Хенри Џејмс

(Пренасочено од Henry James)

Хенри Џејмс (15 април 1843 - 28 февруари 1916) бил американско-британски писател, кој се смета за една од клучните фигури на литературниот реализам во 19 век. Исто така, Џејмс дал значаен придонес во книжевната критика, особено со неговото инсистирање на писателите да им биде дозволено во најголема слобода да го претстават својот поглед на светот. Тој бил извонредно плоден писател, кој објавил и бројни статии и патописи, биографии, автобиографија и критики, а пишувал и драми.

Хенри Џејмс
Хенри Џејмс во 1890 г.
ЗанимањеПисател
Националностамериканска; британска (од 1915)
Апсолвент наHarvard Law School
Значајни делаВртење на завртката
Портрет на дама
Дејзи Милер
Амбасадори
Плоштадот во Вашингтон
РодниниХенри Џејмс (татко), Вилијам Џејмс (брат), Алис Џејмс (сестра)

Живот

уреди

Хенри Џејмс се родил во богато семејство во Њујорк. Неговиот татко, Хенри Џејмс постариот, бил еден од најпознатите интелектуалци во средината на 19 век во САД. Во младоста, Џејмс патувал меѓу Европа и Америка. Се школувал во Женева, Лондон, Париз, Болоња и Бон, со поголем број ментори. На возраст од 19 години накратко посетувал предавања на Хардвардскиот правен факултет (Harvard Law School), но повеќе претпочитал да чита литература отколку да студира право. Во раната возраст Џејмс веќе ги прочитал англиските, американските, француските и германските литературни класици, како и преведените руски класици. Во текот на 1866-1869 и 1871-1872 година бил соработник во „Нацијата“ (The Nation) и во „Атлантик мантли“ (Atlantic Monthly). По животот во Париз, каде објавувал за „Њујорк трибјун“ (New York Tribune), во 1876 година, Џејмс се пресели во Англија, прво живеејќи во Лондон, а потоа во малото место Рај, во Сасекс (Rye, Sussex). Во 1905 година ги посетил САД за првпат по пауза од 25 години. Избивањето на Првата светска војна било шок за Џејмс, кој станал британски државјанин, како знак за верност на неговата втора татковина и во знак на протест против одбивањето на Америка да влезе во војната. На 2 декември 1915 година, Џејмс доживеал срцев удар и починал во Лондон, на 28 февруари 1916 година. Тој бил кремиран во крематориумот „Голдерс Грин“, а неговите посмртни останки се закопани во Кембриџ, Масачусетс.

Сексуалната наклонетост на Џејмс

уреди

Хенри Џејмс никогаш не се оженил и откако се преселил во Лондон, тој се прогласил за ерген и редовно ги одбивал понудите за брак. По неговата смрт, Ф.В Дјупи, во неколку книги напишани за семејството на Џејмс, ја развил теоријата дека Џејмс бил вљубен во неговата братучеда Мери (Мини) Темпл, но дека имал невротичен страв од сексот. Оваа анализа ја поддржувале критичарите Ван Вик Брукс и Верон Парингтон, кои ги критикувале делата на Џејмс како женствени. Дјупи немал пристап до документите на семејството на Џејмс, но користел содржини од објавените мемоари на неговиот постар брат и од збирката на писма, уредени од Перси Лабок, чија содржина се однесува на последните години од животот на Џејмс.
Подоцна, кога поголем дел од материјалот им станал достапен на научниците, вклучувајќи ги дневниците на современиците и стотина искрени и понекогаш еротски писма напишани од Џејмс до помлади мажи, сликата за неговиот невротичен целибат била заменета со онаа за таен хомосексуалец. Во 1899 година, кога имал 56 години, тој се запознал со 27-годишниот Андерсон во Рим. Нему, Џејмс му пишувал емотивни писма, велејќи: „Те чувам, најдраго момче, во мојата најинтимна љубов и сметам на твоето чувство за мене – во секој дел од твојата душа“. Во едно писмо од 6 мај 1904 година, упатено до неговиот брат Вилјам, Џејмс се нарекол себеси како „секогаш твојот безнадежен целибат“. Колку бил точен овој опис е предмет на дилеми меѓу биографите на Џејмс, но писмата до Андерсон некогаш биле квазиеротски. Исто така, во едно писмо до Хауард Стругис, неговиот хомосексуален пријател, Џејмс напишал: „Јас повторувам, отворено дека би можел да живеам со тебе. Во меѓувреме само ќе се обидам да живеам без тебе“. Понатаму, во писмото до Хауард Стургис, Џејмс шеговито пишувал за нивната „весела, мала средба за двајца“. Во писмата до Хју Волпол, Џејмс продолжил се опишал себеси како слон кој „те гали, ох толку љубезно“. Најпосле, неговите писма до Волтер Бери, испечатени од печатницата „Црно сонце“, долго време биле прочуени по нивната скриена еротика.
Сепак, Џејмс ѝ напишал на својата пријателка, писателката Луси Клифорд: „Најдрага Луси! Што да кажам? Кога те сакам толку многу и те гледам девет пати за еднаш што ќе ги видам другите! Затоа јас мислам дека – доколку сакаш да се разјасни до најзначајна интелектуалност – те сакам тебе повеќе отколку што ги сакам другите“. Во друг пример, тој ѝ напишал на пријателката од Њујорк, Мери Кадваладер Џонз: „Моја најдрага Мери Кадваладер. Јас копнеам за тебе, но залудно копнеам; и твојот долг молк навистина ми го крши срцето, збунува, обесхрабрува, скоро ме шокира, дури ме прави да се помислам дали слабата совесност и приврзан стар Келимаре (нагалено име што Џонз го употребувала за Џејмс) 'направила' нешто во некој темен сомнамбулизам од духот, кој ти ... создаде лош миг, или погрешен впечаток, или 'шарен изговор' Како и да е, тој те сака толку многу како и секогаш; ништо, до крајот од времето, не ќе го оттргне од тебе и ќе се сеќава на оние единаесет св. утрински интимни часови, оние телефонски матинеа, како најромантични од неговиот живот...“
Неговото пријателство со американската писателка Констанца Фенимор Вулсон, во чија куќа живеел повеќе недели за време на престојот во Италија во 1887 година, и неговиот шок и тагата од нејзиното самоубиство во 1894 година се опишани во делата на Леон Едел и тие имале централна улога во проучувањето на Линдол Гордон. Едел претпоставил дека Вулсон била заљубен во Џејмс и дека се самоубила поради неговата рамнодушност. Врз основа на мислењето на Едел, Гордон шпекулирал дека Џејмс се чувствувал виновен за саботажа на работата на Вулсон. Но, биографите на Вулсон силно го демантирале мислењето на Едел и го опишале Џејмс како пријател кој ја усовршил кариерата на Вулсон. Така, Новик, тврдел дека тие докази покажуваат дека Џејмс страдал од силни емоции, поттикнати од наводното самоубиство на неговата пријателка, но немало никаков доказ дека Вулсон бил заљубена во него, ниту дека тој бил причина за нејзината смрт.

Творештво

уреди

Творештвото на Џејмс е обемно и се состои од: две долги биографии, два мемоара за неговото детство и долга автобиографија, 22 романи, вклучувајќи две недовршени книги, 112 новели со различна должина, 15 драми и многубројни есеи и патописи. Според неговите биографи и критичари, најголемо влијание врз Џејмс извршиле: Хенрик Ибзен, Натаниел Хоторн, Оноре де Балзак и Иван Тургенев.
Првата кратка новела на Џејмс била „Трагедија на грешката“ (A Tragedy of Error), анонимно објавена во 1863 година, по што тој ѝ се посветил на литературата. Првото дело објавено со негвото името била театарската критика „Госпоѓица Меги Мичел во делото Наметка на крикет“, издадена во 1863 година. Неговиот прв роман, „Поглед и заштита“ (Watch and Ward) (1871), бил напишан за време на патувањето во Венеција и во Париз. Во текот на неговите први години од престојот во Европа, Џејмс пишувал романи кои ги отсликуваат Американците што живеат во странство. Во 1905 година, Џејмс ја посетил Америка за првпат по дваесет и пет години при што го напишал делото „Џоли Корнер“. Помеѓу 1906 и 1910 година Џејмс ревидирал голем број од своите новели и романи за њујоршкото издание на неговите комплетни дела. Неговата автобиографија „Малото момче и останатите“ се појавила во 1913 година, а била продолжена во „Белешката на синот и братот“ (1914), додека третата книга, со наслов „Блиски години“, се појавила посмртно, во 1917 година. Сè до својата педесетгодишна возраст, Џејмс се издржувал пишувајќи раскази за разни списанија во САД и во Британија. Во подоцнежните години од неговиот живот започнал да пишува романи, кои најпрвин биле објавувани во продолженија, во списанијата, а дури подоцна биле оздадени како посебни книги. Исто така, Џејмс пишувал драми, од кои некои биле прикажувани во театрите, но не постигнале поголем успех.

Стил и теми

уреди

Џејмс се смета за еден од најзначителните автори во трансатлантската литература. Неговите дела често претставуваат ликови од Стариот Свет (Европа) и од Новиот Свет (Соединетите Држави). Џејмс го истражува овој судир на личности и култури, а неговите главни јунаци често се млади Американки кои се соочуваат со обесправеност или злоупотреба. Критичарите шеговито опишале три фази во развојот на прозата на Џејмс: „Џејмс Првиот, Џејмс Вториот и Стариот Симулант“. Во првиот период, кој кулминирал со ремек-делото „Портрет на дама“, неговиот стил бил едноставен и директен, но тој, исто така, многу експериментирал со формата и со методите. Во вториот период, тој го напуштил романот и од 1890 до 1897 година пишувал кратки раскази и драми. Потоа, во неговиот трет период, Џејмс се навратил на долгиот роман.
Почнувајќи во вториот период, но позабележително во третиот, Џејмс сè повеќе го избегнувал директниот говор, поради честите двојни негации и комплексната описна метафорика. Со интензивниот фокус на свеста на неговите главни ликови, подоцнежите дела на Џејмс го навестиле големиот развој на белетристиката од XX век. Сепак, според многумина, неговиот стил во подоцнежниот период бил сложен и непотребен: На пример, неговиот пријател Едит Вартон, кој многу го почитувал, рекол дека во неговите дела имало делови кои биле неразбирливи, а Х. Г. Велс грубо го опишал Џејмс како нилски коњ кој напорно се труди да фати зрно грашок што заглавило во аголот од некој кафез. Некои критичари сметаат дека посложениот начин на изразување бил последица на тоа што Џејмс почнал да ѝ диктира на секретарката. Неколку од неговите преживеани нацрти покажуваат дека своите подоцнежни дела Џејмс сè повеќе ги прегледувал и преправал, а во некои случаи, критичарите ја претпочитаат првобитната, непоправена верзија, како што е случајот со „Дејзи Милер“.
Во однос на книжевната постапка, Џејмс ја отфрлил дотогашната улога на писателот како судија кој знае сè за ликовите во своето дело и кој стои на растојание од нив. Наспроти тоа, тој дејството го преместил до својата глава во главата на еден од јунаците во делото, опишувајќи ја општествената средина низ мислите и чувствата на тој лик. На тој начин, текстот добил драмска напнатост, овозможувајќи му на читателот заедно со главниот јунак во делото да се соочува со сите неочекувани ситуации. На тој начин, текстот станува поуверлив, зашто нема потреба од коментарите на писателот, а со тоа, дејството во книгата станува поефектно. Приклонувајќи се кон субјективизација на формата, особено во подоцната фаза од неговото творештво, Џејмс почнал да гради херметички свет, ослободен од историската компонента. Оттука, според критичарот Џозеф Ворен Бич, Џејмс потсетува на физичар кој би сакал своите експерименти да ги спроведува без никакво влијание на електричните или магнетните пречки. Оттука, тој ги избира само оние страсти што може да се објаснат со рационалните и социјалните мотиви.[1]

Хенри Џејмс се смета за претходник на современиот психолошки роман, бидејќи сметал дека романот, за да биде верна слика на животот, не смее да биде натрупан со материјални факти, туку треба што повеќе да се сообрази со стварниот живот и да се фокусира врз она што е најважно во него, а тоа е она што свеста го прима и го регистрира. Поради тоа, писателот треба да се повлече и на читателот да му ги претстави содржината на свеста на еден лик и светот изразен во неа. Оттука, Џејмс зема едно лице (т.н. „централна интелигенција“) и преку него го претставува целото дело. Тој ја развил познатата теорија на „гледиштето“ според која, во романот, животот треба да се запознае од гледна точка на едно гледиште, со очите на една личност, но таа личност не смее да биде сезнајниот писател, туку еден од ликовите во делото. Тој лик треба внимателно да се одбере и тој ја игра улогата на „централна интелигенција“ во романот, но да се внимава таа функција да не ја одземе веродостојноста на ликот. Според тоа, изборот на тој лик има големо значење, зашто успехот на романот зависи од способноста на читателот да се идентификува со тој лик, со цел да го доживее делото преку свеста на така избраниот лик.[2]

Поважни дела

уреди

Романи

уреди

Џејмс верувал дека романот мора да биде органски, т.е. деловите од романот треба да претставуваат целина и врската мора да одговара на формата. Ако читателот ужива во уметничкото дело или во дел од пишувањето, тогаш тој мора да биде во можност да објасни зошто. Самиот факт дека секој читател има различен вкус помага во верувањето дека уметниците треба да имаат уметничка слобода да пишуваат на начинот што ќе го изберат и да зборуваат за предмет што може да предизвика интерес кај сите.
Џејмсовата романескна филозофија е изградена на претпоставката дека размислувањата на два човечки ума се дијаметрално спротивни и дека со јазикот, оној внатрешниот во нас, тие не можат да се разберат. Оттука, неговиет ликови постојано тежнеат кон некоја мрачна цел, под околности кои навидум се ненормални. Тоа го навело Џејмс меѓу темата и читателот да постави двајца-тројца посредници кои не се вистинските јунаци во книгата, но чија должност е да го изразат она што е пресудно. Набљудувано од тој аспект, неговиот роман претставува серија од мали романи во кои се издвојува централниот лик, за кого читателот нема да дознае ништо повеќе од она што навестуваат противречните, фрагментарни толкувања.[3]
Првиот период во белетристиката на Џејмс кулминирал во „Портрет на дама“, сконцентриран на разликата меѓу Европа и Америка. „Родерик Хадсон“ (1875) е роман кој го оцртува развојот на насловниот лик, талентиран вајар. Иако книгата покажува знаци на незрелост – овој роман бил прв сериозен обид за долг роман – тој предизвикал позитивни коментари поради јасната реализација на главните ликови: Родерик Хадсон, неверојатно надарен, но нестабилен и недоверлив; Рауленд Малет, пријател и чувар на Родерик, кој е ограничен и многу позрел; и Кристина Лајт, восхитувачка и страшна фатална жена. Џејмс ја направил разликата меѓу Европа и Америка уште поексплицитна во неговиот следен роман, „Американецот“ (1877). Оваа книга е комбинација на општествена комедија и мелодрама во врска со авантурите и незгодите на Кристофер Њуман, Американец, добродушен, но прилично невешт стопанственик кој за првпат оди во Европа. Њумен бара свет кој е различен од едноставниот, строг и реален во американскиот бизнис од 19 век. Тој се среќава со убавата и грдата страна на Европа и од тоа учи да не ги зема двете страни здраво за готово.
Плоштадот во Вашингтон“ (1880) претставува трагична комедија во која се раскажува конфликтот помеѓу глупавата, но слатка ќерка и нејзиниот брилијантен татко кој доминира. Книгата често ја споредуваат со делата на Џејн Остин поради јасноста и грациозноста на прозата и силниот фокус на семејни односи. Самиот Џејмс не го ценел многу овој роман: се обидел да ја препрочита за содржината во Њујоршкото издание на неговата белетристика (1907-1909), но открил дека не може, па затоа го исклучил романот од изданието. Меѓутоа, романот е едно од најпопуларните дела во опусот на Џејмс. „Портрет на дама“ (1881) е најпопуларното од неговите долги дела и се смета за ремек-дело од неговата рана фаза. Во романот се раскажува за енергичната млада Американка, Изабел Арчер, која наследува голема сума пари, но подоцна станува жртва на макијавелистичка интрига од страна на американските иселеници. Приказната главно е поставена во Европа, особено во Англија и во Италија.
Бостонци“ (1886) е горко-слатка трагедија која се фокусира на неколку ликови: Базил Рансом, строг политички конзервативец од Мисисипи; Олив Ченслер, братучед на Ренсом и посветен феминист од Бостон; и Верена Тарант, убава штитеничка на феминистичкото движење на Олив. Приказната раскажува за натпреварот помеѓу Ренсом и Олив, за верноста и љубовта кон Верена, но сепак романот вклучува широка панорама на политички активности, луѓе од печатот и ексцентрици. Следниот роман бил „Принцезата Касамасима“ (1886), приказна за интелигентниот млад укоричувач на книги од Лондон, Хијацинт Робинсон, кој е инволвиран во левичарската политика и во терористички атентаторски заплет. Книгата често се споредува со „Бостонци“ која, исто така, содржи политички прашања и проблеми. Романот „Трагична муза“ (1890) нуди широка, весела панорама на англискиот живот и го следи среќниот живот на двајца луѓе кои сакаат да бидат уметници: Ник Дормер, кој се двоуми помеѓу политичка кариера и неговите напори да стане уметник и Миријам Рут, глумица која се стреми за уметнички и комерцијален успех. Книгата го одразува интересот на Џејмс за театарот и често се смета за крај на втората или средната фаза од неговата кариера.
По неуспехот на неговиот „експеримент со драмата“, Џејмс продолжил со белетристиката и почнал да ја истражува потсвеста на неговите ликови. Неговиот стил почнал да се усложенува за да ѝ даде поголема длабочина на неговата анализа. „Пленот на Појнтон“ (1897) е роман од средна големина која ја опишува борбата помеѓу госпоѓа Герет, вдовица со беспрекорен вкус и железна волја, и нејзиниот син Овен, за куќата полна со драгоцен и старински мебел. Поголем дел приказната е прикажан од гледната точка на Фелда Веч, младата дама заљубена во Овен, но пријатна кон Госпоѓата Герет, која страда од загубата на старинскиот мебел што таа внимателно го собира. Џејмс продолжил со психолошкиот пристап во „Што знаеше Мејзи“ (1897), приказна за чувствителната ќерка на разведени и неодговорни родители. Романот има огромно современо значење како цврст приказ на дисфункционално семејство.
Во третиот период во кариерата, Џејмс постигнал најзначаен успех со трите романи објавени по преминот кон XX век. Критичарот Ф. О. Метхајзен ја нареколе оваа „трилогија“ најважната фаза во творештвото на Џејмс. Од нив, иако бил напишан втор по ред, романот „Крилата на гулабот“ (1902) бил првообјавен. Овие романи раскажуваат за Милер Тејлер, Американка, која е погодена со сериозна болест, и нејзиното влијание на луѓето околу неа. Некои од овие луѓе се спријателуваат со Мили со благородни мотиви, додека други се повеќе заинтересирани за себе. Џејмс во неговите автобиографии потврдил дека Мили е роман кој е заснован на Мини Темпл, неговата најсакана братучеда која починала на рана возраст од туберкулоза. Следниот од трите романи кој бил објавен е „Амбасадори“ (1903), мрачна комедија која го следи патувањето на главниот јунак Луис Ламберт Стретер во Европа, во потрага по тврдоглавиот син на неговата свршеничка. Стретер треба да го врати младиот човек назад во семејниот бизнис, но тој се среќава со неочекувани компликации. Приказната која се раскажува во трето лице е раскажана од гледна точка на Стретер. Во неговиот вовед во Њујоршкото издание за романот, Џејмс ја поставил оваа книга на врвот од неговите успеси. „Златниот пехар“ (1904), сложено проучување на бракот и прељубата ја комплетира „најзначајната фаза“ во кариерата на Џејмс. Романот длабоко и делумно ексклузивно се фокусира на потсвеста на главните ликови, со повремени опсесивни детали и моќен увид.

Раскази и новели

уреди

Особено е значаен придонесот на Џејмс во развојот на новелата како книжевна форма. Притоа, неговиот интерес за новелата произлегла од ограничувањата што му ги наметнувале уредниците во списанијата и весниците во кои ги објавувал кратките раскази, а кои поставувале услов тие да не бидат подолги од 6.000 - 8.000 збора. Новелата му послужила на Џејмс да ги провери новите техники и теми кои ги развивал.[4] Исто така, тој напишал голем број кратки раскази. Така, во „Страсниот аџија“ (1871), најраната белетристика која Џејмс ја вклучил во Њујоршкото издание, разликите меѓу Америка и Европа избиваат во отворен конфликт кој води до тажен ироничен крај. Иако техниката на раскажување во ова дело сè уште изгледа некако неискусна, Џејмс успева да направи интересен и реален пример на тоа што тој би го нарекол „американско - европска легенда“. Џејмс постигнал голем успех кај читателите со „Дејзи Милер“ (1878), расказ за додворувањето на насловниот лик, опуштена Американка, од Винтерборн, од страна на нејзин сонародник со многу поголема префинетост. Неговата борба по Дејзи е попречена од нејзиното флертување, кое не го одобруваат нивните пријатели. Нејзиното неразбирање на општествените обичаи на друштвото во кое таа очајно посакува да влезе, на крајот води до трагедија.
Делата на Асперн“ (1888) е еден од најпознатите и најприфатени подолги раскази на Џејмс. Приказната е заснована на анегдотата за еден љубител на Шели, кој се обидел да набави неколку вредни писма напишани од поетот. Поставена во Венеција, приказната ја покажува способноста на Џејмс да произведе скоро неподнослива неизвесност и истовремено да не го запоставува развојот на неговите ликови. Друг одличен пример од средната фаза на кариерата на Џејмс во пишување на раскази е „Учениците“ (1891), приказната за внимателно момче кое расте во лажно и нечесно семејство. Тој се спријателува со неговиот тутор, кој е единствениот возрасен во неговиот живот на кој може да му верува. Џејмс ја претставува неговата врска со разбирање и увид, а приказната достигнува, како што некои сметаат, статус на класична трагедија. Во расказот „Олтар на мртвите“, првпат објавен во збирката на Џејмс „Завршетоци“ од 1895 година, се зборува за приказна за значајноста на животот и смртта. Приказната истражува како главниот лик се обидува да го одржува сеќавањето на неговите почитувани пријатели, за да ги спаси од целосен заборав во брзиот тек на секојдневни настани. Иако Џејмс не бил религиозен во вообичаената смисла на зборот, расказот прикажува длабока спиритуалност во неговиот третман на смртноста и извонредната моќ на несебичната љубов.
Последната фаза за кратки раскази на Џејмс ги покажува истите одлики како и неговата последна фаза на романи: поинволвиран стил, подлабок психолошки пристап и поостар фокус на неговите главни ликови. Неговата најпопуларна кратка современа новела најверојатно е „Вртење на завртката“ (1898). Со нејзината двосмислена содржина и моќна раскажувачка техника, новелата го предизвикува читателот да одлучи дали главниот лик точно ги пренесува настаните или се работи за недоверлива невротична фантазија. „Ѕверот во џунглата“ (1903) се смета за негов најдобар краток расказ, а меѓу неговите последни кратки раскази посебно се истакнува „Џоли Корнер“ (1908).

Есеи, критики и писма

уреди

Џејмс бил еден од најзначајни литературни критичари во историјата на романот, со над двесте есеи, уметнички и театарски критики. Во неговиот класичен есеј „Уметност на прозата“ (1884), тој се спротивставува на забраната за изборот на писателот во поглед на темата и методот на обработка, тврдејќи дека најшироката можна слобода во содржина и пристапот би помогналa да се обезбеди виталноста на прозното прикажување. Кога го составил Њујоршкото издание на својата белетристика, Џејмс напишал серија воведи во кои ја подложил својата работа во областа на критиката. Исто така, Џејмс напишал мал, но вреден број, театарски критики, вклучувајќи забележителни пофалби за Ибзен. Со неговиот широк интерес за уметноста, Џејмс понекогаш пишувал и за визуелната уметност, особено интересирајќи се за сликарот Џон Сингер Сарџент. Понекогаш, Џејмс пишувал шармантни статии за различни места кои ги посетил и во кои живеел. Неговите најпознати патописи се: „Италијански часови“ и „Американска сцена“.
Џејмс бил еден од највеличествените пишувачи на писма во историјата. Повеќе од десет илјади од неговите лични писма се зачувани, а повеќе од три илјади биле објавени во голем број збирки. Комплетното издание на писмата на Џејмс било објавено во 2006 година, во две книги, покривајќи го периодот 1855-1872. Многу подоцна во неговиот живот, Џејмс започнал серија автобиографии: „Малото момче и другите“, „Белешки на синот и брат“ и недовршената „Блиски години“.

Влијание

уреди

Според романите и расказите на Џејмс се снимени неколку филмови. Така, три негови романи биле снимени од тимот на Исмаил Меркхант и Џејмс Ајвори, и тоа: „Европејци“ (1978), „Бостонци“ (1984) и „Златниот пехар“ (2000); Хелена Бонам Картер ја добила наградата „Оскар“ во категоријата за најдобра глумица, за нејзината улога како Кејт Крау; филмот „Плоштадот во Вашингтон“ (1997) на Агнишка Холанд поминал добро кај критиката; додека Џејн Кемпион го снимила филмот „Портрет на дама“ (1996), кој не доживеал голем успех. Претходно, филмот „Невините“ на Џек Клејтон (1961) бил заснован врз „Вртењето на завртката“, додека филмот „Наследничката“ на Вилијам Вајлер (1949), адаптација на „Плоштадот во Вашингтон“, добил четири награди „Оскар“, вклучувајќи ја и наградата за најдобра глумица, која ја добила Оливија Де Хавиленд (во улогата на Кетрин Слаупер).
Исто така, влијанието на Хенри Џејмс се чувствува и во книжевноста: На пример, лик со име „Хенри Џејмс“ се појавува во најмалку шест романи, од кои најпознат е „Господарот Колм Тојбин“. Бројни писатели, како: Џојс Керол Оутс со „Жителите во куќата на Блу“ (1994), Луис Очинклос со „Амбасадорка“ (1950), Том Стопард со „Реални нешта“ (1982) и Ален Холингхрст со „Линија на убавина“ (2004), биле под експлицитно влијание на делата на Џејмс. Во однос на наследството што го оставил Џејмс во областа на музиката, треба да се спомене оперската верзија на „Вртењето на завртката“ на Бенџамин Бритен (1954), која е едно од најпопуларните дела на овој композитор, додека во 1999 година, Вилијам Такет ја претворил новелата во балет.

Наводи

уреди
  1. Voja Čolanović, „Dvosmisleni Džejms“, во: Henri Džejms, Okretaj zavrtnja. Beograd: Rad, 1960, стр. 153-154.
  2. Vida E. Marković, „Džems Džojs“, во: Džems Džojs, Portret umetnika u mladosti. Beograd: Rad, 1964, стр. 271.
  3. Voja Čolanović, „Dvosmisleni Džejms“, во: Henri Džejms, Okretaj zavrtnja. Beograd: Rad, 1960, стр. 155.
  4. Voja Čolanović, „Dvosmisleni Džejms“, во: Henri Džejms, Okretaj zavrtnja. Beograd: Rad, 1960, стр. 154-155.