Дуброво

село во Општина Неготино, Македонија

Дуброво — село во Општина Неготино, во областа Тиквеш, во околината на градот Неготино.

Дуброво

Куќи во селото

Дуброво во рамките на Македонија
Дуброво
Местоположба на Дуброво во Македонија
Дуброво на карта

Карта

Координати 41°28′14″N 22°08′42″E / 41.47056° СГШ; 22.14500° ИГД / 41.47056; 22.14500
Регион  Вардарски
Општина  Неготино
Област Тиквеш
Население 31 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1440
Повик. бр. 043
Шифра на КО 18013
Надм. вис. 115 м
Дуброво на општинската карта

Атарот на Дуброво во рамките на општината
Дуброво на Ризницата

Потекло и значење на името уреди

Потеклото на името се поврзува со дрвото даб, односно називот „дубрава“ кој означува дабова шума, што е чест и многу раширен топоним во сите словенски земји. За името на селото постои предание. Имено, покрај Вардар има бујни врбјаци и тополи, така што постоела една мала, но густа гора во долината. Стар збор за гората е дубрава. Оттука и името на селото Дуброво, што значи „долинска гора“.[2]

Географија и местоположба уреди

 
Поглед на селото

Селото се наоѓа на територијата на Општина Неготино, недалеку источно од самиот град Неготино, од десната страна на реката Вардар. Во негова близина, на само еден километар, поминува автопатот Е75. Поради близината на градот се смета дека влегува во неговата рурбална зона.[3] Селото е рамнинско, на надморска височина од 115 метри.[3]

Дуброво се наоѓа на 5 километри источно од градот Неготино, веднаш до десниот брег на реката Вардар. Селото се наоѓа наспроти соседното Војшанци. Селото е сместено помеѓу автопатот Е-75 (од лева) и железничката пруга (од десна страна) од меѓународниот европски коридор 10.

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Острово, Бучето, Газалиште, Гробиштата, Долни Чаири, Горни Чаири и други.[2]

Историја уреди

Подрачјето на Дуброво е населено уште од доцната антика, за што сведочи наоѓалиштето Платуња на 1,5 километри северозападно од селото.[4]

Селото Дуброво отсекогаш било мало и со малку население. Сè до XVI век во селото живееле Македонци. Најверојатно, исламизацијата и на ова село е со онаа од другите околни села, т.е. токму во овој век е извршена. Ова е во периодот на доселувањето Јуруци во Тиквешијата, како и кога поминувала коњицата на Сулејман II Величествениот. Потурчениците во Дуброво живееле сè до средината на XIX век, кога Рушид-ага со своите насилници ги принудил да го напуштат селото. Тој дотерал едно цело крдо свињи. Муслиманите гонети од верскиот фанатизам во бесценица му ја продавале земјата и го напуштиле селото. На местото на потурчениците доселувал Македонци, чифчии, од околните села: Тимјаник, Тремник, Бесвица, Бистренци, Долни Дисан, Бохула и други.[2]

Во средината на XIX селото било чифлик во кое живеле 200 жители - Македонци христијани, кои во втората половина на истиот век започнале да се иселуваат во Неготино. Во тоа време, селото било во сопственост на една вдовица од некој виден ага од Неготино. Во селото имало кула и конак.[2]

Во 1913 година, селото Дуброво сосем опустело, бидејќи голем број луѓе умреле од колера. Најверојатно, жителите пиејќи нечиста бунарска вода се заразиле од споменатава болест. Изумреле неколку соеви.[2]

Беглерите успеале да ја задржат земјата сè до 1928 година, кога окупаторската кралска српска власт преку аграрната реформа населила 12 колонистички семејства од Босна.[2]

По Втората светска војна во селото се населиле неколку македонски семејства од Егејска Македонија кои до денес живеат во селото (слично како и во блиското Црвени Брегови).[2]

Денес, во опустените населби се наоѓаат траги од христијанските и муслиманските гробишта. Се разбира, првите со остатоците од ѕидините на црквата се на едно ритче, а другите спроти нив се на друго ритче. Селото не прераснало во голема населба.[2]

Стопанство уреди

 
Куќа во селото

Атарот зафаќа простор од 7,1 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 398,8 хектари, на пасиштата отпаѓаат 226,9 хектари, а на шумите само 6,5 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделска функција. Во минатото, во селото работела земјоделска задруга.[3]

Селото за време на отоманскиот период претставува чифлиг, кој во XIX век бил во посед на вдовица на ага од Неготино, додека по Првата светска војна селото станало беглик на внуците од Рушид-ага: Талат-бег, Џумал-бег од Кавадарци и Ќемал-бег од Штип. Последен член од беговската фамилија бил Фаид-ага, син на Талат-бег, кој го задржал поседот до 1928 година, кога земјиштето во атарот на селото било национализирано и поделено на доселените колонисти од Босна. Исто така, пред војната богатиот сточар од Галичник, Апостол Черепналковски, откупил еден дел од чифликот во Дуброво каде што дотерал голем број грла овци и ги користел во зимата пасиштата на планината Серта.[2]

Иако географската положба на Дуброво е одлична поради близината на сообраќајните правци, но и на големите индустриски капацитети, малубројното население се занимава со лозарство и земјоделство. Во непосредна близина на Дуброво се наоѓа ТЕЦ „Неготино“ со 400 kw далновод со кој се поврзуваат Македонија и Бугарија, винарски визби („Повардарие“) и погони на некогашниот прехранбен комбинат „Македонија“, како и истоимената железничка станица. Во зимскиот период голем број на овчарски стада од Западна Македонија доаѓаат на презимување во непосредната околина на Дуброво.

Во најново време најактуелна е изграбата на железарница (со топилница) на кавадаречката фирма „ИГМ“, која е под сериозни дебати и спротивставувања на жителите на Неготино и околината.[5]

Население уреди

Население во минатото
ГодинаНас.±%
194810—    
1953276+2660.0%
1961213−22.8%
1971111−47.9%
1981106−4.5%
ГодинаНас.±%
199173−31.1%
199465−11.0%
200249−24.6%
202131−36.7%

Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, селото Дуброво имало 200 жители, сите Македонци христијани.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Војшанци имало 160 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало од 10 до 25 Македонци.[8]

Селото е мало, со намалување на бројот на населението. Во 1961 година селото броело 213 жители, а во 1994 година 65 жители, од кои 38 биле Македонци, 21 Турчин и четири жители Срби.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Дуброво имало 49 жители, од кои 35 Македонци, 1 Албанец, 10 Турци, 1 Ром, 1 Србин и 1 останат.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 31 жител, од кои 7 Македонци, 8 Турци, 1 Ром и 15 лица без податоци.[10]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Дуброво:

Година Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Ост. б.п. Вкупно
1948 10
1953 252 0 21 0 2 1 0 276
1961 147 2 37 22 5 213
1971 66 5 26 0 0 14 0 111
1981 52 9 34 0 0 11 0 106
1991 42 6 19 1 0 3 2 73
1994 38 1 21 1 0 4 0 65
2002 35 1 10 1 0 1 1 49
2021 7 0 8 1 0 0 0 15 31

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Иселеништво уреди

Во градот Неготино се иселиле следниве семејства: Темелковци (1 к.), во 1870 година; Бојаџиовци (2 к.), во 1885 година; Карадаковци (5 к.); Мајсторовци (2 к.), во 1885 година; Атанасовци (2 к.), во 1890 година; Кафовци (2 к.), во 1890 година; Ќимовци (2 к.), во 1850 година; Николовци (4 к.), во 1895 година; Сврдлевци (2 к.), во 1895 година; Мурџевци (1 к.), во 1900 година; Трајковци (1 к.), во 1900 година; Унчевци (1 к.), во 1900 година; Митревци (3 к.), во 1903 година; Ристовци (3 к.), во 1903 година и Дубровци (3 к.), во 1860 година, но преселени во Кавадарци, а пред тоа во Дуброво дошле од селото Праведник.[2]

Општествени установи уреди

Самоуправа и политика уреди

Во XIX век, Дуброво било село во Тиквешката каза на Отоманското Царство.

Селото се наоѓа во Општина Неготино, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Неготино. Селото припаѓало на општината Неготино и во периодот 1957-1962 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Неготинска градска општина, во која покрај селото Дуброво, се наоѓале и градот Неготино и селата Курија и Тимјаник. Неготинската градска општина постоела и во периодот 1950-1952.

Избирачко место уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 1233 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на ЗПТП „Дуброво“.[11]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 44 гласачи.[12]

Културни и природни знаменитости уреди

Археолошки наоѓалишта[4]
  • Платуња — населба од доцноантичко време.

Личности уреди

Родени во или по потекло од Дуброво

Наводи уреди

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 „Селото Дуброво“. www.macedonium.org. Посетено на 2021-10-16.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 116. Посетено на 16 октомври 2021.
  4. 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 232. ISBN 9989-649-28-6.
  5. „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2011-08-10. Посетено на 2011-12-11.
  6. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 155.
  7. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne. Avec deux cartes ethnographiques, Paris, 1905, pp. 104-105.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 16 октомври 2021.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  12. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  13. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди