Гласовни промени во македонскиот јазик

Гласовна промена претставува промена на еден или повеќе гласови во друг. Ваквите промени на гласовите не се случајни и произволни, туку се случуваат во определени услови и според извесни правила (законитости) во говорот. Тие произлегуваат, пред сѐ, од тоа што гласовите се изговараат поединечно, отколку кога се во говорната низа. При изговорот на два соседни гласа настанува приспособување на артикулацијата на гласовите, со што се олеснува изговорот, а се штеди и времето.

Покрај стремежот за полесен, за поудобен изговор, како една од најважните и најчестите причини за промените, тие можат да се јавуваат и како резултат на: внатрешен развој на јазикот, влијанието од други јазици, генерациските разлики, брзината на зборување итн.

Некои гласовни промени се јавуваат само во определен временски период, други не се ограничени ниту временски ниту просторни — ги имало порано, ги има сега, а ќе ги има и во иднина. Во определено време обично се јавуваат спонтаните гласовни промени, а условените промени постојат многу долго време.

Во покарактеристичните гласовни промени се вбројуваат:

  1. едначењето по звучност;
  2. обезвучувањето на звучните согласки на крајот од зборот;
  3. редувањето на самогласките и согласките;
  4. испуштањето на самогласките и согласките;
  5. преместувањето;
  6. вметнувањето и други.

Едначење на согласките по звучност уреди

Едначење (асимилација) на согласките по звучност настанува кога во промената на некои форми на зборот или во изведувањата од него ќе се најдат една до друга две согласки различни по звучност. Всушност, безвучна согласка може да стои само пред безвучна, а звучна само пред друга звучна, поради акустичкото приспособување на два соседни гласа. Стремежот за полесен изговор е основна причина за оваа редовна појава во говорот. Едначењето се случува секогаш на границата на два значенски дела од зборот (морфемите).

Примери:

сосед — сосед + ка = сосетка; риба — риб + че = рипче; забец — заб + ци = запци; сват — сват + ба = свадба; роб — роб + ство = ропство; тежок — теж + ко = тешко; из + тури = истури; од + тука = оттука; од + после = отпосле; пред + чувство = претчувство.

Правописот наложува бележење на едначењето според втората согласка (како во сите горенаведени примери), но и се отстапува од ова правило затоа што од некои причини не може доследо да се споредува по практиката. На пример: пишуваме вторник, крадци, бегство, а изговараме фторник, кратци, бекство.

Обезвучување на звучните согласки на крајот од зборот уреди

Обезвучување на звучните согласки на крајот од зборот е гласовна промена каде на крајот од зборот секоја звучна согласка се изговара како нејзиниот безвучен парник.

Примери:

дојдов; нож; ориз; џеб; снег; леб; крв.

Горенаведените зборови се изговараат: дојдоф, нош, орис, џеп, снек, леп, крф. Ваквото обезвучување според правописот не се одбележува.

Редување на самогласките и согласките уреди

Редување (замена) на самогласките и согласките е гласовна промена која настанува кога имаме замена на еден глас со друг. Редувањето, главно, се случува помеѓу основниот дел од зборот (коренот) и другите делови, а поретко во самиот корен на зборот.

Примери:

роди — раѓа (е — а); избере — избира (е — и); сведок — сведоци (к — ц); сведок — сведоштво (к — ш); сведок — сведочење (к — ч); белег — белези (г — з); бубрег — бубрежен (г — ж); воздух — воздушен (х — ш); трн — трње (н — њ); плати — плаќа (т — ќ).

Испуштање на самогласките и согласките уреди

Испуштање на самогласките и согласките е гласовна промена која настанува поради дејствување на определени правила и закони или поради одбегнување на тешкиот изговор.

Примери:

петел — петли; потомок — потомци; добар — добри; лист — лисје (наместо листје); грозд — грозје (наместо гроздје); радост — радосна (наместо радостна).