Урош и Мрњавчевиќи

Урош и Мрњавчевиќи (српски: Урош и Мрњавчевиһи) е српска епска, јуначка песна. Песната прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од старецот Рашко кој бил родум од Колашин, Херцеговина, а на почетокот на Првото српско востание пребегал во Србија и се населил во селото Сабанти во близината на Крагуевац.[1]

Содржина уреди

На Косово, покрај една црква се собрале четири табори - на кралот Волкашин, на деспотот Угљеша, на војводата Гојко и на младиот принц Урош. Тројцата браќа се караат кому да му припадне царството на штотуку умрениот цар, само малиот Урош не зборува ништо. Не можејќи да се договорат, четворицата испраќаат свои гласници во Призрен, кај попот Неделко, кој го причестил и исповедал царот. Гласниците не го наоѓаат попот дома и одат во црквата каде тој држи служба, влегувајќи насилно во неа со коњите. Меѓутоа, попот Неделко им вели дека, иако го исповедал царот, тој не му кажал кој треба да го наследи царството, туку за тоа треба да одат во Прилеп и таму да го прашаат Крале Марко, кој своевремено бил негов ученик. Гласниците одат во Прилеп, му се поклонуваат на Крале Марко и му порачуваат да дојде на Косово Поле за да каже кому да му припадне царството. Тогаш, мајка му Евросима го заколнува Марко да ја каже вистината, зашто подобро е да ја узгуби душата, отколку да лаже. Марко пристигнува на Косово Поле, ги повикува четворицата благородници на утринска служба во црквата и потоа им соопштува дека царството треба да му припадне на Урош, како единствен син на умрениот цар. Тогаш, кралот Волкашин започнува да го брка својот син околу црквата со намера да го заколи, но од црквата се слуша глас кој му порачува на Марко да се скрие внатре. Кралот Волкашин удира со ножот во портата и од неа потечува крв, а тој се покајува, мислејќи дека си го убил синот. Тогаш, гласот од црквата му кажува дека не го повредил синот, туку ангелот божји. Лутиот Волкашин го проколнува Крале Марко до смртта да му служи на турскиот цар, но Урош му дава благослов да стане голем јунак и да стекне голема слава.[2][3]

Наводи уреди

  1. В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 490.
  2. Junačke narodne pesme, Rad, Beograd, 1959, стр. 21-27.
  3. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 85-91.