Црнокрила блатна ластовица
Црнокрила блатна ластовица | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Бекасови |
Семејство: | Блатни ластовици |
Род: | Glareola |
Вид: | Црнокрила блатна ластовица |
Научен назив | |
Glareola nordmanni Fischer von Waldheim, 1842 |
Црнокрилата блатна ластовица (науч. Glareola nordmanni) е крајбрежна птица од семејството блатни ластовици. Необично за блатните птици, таа често лови инсекти во лет, слично на ластовиците со кои нема роднински врски, но имаат надворешна сличност. Секако, таа се храни и на земја.
Животната средина на црнокрилата блатна ластовица е отворената земја и често може да се види приквечер крај вода, ловејќи инсекти. Распространета е низ потоплите региони на Европа, југозападна Азија и Африка. Ја има и во Македонија. Таа е птица преселница која зимува во тропска Африка. Ретко може да се види посеверно од нејзиниот опсег.
Оваа птица е долга 24-28 см, со распон на крилјата од 60 до 70 см. Има кратки нозе, долги зашилени крилја, долга чаталеста опашка и краток клун, адаптиран за лов во воздух. Грбот и главата ѝ се кафеави, а крилјата со малку потемна нијанса и многу црни завршетоци. Стомакот е бел, но вратот се прелева во жолтеникава нијанса. Има впечатлив жолт круг под клунот обрабен со црна линија, кој започнува од клунот, под очите и завршува на грлото. Овој круг е како ѓердан. Под крилјата е црна.
Потребно е добро познавање за оваа птица да ја разликуваме од многу сличните птици од нејзиното семејство, како што е на пример блатната ластовица, која може да живее на истиот простор. Црнокрилата е незначително поголема, има малку покуса опашка и подолги нозе.
Црнокрилите блатни ластовици образуваат колонии од 2-3 па до 200-300 парови. Гнездото претставува мала јамичка среде ниска и ретка тревна површина. Несaт 3-4 маслинавозелени јајца со темни точки. Обата родитела учествуваат во квачењето што трае 17-19 дена.
Црнокрилата блатна ластовица е еден од видовите на кои се однесува Договорот за заштита на африканско-евроазиските водни птици-преселници.
Наводи
уреди- ↑ BirdLife International (2012). „Glareola nordmanni“. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.