Глад (норвешки: Sult) - роман на норвешкиот писател Кнут Хамсун од 1890 година.

Содржина уреди

Романот се состои од четири дела:

  • Прв дел: Главниот лик, млад писател, се буди лошо расположен и гладен. Веќе подолго време, тој не може да најде работа и нема пари да ја плати станарината. Поради тоа, бесцелно шета низ Кристијанија, следи две девојки, а потоа оди во паркот, немајќи идеја за некаква статија која би ја понудил на некој весник. Кога се враќа во станот, дознава дека добил отказ поради неплатената станарина. Утредента, тој пишува интересна статија, а потоа се иселува од станот и скита низ градот, ја носи статијата во редакцијата на весникот, но целиот ден го поминува гладен. Ноќта ја преспива во блиската шума, а следнито ден повторно скита низ градот и бидејќи не може да најде преноќиште, повторно се враќа во својот поранешен стан. Таму наоѓа писмо во кое уредникот го известува дека статијата му е прифатена за печатење и дека за неа ќе добие десет круни.[1]
  • Втор дел: Една недела подоцна, главниот лик живее на друго место, но откако ги потрошил заработените пари тој е повторно гладен. За да заборави на својата беда, тој скита низ градот, а една ноќ преспива во полициската станица каде запаѓа во бунило. Притиснат од гладот, тој заборава на честа и се обидува да заложи туѓо ќебе, а потоа почнува и да проси по продавниците. На крајот, кога мисли дека дека дошол крајот, случајно среќава еден познаник кој му нуди помош.[2]
  • Трет дел: По краткиот период на малку подобар живот, главниот лик повторно почнува да гладува. Истовремено, се обидува да напише уште една добра статија, но нема идеја. Очаен, ја користи грешката на продавачот и на нечесен начин доаѓа до пари. Пред неговиот стан среќава непозната девојка, која претходно ја видел неколкупати како стои таму, ѝ приоѓа и ја испраќа до нејзиниот дом. Притоа, дознава дека се работи за една од двете девојки кои ги следел на улицата. На разделба, девојката го бакнува и му закажува нова средба. Бидејќи цело време го гризе совеста за нечесно заработените пари, тој се ослободува од нив така што ѝ ги поклонува на една улична продавачка, а потоа го посетува продавачот и му кажува за измамата. Повторно гладен и очаен, тој често се однесува неразумно и го проколнува господ, откажувајќи се од него. Во мигот кога ја губи надежта, случајно го среќава познатиот уредник на еден весник, познат како Генералот, кој се сожалува на него и му поклонува десет круни. Со тие пари, повторно може да си плати стан и храна. Потоа, по вторпат се среќава со девојката, која го кани во својот дом, каде тој ѝ раскажува за својата голема беда. Слушајќи ја неговата приказна, девојката помислува дека е луд и по малку се плаши од него, поради што тој ја напушта.[3]
  • Четврти дел: Пристигнува зимата, а главниот лик не може да напише добра статија кој би му ја понудил на Генералот како надомест за добиените десет круни. Еднаш, на улицата, случајно ја здогледува девојката како поминува со некое момче. Веќе ги има потрошено сите пари и не може да ја плати станарината, па поради тоа е избркан од собата. Тој оди на пристаништето, но во тоа време му се појавува идеја за драмски текст, па повторно се враќа во станот. Соопственичката грубо го брка од преноќиштето, но тогаш пристигнува поштарот кој му дава писмо во кое има десет круни. Кога дознава дека парите му ги испратила девојката, тој ѝ ги фрла в лице на сопственичката на преноќиштето и си оди. Потоа, скита низ градот во многу лоша физичка и психичка состојба. Повторно ја среќава уличната продавачка на која своевремено ѝ беше дал пари, ја замолува да му даде неколку колачи, но таа му се спротивставува. Сепак, тој зема неколку колачи, а еден задржува со намера да му го подари на едно расплакано дете на улицата. Вечерта, тој мора да најде место каде ќе преноќи и се вработува на едне брод кој треба да исплови за Англија.[4]

Осврт кон делото уреди

„Глад“ е првиот роман кој на Хамсун му донел поширока слава. Истовремено, тој извршил пресудно влијание врз модерната книжевност во XX век, како во Европа, така и во САД.[5] „Раскажувачот бега по улиците на градот - оној чуден град од кој никој не исчезнува сè додека тоа не му остави белег. Неговите високоостроумни написи, повремено објавувани од весници, стануваат неразбирливи, дури и за него. Нема ништо сентименално во неговото постење, туку е повеќе во прашање неговиот нихилистички избор. Тој продава написи во локалниот весник и се среќава со млада жена, која е преплашена од него. Неспособен да ги држи под контрола своите тешко заработени оброци, раскажувачот најпосле наоѓа работа на руски брод што патува за Европа. Тој пости, ама не на начин како што би постел христијанин. Тој не го негира земскиот живот во очекувањето на рајскиот, тој едноставно одбива да го живее животот што му е даден. Младиот писател може да се гледа и како претходник на познатиот лик на Чарли Чаплин“, напишал Пол Остер во предговорот на „Глад“.

Наводи уреди

  1. Кнут Хамсун, Глад. Београд: ЛОМ, 2016, стр. 5-51.
  2. Кнут Хамсун, Глад. Београд: ЛОМ, 2016, стр. 53-90.
  3. Кнут Хамсун, Глад. Београд: ЛОМ, 2016, стр. 91-142.
  4. Кнут Хамсун, Глад. Београд: ЛОМ, 2016, стр. 143-179.
  5. Кнут Хамсун, Глад. Београд: ЛОМ, 2016.