Крвна заклетва (Унгарци)

Крвната заклетва (унгарски: vérszerződés, буквално "крвен договор") според традицијата бил пакт меѓу водачите на седумте унгарски племиња, и се смета за прв, непишан устав на унгарската нација. Приказната за пактот, заедно со условите договорени во него, е позната од хрониката Gesta Hungarorum напишана помеѓу 1196-1203 година, и како таква влијаела на законите и обичаите од 12 век. Заклетвата била запечатена од седумте водачи - Алмош, Елед, Онд, Кенд, Таш, Куба и Тетењ - со пресекување на рацете и пуштање на крв во пехар. Оваа практика веројатно била традиционално употребувана за да се запечатат исклучително важни договори, а веројатно постоеле и други слични заклетви, но фразата "крвна заклетва" обично се однесува на онаа меѓу седумте унгарски водачи.

Фреска од Берталан Шекели во свечената сала на градското собрание на Кечкемет, Унгарија. Насликана во периодот меѓу 1895 и 1897 година, таа ги прикажува седумте унгарски водачи како даваат крвна заклетва над златниот пехар со глава на бик.[1]

Цитати од Gesta Hungarorum уреди

Вообичаено се сметало дека крвната заклетва се случила во 9 век, во време на владеењето на високиот принц Алмош, во Etelköz, пред миграцијата на унгарските племиња во Панонската низина. Авторот на Gesta Hungarorum - познат само како "Магистер П" или како "Аноним" - ја раскажува својата приказна во книгата:

"И тогаш тие заедно му кажаа на Алмош: »Од овој ден па натаму, те одбравме тебе да бидеш наш водач и командант, и каде и да те носи твојата судбина, ние сме должни да те следиме.« Тогаш секој од гореспоменатите луѓе, во согласност со паганскиот обичај, ја испуштија својата крв во сад, и така ја потврдија својата заклетва. Иако тие беа пагани, сепак тие ја сочуваа оваа заклетва што ја направија заедно сѐ до смрт. Ова беше првиот дел од заклетвата: сѐ додека тие и нивните потомци живеат, нивен водач секогаш ќе биде од родот на Алмош. Ова беше вториот дел од заклетвата: дека сите богатства стекнати од нив ќе бидат поделени меѓу нив. Ова беше третиот дел од заклетвата: дека благородниците кои го избрале Алмош како свој водач по сопствена волја како и нивните потомци, секогаш ќе бидат вклучени во советот на водачот и ќе бидат вклучени во управувањето со земјата. Ова беше четвртиот дел од заклетвата: Ако некој од нивните потомци некогаш стане нелојален кон својот водач или поттикне несогласување меѓу водачот и неговите роднини, тогаш треба да се пролее неговата крв, исто како што крвта на водачите била пролеана од нивното тело кога се заколнаа на водачот Алмош. Ова беше петтиот дел од заклетвата: Ако потомок на Алмош или на другите водачи ги прекрши условите на овој договор, тој треба да биде засекогаш проколнат. Имињата на овие седум мажи беа: Алмош, татко на Арпад; Елед, татко на Саболоч, прататко на кланот Чак; Кенд, татко на Курзан, Онд, татко на Ете, прататко на клановите Калан и Келчеи; Таш, татко на Лел, Куба, прататко на кланот Семере; седмиот беше Тетењ, татко на Хорка, чии синови беа Ѓул и Зомбор, прататковци на кланот Маглод, кои ќе бидат напишани подоцна. Но доста за ова, да го следиме текот на историјата." - Аноним: Геста Хунгарорум[2]

Според современите извори, слични крвни заклетви биле чести кај номадските народи слични на Унгарците. Херодот го опишал скитскиот ритуал во кој "голем заднички пехар е исполнет со вино, а учесниците во заклетвата, ранувајќи се малку со нож или шило, проливаат дел од својата крв во виното, а потоа во смесата вронуваат сабји, неколку стрели, воена секира и копје, додека сите повторуваат молитви; на крај, двете договорни страни го пијат секој својот дел од пехарот, како главните луѓе, така и нивните следбеници."[3]

Толкување уреди

Описот на церемонијата за прифаќање на заклетва ги отсликува политичките и општествените промени за време на животот на Аноним. Зголемената моќ на благородниците и нивната потреба за кодификација на нивните права кулминирала со издавањето на Златната була од 1222 година. Неколку историчари заклучиле дека намерата на Аноним во пишувањето на овој договор била да ги изрази општествените промени во негово време, и да ја поддржи борбата за правата на благородништвото, како еден вид на историско оправдување. Според историчарот Иштван Немешќорти "Целта на Магистер П. (Аноним) е да ги оправда правата и тврдењата на унгарското благородништво од 13 век за создавање на наследни линии за сите нивни пријатели и роднини од периодот на унгарското освојување на Панонската низина. Исто така, иако Аноним нагласува дека неговите дела се темелат на пишани извори, тој сакал да создаде книжевно дело во стилот на периодот во кој тој живеел."[4]

Наводи уреди

  1. „Hírös Naptár“. www.hirosnaptar.hu. Посетено на 2018-05-17.
  2. „ANONYMUS: GESTA HUNGARORUM“. mek.niif.hu. Посетено на 2018-05-17.
  3. „The History of Herodotus, Book IV“. Архивирано од изворникот на 2011-06-29. Посетено на 2018-05-17.
  4. Nemeskürty István: Mi magyarok, Akadémiai kiadó, Budapest 1993, 89. oldal