Шлегово

село во Општина Кратово

Шлегово — село во североисточниот дел на Македонија, во Општина Кратово, во околината на градот Кратово.

Шлегово

Панорама на Шлегово

Шлегово во рамките на Македонија
Шлегово
Местоположба на Шлегово во Македонија
Шлегово на карта

Карта

Координати 42°04′00″N 22°09′42″E / 42.06667° СГШ; 22.16167° ИГД / 42.06667; 22.16167
Регион  Североисточен
Општина  Кратово
Население 221 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1360
Повик. бр. 031
Шифра на КО 14030
Надм. вис. 861 м
Слава Св. Троица
Шлегово на општинската карта

Атарот на Шлегово во рамките на општината
Шлегово на Ризницата

Потекло и значење на името

уреди

Најстариот запис на селото под името Шлегово потекнува од XVI век, а научните истражувања го толкуваат како: придавно име изведено од туѓа основа — германска.[2] Со оглед на тоа што селото се наоѓа во рударско подрачје, во кое уште во XIII век имало цели колонии од рудари — Саси, неговото потекло можеби доаѓа од:

  • Шлагово од германскиот збор Schlag со значење 1. удар, 2. биење, 3. црцорење, 4. вид, сој ― звуци коишто се поврзани со копањето и вадењето на руда; или
  • Шлегелово од германскиот збор Schlegel што значи рударски чекан.[2]

Меѓу самите жители на селото, постои толкување и верување дека името на селото потекнува од името на германското племе Шлези, кои тука биле населени од областа Шлеска во дамнешните времиња како рудари.[3]

Географија и местоположба

уреди
 
Сретселото со главната улица (регионалниот пат) низ селото

Селото Шлегово е сместено во подножјето на планината Плавица,[4] во јужниот дел на територијата на Општина Кратово.[5] Се наоѓа во близина на градот Кратово, на оддалеченост од околу три километри, и е сместено од двете страни на регионалниот пат 1205 од Кратово кон Пробиштип.[5]

Шлегово е сместено во мал дол на подножјето на планината Плавица, чијашто падина (1.057 и 1.216 м.н.в.) со највисокиот врв (1.297 м.н.в.) се издигнуваат веднаш непосредно на југ од селото, кон север и запад се простира зарамнет низински дел налик на мала висорамнина или плато која е оградена и завршува со гребенот на познатиот рид Здравчи Камен (844 и 817 м.н.в.), додека на североисток се пружа убава панорамска глетка на целиот град Кратово.

За разлика од повеќето останати села во Кратовско, Шлегово е село до збиен тип со доста уредени и големи куќи налик на градска архитектура, што се должи на неговата близина до градот и самото негово значење и развој.

Шумата на Плавица во денешно време е исечена,[3] покрај за огревното дрво и за истражувањата за ископување на руди, кои се вршат во последно време.

За селото Шлегово во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година, македонскиот револуционер Ѓорче Петров запишал дека тоа се наоѓа на подножјето на планината Плавица на ½ час оддалеченост од градот Кратово.[4]

Историја

уреди
 
Стари куќи во Шлегово

Според кажувањата и верувањата на мештаните, на местото на Шлегово имало рударска населба уште од римско време, а денешното името на Шлегово скоро сите го врзуваат со старото германско племе Шлези кои тука биле дојдени да ја вадат богатата руда од олово, цинк и благородни метали, а особено злато и сребро. Докази за ова се многубројните остатоци од рударски јами кои се наоѓаат на целиот рид на Плавица која поради присуството на злато тука е позната и под името Златица.[3] Во овие јами во кои се ископувало олово, цинк и злато се пронајдени и повеќе наоди од постаро време како една нацртана слика од византискиот цар Константин и царицата Елена во една од јамите, остатоци од рударски алатки како чекани и крампи (копачи), златни шипки, а сè уште се видливи остатоците од згурите од топената руда во месноста наречена Џгури каде што постоела топилница.[3] Овие остатоци привлекувале многу трагачи по богатство низ историјата.

Самите мештани наведуваат дека во селото никогаш немало турско или муслиманско население, а во педесеттите години на XX век тоа го достигнало најголемиот раст кога броело 400-500 куќи.[3] Во пишаните историски документи селото Шлегово се споменува во опширните турски пописни дефтери од XVI век, каде тоа имало статус на царски хас и во него живееле 42 македонски христијански и 26 неженети.[6]

Стопанство

уреди

Атарот на селото зафаќа простор од 10,5 км2, на кои шумите заземаат површина од 401 хектар, на пасиштата отпаѓаат 255 хектари, а на обработливото земјиште 218 хектари.[5]

Според составот на атарот, селото Шлегово во основа има мешовита земјоделска функција.[5]

Поради непосредната близина и поврзаност со Кратово, голем дел на населението на Шлегово се занимава со второ и третостепени стопански дејности, како трговија, превоз, услужни дејности, занаети, градежништво во градот, но и во самото село. Во самото село голем број жители се занимаваат со земјоделство претежно во зарамнетиот висорамнински дел кон север и тоа најмногу со поледелство односно одгледување на многу кромид, кој според кажувањето на мештаните е доста „рентабилен“, тутун, житни растенија — најмногу пченица — како и пипер и домат.

Во голема мера е застапено и лозарството, на насади на лозја претежно со големина 4х4 декари, од кои се прави познатотот кратовско црно вино. На падината на планината Плавица каде што во минатото имало рударски јами, топилници и згури од руда во моментов се извршуваат истражувања од страна на англиска компанија најмена од македонската влада за отворање на површински коп за експлоатација на бакар и злато.[3]

Од турските пописни дефтери во XVI век се знае дека жителите на Шлегово произведувале жито, граор, грозје, вино и одгледувале свињи и пчели за што плаќале вкупен данок во износ од 5000 акчиња. За занимањата и стопанството во Шлегово на крајот на XIX век, Ѓорче Петров запишал дека се произведува свила и се одгледуваат овци и кози.[4]

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948836—    
1953897+7.3%
1961846−5.7%
1971765−9.6%
1981602−21.3%
ГодинаНас.±%
1991487−19.1%
1994450−7.6%
2002373−17.1%
2021221−40.8%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Шлегово живееле 530 жители, сите Македонци.[7] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Шлегово имало 592 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 700 Македонци.[9]

Селото Шлегово во целост е населено со македонско население и бележи постојан пад на бројот на жителите, при што во 1961 имало 846 жители, а во 1994 бројот се намалил на 450 жители.[5]

Според пописот од 2002 година во селото Шлегово живееле 373 жители, од кои 372 Македонци и еден Србин.[10]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 221 жител, од кои 219 Македонци и 2 лица без податоци.[11]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 530 592 836 897 846 765 602 487 450 373 221
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]

Родови

уреди

Селото Шлегово отсекогаш па сè до денес е населено со Македонци од православна христијанска вероисповед.

Родови и семејства коишто живеат во Шлегово се: Утканци, Догунџивци, Мегленци и Папагалци, сите староседелци населени во истоимени родовски маала, потоа Плачкови, Јачеви, Грлици, Кукови,[3] од кои последните според родовското име можно е да се доселени и да имаат потекло од кратовското планинско село Куково. Останати македонски семејства кои живеат во Шлегово се: Тодоровски, Јовановски, Гошеви, Доневи, Панови, Наневски, Јакимови.

Иселеништво

уреди

Поголем дел од населението, според кажувањето на мештаните и до 60% е иселено и тоа најмногу во: Кратово, Скопје и Италија.[3]

Општествени установи

уреди
 
Подрачното основно училиште „Кочо Рацин“

Поради местоположбата и значењето кое што го има селото, во него има повеќе општествени установи:

Самоуправа и политика

уреди

Селото се наоѓа во Општина Кратово, која била една од ретките општини во Македонија, која не била воопшто менувана во поглед на нејзините граници со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кратово. Селото припаѓало на општината Кратово и во периодот 1955-1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Кратовска градска општина, во која покрај градот Кратово, се наоѓале и селата Близанци, Горно Кратово, Емирица, Железница, Живалево, Кавран, Кнежево, Којково, Куново, Мушково, Нежилово, Приковци, Туралево, Филиповци и Шлегово. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на тогашната Општина Шлегово, во која покрај Шлегово се наоѓало и селото Приковци.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0911 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[16]

На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 215 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[18]
  • Коленец — населба од доцноантичко време;
  • Кула (Здравчи Камен) — градиште од доцноантичко време; и
  • Во Селото — населба и некропола од римско време.
Цркви[19]
Манастири

Редовни настани

уреди

Селска слава на селото Шлегово е празникот Света Троица (31.5. - 1.6.), а исто така се прославува и Ѓурѓовден (6.5.).[3]

Личности

уреди
Родени во или по потекло од Шлегово

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 206.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 3,8 Според кажување на жители на селото. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Ѕвонко Петровски на 25 мај 2015
  4. 4,0 4,1 4,2 Петров, Ѓорче (1896). Материјали по изучувањето на Македонија (2015. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 384.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 245.
  6. Соколоски, Методија. „2“. Турски документи за историјата на Македонскиот народ. V. Скопје: Архив на Македонија. стр. 53.
  7. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 222
  8. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 130-131.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија“ (PDF). Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија. Скопје. 2002. стр. 122. Посетено на 19 ноември 2015.
  11. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  12. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  13. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  14. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  15. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  16. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 декември 2022.
  17. „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2022-12-03. Посетено на 3 декември 2022.
  18. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 189. ISBN 9989-649-28-6.
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. Независни писатели на Македонија. Архивирано од изворникот на 2010-11-07. Посетено на 2009-01-04.

Надворешни врски

уреди