонуваат родна стреа, родни ниви, родна реч; свидна во нашите занеси, во копнежите да ја видиме таа голема правда за таа разорена окрвавена земја, за тој претепан, поруган, понижен и угнетен и обесправен народ - да биде слободен, да ни биде земјата слободна...

Оваа голема ода за родната земја, Попов ја завршува со истата интонација и со истата егзалтација дека толку умни се станати овие луѓе од патилата што ги изживеале, та ми се чини дека при првиот обид за поделба на оваа неделива земја тие балкански и вонбалкански грабачи ќе си ги искршат главите во првиот пристап. Затоа што ова не е ничија земја, а просто наша македонска земја, наша таткова земја, земја на рибарите покрај Егејот, на селаните, на орачите, на работниците, на еснафите, на разгонетите наши браќа по светот, на сите македонски луѓе, затоа што тоа е македонска земја така како што е наша крвта што ни блика во жилите, така како што е наша крв и тело идеалот да ја видиме слободна...

Бликната љубов уреди

Речиси истите зажарени национални мисли и чувства кон родната земја и татковината, Антон Попов рафално ги нафрлува и во репортажата Над Пирин облаците се згуснуваат, објавена во Литературна критика. Кружочниците се качуваат на врвот Ел-Тепе, па авторот возбуден меѓу другото опишува:

Жедно, немо и возбудени сме ги впиле очите во тој топол роден простор.
Кој има власт очиве да ни ги натера помалку да искрат љубов кон оваа земја?
Кој ја имаа таа власт што да ни ги задржи усните да не ги изговорат зборовите на клетва, на :борба, на верност?... Да ни забрани да го паметиме херојското и големо минато на својот народ и :бескрајно да го сакаме неговиот комитски епос?
Не!
Никој!
Никогаш!

Зашто тоа не е ничија земја, туку просто македонска земја, наша татковска земја, земја на рибарите покрај Егеј, на селаните, на рајата, на работниците, на сите македонски луѓе. Во рамките на програмските начела и Статутот на Кружокот, во 1940 година често се распишуваат конкурси на македонски теми, па така се напишани Вапцаровите песни Земја, Крали Марко, Илинденска, незавршената поема Илинден и други, но се земаат и конкретни обврски: Да се прочита се што е напишано за Делчев со белешки, и Да се прочитаат сите книги од Милетич Спомени. Се земаат и обврски секој член да напише определен број стихови и проза (раскази и репортажи) од македонската историја.

Но веројатно најамбициозниот потфат го прават со подготовките за објавување една антологија на македонската книжевност, за која последниот славист - професор на Софискиот универзитет Симеон Русакиев, специјално поканет на заседание на Кружокот, во своите спомени сведочи:

Другарите од Кружокот имаа задача да го разгледаат прашањето за издавањето на една антологија на македонската национална литература. Во таа антологија се проектираше да бидат вклучени литературни творби од времето на Кирил и Методија до нашите дни. Прашањето беше поставено вонредно сериозно и за него се искажаа сите членови на Кружокот, се заврзаа спорови, се искажуваа различни мислења. На тоа заседание Вапцаров направи основно искажување. Тоа што го чув од него, а исто така и од некои други членови на Кружокот ми направи вонредно силен впечаток. Вапцаров зборуваше за македонскиот народ, за неговата ослободителна борба, за неговата национална култура и литература, за неговата иднина... Вапцаров зборуваше спокојно, но со внатрешен немир, со страст, со ретка убедливост, со чувство на патриот-интернационалист. Пребродувајќи го тешкото историско минато на Македонија, тој се озаруваше кога зборуваше за нејзиното ослободување. Во името на светлата иднина тој ја истакнуваше неопходноста за борба против шовинизмот на бугарската и југословенската буржоазија. Во своето искажување за македонскиот јазик тој зборуваше за одамнешната книга на Мисирков што го постави за првпат прашањето за македонскиот јазик, зборуваше за Кирил и Методија, Климент Охридски, попот Богомил, Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчовски, браќата Миладиновци, Григор Прличев и други. Треба да си признаам дека јас не се покажав особено полезен на заседанието на Кружокот. Напротив. Тоа што го чув од присутните и особено од Вапцаров направи коренит прелом во моите филолошки разбирања...

Од тоа време во врска со ова прашање се зачувани (во две верзии) и белешките на Михаил Сматракалев, но тие се однесуваат за зборник од литературни творби на современите македонски писатели (во едната белешка 9, а во другата 12 автори):

  1. Никола Вапцаров (Татковина, Реферат, Земја, Мајка, Крали Марко)
  2. Антон Попов (Струмица, Родна куќа, По бурата, Песна за Струма, репортажата Градот што умира-Мелник)
  3. Коле Неделковски (На кинисување, Ропство, Тишина, Стоан на Ордановци, Скитник)
  4. Коста Рацин (Ленка, Печал, Елегии 3 и 4, На Струга дуќан да имам 7)
  5. Асен Ведров - ?
  6. Кирил Манасиев - ?
  7. Венко Марковски (Република, Жетварите, Месецот, Алтана, од романот Климе)
  8. Ангел Жаров (Песна на моите реки, Туѓина, Ѕвезда, Во летото, Комитска)
  9. Георги Алексиев - ?
  10. Димитар Стефанов (Струма, Поздрав, Македонија, репортажа)
  11. Никола Младенов (Од поемата Бунт, Македонска песна)
  12. Коста Кољаров - ?.

Литература уреди

  1. Македонскиот литературен кружок Софија 1938-1941 Документи, Архив на Македонија, Скопје 1995