Гротеска — изразно средство со кое се прикажува нешто смешно, грдо, извитоперено и необично.

Гротескни цртежи, Микеланџело

Во јазикот уреди

Поимот „гротеска“ има различни значења. На пример, почнувајќи од 18 век, во францускиот, германскиот и англискиот јазик, „гротескно“ се употребува како придавка која означува нешто необично, фантастично, грдо, непријатно или одвратно и често се употребува за означување на искривени, извитоперени облици. Од друга страна, во сликарството и книжевноста, гротеската означува нешто бизарно кое истовремено предизвикува чувство на непријатност и сожалување. Во англискиот јазик, зборот „гротескно“ првпат се појавил во 1560-тите, како именка позајмена од францускиот јазик, а која потекнува од италијанскиот збор „гротеска“ (grottesca) кој буквално значи „од пештера“ (италијански: grotta).[1]

Во сликарството уреди

Во италијанскиот јазик, изразот „грото“ (grotto) првобитно го означувал екстравагантниот стил на римското ѕидно сликарство кое било повторно откриено и имитирано во Рим кон крајот на 15 век. Првобитно, овој израз се употребувал за сликите на ѕидовите од подрумите на урнатините во Рим, кои биле нарекувани „пештери“ (le Grotte), а кои биле соби и ходници на Domus Aurea, незавршениот комплекс од палати кои почнал да ги гради Нерон во 64 година. Во овие слики доминирале орнаментални прикази на неприродни и непостоечки смеси на растенија, животни и луѓе.[2] Постепено, овој збор се проширил во другите европски јазици при што долго време се користел паралелно со зборовите „арабеска“ и „мореска“, означувајќи декоратинви облици со употреба на заоблени елементи. Според Реми Аструк (Rémi Astruc), наспроти многубројните мотиви и фигури, три основни облици во гротеската се: двојноста, хибридноста и метаморфозата.[3] [4]

Во книжевноста уреди

Во книжевноста, гротеската означува „карикатурално-фантастична и искривена слика на стварноста, која не предизвикува смешни, туку застрашувачки чувства“, а се употребува и како „знак на отуѓеноста од светот... присутна во епохите во кои се урива верата во рационалните и природните основи на кои е изграден светот и во кои фантазијата, градејќи слики на распаѓањето на определена духовна структура, ги надминува сите граници на природно можното и рационалното прифатливото“.[5]

Наводи уреди

  1. „OED-Grotesque etymology“. Etymonline.com. Посетено на 2014-12-15.
  2. Danilo Lučić, „Kako su ljudi postale groteske“, во: Šervud Anderson, Vajnsburg u Ohaju. Beograd: Kontrast, 2022, стр. 194.
  3. Rémi Astruc, Le Renouveau du grotesque dans le roman du xxe siècle. Essai d'anthropologie littéraire, Paris, Classiques Garnier, 2010, 280 p. (ISBN 978-2-8124-0170-1).
  4. Astruc R. (2010), Le Renouveau du grotesque dans le roman du XXe siècle, Paris, Classiques Garnier.
  5. Rečnik književnih termina. Institut za književnost i umetnost, Beograd i „Romanov“, Banja Luka, 2001, стр. 248.