Лајта

река во Австрија и Унгарија

Лајта (германски: Leitha; унгарски: Lajta или Lajtha, порано Sár(-víz)) или Литава (чешки и словачки: Litava) — река во Австрија и Унгарија, десна притока на Дунав. Долга е 120,8 км (168,5 км ако се вброи изворишната река Шварца).[1] Сливот зафаќа површина од 2.138 км2.[2]

Лајта
Lajta
Лајта кај Клајнволкерсдорф
Местоположба
ЗемјиАвстрија, Унгарија
Физички особености
Извор 
 • местоЛанценкирхен, Виенска Котлина
 • координати47°44′11″N 16°13′49″E / 47.73639° СГШ; 16.23028° ИГД / 47.73639; 16.23028
Устие 
 • место
Дунав кај Мошонмаѓаровар
 • координати
47°52′8″N 17°17′17″E / 47.86889° СГШ; 17.28806° ИГД / 47.86889; 17.28806
Должина120,8 км [1]
Големина на сливот2.138 км2
Особености на сливот
ТечениеДунавЦрно Море

Потекло на името уреди

Реката за првпат е спомната во 833 г. како Литаха (Lithaha) во тапија издадена од Лудвиг Германски, син на каролиншкиот цар Лудвиг Побожниот и владетел на племенското војводство Баварија. Старогорногерманското име lît веројатно се однесува на панонскиот (илирски) поим за „кал“, одржан во старото унгарски име Sár (спор. mocsár, „мочуриште“).

Течение уреди

 
Плоча на изворот на реката

Лајта извира во Долна Австрија во спој од изворишните реки Шварца и Пите. Шварца ги одводнува масивите Шнеберг, Ракс и Снежните Алпи (Шнеалпе) во Северните Варовнички Алпи. Помеѓу Ебенфурт и Лајтапродерсдорф, и меѓу Брук на Лајта и Гатендорф,[3] реката ја исцртува границата меѓу покраините Долна Австрија и Градиште. Источно од Никелсдорф преоѓа во Унгарија, а потоа се влева во мосонскиот ракав на Дунав западно од Малиот Житен Остров (Сигеткез) кај Мошонмаѓаровар. Поголеми населени места по течението се Винер Нојштат, Брук и Мошонмаѓаровар.

Големо количество вода од составницата Шварца се пренасочува во Винернојштатскиот Канал и за снабдување на Виена со пивка вода. Од Лајта се двојат уште неколку канали кои некогаш ги напојувале предачниците, а денес напојуваат хидроелектрани. Најголемиот дел од водата помеѓу Зајберсдорф и Хоф на Лајтаберге е пренасочена за таа ел. Оттаму реката обично е пресушена, освен во периоди на необична полноводност. Низводно од Кацелсдорф речното корито исто така е речиси наполно суво.

 
Пресушено корито на Лајта кај Бад Ерлах

Историска граница уреди

По унгарското освојување на Панонската Низина кон крајот на IX век, маѓарските коњаници се обиделе да се пробијат уште поназапад во соседните западнофранкиски земји, но биле поразени од кралот Отон I во Битката на Лешко Поле (955). Потоа војската на баварскиот војвода Хајнрих Кавгаџијата постепено ги побратиле териториите по Виенската Шума сè до Лајта. Во овие краишта околу 976 г. е основана Маркгрофовијата Австрија (Источна Марка) под водство на бабенберговски маркгроф Леополд I.

На почетокот на II милениум унгарскатата граница одела долж брегот на Лајта, а почнувајќи од 1156 г. ја образувала источната граница Војводството Австрија со тврдини во Винер Нојштат, Брук и Хајнбург. Последниот бабенбершки војвода Фридрих II загинал во Битката кај Лајта 1246 против унгарскиот крал Бела IV. Границата е потврдена во тапија издадена од кралот Сигизмунд во 1411 г. кога ќерка му Елизабета се омажила за хабсбуршкиот војвода Албрехт II. Имињата Цислајтанија, Транслајтанија и Лајтско Банство (Лајтабаншаг) се должат на реката. По Австроунгарската спогодба од 1867 г. со која е создадена Двојната Монархија, Транслајтанија (Transleithanien, „отаде Лајта“) бил разговорен израз во Виена за земјите преку Лајта (т.е. Кралството Унгарија), а со Цислајтанија (Cisleithanien, „одовде Лајта“) се нарекувале австриските земји.[4] Сепак, Лајта не ја образувала целата граница: на пример, Галиција и Буковина, кој биле во Цислајтанија, биле североисточно од Унгарија. Од своја страна, реката Морава ја образувала границата помеѓу цислајтанска Моравија и транслајтанските земји во денешна Словачка (Горна Унгарија).

Со распадот на Австроунгарија по Првата светска војна е потпишан Тријанонски договор (1920) во кој стои дека западната унгарска територија на прогласеното Лајтското Банство влегува во Република Австрија (како Градиште), а течението на реката станало внатрешна австриска граница.

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Niederösterreich Atlas (Lower Austria)
  2. „Flächenverzeichnis der Flussgebiete: Leitha-, Rabnitz- und Raabgebiet“ (PDF). Beiträge zur Hydrografie Österreichs Heft 63. декември 2014. стр. 39.
  3. Потврдено на современ атлас
  4. Википедија на германски

Надворешни врски уреди