Козјачија

област во Македонија
За други значења на поимот Козјак видете на појаснителната страница

Козјачија (или само Козјак) — област во северниот дел на Македонија источно од градот Куманово (на територијата на Општина Старо Нагоричане). Областа е сместена северно од патот кон Крива Паланка.

Поглед на областа Козјачија

Географски одлики и потекло на името Козјачија уреди

 
Вообичаен пејзаж во областа

Козјачија се наоѓа во источниот дел на Кумановската котлина во горниото изворишно подрачје на реката Пчиња која протекува низ целата област. На исток областа е оградена со падините на планината Козјак, поради тоа се претпоставува дека оттаму потекнува и името на областа. На запад е отворена кон Кумановската котлина, на север се граничи со Србија, а на југ со Кратовскиот регион. Козјачија има ридски карактер бидејќи селата што ги опфаќа се сместени на крајниот источен ридест дел на Кумановската котлина и подножјето на планината Козјак (источниот дел на Општина Старо Нагоричане и североисточниот дел на поранешната општина Клечевце). Еден дел на областа, манастирот Прохор Пчињски и неколку села се под територија на Србија.

Население уреди

 
Регионалниот пат кон селото Арбанашко
 
Регионалниот пат кон селото Кокино
 
Пејзаж во областа

Во областа Козјачија живеат 3.268 жители од кои 2.612 (79,93 %) се Македонци, а 656 (20,07 %) се Срби.

Меѓутоа овде треба да се спомене дека од македонските етнолози и од некои српски етнолози (Стојан Новаковиќ и уште неколку денешни етнолози) постои тврдење дека во овие краишта како и во селата на Скопска Црна Гора луѓето што се сметаат себеси за Срби воопшто не се Срби туку се србизирани Македонци (кои биле под силна српска асимилација и влијание), бидејќи нивниот мајчин јазик на кој зборуваат е ист со оној на декларираните како Македонци.

Како и другите македонски региони така и Козјачија доживеала огромно намалување на своето население од скоро 15.000 жители кон крајот на Втората светска војна на денешните 3.268 жители пред сè поради големите миграциони процеси село-град.

Села во Козјачијата уреди

Во областа Козјачија влегуваат следниве села:

Историја уреди

Во областа Козјачија живот има уште од палеолитот. Доказ за тоа се многубројните наоѓалишта на предмети и остатоци од палеолитски населби, а во Козјачијата се наоѓа и мегалитската опсерваторијата Кокино. Од средниот век на територијата на Козјачијата постојат повеќе цркви и манастири. За време на балканските војни тука се одиграл и дел од Кумановската битка помеѓу српската и турската војска, а голем број од населението насилно било мобилизирано од страна на српската војска. Козјачијата ќе даде голем број на борци во Втората светска војна, а низ нејзе ќе поминат и голем број на партизани за време на Февруарскиот поход. На територијата на Козјачијата ќе се одиграат и повеќе победоносни битки на македонските партизани против српските четници и бугарскиот окупатор.

Стопанство уреди

Главна стопанска гранка на жителите од Козјачијата е земјоделството. Козјачијата е многу позната по одгледувањето на голем број на овци и кози поради што тука се наоѓаат повеќе млекарници и се прават квалитетни млечни производи како Козјачкиот кашкавал, киселото млеко итн. Од полојделството најзастапно е лозарството, на големи површини се одгледуваат повеќе сорти на бело и црно винско грозје кое населението го преработува во домашни вино и ракија. Од полјоделството се одгледуваат и пченица, пченка, компир, тутун, грав и др. Со откривањето на опсерваторијата Кокино и изградбата на меморијалниот музеј на АСНОМ кај с. Пелинце (во чија близина постои и голем излетнички центар) во подем е туризмот.

42°15′43″N 21°56′31″E / 42.26194° СГШ; 21.94194° ИГД / 42.26194; 21.94194