Денови на кочанскиот ориз

Денови на кочанскиот ориз е културна манифестација што се одржува секоја година во првата половина на септември и е посветена на оризот - симболот на кочанскиот крај. Организатор е Локалната самоуправа на Општина Кочани, а за првпат таа се одржала во 1992 година, кога со одлука на тогашното Собрание на Општина Кочани бил формиран првиот Одбор за организација.

Насловна страница од брошура за манифестацијата

Самата манифестација е замислена како спој на традицијата и современиот уметнички израз и приказ на патот на оризот од нивата до трпезата. Со неа се прави обид да се сочува традицијата во оризопроизводството. Составен дел од манифестацијата е и изборот на жетварска убавица[1].

Жетвата на рака, со срп, е обичај со кој се навраќаме на традицијата во одгледувањето на оризот во нашиот крај. Духовното и материјалното културно наследство се пренесува преку песната, орото, народните обичаи, традиционалната кујна, старовремските предмети и алатките за обработка на ориз.

Идејните рамки на програмските активности се во фолклорот и традицијата, а оризот - кочанското бело злато е лајт-мотив на манифестацијата. Во културните содржини на манифестацијата се настојува на автентичен начин да се пронајде народното, изворното и да се спои со современата естетика.

Манифестацијата Денови на кочанскиот ориз со својот меѓународен предзнак е повод за нови пријателства, преку гостувањата на официјални општински, стопански и културни делегации во времето на собирањето на родот од кочaнските полиња. Целта на целата организација е да потсети на далеку познатиот квалитет на кочанскиот ориз и да се даде поддршка во неговиот пласман во и надвор од границите на Република Македонија.

Надворешни врски уреди

Публикации на Општина Кочани Архивирано на 22 октомври 2015 г.

Извори уреди

  1. Денови на кочански ориз 2014 Архивирано на 21 септември 2014 г. Економски водач, септември 2014