Клаус Воверајт (Klaus Wowereit, 1953, Западен Берлин) е германски политичар, член на Социјал-демократската партија. Тој е градоначалник на Берлин од 2001 година, кога победи со 30% од вкупниот број гласови. Во текот на 2001/02, тој беше претседател на Бундесратот, четвртата највисока должност во СР Германија.

Клаус Воверајт

Политичка кариера уреди

Воверајт има завршено правен факултет во Берлин (1981-1984). По три години стажирање во одделот на Сенатот за внатрешни работи, Воверајт се кандидира за општински советник на дистриктот Темпелхов. На возраст од само 30 години, во тоа време, бил најмлад советник во Берлин. По 11 години служба во Советот на дистриктот, се кандидира за пратеник во берлинското собрание (законодавно тело на локалната самоуправа) во 1995 година. Во 1999 година, тој е избран за носител на списокот на неговата партија за градското собрание. Од 2001, тој е градоначалник на Берлин. На изборите во 2006 година, Социјалдемократската партија ги заврши изборите како најсилна политичка партија. На 23 ноември 2006, градското Собрание го ре-избра Воверајт за градоначалник.

Приватен живот уреди

Воверајт е еден од најпознатите германски политичари кој отворено е геј. За време на локалните избори во 2001 година, тој ја даде познатата изјава "Ich bin schwul, und das ist auch gut so" (Јас сум геј, и тоа е добра работа). Во својата автобиографија, Воверајт изјавува дека неговата одлука да излезе во јавноста како геј, ја донел откако бил номиниран за градоначалник на Берлин, бидејќи знаел дека ако не го стори тоа тој лично, тогаш таблоидите ќе ја завршеле “работата“ за него, притоа, во нивен стил, сензационално закачувајќи му на грб измислени приказни и афери поврзани со неговиот приватен живот. Инаку, Воверајт ги изговори овие зборови за време на неговиот говор на берлинската конвенција на партијата. Откако го заврши говорот, по неколкуте секунди изненадувачки молк, делегатите гласно му аплаудираа во знак на поддршка.

Во 2007, ја објави биографијата насловена како "…und das ist auch gut so."

Партнерот на г-ин Воверајт, Јорн Кубицки (Jörn Kubicki) е неврохирург.