Тереза Ракен
Тереза Ракен (француски: Thérèse Raquin) — роман на францускиот писател Емил Зола.
Најава на изданието на Тереза Ракен како неделен фељтон | |
Автор | Емил Зола |
---|---|
Земја | Франција |
Јазик | француски |
Жанр | натурализам, психолошки роман |
Издавач | Л'Артист |
Издадена | 1867 (оригинал) |
Медиум | фељтон |
Содржина
уредиРоманот се состои од 32 глави во кои се опишува агонијата што ја преживуваат Тереза и Лоран откако ќе го убијат сопругот на Тереза.
По смртта на нејзиниот сопруг, госпоѓата Ракен го продава трговскиот дуќан и се повлекува во мирен живот во местото Вернон, крај брегот на Сена. Таа го минува животот борејќи се со постојаните болести што го напаѓаат нејзиниот син Камиј и одгледувајќи ја својата внука Тереза чии родители се мртви. Кога Камиј и Тереза стануваат возрасни, тие се венчаваат, а потоа семејството се преселува во Париз, каде госпоѓата Ракен купува мал дуќан. Таа и Тереза работат во дуќанот, додека Камиј се вработува како канцелариски службеник. Условите во кои живеат се скромни, а деновите ги минуваат во мирен, здодевен живот. Тереза е мирна и молчелива, но во себе ги крие незадоволството од таквиот живот и омразата кон сопругот и кон госпоѓата Ракен.[1]
Еден ден, Камиј им го претставува својот колега и другар од детството Лоран. Набргу, Тереза и Лоран стануваат љубовници, а Тереза целосно се преобразува во страсна и порочна жена. Некое време тие уживаат во тајната љубовна врска, но кога Лоран не може повеќе да отсуствува од работата, тие повеќе не може да се состануваат. Тогаш, на Лоран, кој не може да ја контролира својата страсна љубов кон Тереза, му се раѓа идејата да го убијат Камиј. Набргу, за време на една заедничка прошетка во околината на Париз, Лоран дава предлог да се прошетаат по Сена во чамец. Тогаш, тој почнува да го дави Камиј, а потоа го фрла во реката. Потресена од настанот, Тереза се онесвестува, а Лоран глуми дека се работи за несреќен случај. Навистина, полицијата верува во неговата приказна, поткрепена од неколку сведоци, а Лоран испаѓа херој кој ја спасил Тереза од смртта. Подоцна, тој го идентификува телото на Камиј, кого го погребуваат. Во деновите што следуваат, госпоѓата Ракен е потресена од смртта, а Лоран секојдневно ја посетува Тереза. Минуваат 15 месеци од убиството на Камиј, а Тереза се смирува од последиците на нервниот напад и интензивно започнува да чита. Иако таа и Лоран се гледаат секојдневно, страста меѓу нив исчезнува, а Лоран дури си наоѓа и љубовница.[2]
Откако поминува долго време по смртта на Камиј, Тереза и Лоран одлучуваат да го заокружат својот план и да се венчаат, со цел конечно да бидат среќни. Меѓутоа, токму тогаш тие запаѓаат во нервни кризи и почнуваат да им се појавуваат привиденија изразени во ликот на Камиј. Мислејќи дека ќе се спсат, тие ги забрзуваат плановите за венчавката и со одлична глума успеваат да ги натераат пријателите да им предложат брак. Но, уште за време на првата брачна ноќ тие доживуваат остра нервна криза, а потоа нивното растројство се повторува секој ден. Така, откако стапуваат во брак, нивниот живот се претвора во кошмар, а тие живеат во постојан страв, прогонети од привиденијата во врска со Камиј. Лоран дава отказ од работата и купува ателје, со намера да стане сликар, но тоа само го зголемува неговото неспокојство, зашто постојано слика портрети на Камиј. Во меѓувреме се влошува здравјето на госпоѓата Ракен и еден ден таа останува нема и парализирана. Тереза и Лоран ѝ пружаат најдобра нега, мислејќи дека така ќе се ослободат од своите нервни напади, но ништо не им помага. Напротив, во текот на своите секојдневни расправии, во присуството на госпоѓата Ракен, тие го признаваат убиството и тоа силно ја погаѓа мајката му на Камиј. Од тој ден, таа посакува да им се одмазди на убијците, грозејќи се од заедничкиот живот со нив. Во меѓувреме, агонијата на Лоран и Тереза само се влошува и тие полудуваат. Набргу, Лоран почнува секој ден да ја тепа Тереза, а таа си наоѓа млади љубовници и целосно го запоставува дуќанот. Најпосле, тие не можат да го издржат лудилото и секој посебно крои план како да го убие другиот. Една ноќ, Лоран става отров во чашата со вода, а Тереза зема голем нож, но двајцата ја согледуваат намерата на другиот. Тогаш, двајцата го испиваат отровот и умираат пред нозете на госпоѓата Ракен.[3]
Осврт кон романот
уреди„Тереза Ракен“ претставува пресвртна точка во творештвото на Зола. За создавањето на романот, Зола бил инспириран од романот „Венера од Горд“ на Адолф Бело и Ернест Доде во кој е опишано убиството на еден човек од страна на љубовникот на неговата сопруга и судската разврска на случајот. Пред „Тереза Ракен“ Зола најпрвин го напишал расказот „Брак од љубов“ во кој ги анализира страдањата и гризењето на совеста на една жена и на љубовникот, кои го убиле нејзиниот маж, а потоа, заеднички умираат пред очите на парализираната мајка на убиениот. Притоа, Зола сфатил дека темата е возбудлива и затоа му предложил на уредникот на списанието „Уметник“ да напише роман во кој „целосно би се искажал“ и кој би бил „големо дело на неговата младост“. Така настанал романот „Тереза Ракен“ за кој Зола сметал дека е неговото прво значајно дело, пишувајќи му на еден свој пријател: „Овој роман, што речиси целосно го напишав, навистина ќе биде моето најдобро дело. Мислам дека во него ги внесов и моето срце и моето месо.“[4]
Меѓутоа, романот „Тереза Ракен“ бил пречекан со остри зборови во книжевните списанија, кои се гаделе од бесрамноста и неморалноста на книгата, нарекувајќи ја „смрдлива книжевност“. Во предговорот кон второто издание на романот, напишан на 15 април 1868 година, Зола остро им одговорил на критичарите и дал објаснување на своите цели и на применетиот книжевен метод во романот. Притоа, Зола им забележал на критичарите дека го нападнале романот без воопшто да го разберат, дека пишувале со приглупа пристрасност и дека нивните критики се состојат од неколку навреди и многу глупости. Според него, вистинската методска и натуралистичка критика, наместо да се занимава со неморалноста на романот, би оценила како драма на современиот живот, но дека романот го нема оној природен стил што го бара аналитичкито роман. Понатаму, во предговорот, тој го изложил својот натуралистички метод на пишување, велејќи дека имал научна цел, дека пишувал раководен од научната љубопитност и дека сакал да ги проучи темпераментите, а не карактерите. За таа цел, тој намерно избрал личности со кои целосно владеат нервите и крвта, а не слободната волја и дека во нив го следел дејството на страстите, притисокот на нагоните и мозочните пореметувања што настануваат по нервен напад. Пишувајќи така, тој се обидел да постави и да реши определени проблеми: да ја објасни необичната врска што може да се појави меѓу два различни темпераменти, односно романот е само студија на еден интересен физиолошки случај.[5]
Сепак, наспроти острата критика, романот наишол и на некои пофални зборови. Така, познатиот критичар Сент-Бев му напишал писмо на Зола во кое вели: „Вашето дело е значајно, совесно и, дури во определен поглед, може да означува дата во историјата на современиот роман“. И навистина, романот „Тереза Ракен“ претставува пресвртна точка во развојот на натурализмот и образец за сите идни романи на Зола, со сите нивни добри и лоши страни.[6]
Наводи
уреди- ↑ Emil Zola, Tereza Raken. Beograd: Rad, 1963, стр. 9-26.
- ↑ Emil Zola, Tereza Raken. Beograd: Rad, 1963, стр. 26-85.
- ↑ Emil Zola, Tereza Raken. Beograd: Rad, 1963, стр. 85-186.
- ↑ Dušan Milačić, „Pogovor“, во: Emil Zola, Tereza Raken. Beograd: Rad, 1963, стр. 189.
- ↑ „Predgovor drugom izdanju“, во: Emil Zola, Tereza Raken. Beograd: Rad, 1963, стр. 3-8.
- ↑ Dušan Milačić, „Pogovor“, во: Emil Zola, Tereza Raken. Beograd: Rad, 1963, стр. 189-190.
Надворешни врски
уреди- Thérèse Raquin на Проектот „Гутенберг“ (француски)
- Theresa Raquin на Проектот „Гутенберг“ (англиски превод)
- Litteratureaudio audio version (француски)
- Librivox audio version (англиски превод)