Еритематозни дерматози

Еритематозните дерматози се најчести присутни промени на кожата, предизвикани од различни надворешни и внатрешни фактори. Под еритем се подразбира црвенило на кожата. Еритемните промени можат да се јават заедно со некои заболувања, кои се проследени со оштетувања на крвните садови или да се јават како резултат на поинтензивна крвна циркулација или запирање на крвта во крвните садови.

  1. Еритемот се дели на:
Еритематозни дерматози
Еритематозни дерматози
    Ве молиме, обрнете внимание на ова важно предупредување
во врска со темите од областа на медицината (здравјето).
  • активен еритем;
  • пасивен еритем.

Активниот еритем означува појава на црвенило на кожата, како резултат на поинтензивна циркулација. Тој се јавува при физички напор, како на пр.спортување, физички вежби или под влијание на некои психички состојби (страв, радост, среќа). При физички активности, поради дејство на механички сили се интензивира крвната циркулација. При психичка состојба, под влијание на хормонот адреналин се предизвикува забрзана работа на срцето, а со тоа и забрзана крвна циркулација. Кај активниот еритем станува збор за проширување на артериските крвни садови. Артериската крв е светло црвена и топла, па затоа кожата кај активниот еритем е интензивно црвена, топла на допир, сува и мазна. Пасивниот еритем настанува како резултат на застој на крвта во венските садови, а причина за тоа може да биде намалема функција на срцето, оштетување на венските садови и сл. Венската крв е модро - црвена и ладна, па затоа кожата со пасивен еритем е со модра боја и ладна на допир.

Еритемосквамозни дерматози уреди

Зборот еритемосквамозни е составен од два збора и тоа еритем што значи црвенило и сквама што значи лушпа, што значи дека станува збор за кожни промени кои даваат црвенило и појава на лушпи. Лушпите се изградени од кератин (суви сквами) или со примеси на лој (масни сквами). Можат да имаат различна боја (белузлава, жолтеникава, сива, кафеава), конзистенција (цврсти или помеки) и да бидат помалку или повеќе врзани со подлогата. Сквамите спонтано опаѓаат и според изгледот, се разликуваат неколку видови десквамација (лупење на кожата):

  • питиријазиформна десквамација - ситно лупење како прашина (брашно);
  • псоријазиформна десквамација - лупење со малку покрупни сребрено - бели лушпи;
  • ихтиозиформна десквамација - лупење со големи и по боја сиво - жолти, сиви или сиво - кафеави лушпи
  • ламелозна - лупење во форма на листови, големи како пара или дланка.

Постојат поголем број еритемосквамозни дерматози, како на пр. псоријазата, питириазис розацеа и др. Кај псоријазата постои дефект во размножувањето на клетките, при што тие интензивно се множат, не опаѓаат, туку се таложат на површината од кожата. Овие лушпи се многу меки и нежни и ако се проба да се лупат со нокт, лесно паѓаат, а под нив се наоѓа една еритематозна површина која лесно се повредува и крвари. Исто така и егземите се кожни промени, кои се одликуваат со еритемосквамозни карактеристики. За лекување на еритемосквамозните дерматози, најчесто се даваат масти, кои се мешавина од кортикостероиди и салицилна киселина. Некои од еритемосквамозните дерматози ќе бидат обработени подетално во понатамошниот текст.

Видови еритеми уреди

Освен активниот и пасивниот еритем, во дерматологијата се среќаваат и следниве видови еритеми:

  1. макромакулозен
  2. микромакулозен
  3. фигуриран
  4. дифузен
  • Макромакулозниот еритем се манифестира со неправилни црвени дамки со поголеми димензии, а промените се во ниво на кожата. Овој еритем може да се јави кај некои алергиски реакции, посебно кај оние предизвикани од лекови или како резултат на изложување на телото на висока температура, механички притисок и сл. Лекувањето на овој еритем зависи од причината на појава на еритемот.
  • Микромакулозниот еритем се одликува со појава на мало црвенило поради што го добиле и името. Микро значи мало, а макула - пега (дамка). Овој еритем се јавува кај алергиски реакции или кај сипаници. Лекувањето е во зависност од причината.
  • Фигурираниот еритем го добил своето име, бидејќи кај некои болести се формираат еритеми во форма на фигури, пр. бројки, букви и сл., кои се испакнати над нивото на кожата и се познати како уртики, што значи журкање со коприва.
  • Дифузниот еритем се јавува вид на неограничено црвенило, кое зафаќа поголема површина од кожата на човекот. На местото каде се наоѓа еритемот, кожата е топла и се јавува чувство на слаб јадеж.
Причинителите на овој тип еритем, се поделени на:
  • егзогени причинители
  • ендогени причинители

Во егзогени причинители спаѓаат: зрачење, храна, топлина, употреба на лекови, механичка сила и сл. Во ендогени причинители спаѓаат: покачена телесна температура, психичка возбуда, хормонални пореметувања и др. Лекувањето на овие еритеми се состои во отстранување на причинителот и намалување на температурата со ставање облози, прашоци, гелови или кремови кои имаат разладувачки ефект.

Инфективни еритеми уреди

Под инфективем еритем се подразбира црвенило на кожата, кое се јавува при некои заразни заболувања. Предизвикувачи на инфективните еритеми можат да бидат: бактерии, вируси и габи. Пример кај скарлатината (шарлах), која е болест на крајниците, покрај другите симптоми, покачена температура, нагон за повраќање, болки во грлото, се јавува црвенило на кожата, а на тоа место таа е топла, сува и рапава. Тоа е болест предизвикана од бетахемолитички стрептокок. На слабините и стомакот се појавува црвенило, а врз таа еритематозна промена се јавуваат ситни папули, кои на кожата и даваат нерамен изглед. Ако на тие места се помини со рака, под прстите се чувствува сува и рапава кожа, односно кожа што боцка (феномен на ренде). Кај други кожни болести, како на пр. кај еритема нодосум, се јавуваат јазли (нодуси) на предната страна од подколеницата, кои се цврсти, топли и болни при допир. Оваа болест се јавува многу често, посебно кај жените во адолесцентниот период. Причините за настанување се непознати, но се претпоставува алергиска патогенеза. Најчести причини се туберкулоза, инфекти (стрептококи, вируси, габи) и лекови (антибиотици, контрацептиви).

Лекување

Додека трае болеста се препорачува мирување, а на воспалените места треба да се ставаат ладни облоги. Кај потешки случаи краткотрајно се користат кортикостероиди. Во инфективни еритеми се вбројува и заболувањето еризапел, кое подетално е опишано во понатамошниот текст. Како најчести инфективни еритеми предизвикани од вируси се: големи сипаници (variola), мали сипаници (morbilli) и тридневни сипаници (rubeola).

Големите сипаници (variola) уреди

Претставува акутно, вирусно заболување со карактеристичен везикуло - пустулозен осип, кој може да остави трајни лузни. Извор на инфекција е болниот и тоа уште од првиот ден. Вирусите се пренесуваат по директен пат (говор, кашлање и бакнување) или индитектно преку инфицирани предмети. После инкубацијата од 12 - 21 ден и лесни симптоми, распоредени по целото тело (посебно на главата и трупот), се јавуваат црвени макули, кои потоа стануваат папули, а подоцна везикули. Ерупцијата на везикулите се одвива во текот на повеќе денови. Постарите меурчиња се засушуваат во красти.

Лекување

Болниот треба да се изолира. По потреба се даваат аналгетици, седативи, а кожните промени, локално се третираат со дезинфекциони препарати.

Мали сипаници уреди

 
Инфекција со мали сипаници

Претставува вирусна болест, која се јавува на детска возраст, а се одликува со еритематозен егзантем. Извор на инфекција е болниот, пет дена пред и по појавата на кожните промени. Морбилите можат да се јават во лесна, тешка и апипична форма. Егзантемот почнува најпрво на лицето, зад ушите, вратот, а потоа на трупот и екстремитетите. По неколку дена егзантемот избледува по редослед на настанувањето.

Тридневни сипаници (rubeola) уреди

Претставува вирусно заболување, кое се одликува со појава на розови макули и папули, како и оток на лимфните јазли. најчесто заболуваат деца од 7 - 14 години. Се јавува најпрво на лицето, а потоа брзо се проширува на вратот, телото и помалку на рацете и нозете. Осипот трае 2 -3 дена, а потоа избледува.

Лекување

Се препорачува лежење во кревет и симптоматска терапија. За појавата на еритем секогаш постои одредена причина. Лекувањето на инфективните еритеми зависи од предизвикувачот на болеста. Со лекување на болеста се повлекува и еритемот.

Фотодерматози уреди

Фотодерматози се кожни промени кои настануваат под дејство на сончевите зраци, односно ултравиолетовите зраци. Постојат еритеми кои се јавуваат заедно со некои болести, како псоријаза, розацеа, еризипел и сл. За поставување на точна дијагноза, односно да се знае за каков еритем се работи, потребно е добро да се познаваат кожните болести. Има осетливи кожи, кај кои лесно се јавува еритем, дури и при мал притисок или употреба на козметички препарати. Во овој случај, црвенилото трае кратко и брзо се губи. Навлегување на сончеви зраци во кожата

Според времето на јавување можат да бидат:
  • акутни (воспалителни) и
  • хронични (дегенеративни).
Фотодерматозите можат да се поделат на:
  • примарни (dermatitis solaris)
  • секундарни (фототоксични и фотоалергични)

Соларен дерматит (DERMATITIS SOLARIS) уреди

Соларниот дерматит претставува честа кожна реакција која настанува поради директно изложување на сонце, а е предизвикан од УВБ зраците. Најосетливи на оваа болест се луѓето со светол тен. Најчесто се појавува на море или на планина, поради отсуството на смогот и прашините кои го апсорбираат УВБ зрачењето, како и постоењето на рефлексија од снегот, водата или песокот. Соларниот дерматит почнува после 4 до 6 часа сончање, а се повлекува 72 часа после изложување на сонце. Кожата е интензивно црвена и се чувствува топлина, печење и болка. После 2 до 3 дена, кожата почнува да се лупи. Во потешки случаи, можно е формирање на меури, појава на треска, покачена телесна температура, повраќање. Во поглед на лекувањето кај полесни случаи се применуваат антифлогистички средства, масти за ладење и кортикостероиди во вид на кремови, спрејови, пени и сл. Кај потешки случаи, кога се јавува покачена телесна температура се препорачува земање на парацетамол и мирување во темен простор.

Фототоксични дермарматити уреди

Тоа се дерматози кои настануваат со заедничко дејство на сончевата светлина и фотосензибилизатор на кожата. Фотосензибилизаторот може да биде ендоген (пр. порфирини) или да биде внесен егзогено преку кожата или орално (лекови). Најчести локални сензибилизатори се органски бои (еозин), катрани, растителни деривати, заштитни кремови. Овој дерматит се манифестира со појава на црвенило и оток на деловите изложени на сонце. Се развиваат везикули и були. Постои болна осетливост, јадеж и печење. Симптомите се исти како кај акутна изгореница. Промените се јавуваат по 12 - 24 часа, а кожата заздравува со хиперпигментација. Лекови не се препорачуват, но пожелна е употреба на кортикостероидни кремови или индиферентни подлоги, а во одредени случаи се користат аналгртици и седативи. Како превенција, потребно е користење на средства за заштита од сонце.

Фотоалергични дерматити уреди

Овие дерматози се јавуваат под дејство на UV зраците, на откриените делови од телото, а при постоење на директен контакт со алергенот. Се јавуваат кај возрасни луѓе, но е ретка болест. Алергиските реакции се јавуваат само при директна интеракција на алергенот и UVA зраците. Болеста трае цел живот. Се манифестира како алергичен контактен дерматит со остро ограничен еритем на фотоекспонираните делови и со појава на папуловезикули. Ако алергенот е постојано присутен, болеста зазема хроничен тек со знаци на екцем. Кожата не е премногу црвена, но со десквамација. Лекувањето е исто како кај дерматит или екцем. Потребна е заштита од сонце, да се престојува под сенка, да се носат капи и долги ракави на облеката.

Периорален дерматит (DERMATITIS PERIORALIS) уреди

Периорален дерматит е воспаление на кожата околу устата, кое се јавува најчесто кај жените помеѓу 20 и 30 годишна возраст, но може да се појави и во детството. Причините поради кои се јавува ова заболување не се сосема познати, но бројни фактори се спомнуваат како можни предизвикувачи: козметички средства, пасти за заби, води за уста, сапуни, долготрајна употреба на кортикостероиди и сл. Може да се јави и како паралелна појава со појавата на афти во устата или после интервенција на забите, како и при бактериски и габични инфекции во устата. Сите горенаведени причинители, предизвикуваат различни видови на еритемни промени. Болеста се одликува со појава на црвенило на кожата околу устата, со карактеристична слободна зона, посебно на долната ивица на устата. На црвената подлога се јавуваат гнојни меурчиња, кои лесно пукаат, при што се излева гнојната содржина, која се суши и се формираат кафеаво - црни красти. Во потешки форми на болеста, промените се шират на целото лице.

Еризипел(ERYSIPELAS) уреди

Еризипелот е акутна инфективна болест, предизвикана од бактеријата стрептокок, која во кожата влегува низ "влезна врата" (оштетено место, рана на површината на кожата). Се јавува како локално заболување на нозете или главата, а поретко на останатите делови на телото. Се пренесува со директен контакт со заразените лица. Здравите луѓе се поотпорни на еризипел, додека осетливи се луѓето кои боледуваат од некои болести, пр: дијабет, болести на бубрезите, алкохолизам и сл. Болеста најчесто се јавува кај постари луѓе, а не е редок случај и кај новороденчиња. Кај поголем број пациенти доаѓа до зголемена температура (3940C), со интензивна треска, општа слабост на организмот, главоболка, мачнина и повраќање. После 12 - 24 часа се јавува јадеж, а површината на кожата која е зафатена со еризипел е топла, затегната, сјајна, со јасно ограничен црвен оток и на допир се чувствува болка. Доколку се јави на лицето, започнува од носот и се шири спрема образите во вид на крила од пеперуга. Лекувањето на еризипелот се состои во давање на антибиотици, во комбинација со мирување и правилна исхрана, богата со витамини. На местото на црвенилото се ставаат облоги со 2 - 3% борна киселина.

Псоријаза(PSORIASIS VULGARIS) уреди

 
Псоријаза (Psoriasis)

Псоријазата е хронична, неинфективна болест на кожата, која се манифестира на различни начини. Таа е честа дерматоза и може да се јави кај сите возрасти, обично помеѓу 16 - 30 годишна возраст, а трае до крајот на животот. Причините и механизмот на настанување не се сосема јасни, но се смета дека голема улога има наследниот фактор. Може да биде предизвикана од различни фактори, пр: стрес, нервоза, земање лекови, диети, бременост, пубертет и др. Псоријазата започнува во вид на црвени плаки, кои постепено се прошируваат и формираат јасно ограничени овални или неправилни форми, одозгора покриени со сребрено - бели лушпи. Лушпите се состојат од орожнети клетки . Во суштина, површинскиот кератински слој од кожата наместо да опаѓа во вид на перут, тој се задржува натрупувајќи се слој врз слој кератински клетки. Ако гребеме по површината на псоријатичните промени, лушпите лесно се ронат (феномен на восочна свеќа).Тие при гребење, лесно се отстрануваат, но карактеристично е што нивната количина при гребењето секогаш е поголема отколку што се очекува,оставајќи интензивно црвена дамка - флека (феномен на восочна дамка). Ако се продолжи со гребењето, се отстрануваат лушпите и се јавува крвавење во вид на ситни капки крв, поради повреда на крвните садови сместени во површинскиот дерм (феномен на крвава роса). Псоријазата може да се појави на било кој дел од телото, но најчесто се локализира на лактите, колената и влакнестиот дел од главата. Според големината и формата на псоријатичните промени, се разликуваат неколку видови на псоријаза:

  • psoriasis follicularis - кога промените се сосема ситни, врзани за фоликулот од влакното;
  • psoriasis punctata и psoriasis guttata - се јавува кај децата и кај младите, а се одликува со промени во вид на капки распространети по целото тело;
  • psoriasis geographica - кога промените се неправилно распоредени по телото и личат на географска карта
  • psoriasis inversa - кога се јавува на делови од телото каде вообичаено не се очекува да се појави, односно на кожните дупликатори. Површината на плаките им е жар црвена, мазна, мека, а повремено се јавува јадеж. При псоријаза се применува локално, општо и диетално лекување. Локалното лекување е најважно и се врши со примена на кератолитички средства, кои го лупат површинскиот слој на кожата. За таа цел се користи 5 - 10 % салицилна маст и кортикостероидни препарати. Општото лекување опфаќа земање на витамини: C, A, B12 (фолна киселина). Диеталното лекување подразбира земање храна со помалку масти, апстиненција од алкохол, зачинета и конзервирана храна. Се препорачува и зрачење со UVA зраци.

Лупус еритематодес(LUPUS ERYTHEMATODES) уреди

Претставува автоимуна болест (организмот создава авто - антитела кои ги оштетуваат сопствените ткива), која може да ги зафати сите органи во човечкиот организам. Има две основни форми на лупус еритематодес:

  • системска форма
  • хронична форма

Системскиот лупус еритематодес е тешко заболување при кое е зафатено целокупното сврзно ткиво на организмот, а тоа значи скоро сите органи и органски системи. Се среќава кај сите раси и возрасни групи, но најчесто заболуваат жени на околу 30 - годишна возраст. Болеста почесто започнува бавно со кожни промени и со системски промени кои следат подоцна, покачена телесна температура, треска, премаленост, губење на телесната тежина и сл. Промените на кожата се одликувааат со црвенило на лицето во облик на крилја од лилјак, кое може да остане и неколку месеци. На усните се јавуваат ерозии, покриени со кафеави красти. Се јавуваат и црвени дамки на дланките, стапалата и помеѓу прстите. Можат да се јават промени и на внатрешните органи, односно да бидат зафатени: срцето, зглобовите, мускулите, бубрезите, белите дробови и др. Лекувањето на системскиот лупус еритематодес е со помош на кортикостероиди, преку уста или надворешно во вид на кремови или масти. Хроничниот лупус еритематодес се јавува најчесто на кожата на лицето, ушите, деколтето, грбот и на други делови од телото, во вид на јасно ограничени кружни или овални плаки. Најважни знаци за оваа болест се црвенило и создавање на орожнети клетки. Промените се локализирани на лицето, најчесто започнуваат на носот и се шират на образите во форма на пеперуга. Обично заболуваат жени меѓу 20 - 40 годишна возраст. Лекувањето на болеста се врши со кортикостероидни препарати во вид на кремови. Може да се примени и криотерапија со благо премрзнување, не подолго од десетина секунди. За симнување на орожнетите наслаги може да се користи 5 -10% салицилна маст. Болниот не смее да се изложува на сонце.

Козметички постапки кај еритоматозните дерматози уреди

Еритематозните дерматози имаат различна етиологија. тоа значи дека начинот на лекување и козметичкото третирање ќе биде различно. Постојат еритеми кои во никој случај не смеат да бидат третирани со козметички постапки. Козметичарот со своето стручно знаење и искуство, треба да ги препознае таквите дерматози, а клиентите да ги упати кај лекар, кој ќе се погрижи стручно да ги истретира и излекува. Инфективните еритеми не смеат козметички да се третираат. Меѓутоа, постојат други видови еритеми, кај кои можат да се применат некои козметички процедури. Мануелната и апаратурната масажа се постапки кои се препорачуваат при лекување на активните и пасивните еритеми. Со масажата се подобрува циркулацијата на крвта, со што се спречува застојот на крвта. Исто така, кај одредени типови еритеми можат да се употребуваат и козметички маски со антифлогистичко дејство, за смирување на црвенилото на кожата, маски со хидратантно делување и сл. Кај еритематозната кожа не се препорачува парење на лицето, пилинг, како и механичко чистење на лицето.

Поврзано уреди

  1. Сипаници
  2. Мали сипаници
  3. Варичела

Наводи уреди

Надворешни врски уреди

Користена литература уреди

Користена литература учебник за трета година од Доктор професор Снежана Переска