Дело без автор (филм)

Дело без автор (германски: Wer ohne Autor) - германски филм од 2018 година во режија на Флоријан Хенкел фон Донерсмарк, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Том Шилинг, Себастијан Кох, Паула Бер, Саскја Розендал, Хано Кофлер, Евгениј Сидихин итн. Филмот освоил пет награди и имал уште 20 други номинации, меѓу кои две номинации за „Оскар“.[1]

Синопсис уреди

Курт Барнет (го игра Шилинг) е мало дете кое е блиско со неговата млада тетка Елизабет Мај (ја игра Розендал). Меѓутоа, таа заболува од шизофренија и нацистите ја затвораат во клиника, каде најпрвин ја стерилизираат, а на крајот на војната ја убиваат. Исто така, неколку членови од семејството на Барнет погинуваат во текот на Втората светска војна. Кога во болницата доаѓа Црвената армија, директорот на клиниката, професорот Карл Зебанд (го игра Кох) е уапсен и затворен, меѓутоа откако успешно ја пораѓа жената на мајорот Муравјов (го игра Сидихин), Зебанд е ослободен, а мајорот го зема под своја заштита. По завршувањето на војната, Курт се запишува на ликовната академија во Источен Берлин, а Зебанд е угледен доктор, а неговото нацистичко минато е прикриено. Курт се вљубува во ќерката на Зебанд, Ели (ја игра Бер) и набргу се вселува како потстанар во нејзината куќа. Професорот Зебанд не ја одобрува таа врска, но кога Ели останува бремена, тој дава дозвола за нивниот брак, но самиот ѝ спроведува абортус на Ели. Кога мајорот Муравјов ја напушта службата, тој го советува професорот да емигрира, зашто постои опасност да се открие неговото нацистичко минато. Така, професорот Зебанд и неговата сопруга емигрираат во Швајцарија. Курт станува познат сликар кој слика дела во стилот на социјалистичкиот реализам, но заедно со Ели емигрира во Западна Германија. Таму, тој се запишува на ликовната академија во Диселдорф, но долго време не може да пронајде сопствен стил. Во меѓувреме, професорот Зебанд поднесува барање за престој во Западна Германија. Најпосле, Курт почнува да слика репродукции на фотографии. При една посета, професорот Зебанд ја препознава Елизабет Мај на една од сликите на Курт. Со тие слики, тој се прославува и организира самостојна изложба, а Ели раѓа дете.[2]

Наводи уреди