„Луди денови“ (хрватски: Ludi dani) — југословенски филм од 1977 година, во режија на Никола Бабиќ, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Звонимир Лепетиќ, Илија Ивезиќ, Спасо Папац, Перица Мартиновиќ, Божидар Бобан, Нико Павловиќ, Хермина Пипиниќ и Марија Секелез. Филмот, кој најпрвин бил снимен како среднометражен, а потоа бил претворен во долгометражен, обработува тема која била актуелна во тоа време — „гастарбајтерите“, т.е. југословенските работници во странство. На фестивалот во Пула, Бабиќ ја освоил наградата на критиката за најдобра режија, додека Лепетиќ ја освоил „Сребрената арена“. Покрај него, одлична глума остварил и Ивезиќ, ликот на Клемпо го игра натуршчикот Спасо Папац, а Мартиновиќ ја остварила својата прва филмска улога.[1]

Содржина уреди

Дејствието на филмот се одвива во едно мало место во Далматинска загора. За време на празниците, во селото се враќаат работниците од Германија (т.н. гастарбајтери), кои се собираат во месната кафеана пиејќи и играјќи комар. Меѓу нив, најмногу со парите се расфрла Јуре (го игра Лепетиќ) кого жителите го сметаат за успешен човек, зашто има голема куќа, нов автомобил, трактор и секогаш е убаво облечен. Играта ја набљудува Клемпо (го игра Папац), а тој е единствениот гастарбајтер кого селаните го сметаат за неуспешен човек, зашто тој живее во трошна куќа и нема автомобил така што сите му се потсмеваат. Јуре губи многу пари и, изнервиран, почнува да го навредува Клемпо, кој тогаш му предлага да се обложат дека има повеќе пари од него. Тие ги дефинираат условите на облогот, се потпишуваат и одат во домот на Јуре, каде еден од присутните пресметува колку банкноти се потребни за да се обложи куќата на Јуре. Потоа, сите селани одат во домот на Клемпо кој во душекот крие многу пари и сите се изненадени од глетката. Јуре признава дека го изгубил облогот и мора да се соблече гол, но во последниот миг Клемпо го кине листот со нивните потписи така што Јуре е спасен од срамот. Потиштен, тој оди во кафеаната каде се опива, а надвор го чекаат селаните. Подоцна, тој дознава дека пресметката на површината на куќата била погрешна, а тоа значи дека Јуре не го изгубил облогот. Бесен, тој го напаѓа човекот задолжен за пресметката, а потоа му се фали дека бил првиот кој водел љубов со неговата сопруга. Тогаш, неговиот соселанец ја зема пушката и го убива Јуре. На закопот во последен миг пристига кумот на Јуре, кој му ја свири омилената песна.

Наводи уреди