Црква „Св. Ѓорѓи“ - Лерин
Свети Ѓорѓи (грчки: Αγίου Γεωργίου) — црква во градот Лерин, Егејска Македонија. Влегува во состав на Леринско-преспанско-еордејската епархија на Цариградската патријаршија. Претставува најстарата меѓу денешните цркви во градот и сè до 1912 г. била катедрален храм на Мегленската епархија.[1][2]
Свети Ѓорѓи | |
---|---|
Αγίου Γεωργίου | |
Поглед на црквата | |
40°46′36.2″N 21°24′47.7″E / 40.776722° СГШ; 21.413250° ИГД | |
Место | Лерин |
Земја | Егејска Македонија, Грција |
Вероисповед | Цариградска патријаршија |
Архитектура | |
Завршена | 1835 |
Управа | |
Архијерејско намесништво | Леринско |
Епархија | Леринско-преспанско-еордејска |
Местоположба
уредиЦрквата е сместена јужно од градот, во североисточното подножје на ридот Свети Пантелејмон, каде се наоѓал античкиот град. Наодите од старите гробишта над храмот укажуваат на нивна употреба уште во древномакедонско време. Месноста се нарекува Девеџи Бунак (Камилски Кладенец), а можеби по изградбата на црквата — Хаџи Тепе.[1]
Историја
уредиХрамот е изграден во 1835 г. за време на митрополитот Неофит Мегленски, кој го преместил епархиското седиште од Емборе во Лерин. Сè до изградбата на „Свети Ѓорѓи“, леринските христијани оделе на црква во соседното село Горно Неволјани. Според Георгиос Модис црквата е изградена без султански ферман, но со одобрение од албанскиот паша, под строг услов да биде подигната вон градот. Според месното предание, црквата е изградена за само 35 дена во март 1835 г. за да се избегнат евентуални пречки од властодршците.[1] Но покрај тоа, градбата била попречувана од муслимански топли, во кои е ранет главниот мајстор. Христијаните се пожалиле пред албанскиот паша, кој ги запрел муслиманските фанатици. Ќерамидите биле собрани од помошните објекти на христијанските домови.[2]
При основањето на Бугарската егзархија во 1870 г. многу семејства од градот се приклониле кон неа, претпочитајќи богослужбата во „Св. Ѓорѓи“ да се одвива на словенски. Прогрчките граѓани изреагирале бурно, и во 1883 г. дошло до судир помеѓу двете групи во црквата.[2] Оние под Егзархијата добиле дозвола за изградба на свој храм, и во 1890-тите ја подигнале црквата „Св. Пантелејмон“ во маалото Варош. Поради вонградската местоположба на „Св. Ѓорѓи“ , во 1911 г. Одборот на грчките училишта донел одлука за изградба на централна црква и набавка на место за општински гробишта. На крајот купиле плац спроти „Св. Ѓорѓи“ и таму со помош од иселеници во Америка направиле гробишта.[1]
На 8 ноември 1912 г. за време на Првата балканска војна, во присуство на грчкиот престолонаследник Константин, митрополитот Поликарп Мегленски во „Св. Ѓорѓи“ отслужил благодарствена служба за влегувањето на грчката војска во градот, и оваа традиција продолжува секоја година до ден денес. По окупацијата на Лерин од Грција, седиштето на Мегленската епархија е префрлено во црквата „Св. Пантелејмон“ која им била одземена на егзархистите.[1]
Архитектура
уредиЦрквата е трикорабна базилика типична за своето време. Има дрвен покрив, со припрата и впечатлив резбан иконостас. Обновена е во периодот од 1948 до 1950 г. кога е отстранет стариот трем на југ. Во 1921 г. непосредно до храмот е изградена камбанарија со неокласични обележја. Ктиторскиот натпис натпис го наведува датумот 23 април 1921 г. и имињата на ктиторите: митрополит Поликарп Мегленски и Лерински и одборниците П. Наум, С. Локманис, Г. Гривас, А. Хаѕитасис, П. Лукидос, Т. Христидос, Ј. Теодосиу и Г. Цапанос[1] (кои секако се погрчени македонски имиња).
Во црковниот двор имало мала гостинска куќа, во која според Димитрис Мекасис живееле јеромонасите, а имало и работилница за свеќи и голема чешма, изградена околу 1890 г. Куќата и чешмата се урнати во 1968 г.[1]