Куќарката во Коломна

„Куќарката во Коломна“ (руски: До́мик в Коло́мне) — поема на рускиот поет Александар Пушкин, напишана во 1830 година за време на познатата „Болдинска есен“.

Содржина уреди

Дејствието на поемата се одвива во петроградското предградие Коломна каде живеат една вдовица и нејзината ќерка Параша. По смртта на готвачката Фекла, Параша бара нова готвачка и во куќата ја носи Мавра. Во недела, вдовицата и Параша одат в црква, додека готвачката Мавра останува во домот. Во црквата, вдовицата се загрижува од помислата дека новата готвачка може да ги ограби и поради тоа се враќа дома, додека Параша останува во црквата. Кога влегува во куќата, вдовицата ја затекнува Мавра како се бричи и од глетката се онесвестува, додека Мавра (која очигледно е преправениот љубовник на Параша) бега.

Осврт кон делото уреди

Пушкин, особено во прозата, ја прескокнал романтичарската етапа и го антиципирал реализмот, но без да го спротивстави на романтизмот, туку го надоврзал на рационалистичките примери од својата лектира. Кога овој реалистички начин го применил и во поезијата, како во поемата „Куќарката во Коломна“, остварил исклучително интересен резултат: тој го прикажува животот на малиот човек од предградијата, со што го антиципирал пристапот на Достоевски во неговиот роман „Бедни луѓе“.[1] Свесното спротивставување на романтичарските ставови кај Пушкин се гледа и во третманот на формата и содржината. „Куќарката во Коломна“ е испеана во романтичарската варијанта на октавата (со машки и женски рими), онака како што ја применил Бајрон во неговото дело „Дон Жуан“. Меѓутоа, содржината на помеата е претежно реалистична.[2]

Наводи уреди

  1. Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 13.
  2. Milorad Pavić, „Predgovor“, во: A. S. Puškin, Lirika. Beograd: Rad, 1979, стр. 17.