Четворицата јавачи на Апокалипсата (филм од 1921)

Четворицата јавачи на Апокалипсата (англиски: The Four Horsemen of the Apocalypse) - американски филм од 1921 година, во режија на Рекс Инграм. Главните улоги ги граат: Рудолф Валентино, Померој Кенон, Џозеф Свикард, Бриџета Кларк, Вирџинија Ворик, Алан Хејл, Стјуарт Холмс, Џон Сент Полис, Алис Тери, Марк Фентон и Најџел де Брулиер.[1] Во 1995 година, филмот бил сочуван во Националниот филмски регистер на САД.[2]

Синопсис уреди

Мадарјага (го игра Кенон) е богат и суров земјопоседник во Аргентина. Тој е татко на две ќерки, едната омажена за Французинот Марсело Деснојер (го игра Свикард), а другата омажена за Германецот Карл фон Хартрот (го игра Хејл). Кога му се раѓа внукот Хулио (го игра Валентино), Мадарјага го посветува целото внимание кон него и ветува дека со тестаментот ќе му го остави целиот имот нему. Меѓутоа, по смртта, богатството на Мадарјага е поделено на двете ќерки, а потоа двете семејства ја напуштаат Аргентина и се враќаат во Франција и во Германија. Во Париз, Марсело е опседнат со купување стари предмети со кои го полни својот замок, а Хулио работи како сликар. Тој е постојано опкружен со девојки, но кога ја запознава убавата Маргарит (ја игра Тери), сопруга на пријателот на Марсело, Етјен Лорие (го игра Сент Полис), меѓу нив се раѓа страсна љубов. Етјен дознава за нивната врска и се согласува да се разведе, но тогаш започнува Првата светска војна.[1] Етјен заминува на фронтот, Маргарит станува болничарка, а во болницата каде што работи се лекува Етјен, кој е ослепен во војната. Маргарит се грижи за Етјен, а засрамениот Хулио решава да се пријави како доброволец во армијата. Во меѓувреме, германската војска го зазема замокот на Марсело и во таа прилика тој го среќава Ото (го игра Холмс), синот на Карл. Германците сакаат да го стрелаат Марсело, но него го спасува француската војска која го освојува замокот, но тој е уништен во борбата. При крајот на борбата, на линијата на фронтот се среќаваат Хулио и Ото и двајцата гинат од експлозија на граната. Маргарит, пак, сака да го напушти Етјен, но духот на Хулио ја принудува да остане да се грижи за сопругот. Филмот завршува така што Марсело го оплакува својот син, а тогаш се појавува Черноф (го игра Де Брулиер) кој живее во близината на сликарското ателје на Хулио. Марсело го прашува дали го познавал Хулио, а тој покажува на околните гробови и одговара дека ги познавал сите, по што на Марсело му ги покажува на небото четворицата јавачи на Апокалипсата.

Наводи уреди