Шублер (германски: Schublehre) — рачен мерен инструмент за мерење на надворешни внатрешни димензии на разни предмети. Со шублерот мериме димензии на тела со прецизност до дел од милиметарот.

Механички шублер
Користење на шублер

Се состои од тело на шублерот со впишани скали (на долниот дел е нанесена милиметарска, а на горниот дел скала во инчи), лизгач со нониус, краци за мерење на надворешни димензии на тела, шилци за мерење на внатрешни димензии како и дел за мерење на длабина. Заради попрецизно отчитување на димензиите, шублерот има и кочен механизам (обично се работи за винт со кој лизгачот се прицврстува за телото).

Шублерот се изработува од челик, пластика како и од дрво за мерење на предмети со поголеми димензии (на пр. шумарите го користат за мерење на пречникот на стеблата).

Историја уреди

Точноста до дел од милиметарот е постигната со употреба на нониус, посебна скала осмислена уште во далечната 1542 година од Португалецот Педро Нуњес (лат. Nonius), кој својата скала ја применил на астролаб. Нониус скалата до крај ја усовршил Французот Пјер Верније (Pierre Vernier) во 1631 година (затоа понекогаш нониусот се нарекува и верније).[1][2]

Конструкција уреди

 
Зголемен поглед на скалата на шублерот, која има прецизност од 0,02 mm. Отчитаната вредност е 3,58 mm. Вредноста 3 се отчитува на левата страна (левата црвена линија). Вредноста 0,58 mm се отчитува на местото каде што се поклопуваат горната и долната цртичка (десната црвена линија)
 

Скалата на механичкиот нониус вообичаено е поделена на десет еднакви делови и со поместување на лизгачот во крајната лева положба се поклопуваат нултата ознака на милиметарската и нониус скалата. Должината на нониус-скалата е точно за 1 милиметар пократка од должината на милиметарската скала. Со поместување на нониусот за десетина милиметар надесно ќе се поклопи ознаката 1 на нониусот со цртичката која означува 5 mm на милиметарската скала. Значи, ознаката 1 на нониусот е поместена 0,1 mm од ознаката за 5 mm на милиметарската скала, ознаката 2 на нониусот 0,2 mm од ознаката за 10 mm на милиметарската скала, итн. Со поместување на лизгачот n/10 милиметри надесно, n-тата поделка на нониусот ќе се поклопи со една од поделките на милиметарската скала. Доколку сакаме да добиеме мерило со подобра прецизност од десетина милиметар, скалата на нониусот се дели на повеќе делови.

Шублерите се изработуваат со точност од:

  • 0,1 mm – должината на нониусот е 9 mm со 10 цртички
  • 0,05 mm – должината на нониусот е 19 mm со 20 цртички
  • 0,02 mm – должината на нониусот е 49 mm со 50 цртички

Освен механички шублер, денес се изработуваат и шублери со дигитални прикажувачи на мерените вредности.

 
Дигитален шублер

Кога со шублер мериме внатрешна мерка (на пр. внатрешен пресек на цевка), на отчитаната мера треба да се додадат 10 mm заради дебелината на шилците за мерење на внатрешни димензии кои изнесуваат 10 mm.

Една од посебните конструкции на шублерот е длабиномер. Него го користиме за мерење на длабина.

Наводи уреди

  1. Daumas Maurice: Scientific Instruments of the Seventeenth and Eighteenth Centuries and Their Makers, Portman Books, London 1989.
  2. [1] "1911 Encyclopaedia Britannica article on Navigation", 2008.

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди