Линебург (службено наречен Ханзин град Линебург; германски: Lüneburg или Hansestadt Lüneburg; долногермански: Lümborg; полапски: Glain) — град во истоимениот округ, во сојузната покраина Долна Саксонија, Германија. Градот се наоѓа на реката Илменау, околу 50 километри југоисточно од Хамбург, на работ на Линебуршкото Поле и припаѓа на метрополитенската област Хамбург. Линебург се наоѓа на само 15 километри јужно од границата со Шлезвиг-Холштајн и Мекленбург-Западна Померанија.

Линебург

Lüneburg

Градското собрание на Линебург
Градското собрание на Линебург
Градското собрание на Линебург
Грб на Линебург
Линебург во рамките на Германија
Линебург
Управа
Земја Германија
Покраина Долна Саксонија
Округ Линебург
Градски единици 17 окрузи
Градоначалник Улрих Медге (СДП)
Основни податоци
Површина 70,34 км2
Надм. височина 17 м
Население 75.301 (31 декември 2020)[1]
 - Густина 1.071 жит/км2
Други информации
Часовен појас CET/CEST (UTC+1/+2)
Рег. табл. LG
Пошт. бр. 21335–21337–21339
Повик. бр. 04131
Портал www.hansestadtlueneburg.de
Местоположба на градот Линебург во рамките на округот Линебург
Карта
Карта
Координати 53°15′9″N 10°24′52″E / 53.25250° СГШ; 10.41444° ИГД / 53.25250; 10.41444

Градот претставува административно седиште на истоимениот округ и има околу 77.500 жители.[2] Поширокото градско подрачје ги опфаќа и општините Адендорф, Бардовик, Барендорф и Репенштет, со што вкупното население во оваа агломерација е околу 126.000 жители.

Линебург ја додал титулата „Ханзин град“ во своето име во 2007 година, како признание за своето членство во поранешниот сојуз Ханза. Во градот се наоѓа Универзитетот Лојфана.

Географија уреди

Местоположба уреди

 
Градски план од 1910 година

Линебург се наоѓа во долниот тек на реката Илменау, околу 30 километри од вливот во Елба. Јужно од градот се протега Линебуршкото Поле, кое има површина од 7.400 км², кое настанало од преголема искористеност на пасиштата и сеча и пожари на дрвјата. Често цитираната изјава дека полето е настаното поради работата на соланата во Линебург е историски непотврдено. Поверојатно е дека започнало со доселувањето на првите луѓе во бронзеното доба. Стариот град на Линебург се наоѓа на солна купола, од каде дошло богатството на градот.

Историски единици уреди

 
Шахта со симбол за мотото „Монс, Понс, Фонс“

Мотото „Монс, Понс, Фонс“ (од латински „планина, мост, извор“) го карактеризирале развојот на градот од VIII век, кој започнал од три, подоцна четири, различни населби. Овие биле Калкберг со блиската населба Маркт, селото Модесторпе помеѓу мостот над Илменау и големиот плоштад Ам Занде (четвртта Занд), како и соланата со утврдената населба Зилц. Дури во XIII век започнала да се гради пристанишната населба, Васерфиртел, помеѓу главниот плоштад и Илменау. Оваа состојба на градот останала до проширувањето, кое се случило во XIX и уште е јасно видлива. Шесте историски градски порти на Линебург биле Алтенбрик, Бардовик, Роте, Зилц, Лин и Ноје.

Градски единици уреди

Линебург е составен од следниве градски единици: Алтштат, Бокелсберг, Гозебург-Целтберг, Калтенмор, Крајдеберг, Лине-Морфелд, Мителфелд, Ној Хаген, Ротес Фелд, Шиценплац, Вестштат и Вилшенбрух, како и местата Ебенсберг, Хеклинген, Охтмисен, Едеме и Ретмер.

Тонење во градот уреди

 
Областа на тонење во Линебург, улицата „Ауд дем Мере“

Една особеност за историскиот дел на градот помеѓу линебуршката солана и Калкберг е дека куќите се изградени над солна купола, која била копана скоро до самата површина. По интензивирањето на работите од средината на XIX век, тонењето во градот е околу 3-5 сантиметри на година (денес до 3 милиметри). Куќите и црквите во овој дел на градот ја губеле својата статичност и морале да бидат рушени (црквата „Св. Богородица“ во 1818 година, а црквата „Св. Ламберт“ во 1861 година). Тонењето, но пред сѐ нерентабилното работење, биле причина за затворање на соланата во 1980 година. Денес, само мали количини се копаат за бањски потреби на солените бањи Линебург. Поранешната солана денес е дом на германскиот музеј за сол и еден супермаркет.

На 240 мерни точки било мерено тонењето од 1946 година на секои две години. Тонењето не е целосно завршено, но е возможно да се гради, па така некои историски градби биле обновени. Тонењето е видливо и денес за посетителите.

Клима уреди

Клима на Линебург
Показател Јан Фев Мар Апр Мај Јун Јул Авг Сеп Окт Ное Дек Годишно
Просечна максимална (°C) 2,8 4,0 9,2 15,1 19,3 22,0 24,4 23,3 19,5 13,5 8,2 4,7 13,9
Просечна температура (°C) 0,7 1,1 4,7 9,2 13,2 16,0 18,5 17,6 14,2 9,7 5,6 2,6 9,5
Просечна минимална (°C) −1,7 −1,6 0,6 3,9 7,6 10,4 13,3 12,6 9,9 6,3 3,1 0,3 5,4
Просечно кол. врнежи (мм) 63 40 44 36 51 68 81 73 47 60 54 66 683
Врнежливи денови (≥ 2,0 мм) 19 16 13 13 15 15 17 18 15 18 17 22 198
Извор: Германска временска служба[3]

Историја уреди

Праисторија уреди

Првите знаци на човечко присуство во областа на денешниот град потекнуваат од времето на неандерталците: 56 секири, кои се проценуваат дека се стари 150.000 години, биле откриени при изградба на пат во 1990-тите години помеѓу Охтмисен и Бардовик. Местото на откритието кај Охтмисен веројатно била ловечко средиште на неандерталците, каде ловџиите ги чистеле и сечеле животните. Меѓутоа, областа скоро сигурно не било постојано населена, најмногу поради леденото доба.

Првото археолошко откритие за постојана земјоделска активноста била пронајдена во близина на ловечкото средиште на неандерталците, во реката Илменау помеѓу Лине и Бардовик. Била пронајдена секира во облик на чевел, која потекнува од VI век п.н.е. и која денес е во збирката на линебуршкиот музеј.

Од бронзеното доба, на ридот Целтберг биле ископани поголем број праисториски и рано историски гробови од страна на луѓе кои живееле во областа на денешниот град Линебург. Едно од најстарите пронајдоци на местото е т.н. уњетичка секира (Aunjetitzer Randleistenbeil), која потекнува од 1900 година п.н.е. Областа околу градот, исто така, поседува бројни урни од последното ледено доба, кои биле пронајдени во XVIII век. Меѓутоа, овие откритија, како и оние од линебуршки Калкберг биле чувани во приватни збирки од образовани луѓе од тоа време, но со мали исклучоци биле изгубени кога починале.

Исто така, вредни за споменување се и лангобардските гробови на линебуршки Целтберг и Едеме од првите векови од нашата ера. Во средниот век биле направени неколку откритија на местото на градот, на пример на местото на старото село Модесторпе недалеку од црквата „Св. Јован“ (Johanniskirche), на плоштадот Ламберт близу соланата и во поранешниот Васерфиртел.

Древниот град означен како Леуфана или Лојфана (грчки: Λευφάνα) од страна на грчкиот географ Птоломеј во северниот дел на Германија на запад од Елба, може да се поврзе со денешниот град Линебург.

Од село до трговски град уреди

 
Првото потврдено спомнување на Линебург и соланата во 956 година

Линебург бил првпат споменат во средновековните документи во декрет потпишан на 13 август 956 година, во кој кралот Отон I го додалил „данокот од Линебург на манастирот изграден во чест на Св. Михаил“.[4] Постаро споменување на местото во франкските царски анали од 795 година наведува: ...ad fluvium Albim pervenit ad locum, qui dicitur Hliuni односно „на реката Елба, на место, кое е наречено Хлиуни“, што се однесува на едно од трите населби на Линебург; веројатно замокот на Калкберг било седиште на благородниците од Билунгер од 951 година. Елпско-германското име Хлиуни доаѓа од лангобардскиот збор за „место за бегство“.

Од археолошките пронајдоци, јасно е дека областа околу Линебург веќе била населена во ова време (во музејот на Кнежевството Линебург, на пример, постои голем број на артефакти пронајдени тука), а соланата веќе работела.

 
Изворите Луна на плоштадот

Според предание, солта била првпат откриена од ловец кој набљудувал дива свиња како се бања во вир, при што ја застрелал и убил и го закачил крзното да се исуши. Кога се исушило открил бели кристали во влакната - сол. Подоцна се вратил на местото и го нашол базенот со сол, каде се случило првото производство на сол. Во Градското собрание во стаклено ѕвоно се наоѓа коска; преданието кажува дека тоа е зачувана коска од дивата свиња. Подоцна, била основана линебуршката солана која работела со векови.

И покрај постоењето на соланата, Линебург првобитно бил подреден на градот Бардовик, сместен неколку километри на север. Бардовик бил постар и поважно трговско место за Словените. Богатството на Бардовик - имал седум цркви - било засновано на фактот дека немало ниедно други трговско место. Единствено кога Бардовик одбил да се потчини на Хајнрих Лавот бил уништен од негова страна во 1189 година. Со тоа, Линебург добил градски права (Stadtrechte) и се развил во средишно трговско место во областа, на местото на Бардовик.

Полапското име за Линебург е „Глаин“ (Glain), што веројатно потекнува од словенскиот збор „глина“. Во латинските тектови, Линебург покрај латинизираното име Лунабургум (Lunaburgum), се појавувал и како Селенополис (Selenopolis, „град на месечината“), бидејќи градот се поврзувал со божицата на месечината Луна. Монети од тоа време и изворите Луна на главниот плоштад го носат овој мотив.

Ханза уреди

 
Една од најраните графики на Линебург, околу 1445 година
 
Поглед на мостот Браузе

Како последица на монополот кој Линебург го имал долги години како произведувач на сол во Северна Германија, кој му бил нарушен дури со францускиот увоз, многу брзо станал член на Ханзата. Сојузот Ханза бил создаден во 1158 година во Либек, првично како сојуз на поединечни трговци, но во 1356 година станал сојуз на трговски градови (што се случило на првиот општ состанок или Ханзетаг). Солта на Линебург била потребна за засолување на харингата уловена во Балтичкото Море и во водите околу Норвешка, како би можела да биде конзервирана за да се пренесе на копното во периоди на постење, кога рибата била дозволена.

Голема улога одиграл Сконскиот пазар во Сканија, Шведска, кој бил голем рибен пазар за харинги и еден од најважните трговски средишта во Северна Европа во средниот век. Солта на Линебург имала голема побарувачка и градот брзо станал еден од најважните и најбогатите членови на Ханзата, заедно со Берген и Висби (производители на риба) и Либек (средишното трговско место помеѓу Балтикот и внатрешноста). Во средниот век, солта првично била пренесувана преку Стариот пат на солта до Либек. Со отворање на Каналот Штекниц во 1398 година, солта можела да биде пренесува со бродови со складиштата во Либек.

Околу 1235 година се создало Војводството Брауншвајг-Линебург, кое било владеено од семејство чии благороднички линии постојано се делеле и обединувале. Поради тоа постојано се појавувале помали држави, кое обично имале статус на кнежевство и вообичаено биле именувани од местоположбата на војводското седиште. Така, помеѓу 1267 и 1269 година било создадено Кнежевство Линебург по првпат и Линебург бил седиште на резиденцијата. Во 1371 година, во бранот на линебуршката војна за наследство, граѓаните ги исфрлиле кнезовите од градот и го уништиле замокот на Калкберг, заедно со блискиот манастир. Договорот за мир во 1392 година го опфатил нивното барање градот да стане слободен царски град, статус кој го имал до 1637 година. Така, парите останувале во градот, што овозможило градба на убави куќи и цркви.

Во 1392 година, Линебург добил право на складирање. Ова значело дека трговците, кои патувале низ областа можеле да застанат во градот, да ја растоварат стоката и да ја понудат за продажба во одреден период. За да не може трговците да одат околу Линебург била изградена непробојно одбранбена линија западно од градот во 1397 година; слична линија била подигната источно од градот во 1479 година.

Конфликтот помеѓу Градскиот совет и сопствениците на соланата предизвикал криза во градот од 1446 до 1462 година. Ова не било војна во вистинска смисла на зборот, туку раздор помеѓу Градскиот совет и оние членови на благородништвото кои биле сопственици на соланата. Не бил разрешен до вклучувањето на данскиот крал Кристијан I, бискупот на Шверин и бискупот на Либек, Арнолд Вестфал.

Во 1454 година, граѓаните барале поголемо влијание над јавниот живот.

Од крајот на 2007 година, Линебург повторно ја носи титулата Ханзин град.

Ново време уреди

Реформацијата уреди

 
Линебург (Lvneborch) во 1598 година. Поглед од север. Добро се познава Ам Занде и црквата „Св. Јован“ на исток. Позападно се наоѓа срушената црква „Св. Ламберт“ во 1861 година

Во време на реформацијата, градот се свртел кон протестантството, која особено ја промовирал војводата Ернст I од Брауншвајг-Линебург.

Најстара трага од реформаторското движење потекнува од петицијата на 25 март 1525 година до Елизабет фон Гелдерн (ќерка на Хајнрих I од Брауншвајг-Линебург) на протераниот граѓанин Јохан Функе, кој морал да го напушти градот, бидејќи тој пеел други германски псалми и како и други, читал духовни и секуларни лутерански списи. Во тоа време, градот сѐ уште бил поврзан со старите католички верувања. Следеле немирни години во кои следбениците на Римокатоличката црква и следбениците на Мартин Лутер се натпреварувале едни со други.

Сепак, ова се сменило во 1529 и 1530 година, кога Урбан Региус бил повикан во градот како реформатор, каде пристигнал во пролетта 1531 година и по барање на граѓаните изработил нови училишни и црковни прописи. Региус повторно се вратил во Целе, но продолжил да патува во Линебург до 1534 година, за да ја воспостави реформацијата, што било потврдено со потпишувањето на лутеранската Конкордска формула од 1577 година од страна на градоначалникот и потврдена од Градскиот совет во 1580 година.[5]

Следувал период на голем стопанско и културен просперитет за Линебург, кој не бил никогаш претходно достигнат и кој исто така нема да биде повторно достигнат во следните два и пол века.

Во тоа време, градот се развивал со бројни градби како ѕидини, порти и кули, со убави улици и плоштадот, сликовити цркви (меѓу нив најистакнатата црква „Св. Михаил“), болници, Градското собрание со шест кули и својот вински подрум, Кнежевската куќа, солените извори, пристаништето и водениците. Во градот владеела општа благосостојба.[6]

Со падот на Ханзата - и отсуството на харингите околу 1560 година околу Фалстербро во Сканија – си заминале најголемите купувачи на солта од градот; градот брзо станал осиромашен. Во годините што следеле дошло до стагнација и одвај да се градела некоја нова куќа.

Триесетгодишна војна уреди

 
Линебург во 1682 година

Триесетгодишната војна првин стигнала во градот во 1623 година, кога низ него поминале повеќе трупи. Советот ги обезбедил бедемите и портите, складирал дополнителни животни намирници и ги поправил градските бедеми. Биле ангажирани воени команданти и други членови. Во 1625/1626 преминот на трупи се зголемил, но градот бил поштеден, за разлика од руралните области.

Првата епидемија на чума се појавила во 1624 година, но поминала благо, додека друга се појавила кон крајот на 1625 година и траела до 1626 година. За време на најсилниот период во 1626 година, највисокиот број на мртви на ден изнесувал 50 лица. Бројот на мртви во сите три години изнесувал 6.000, скоро половина од бројот на население на Линебург, иако треба да се напомене дека многумина се преселиле од градот во околината.

И покрај воените маршеви како оние во 1627 година на генералот Тили, Линебург останал поштеден, но морал во периодот 1628-1629 да плати 33.600 рајхсталери воена контрибуција. Истовремено, опаднале приходите од пивтија и се намалиле акцизите од пиво, поради што градската управа забележала најниско ниво на приходи.

Градскиот совет ги отфрлил барањата на војводата Георг фон Брауншвајг и Линебург-Каленберг во 1631 година да изгради гарнизон и на шведскиот генерал Тот за избегнување на окупацијата. Уште во 1635 година се ослободил од шведската окупација откако платил 10.000 рајхсталери преку генералот Банер, кој во следната година повторно го обиколил градот со трупи и сакал да го освои. По првичниот отпор, градот се предал и бил принуден да ги исполни тешките услови. Така, морал на пример место пљачка на војниците на Линебург да ја замени со плаќање на 34.000 рајхсталери. За да се собере оваа голема сума, морале над 200 парчиња сребрени монети да се претворат во злато. Бидејќи продажбата се случила во неповолни времиња се изгубиле околу 5.000 рајхсталери од вредноста.[7]

Воедно, од почетокот на Триесетгодишната војна растеле внатрешни расправии во советот и во самите ѕидни, каде горната класа станувала послаба, додека занаетчиите и обичните граѓани барале поголемо влијание кон советот. Помеѓу Советот и граѓаните стоеле старите кавги од различни причини. Советот се состоел од горната класа и не било непосредно избиран.

Кога главните шведски трупи конечно го напуштиле градот, оставиле само неколку војници за заштита на градот. Истовремено, царските, саксонските и бранденбуршките трупи доаѓале кон градот. Кога ситуацијата станала заканувачка во август 1637 година, очајните граѓани ги отвориле портите на Линебург за да се избегне непријателско преземање и подметнување пожар.

Линебург никогаш не бил вистински слободен царски град, иако всушност го поседувал тој статус, но скоро секогаш бил во посед на војводите од Брауншвајг-Линебург. На 3 септември 1637 година, војводата влегол во градот, кој му бил предаден од шведскиот полковник без борба.

Во декември 1637 година, војводата го укинал патрицискиот совет. Сепак, новиот совет не се покажал ефикасен, поради што граѓаните повторно побарале создавање на патрицискиот совет. Следеле преговори помеѓу градоначалниците и советот на Линебург на една страна и кнежевството на друга, кога во мај 1639 година војводата Георг фон Брауншвајг-Линебург ја презел целосно својата моќ.

Градоначалникот и членовите на советот, стари и нови, сите еснафи и граѓаните морале да ги почитуваат кнезовите на Брауншвајг-Линебург како подредени и послушни. Промената на моќ во корист на кнежевството станала јасна со поставување на Градски гувернер и 75 подредени. Сите кули на градските бедеми кои го покривале погледот од Калкберг на Линебург морале да бидат срушени.[8] Занаетчиите биле примени во Советот, но сепак богатите семејства ја имале половина од местата и можеле да ги постават првите двајца градоначалници.[9]

Линебург претрпел загуба на својата слобода и засекогаш била скршена надмоќта на поранешните патриции, што сѐ уште се огледува во градбите во градот, кои биле градени до 1620 година од страна на тие семејства. Покрај тоа, градот бил високо задолжен, така што во 1682 година требало да се покачат даноците.

XIX и XX век уреди

 
Линебург во 1895 година - поглед од Калкберг кон исток

Во 1810 година, Линебург бил анектиран од страна на Франција и започнал т.н. француски период. По поразот на Французите во Русија, во март 1813 година започнало општо востание во Северна Германија, па Линебург ги избркал Французите од градот. Резултатот бил Битката кај Линебург на 2 април 1813 година.

Хајнрих Хајне, чии родители живееле во Линебург во денешната куќа „Хајнрих Хајне“, кој тој ја нарекол „резиденција на здодевноста“. Кон крајот на XIX век, Линебург станал гарнизонски град, каков што останал до 1990-тите години.

Во 1894 година била отворена синагогата во градот за потребите на 200 Евреи од Линебург. Евреите биле активно вклучени во стопанскиот и културниот развој на градот.

По преземањето на моќта од страна на Адолф Хитлер, сите Евреи биле бојкотирани во јавниот живот. Евреите биле протерани, депортирани во концентрациски логори и убиени. Во Линебург се поставени 26 спомен-камења во чест на жртвите од тоа време. Градските рути водат низ некои од поранешните места на жртвите, како и места кои имале улога во време на националсоцијализмот.

Во детското одделение на Линебуршката психијатриска болница се сомнева дека биле убиени над 300 деца во текот на Втората светска војна како дел од официјалната програма за „евтаназија на деца“.[10]

Воздушните напади на градот предизвикале релативно мала штета. Ноќта помеѓу 12 и 13 август 1941 година првпат паднале бомби на Линебург, при што во градскиот дел Им Грим биле оштетени куќи и две лице се здобиле со повреди.[11] На 2 април 1944 година паднале повеќе бомби низ Линебург, при што повеќе лица биле усмртени, а повеќе куќи оштетени.[12] Спомен-обележје близу зоолошката градина дава почит на масовниот гроб на 256 лица, чиј транспорт од концентрацискиот камп Нојенгаме кон Вилхелмсхафен бил бомбардиран на 7 април 1945 година. Исто така, тука се наоѓаат и жртви од 11 април 1945 година. До 80 повредени и ослабени, но живи затвореници, кои не требало да бидат превезувани, биле застрелани од војници. На 18 април 1944 година, воздушната база била нападната од 30 авиони и била значително оштетена.[13] Во текот на војната вкупно 43 куќи биле целосно уништени.[14] Вкупно 270 станови биле неупотребливи, што претставува 2,6% од сите живеалишта во градот.[15] Биле отстранети вкупно 11.200 м³ шут.[16]

Вечерта на 4 мај 1945 година, овластена делегација на Фленсбуршката влада јужно од Линебург на ридот Тимелоберг (близу селото Вендиш Еверн) потпишала делумно предавање на германските трупи во Северна Германија, Данска, Норвешка и северниот дел на Холандија во присуство на британскиот генерал Бернард Монтгомери, со што борбите завршиле.[17][18] Местото е ограничено за посета на општата јавност, бидејќи претставува воена зона; помал споменик е поставен на патот кон ридот за потсетување на капитулацијата. Кратко потоа следела безусловната капитулација на Вермахтот. На 23 мај 1945 година, главниот заповедник на паравоената единица СС, Хајнрих Химлер, во британско заробеништво во Линебург извршил самоубиство со гризење на капсула цијанид. Подоцна бил закопан на необележана локација во блиската шума.

Повоен период уреди

 
Воздушен поглед на стариот град
 
Воздушен поглед на стариот град

Дури и пред нирнбершките процеси, првите судења за воени злосторства започнале во Линебург на 17 септември 1945 година против 45 поранешни од СС, кои биле службеници и раководители на концентрациските кампови Берген-Белзен и Аушвиц. Овие судења биле наречени белзенски процес.

Влошувањето на градбите по Втората светска војна довеле до разни планови за подобрување на станбените услови. Еден предлог кој бил сериозно дискутиран бил целиот Стар град да се сруши и да се замени со современи градби. Преку граѓански протест Линебург станал главна точка на новиот концепт: заштита на културното наследство. Од раните 1970-ти години, градот бил систематски реставриран. Водечка фигура во оваа иницијатива од крајот на 1960-тите години бил Курт Помп: застанал против противењето на политичарите и градската управа со својата работна група „Стар град“ (Arbeitskreis Lüneburger Altstadt) за заштита на историските градби. Неговиот ангажман бил награден со германската награда за заштита на културното наследство и германскиот орден на заслуга. Денес, Линебург е туристичко одредиште како последица на обновата и важен сектор од стопанството зависи од туризмот.

Во рамки на реформата на војската од 1990 година, две од трите касарни во градот биле затворени, а преостаната била намалена. Дополнително, граничната касарна била укината, која делумно била користена од покраинската гранична полиција на Долна Саксонија. На подрачјето на поранешната гранична касарна се протега парк со нов комерцијален простор. Таму се населиле бројни фирми од областа на информатичката технологија. Во близина на паркот во мај 2006 година бил отворен за сообраќај мостот „Јоханес Вестфал“. Мостот ги поврзувал новиот парк со градскиот дел Гозебург преку Илменау.

Линебуршкиот универзитет „Лојфана“ се преместил на просторот на касарната Шарнхорст. Универзитетот настанал од Вишата педагошка школа, која се споила во 1978 година со самостојните студии по економија и културни студии. Од мај 1989 година официјално е познат како Линебуршки универзитет. Од неговото преселување на просторот на поранешната касарна, Универзитетот привлекол повеќе студенти. Проширувањето на универзитетот одиграл важна улога на градот на услужен центар.

Со општинската реформа од 1972 година, Линебург го загубил статусот на слободен град и бил припоен кон округот Линебург. На 5 октомври 2007 година, градот официјално бил наречен Ханзин град Линебург и со тоа покрај Штеде станал втор град на Ханзата во Долна Саксонија.[19]

На 23 септември 2008 година, градот ја добил титулата „место на различноста“ од страна на сојузната влада.

Припојувања уреди

  • 1943: Хаген и Лине
  • 1974 (1 март):[20] Хеклинген, Охтмисен, Едеме и Ретмер, како и малите места Алт-Хаген и Пфлегер/Гут Винебител
  • 1974 (1 април):[20] Малите места Ебенсберг и Олм од општината Адендорф

Развој на населението уреди

Линебург веќе во доцниот среден век имал 14.000 жители и на почетокот на новото време припаѓал на големите градови. Населението се намалило со стопанскиот пад во 1757 година на 9.400 жители, за во 1813 година да се искачи на 10.400 жители. Со почетокот на индустријализацијата во XIX век, растот на населението се засилил. Ако во 1855 година во градот имало 13.000 жители, во 1939 година имало одвај малку повеќе, 35.000. Кратко по Втората светска војна, бегалци и раселени лица од источните територии на Германија довеле до раст на населението во само неколку месеци од околу 18.000 лица, поради што градот имал 53.000 жители во декември 1945 година. Во 2003 година бил надминат бројот од 70.000 жители по првпат. Градот Линебург, како и истоимениот округ и соседниот округ Харбург, припаѓаат на неколку слични области во Германија, кои доживеале ваков сличен раст на населението. Причините за ова го вклучуваат и растот на населението во областите околу метрополитенската област Хамбург и подоцнежната смена на луѓе во тие области. Долносаксонската статистичка служба прогнозира дека градот Линебург во 2021 година ќе има 89.484 жители.

На 31 декември 2015 година, според статистичката служба, официјалните податоци покажувале дека во Линебург живеат 74.072 жители (оние кои имале живеалиште во градот), што било историско највисоко ниво. Дополнително, Линебург заедно со тесните врски со непосредните општини околу него создава агломерација. Градот, заедно со местата Адендорф, Бардовик, Дојч Еверн и Репенштет, како и Фегелзен и Вендиш Еверн, има вкупно население од 108.000 и заедно со овие места има доволно жители за да биде голем град. Моментално, Линебург е 11. најголем град во Долна Саксонија.

Следниот преглед го покажува бројот на население според сегашното општинско подрачје. До 1813 година се засновува на проценки, потоа на резултати од пописите (1) или службени податоци од статистичката служба.[21]

Година Жители
1530 14.000
1699 11.000
1757 9.426
1813 10.400
3 декември 1855 * 13.352
3 декември 1861 * 14.400
3 декември 1864 * 15.700
3 декември 1867 * 15.900
1 декември 1871 * 16.284
1 декември 1875 * 17.500
1 декември 1880 * 19.100
1 декември 1885 * 19.336
1 декември 1890 * 20.665
2 декември 1895 * 22.309
1 декември 1900 * 24.693
1 декември 1905 * 26.571
Година Жители
1 декември 1910 * 27.790
1 декември 1916 * 23.799
5 декември 1917 * 23.282
8 октомври 1919 * 27.579
16 јуни 1925 * 28.923
16 јуни 1933 * 31.171
17 мај 1939 * 35.239
31 декември 1945 53.095
29 октомври 1946 * 49.169
13 септември 1950 * 58.139
25 септември 1956 * 56.845
6 јуни 1961 * 59.563
31 декември 1965 60.269
27 мај 1970 * 59.516
31 декември 1975 64.586
31 декември 1980 62.225
Година Жители
31 декември 1985 59.645
25 мај 1987 * 59.543
31 декември 1990 64.857
31 декември 1991 65.586
31 декември 1992 66.054
31 декември 1993 65.525
31 декември 1994 65.926
31 декември 1997 67.372
31 декември 1998 67.920
31 декември 1999 68.554
31 декември 2000 69.413
31 декември 2001 70.395
31 декември 2002 70.503
31 декември 2003 69.718
31 декември 2004 70.128
31 декември 2005 70.667
Година Жители
31 декември 2006 70.931
31 декември 2007 71.119
31 декември 2008 71.179
31 декември 2009 71.303
31 декември 2010 71.549
31 декември 2011 72.040
31 декември 2012 72.572
31 декември 2013 73.149
31 декември 2014 72.546
31 декември 2015 74.100
31 декември 2016 76.164
31 декември 2017 77.143
31 декември 2018 77.539
31 декември 2019 78.024

*Резултати од попис

Политика уреди

Градот Линебург припаѓа на покраинскиот круг бр. 49 Линебург и на сојузниот круг бр. 38 Лихов-Даненберг - Линебург.[22][23]

Градски совет уреди

Градскиот совет се состои од 42 избрани членови и градоначалникот.[24] По општинските избори во 2016 година, распределбата на местата е следна:[25]

Година SPD CDU Зелени Левица FDP AfD Вкупно
2016 14 9 9 4 2 4 42

Градоначалник уреди

Пред Втората светска војна, градоначалникот бил на чело на градската управа. Со воведувањето на советите во британската окупациска зона дошло до поделба на власта: доброволен градоначалник и претседавач на Градскиот совет бил политичар, кој како и сите членови на Градскиот совет бил избиран, додека управата била предводена од градски директор, кој бил избиран од Градскиот совет. Со општинската реформа од 1996 година, обете функции повторно биле споени, па така градоначалникот денес се избира од граѓаните.

  • 1901–1919: Георг Кениг
  • 1945: Ханс Драпе[26]
  • 1945–1946: Вернер Бокелман, SPD
  • 1946–1949: Ернст Брауне, SPD
  • 1949–1951: Паул Милер, DP
  • 1951–1952: Ерик Дикман, DP
  • 1952–1954: Петер Графенхорст, DP
  • 1954–1955: Рајнхолд Крајтмајер, FDP
  • 1955–1958: Петер Графенхорст, DP
  • 1958–1961: Вилхелм Хилмер, SPD
  • 1961–1964: Ерих Дренкхан, CDU
  • 1964–1978: Алфред Требхен, SPD
  • 1978–1981: Хајнц Шлавацки, SPD
  • 1981–1987: Хорст Никел, CDU
  • 1987–1991: Јенс Шрајбер, CDU
  • seit 1991: Улрих Медге, SPD

Покрај самиот градоначалник постојат и почесни началници, избирани од самиот Совет, кои му помагаат на градоначалникот во одредени протоколарни работи. Моментални началници се Едуард Коле (SPD), Улрих Леб (Зелени) и Кристел Јон (CDU).

Градски директори уреди

Во 1946 година, британската окупациска зона донела општински промени и се вовела функцијата градски директор.

  • 1946–1955: Вернер Бокелман, SPD
  • 1955–1963: Валтер Бетхер, FDP
  • 1963–1984: Ханс Хајнрих Стелјес, независен
  • 1984–1996: Рајнер Фаулхабер, CDU

Од 1996 година, оваа функција е споена со градоначалничката.

Збратимени градови уреди

И покрај средната големина на Линебург има многу партнерства со други градови. Во јуни 2000 година се сретнале претставници од сите збратимени градови во Линебург и околината.

Линебург бил збратимен со следниве градови:[27]

Дополнително, постојат партнерства со германските градови Кулмбах и Кетен.

Култура и знаменитости уреди

Театар уреди

 
Театар Линебург

Линебуршкиот театар (Theater Lüneburg) — еден од најмалите театри во Германија со три сцени. Не се изведуваат само претстави од сите жанрови, туку и опери, оперети, мјузикли и балет.

Дополнително, Линебург поседува бројни аматерски сцени, кои изведуваат редовни претстави. Една од првите вакви сцени е „поинаков театар“ (d.a.t. – das andere theater), која била основана во 1978 година. Денешната разновидност на аматерските театри ја има само во поголемите градови како Хамбург или Хановер. Мал избор на вакви театри се (подредени по годината на основање):

  • долногерманска бина Зилфмајстер
  • мал театар Келер
  • аматерски театар Рампенлихт
  • Театар Спотлајт
  • театар им е.новум: приватен театар
  • културен форум Дворец Винебител

Музеи уреди

 
Германскиот музеј за сол

Стариот дел на градот е еден вид отворен музеј (Ротенбург на Северот), но може да се дополнително да се доживее преку музеите. Најважни музеи се Германскиот музеј за сол сместен во зградите на поранешната солана, во кој се претставува значењето на солта во средниот век и е прикажано вадењето на солта, како и Источнопрускиот покраински музеј, во кој е прикажана културата и историјата на Источна Прусија, како и на Германскиот Балтик. Во непосредна близина се наоѓа Пивскиот музеј, кој ја прикажува историјата на пиварниците во Линебург, а самиот музеј е сместен во дел од пиварницата Кронен. Во Градскиот музеј е прикажана историјата на градот и околината. Современата уметност е претставена во Хала за уметност Линебург.[28]

Градби уреди

 
Калкански куќи на плоштадот „Ам Занде“
 
Куќи во Линебург

Линебург е еден од малкуте градови во Северна Германија, чие историско јадро не било уништено во текот на Втората светска војна. Сепак, општата негрижа на градбите до 1960-тите години и штетите во областа на тонењето довеле до празнини во историската архитектура на градот. Дополнително, рушењето на градби во 1950-тите и 1960-тите години и изградба на трговски центри со тогашен современ дизајн го нарушиле историскиот изглед на градот. Меѓутоа, од почетокот на 1970-тите години Линебург бил грижливо обновуван. При обновата биле откриени скриени фрески, средновековни работилници за керамика и многу историски потоци, кои довеле до подобра слика за животот во градот во текот на средниот век.

Особено вредни градби се трите преостанати градски цркви „Св. Јован ам Занде“ (почеток на градба во 1289 г., завршена 1470 г.), „Св. Михаил“, во која Јован Себастијан Бах бил член на хорот од 1700 до 1702 година и „Св. Никола“, која била изградена во 1407 година. Црквата „Св. Ламберт“ морала да биде срушена во 1861 година поради нарушената статика, бидејќи се наоѓала во областа на тонење. Нејзините ѕвона од 1712 година и часовникот се наоѓаат во училиштето на Светиот Дух.

Една од најистакнатите градби во Северна Германија е историското Градско собрание на Линебург со својата позната сала, која била дизајнирана од непознат мајстор. Било започнато во 1230 година и низ вековите било проширувано и важи за најголемо средновековно Градско собрание во Северна Германија. Во кулата на Градското собрание се наоѓаат 42 порцелански ѕвона. Пред самото собрание се наоѓаат изворите Луна (Lunabrunnen), каде се наоѓа бронзена скулптура на божицата на месечината со лак и стрела; првобитната скулптура од 1532 година била украдена во 1970 година, поради што денешната скулптура е реплика од 1972 година. Исто така, на плоштадот се наоѓа поранешниот Линебуршки замок на војводите на Брауншвајг-Линебург, кој служел како суд од 1925 година. Интересни се и Глокенхаус (стара оружарница) на Глокенхоф и старата аптека од 1598 година.

Во областа на старото пристаниште може уште да се види барокната фасада на старата стоковна куќа (Altes Kaufhaus), чии делови биле опожарени и била заменета со една современа градба, која денес се користи како хотел, а до 2007 година била дом на противпожарната бригада. Во пристаништето се наоѓа и стариот кран (Alter Kran), дрвена средновековна речна конструкција на кран, кој е уште во функција, и поседува две големи тркала, кои му овозможуваат на кабелот на кранот да се подигне и спушти.

Не постојат траги од истоимениот Линебург на Калкберг. На јужниот дел на градот се наоѓа Водокулата Линебург, која денес служи само како кула за набљудување. Пред портите на стариот град се наоѓал манастирот Лине, поранешен бенедиктански манастир. Бил изграден во 1152 година и е добро обновен.

Во 2017 година била отворена средишната градба на Линебуршкиот универзитет, проектирана од Даниел Либескинд. Оваа сала се користи и како Градска сала. Почетокот на изградбата започнала на 8 мај 2011 година и градбата висока 37 метри била завршена за 7 години. Првично, новата градба требало да биде пуштена во употреба за Велигден 2014 година.

Околу два километри западно од Линебург, во местата Репенштет и Фегелзен, се наоѓаат зачувани делови од средновековната одбрана на Линебург..

Спорт уреди

Во Линебург се одиграл еден од првите фудбалски натпревари во Германија, на 28 август 1875 година. Во статија на англиски неделник објавена на 4 септември 1875 година биле објавени имињата на сите играчи.[29] Подоцна, бил основан и клуб на Јоханојм, но набрзо пропаднал.

  • Линебургер СК Ханза настапува во четвртата регионална лига Север
  • МТВ Тројбунд Линебург со 6000 членови е најголемото спортско друштво во областа. Фудбалската екипа настапува во шестата покраинска лига.
  • СВ Ајнтрахт Линебург настапува во шестата покраинска лига.
  • ВфЛ Линебург настапува во шестата покраинска лига.
  • СВГ Линебург е одбојкарски клуб, чија машка екипа од 2009 до 2014 година настапувала во Втората лига, а од 2014 година во Првата лига.
  • Ракометното друштво Линебург: основано во 2008 година брои 350 членови. Машката екипа настапува во покраинската лига, додека женската во Првата покраинска лига на Долна Саксонија.
  • Солт Сити Боарс Линебург настапуваат во Втората Бундеслига во хокеј.

Редовни настани уреди

  • Април: Пролетен базар на Зилцвизен („солени ливади“; линебуршки денови на движење[30]
  • Јуни: Градски фестивал
  • Јуни: Месечев фестивал: музички фестивал во универзитетскиот кампус; линебуршки детски фестивал[31]
  • Јули: Фестивал Фромештрасе
  • Септември: Октоберфест на Зилцвизен
  • Почеток на октомври: Денови на мајсторите на солта (Sülfmeistertage)
  • Ноември: Ноќ на клубовите[32]
  • Божиќ: Божиќен базар[33] – историскиот базар околу црквата „Св. Михаил“, божиќниот базар пред Градското собрание

Во 2012 година во Линебург се одржале деновите на Ханза.

Стопанство и инфраструктура уреди

Линебург во последните години има прераснато во туристичко одредиште за посетители од целиот свет. Средните и малите претпријатија играат важна улога во линебуршкото стопанство. Самиот универзитет придонесува за развој на областа.

Претпријатија уреди

Индустрија и трговија уреди

Во Линебург се наоѓаат многу мали и средни претпријатија.

Вредни за споменување меѓу останатите во текстилниот сектор е модниот производител Рој Робсон (трикотажата Луција, некогаш најголем работодавач во градот, прогласи стечај во 2008 година), во прехранбениот сектор претпријатијата ДеФауГе (DE-VAU-GE Gesundkostwerk) како најголем германски производител на вегетаријанска храна, Пикенпак како еден од водечките европски претпријатија во секторот на замрзната риба и млекарницата Линебест. Во индустријата се претпријатијата Јанфенг Аутомотив Интериорс, Х. Б. Фулер, Импреглон СЕ и компанијата за електроника Зиб & Мајер. Во Линебург се наоѓа и печатницата „Фон Штерн’шен“, основана во 1614 година, најстара печатница во светот, која уште е во семејна сопственост.

Туризам уреди

 
Бањскиот парк
 
Велфенкрос во паркот Кламарт

Покрај бањскиот центар, во Линебург се наоѓа парк со езерца, цветни алеи и градини. Бањата вклучува солени бањи со базен со морска вода, велнес и сауна (Солени бањи Линебург), а исто вклучува и терапии со сол за кожа. Линебург не е бањско место, но има посебни здравствени средства, како линебуршката саламура (околу 26% сол), што им помага на луѓето заболени од псоријаза.

Други зелени површини се наоѓаат околу езерото Крајде, на Калкберг, во Либесгрунд, во паркот Кламарт, во манастирот Лине, покрај Илменау и во долината на Хазенбургер Бах.

Од 1978 година, седиштето на хотелската група Семинарис се наоѓа во Линебург.

Нови технологии и услуги уреди

Во областа на технологиите и услугите вреди да се спомене центарот за иновации и мали фирми е-новум, кој им овозможува развој на млади претпријатија. Компанијата Верум Софтвер & Системс е најголемото претпријатие во областа на информатиката и комуникациите.

Во Линебург се наоѓаат осигурителното претпријатие Ландескранкенхилфе, како и банките Фолксбанк Линебургер Хајде и Шпаркасе Линебург.

Медиуми уреди

Северногерманската радиотелевизија (NDR) испраќа повеќепати во денот регионални информации за Хајде и Вендланд, јужниот дел на Хамбург и долж Елба од студиото во Линебург. Постои и Радио ЦуЗа, чии емисии се снимаат во Линебург и во Илцен.

Јавни услуги уреди

Линебург е седиште на долносаксонскиот апелациски административен суд, основен суд, како и управен суд, биро за регионален развој како наследник на укинатиот административен округ Линебург на 1 јануари 2005 година, индустриска и трговска комора Линебург-Волфсбург, занаетчиска комора Брауншвајг-Линебург-Штаде, како и полициска управа Линебург, полициска инспекција Линебург/Лихов-Даненберг/Илцен и сојузна полициска резерва Линебург.

Поранешниот гарнизонски град (до 1914 година бил седиште на Втората хановерска регимента) уште е важно место за Бундесверот, кој го намалил бројот на војници во градот од 1990-тите до денес, од 9.000 на само 1.000 војници.[34] Во касарната Шарнхорст е преместен Линебуршкиот универзитет. Во еден дел од касарната Шлифен се наоѓа административниот суд, трудовиот суд, социјалниот суд, царината, даночното одделение и катастарот.

Здравство уреди

 
Новиот објект на психијатриската клиника

Во Линебург се наоѓаат Градската клиника Линебург и Психијатриската клиника Линебург.

Образование уреди

 
Главната зграда на универзитетот

Прво училиште во Линебург било Михаелисшуле основано во XIV век. Во Линебург постојат четири гимназии. Покрај нив постојат и други средни стручни училишта.

Во 1989 година бил основан Линебуршкиот универзитет (претходно познат како Висока педагошка школа), чие седиште е во распуштените касарни.

Од 1 јануари 2003 година, универзитетот претставува фондација. На 1 јануари 2005 година, универзитетот и високата школа за технологија се споиле, а на 21 март 2007 година го добил името Линебуршки универзитет Лојфана. Во 2017 година се отворила новата главна зграда, која била дело на архитектот Даниел Либескинд.

Сообраќај уреди

Железнички уреди

 
Западниот влез на железничката станица во Линебург

Градот и округот Линебург од декември 2004 година се дел од Хамбуршкото сообраќајно претпријатие. Линебуршката железничка станица се наоѓа на железничката линија Хановер-Хамбург и е опслужувана од возовите на Германските железници, Ерикс и Метроном. Патувањето до главната железничка станица во Хамбург трае околу 30 минути. Покрај регионалните возови, во Линебург застануваат и брзите возови од и кон Хамбург. Кон североисток се двои врска преку Лауенбург за Либек. Преку посебна линија позната како Вендландбан градот е поврзана со околината на Даненберг. Линијата станала позната по преносот на атомскиот отпад кон Горлебен. Од Линебург се врши и товарен сообраќај преку Источнохановерските железници. Сообраќајот се одвива на линиите Линебург-Блекеде, Линебург-Золтау и линебуршката пристанишна железница.

Станиците Линебург-Курпарк, Едем и Ретмер се посетувани само од непостојан музејски сообраќај. Станиците Охтмисен и Штернкамп на линијата Витенберге-Буххолц биле напуштени во 2000 година.

Патен уреди

Линебург има автопатска врска со автопатот 39. Овој автопат во следниот период треба да биде продолжен кон југ до Волфсбург и Брауншвајг, поради што ќе се направат повеќе клучни во градското подрачје. Линебург е поврзан со регионалните патишта Б4, Б209 и Б216.

Автобуски уреди

 
Плоштадот Ам Занде, поглед кон исток

Со меѓуопштинскиот превоз во градот управува КВГ Штаде. Од 1926 до 1934 година постоело градско автобуско претпријатие. Од 1935 година, претпријатието Релсбергер ги одржувала главните и споредните линии. Поширока мрежа се појавила по Втората светска војна. Во 1955 имало пет линии. Во 1982 година, фирмата Релсбергер била продадена и била преименувана во КВГ Линебург на друштвото КВГ Штаде. Од 2004 година, јавниот градски превоз и регионалните автобуски линии се предводени од Хамбуршкото сообраќајно претпријатие (HVV). Поради тоа постојат нови автобуски линии со броеви од 5001 до 5015.

Во моментов градската мрежа е составена од 13 линии, кои возат преку железничката станица и до главниот плоштад Ам Занде (освен два исклучока). Се опслужуваат сите делови на градот, освен Вилшенбрух и Хаген кои не се опфатени во мрежата на КВГ. Одредени линии ги преминуваат границите на градот и возат до соседните општини, како Репенштет, Мехтерзен и Фегелзен. Во меѓуградскиот сообраќај, Линебург е дневно поврзан со бројни линии кон Блекеде, Залцхаузен, Бардовик, како и важните помали центри (Амелингхаузен, Мелбек). Во доцните вечерни и ноќни часови постои опција за „повикај возило“ за патниците.

Бродски уреди

Линебург се наоѓа во средиштето на старото пристаниште на Илменау, кое денес не е пловно, а во источниот дел на градот се наоѓа пристаниште на Страничниот канал на Елба. Годишно поминуваат околу 200.000 тони добра на пристаништето. Линебуршкото пристаниште е во непосредна близина на патот Б216.

Преку Страничниот канал на Елба постојат врски кон Елба и Средниот канал.

Воздушен уреди

Во источниот дел на градот се наоѓа аеродромот Линебург. На него слетуваат помали авиони и едрилици до максимална тежина од 2 тони. Хеликоптери до 5,7 тони се исто така дозволени. Воедно, од аеродромот може да се полета и слета со балон. Аеродромот се користи од воздухопловното друштво на Линебург со 100 члена. Исто така, служи како седиште на еден од двата авиони на долносаксонската противпожарна служба.[35]

Панорама на Стинтмаркт

Познати луѓе уреди

До 1700 г. уреди

1700 до 1800 уреди

1800 до 1900 уреди

Од 1900 г. уреди

Спорт уреди

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. „Населеност на окрузите, општините и месните заедници во Долна Саксонија на 31 декември 2020“. Служба за статистика и комуникациска технологија на Долна Саксонија. јули 2021. (германски)
  2. „Hansestadt Lüneburg - Zahlen, Daten, Fakten“. hansestadtlueneburg.de. Hansestadt Lüneburg, Wahlorganisation und Statistik. Посетено на 2019-04-15. Надворешна врска во |work= (help)
  3. „Klima Lüneburg“. Wetterdienst.de (германски). Посетено на 2020-04-27.
  4. Vgl.: Monumenta Germaniae Historica D O1, 183
  5. Vgl. Bekenntnisschriften der evangelisch-lutherischen Kirche, S. 766; vgl. S. 17.
  6. Wilhelm Reinecke: Geschichte der Stadt Lüneburg. Heinrich Heine Buchhandlung K. Neubauer, Lüneburg 1977, S. 180–182.
  7. Das Lüneburger Ratssilber. Kunstgewerbemuseum Berlin, Informationsblatt Nr. 1439.
  8. Wilhelm Reinecke: Geschichte der Stadt Lüneburg. Heinrich-Heine-Buchhandlung K. Neubauer, Lüneburg 1977.
  9. Jürgen Peter Ravens: Vom Bardengau zum Landkreis Lüneburg. 2. Auflage. Verlag Nordland Druck, 1985, S. 171–172.
  10. Gedenkstätte „Euthanasie“-Gedenkstätte Lüneburg. In: Psychiatrische Klinik Lüneburg.
  11. Helmut C. Pless: Lüneburg 45. Lüneburg 1982, S. 26.
  12. Helmut C. Pless: Lüneburg 45. Lüneburg 1982, S. 46.
  13. Helmut C. Pless: Lüneburg 45. Lüneburg 1982, S. 47.
  14. Helmut C. Pless: Lüneburg 45. Lüneburg 1982, S. 197.
  15. Deutscher Städtetag: Statistisches Jahrbuch deutscher Gemeinden. Braunschweig 1952, S. 385.
  16. Deutscher Städtetag: Statistisches Jahrbuch deutscher Gemeinden. Braunschweig 1952, S. 377.
  17. Die Kapitulation auf dem Timeloberg Архивирано на 21 септември 2020 г.. In: Volksbund Deutsche Kriegsgräberfürsorge – Bezirksverband Lüneburg / Stade. (PDF, 16. S.; 455 kB)
  18. Bürgerbrief. Mitteilungen des Bürgervereins Lüneburg e.V. Nummer 75 Архивирано на 2 август 2021 г., vom Mai 2015, S. 12; abgerufen am: 1. Mai 2017.
  19. Nds. Ministerialblatt Nr. 43 (2007), S. 1190.
  20. 20,0 20,1 „Historisches Gemeindeverzeichnis für die Bundesrepublik Deutschland. Namens-, Grenz- und Schlüsselnummernänderungen bei Gemeinden, Kreisen und Regierungsbezirken vom 27. Mai 1970 bis 31 декември 1982“. Stuttgart/ Mainz: Statistisches Bundesamt. 1983. стр. 221 und 235. ISBN 3-17-003263-1. Отсутно или празно |url= (help)
  21. Die Hansestadt im Überblick. In: Lüneburg.de, mit Einwohnerentwicklung in der Hansestadt Lüneburg 1997–2017 (PDF) Архивирано на 2 август 2021 г..
  22. Landtagswahlkreise ab 16. Wahlperiode. Wahlkreiseinteilung für die Wahl zum Niedersächsischen Landtag. Anlage zu § 10 Abs. 1 NLWG, p. 4. (pdf Архивирано на 25 јули 2011 г.; 87 kb).
  23. Beschreibung der Wahlkreise. Anl. zu § 2 Abs. 2 Bundeswahlgesetz. In: Achtzehntes Gesetz zur Änderung des Bundeswahlgesetzes. Anl. zu Artikel 1. Bonn 18. März 2008, p. 325. (pdf Архивирано на 25 јули 2011 г.; 200 kb).
  24. Rat der Hansestadt Lüneburg. Архивирано на 22 февруари 2018 г. In: Lüneburg.de.
  25. Sitzzuteilung Gemeindewahl 2016 Архивирано на 3 август 2020 г.. In: Stadt Lüneburg. Abgerufen am 19. Mai 2018.
  26. o. V.: Drape, Hans in der Datenbank Niedersächsische Personen (Neueingabe erforderlich) der Gottfried Wilhelm Leibniz Bibliothek – Niedersächsische Landesbibliothek, zuletzt abgerufen am 12. Januar 2018.
  27. „Lüneburg und die Welt“. hansestadtlueneburg.de (германски). Lüneburg. Архивирано од изворникот на 2019-04-27. Посетено на 2019-11-27.
  28. Halle für Kunst
  29. Abgedruckt bei Hans-Peter Hock: Der Dresden Football Club und die Anfänge des Fußballs in Europa. Arete, Hildesheim 2016, ISBN 978-3-942468-69-5, S. 18–20.
  30. „Lüneburger Wohnmobiltage“. Lüneburg Marketing GmbH (германски). Архивирано од изворникот на 2017-07-13. Посетено на 2019-05-22.
  31. „Lüneburger Kinderfest“. Lüneburg Marketing GmbH (германски). Архивирано од изворникот на 2017-12-20. Посетено на 2019-05-22.
  32. „Nacht der Clubs“. Lüneburg Marketing GmbH (германски). Архивирано од изворникот на 2018-01-10. Посетено на 2019-05-22.
  33. „Weihnachtsstadt Lüneburg“. Lüneburg Marketing GmbH (германски). Архивирано од изворникот на 2019-05-10. Посетено на 2019-05-22.
  34. „Kinderbetreuung à la Bundeswehr in Lüneburg“. Hamburger Abendblatt. 2014-01-15. Посетено на 2014-01-15.
  35. Flugplatz Lüneburg.[мртва врска] In: niedersachsen.de,

Надворешни врски уреди

  Статијата „Линебург“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).