Ампутација — отстранување на екстремитет поради повреда, долготрајно стегање или операција. Како хируршка мерка се користи за да се контролира болката или болеста на заразениот екстремитет како, на пример, при малигност или гангрена. Во некои случаи се користи како превентива за да не дојде до такви проблеми. Посебен случај претставува вродена ампутација односно вродена болест кај која екстремитетите на фетусот се пресечени од амниотични врвки. Во некои земји, се изведува или се изведувала ампутацијата на рацете стапалата или некој друг дел од телото како казна за луѓе кои извршиле злосторство. Ампутацијата се користела и како тактика во војната или тероризмот, а може да настане и како последица на воена повреда. Кај некои култури и религии, мали ампутации или осакатувања се сметаат за ритуално достигнување. За разлика од животните кои не се цицачи (како што се гуштери кои ја менуваат опашката, саламандери на кои повторно можат да им израснат делови од телото кои недостасуваат, хидри, сплескани црви и морски ѕвезди кај кои може повторно да израсне целото тело од мали делови), човечките екстремитети не израснуваат пак штом се отстранат, додека некои органи можат да се регенерираат, на пример црниот дроб. Екстремитетите можат да се заменат само со протеза или со пресадување.

Ампутација
Џ. Мекнајт, кој ги изгубил екстремитетите во железничка несреќа во 1865, бил вториот документиран преживеан на истовремена тројна ампутација.

Најголемиот дел од ампутациите во САД се извршени поради компликации на васкуларниот систем (крвните садови), особено од дијабетесот. Во периодот помеѓу 1988 и 1996 година, во САД имало просечно околу 133.735 ампутации годишно.[1]

Видови уреди

Постојат следниве видови ампутации:

  • Ампутација на нога
    • Ампутација на прстите на нозете
    • Делумна ампутација на стапалото (Чопарт, Лисфранк, Реј)
    • Отстранување на глуждот (Сајм,[2] Пирогоф)
    • Ампутација под коленото. Ваква ампутација може да биде изведена со користење на транстибијална техника како на Берџес и Кингсли Робинсон.
    • Отстранување на коленото (Грити или Грити-Стоукс)
    • Ампутација над коленото (трансфеморална)
    • Ван Нес ротација/вртежна пластика (стапалото се врти за 180 степени и повторно се прикачува со што овозможува глуждот да се користи како колено)
    • Отстранување на колкот
    • Хемипелвектомија/задна ампутација
  • Ампутација на рака
    • Ампутација на прстите
    • Метакарпална ампутација
    • Отстранување на рачниот зглоб
    • Ампутација на подлактицата (трансрадијална)
    • Отстранување на лактот
    • Ампутација на надлактицата (трансхумерална)
    • Отстранување на рамото и ампутација на раката, лопатката и клучната коска
    • Крукенбергов метод
  • Ампутација на лице
    • Ампутација на ушите
    • Ампутација на носот
    • Ампутација на јазикот (глосектомија)
    • Ампутација на очите (ослепување). Во некои делови од светот, ампутациите во кои се отстранува дел од лицето се користат како казна за некои злосторства, за да се посрами лицето или за да се заплашат луѓето.
    • Ампутација на забите. Отстранување на забите, најчесто секачите, во некои култури се користело или сè уште се користи за потребите на одредени ритуали (на пример во Иберо-мауританската култура во Северна Африка во неолитот)
  • Ампутација на градите
    • Ампутација на градите (мастектомија)
  • Ампутација на гениталиите
    • Ампутација на скротумот
    • Ампутација на тестисите (кастрација)
    • Ампутација на пенисот (пенектомија)
    • Ампутација на кожичката на пенисот (обрежување)
    • Ампутација на дразницата (клиторидектомија)

Хемикорпоректомија или отстранување на половината и отстранувањето или ампутирањето кај вратот се најрадикални ампутации. Гениталната модификација и осакатувањето може да опфатат отстранување на ткиво, но причината за тоа не мора да е повреда или болест. По правило, делумните ампутации се извршуваат за да се зачува функционирањето на глуждот. Кај онколошката хирургија повеќе се практикува отстранувањето.

Самоампутација уреди

При ретки случаи, кога човек е заробен на напуштено место и кога нема средства за комуникација или надеж дека некој ќе го спаси, лицето си го ампутира екстремитетот:

  1. Во 2007 година во Калифорнија, 66-годишниот Ал Хил си ја ампутирал ногата под коленото со џебно ноже откако врз неа паднало дрвото што го сечел.
  2. Во 2007 година, Сампсон Паркер, фармер од Јужна Каролина, си ја отсекол раката откако му се заглавила во жнеалка за пченица.
  3. Во 2003 година во Јута, на 27-годишниот Арон Ралстон раката му се заглавила под карпа додека пешачел. Ја ампутирал подлактицата со џебно ноже при што ги скршил двете коски.
  4. Во 2003 година, работник во австралиски рудник за јаглен, си ја ампутирал раката со нож од марката Стенли откако со багерот кој го возел паднал три километри под земја и ја заглавил раката. Ампутацијата била непотребна бидејќи брзата помош набргу дошла и ја ослодобиле заглавената рака, но не можеле да ја сошијат.
  5. Во 90-ите години на 20-иот век, при голема бура, раката на еден ловец на ракови се заглавила во дигалка. Според весникот Њу Инглендер (New Englander), ја ампутирал раката кај рамото.

Уште поретки се случаите каде луѓето извршуваат самоампутација поради криминал или политички причини:

  • Во доцните 50-ти и раните 60-ти години на 20-иот век околу 50 лица во Вернон, Флорида добиле надомест на штета од осигурителните компании поради несреќи во кои загубиле екстремитет. Во тоа време, овие случаи сочинувале две третини од вкупниот број на такви побарувања во САД.
  • На 7 март 1998 година, Даниел Рудолф, постариот брат на бомбашот од Олимпијадата од 1996 година, Ерик Роберт Рудолф, се снимал како си ја сече раката со електрична пила за „да испрати порака од ФБИ и медиумите“.

Пореметување на телесниот интегритет и идентитет е психолошка состојба кај која лицето чувствува обврска да отстрани еден или повеќе делови од своето тело. Најчесто станува збор за екстремитет. Во некои случаи, лицето може да преземе драстични мерки за да ги отстрани екстремитетите, како на пример да создаде непоправлива штета на екстремитетот кој со медицинска интервенција нема да може да се спаси или, пак, насилно да го отсече.

Причини уреди

Пореметувања на крвотокот уреди

  • Инфекција на стапалото кај дијабетичарите или гангрена (најчестата причина за нетрауматска ампутација)
  • Сепса со периферна некроза

Неоплазма уреди

  • Коска зафатена од рак или тумор на мекото ткиво (на пример остеосарком, остеохондром, фибросарком, епителоиден сарком, Јуингов (Ewing) сарком, синовијален сарком, сакрален тератом на опашната коска, липосарком)
  • Меланом

Траума уреди

  • Тешки повреди на екстремитет при кои истиот не може да се сочува или, пак, обидите за да се сочува се неуспешни
  • Трауматска ампутација (несакана ампутација која се извршува на местото на несреќата поради која екстремитетот е делумно или целосно отсечен, на пример врв на прст кој е отсечен од машина за мелење месо)
  • Ампутација во матката (амниотични врвки)

Деформитети уреди

  • Деформитети на прстите и/или екстремитетите
  • Повеќе прсти и/или екстремитети од нормалното (на пример полидактилија)

Инфекција уреди

  • Инфекција на коската (на пример остеомиелит)
  • Дијабетес
  • Смрзнатици

Спортски резултати уреди

Понекогаш професионалните спортисти сакаат да ампутираат прст кој не им е важен за да ја олеснат хроничната болка и да ги поправат спортските резултати. Даниел Чик, играч на австралиски фудбал, го ампутирал домалиот прст на левата рака бидејќи хроничната болка и повредата му пречеле во играта. И на рагбистот Џоун Тавејк исто така му бил ампутиран прст. На одбранбениот играч на американската национална рагби лига, Рони Лот, му бил отсечен врвот на малиот прст откако го повредил во сезоната 1985 година.

Законска казна уреди

Во голем број земји, ампутацијата се користи како пропишана казна со закон. Меѓу нив спаѓаат Иран, Јемен, Саудиска Арабија, Судан и исламските региони на Нигерија.

Постапка уреди

Првин, за да се спречи крварење, се прави лигатура на артеријата и вената кои го снабдуваат со крв делот од телото кој ќе се ампутира. Потоа се пресекуваат мускулите и се сече коската со пила. Острите и груби рабови на коската се стругаат, кожата и мускулите се преместуваат преку крајот, а понекогаш се вметнуваат одредени елементи за да се прикачи протеза.

Превенција уреди

Ампутациите се трауматски доживувања кои го намалуваат квалитетот на животот на пациентите, а покрај тоа чинат многу. Според американското Здружение на дијабетичари, обична протеза за екстремитет чини помеѓу 10 и 15 илјади долари. Спречувањето на ампутацијата е важна задача.

Методите за спречување на ампутацијата зависат од проблемите кои можат да ја направат ампутацијата неопходна. Хроничните инфекции, кои често настануваат поради дијабетес или декубитус кај пациентите кои се врзани за кревет, често доведуваат до гангрена, при која може да е потребна ампутација.

Постојат два важни предизвици: прво, голем број пациенти имаат слаба циркулација во екстремитетите и второ, кај ваквите екстремитети потешко се лечат инфекциите.

Повредите настанати при паѓање, кај кои има големо оштетување на ткивото и слаба циркулација, исто така покажуваат добри резултати при терапијата со хипербарски кислород. Високото ниво на оксигенација и реваскларизација го забрзуваат времето на закрепнвање и спречуваат развивање на инфекции.

Едно истражување открило дека патентираниот метод наречен Циркуларна чизма постигнал значајни резултати во превенцијата на ампутацијата кај пациенти со дијабетес и артериосклероза.[3][4] Според друго истражување, овој метод бил корисен и при лечење на чирови на екстремитетите настанати од периферна васкуларна болест.[5] Чизмата го проверува срцевиот ритам и го притиска екстремитетот во периодот меѓу чукањето на срцето. Притискањето помага да се излечат раните во ѕидовите на артериите и вените и ја враќа крвта во срцето.[6]

Што се однесува до лицата со серизони повреди, напредокот во микрохирургијата во 70-ите години на 20-иот век овозможија повторно да можат да се сошијат отсечените делови од телото.

Прогноза уреди

Лицето може да биде вознемирено, а може да доживее и психолошка траума. Крајниот дел на ампутираниот екстремитет може да има намалена механичка стабилност. Недостатокот на екстремитетот може да предизвика значајни или дури драстични ограничувања.

Голем дел од лицата со ампутација (од 50 до 80 проценти) имаат синдром на фантомски екстремитети. Тие веруваат дека сè уште ги имаат екстремитетите кои им се ампутирани. Лицата може да чувствуваат чешање, болка, печење, напнатост, да чувствуваат дека се суви или влажни, дека се заробени или дека се движат. Некои научници сметаат дека ова се случува поради тоа што мозокот има еден вид на нервна мапа на телото и дека тој праќа информации за екстремитетите без разлика дали тие постојат. Фантомските чувства и фантомската болка може да настанат и при отстранување на други делови од телото, а не само на екстремитетите, на пример при отстранување на гради, на заб (фантомска забоболка) или на окото (синдром на фантомско око).

Сличен феномен претставува необјаснето чувство во дел од телото кој не е поврзан со ампутираниот екстремитетот. Се претпоставува дека делот од мозокот кој е одговорен за обработка на дразбите од ампутираните екстремитети, кој е лишен од самите дразби, се шири на останатиот дел од мозокот (Фантоми во мозокот – В. С. Рамачандран и Сандра Блејксли) така што лицето на кое му била ампутирана раката ќе почувствува необјаснет притисок или движење на лицето или главата.

Во многу случаи, фантомскиот зглоб помага при прислагодувањето на протезата бидејќи му овозможува на лицето да ја искуси проприоцепцијата на протетичниот екстремитет. Наместо протеза или како дел од неа, можат да се носат посебен вид на чорапи наменети за крајниот дел на ампутираниот екстремитет кои овозможуваат да се подобри отпорноста, користењето и поголема удобност.

Друг несакан ефект може да биде хетеротопска осификација особено кога има повреда на коска и на глава. Мозокот испраќа сигнали до коската да расте, а не да формира ткиво, а малите израстоци можат да и пречат на протетиката и понекогаш се потребни дополнителни операции. Ваквата повреда е особено карактеристична за војници ранети од импровизиани експлозивни направи во војната во Ирак.[7]

Како резултат на технолошкиот напредок во протетиката, лицата со ампутација можат да имаат активен живот со мали ограничувања. Формирани се и организации како што се Фондацијата на хендикепирани спортисти за да им овозможат на лицата со ампутации да спортуваат и да учествуваат во спортови за хендикепирани лица како што е фудбалот за лица со ампутации.

Историја уреди

Зборот ампутација доаѓа од латинскиот збор amputare што значи „да се отсече“, односно од ambi („околу“, „близу“) и putare („крои, скратува“). Латинскиот збор никогаш не бил споменат во хируршки контекст, туку се користел само при изрекување на казни за криминалци. Англискиот збор ампутација првпат се применил во хирургијата во 17-иот век, најверојатно во книгата на Питер Лоу, Дискусија за уметноста на хирургијата (објавена во 1597 или 1612 година). Неговата работа се заснова на француски текстови од 16-иот век, а и англиските писатели од тоа време ги користеле зборовите „екстирпација“ (во француските текстови од 16-иот век се стремеле кон тоа да го користат зборот „екстирпер“). Други вообичаени зборови биле „дисартикулација“ и зборот „распарчување“ кој доаѓа од стариот француски збор desmembrer кој пред 17-иот век бил многу повообичаен термин за отстранување на екстремитет). Исто така, се користел и зборот „сечење“, но до крајот на 17-иот век „ампутација„ станал прифатен медицински термин.

Наводи уреди

  1. „Amputee Coalition Factsheet“. Amputee-coalition.org. 2012-07-23. Посетено на 2013-04-22.
  2. Pinzur, M.S.; Stuck, RM; Sage, R; Hunt, N; Rabinovich, Z (September 2003). „Syme ankle disarticulation in patients with diabetes“. J Bone Joint Surg Am. 85-A (9): 1667–1672. PMID 12954823.
  3. Richard S. Dillon (May 1997). „Fifteen Years of Experience in Treating 2177 Episodes of Foot and Leg Lessions with the Circulator Boot“. Angiology. 48 (5 (part 2)): S17–S34. doi:10.1177/000331979704800503. Архивирано од изворникот на 2010-11-18. Посетено на 2014-07-06.
  4. Richard S. Dillon; Yai, H; Maruhashi, J (May 1997). „FPatient Assessment and Examples of a Method of Treatment. Use of the Circulator Boot in Peripherical Vascular Disease“. Angiology. 48 (5 (part 2)): S35–S58. doi:10.1177/000331979704800504. PMID 915838. Архивирано од изворникот на 2010-11-18. Посетено на 2014-07-06.
  5. Vella A, Carlson LA, Blier B, Felty C, Kuiper JD, Rooke TW (2000). „Circulator boot therapy alters the natural history of ischemic limb ulceration“. Vasc Med. 5 (1): 21–25. doi:10.1191/135886300671427847. PMID 10737152.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  6. Circulator Boot at Mayo Clinic 1:08–1:32
  7. Ryan, Joan (March 25, 2006). „War without end / Damaged soldiers start their agonizing recoveries“. The San Francisco Chronicle. Архивирано од изворникот на 2011-02-08. Посетено на 2014-07-06.