За заедничка Македонија

(Пренасочено од Тиранска платформа (2017))

За заедничка Македонија (позната и како Илинден 4) — здружение кое од 27 февруари 2017 година организирало протести низ повеќе градови во Македонија, а како повод ја искористило декларацијата на политичките партии ДУИ, Алијанса за Албанците и Беса, потпишана во Тирана со посредство на албанскиот премиер Еди Рама. Организатори на протестите биле режисерот Борис Дамовски и колумнистот Богдан Илиевски. На 27 април 2017 година поддржувачи на здружението направиле упад на Собранието со цел да го спречат изборот на Талат Џафери за собраниски претседател.

Лого на граѓанската иницијатива

Заднина

На 7 јануари 2017, претставници на албанските политички партии во Македонија, ДУИ, Алијанса за Албанците и Беса, усвоиле платформа од седум точки во која бараат унапредување на правата на етничките Албанци во Македонија како услов за влез во Влада.[1] Повод за создавање на иницијативата „За заедничка Македонија“ било разочарувањето од одлуката на Зоран Заев, претседател на СДСМ, да влезе во преговори за формирање влада со албанските партии без да ја отфрли платформата.[2] Во телевизиско интервју за Сител, ден пред протестите на 26 февруари, Никола Груевски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, го повикал членството на улица со зборовите „сите оние кои планираат да седат дома во влечки и да гледаат телевизија верувајќи дека друг ќе им ја заврши работата за заштита на нивната држава, се во заблуда“.[3]

На судско рочиште во декември 2018 за упадот во Собранието, еден од обвинетите во случајот Александар Василевски Нинџа, пред судот сведочел дека зад протестите „За заедничка Македонија“ стоело раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно пак, дел од обвинетите во неговата група кои со фантомки упаднале во Собранието, пред судот признале дека насилствата биле организирани од структури во УБК и дека наредбите ги добивале токму од Александар Василевски.[4]

Протести

Протестите „За заедничка Македонија“ биле организирани од режисерот Борис Дамовски и колумнистот Богдан Илиевски како негодување против декларацијата на албанските партии, потпишана во Тирана со посредништво на Еди Рама, премиер на Република Албанија. Првиот јавен собир бил одржан на 27 февруари во Скопје пред Владата на Република Македонија. Демострации биле одржани низ повеќе градови и биле поддржани од повеќе јавни личности од Македонија, меѓу кои оперскиот пејач и директор на МОБ Игор Дурловски, глумците Владо Јовановски, Васил Зафирчев, Ванчо Петрушевски и Гоце Тодоровски, ракометарите Кирил Лазаров и Индира Кастратовиќ, како и пијанистката и директор на агенцијата за иселеништво Елена Мисиркова Лоза, правнука на Крсте Петков Мисирков.[5]

Името „Илинден 4“ произлегува од Илинденското востание, а бројот четири го означува четвртиот Ден на Републиката, по 2 август 1903 и 1944, како и 8 септември 1991. Слоганот „За заедничка Македонија“ порачувал дека Република Македонија треба да биде мултиетничка држава во која сите етникуми ќе имаат еднакви права и можности, а македонскиот јазик да биде единствен службен јазик на државата.[6] И покрај таквите заложби на здружението, на првиот ден од протестите присутните скандирале за „чиста Македонија“ и против „клетите Шиптари“.[7] Таквите пароли придонеле дел од политичките аналитичари да ги обвинат за ширење национализам и поттикнување меѓуетничка нетрпеливост.[8]

Инциденти и критика

Има на протестите и искрени македонски националисти, фрустрирачки принудени сега да бараат соживот со Албанците; има и еден број убави луѓе на кои опстанокот на цели семејства им зависи од опстанокот на партиската држава на Груевски; но, некако најтрогателни се „доброволците“ од долгогодишната професионална уметничко-пејачко-спортско-писателска клиентела, која го одработува последниот партиски ангажман, овој пат можеби pro bono, а можеби и за сметка на последната исплата од режимот со којшто, да не се лажеме, си ги поминаа најубавите години на потпросечната македонска црвено-жолта културно-спортска естрада.

Сашо Ордановски, колумна во Слободен Печат[9]

Инцидент се случил на 28 февруари кога новинар и снимател од порталот А1он биле физички нападнати од демонстранти пред Собранието на Република Македонија, а нивната опрема била искршена.[10] Утрото на 7 март биле фрлени молотови коктели врз музејот на албанската азбука во Битола, но организаторите се оградиле од настанот.[11] Друг инцидент се случил на 10 март, кога новинар од 24 Вести бил вербално и физички нападнат со јарбол од знаме.[12] За време на протестите, лица со криминално досие од патриотското здружение „Пере Тошев“ го вознемириле семејството на Хари Локвенец, пратеник на СДСМ од Прилеп, барајќи тој да се појави на собирите. Слични вербални напади претрпеле новинарите Борјан Јовановски и Бранко Тричковски, режисерот Владимир Милчин и професорот Љубомир Фрчковски, сите критичари на владините политики.[13] Биле демолирани неколку штабови на СДСМ и испишани графити пред домовите на некои нивни пратеници.[14] На протестот од 8 мај бил истакнат транспарент на кој пишувало „Ролка за Рада, машна за Заев“ и цртеж со неколку бесилки.[15]

Иницијативата била осудена од дел од медиумската јавност. Новинарот Горан Михајловски сметал дека протестите биле бесмислени бидејќи Македонија веќе била повеќејазична, и оценил дека во позадина на иницијативата била одбрана на криминалот во владата на Никола Груевски.[16] Колумнистот Ерол Ризаов напишал дека собирите служеле за создавање меѓуетнички тензии и ги споредил со протестите за одбрана на српскиот претседател Слободан Милошевиќ.[17] Новинарот Катерина Блажевска ги критикувала јавните личности како Лазаров и пејачот Даниел Кајмакоски кои ја поддржале иницијативата, велејќи дека еден ден ќе се срамат од своите изјави. Таа напишала и дека Дамовски и Илиевски го организирале протестот за да се оддолжат на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ поради стекнатите привилегии.[18]

Наводи

  1. „Заедничката платформа на албанските партии“ Фокус (7 јануари 2017)
  2. „За заедничка Македонија: Разочарани сме од одлуката на Заев, продолжуваме да протестираме“ Архивирано на 11 март 2017 г. МКД.мк (10 март 2017)
  3. „Груевски: Јас верувам во мојот народ и на крај ќе победи Македонија!“ Сител (26 февруари 2017)
  4. „Нинџа – Работев за УБК“ Радио Слободна Европа (6 декември 2018)
  5. „Културњаците како платена војска на министерката Бети за напад на Собранието“ Архивирано на 9 мај 2017 г. Сакам Да Кажам (2 мај 2017)
  6. „Протести на граѓанска иницијатива За заедничка Македонија“ Архивирано на 17 април 2017 г. Алсат М (18 март 2017)
  7. „Како Груевски за четири и пол месеци со „народот“ го нападна Собранието“[мртва врска] Сакам да Кажам (30 април 2017)
  8. „Јавачите на национализмот ја туркаат Македонија во провалија“ Дојче Веле (16 март 2017)
  9. „Одбрана и последни денови“ Плусинфо (11 март 2017)
  10. „Фото: Со боксови и клоци нападнати снимател и новинар на А1он“ Архивирано на 7 март 2017 г. А1он.мк (28 февруари 2017)
  11. „Фрлени Молотови коктели врз Музејот на албанската азбука во Битола“ Телма (7 март 2017)
  12. „Нападната екипата на тв24 на портестот на „За заедничка Македонија““ 24 Вести (10 март 2017)
  13. „Кои се „црните тројки“ кои заплашуваат граѓани во име на патриотизам“ Архивирано на 10 март 2017 г. Нова ТВ (10 март 2017)
  14. „СДСМ со реакција за искршените штабови: Провокации нема да нѐ спречат!“ Архивирано на 3 март 2017 г. МКД.мк (26 февруари 2017)
  15. „Закани за Заев и Шеќеринска на денешниот протест „За заедничка Македонија““ Радио Слободна Европа (8 мај 2017)
  16. „Свежи гробови“ (4) Архивирано на 12 март 2017 г. Сакам да Кажам (10 март 2017)
  17. „Сѐ повеќе смрди на распадот на Југославија“[мртва врска] Утрински Весник (9 март 2017)
  18. „Слепиот водач“ Призма.мк (10 март 2017)