Тартарен Тарасконецот

Тартарен Тарасконецот (француски: Tartarain de Tarascon) — хумористичен роман на францускиот писател Алфонс Доде.

Корица на книгата „Тартарен де Тараскон“

Содржина уреди

Романот се состои од три епизоди:[1]

Прва епизода - Во Тараскон уреди

  1. Баобабовата градина.
  2. Општ поглед на добриот град Тараскон. Ловците на качкети
  3. *На! На! На! Продолжение на општиот поглед на добриот град Тараскон
  4. Тие!
  5. Кога Тартарен оди во клубот
  6. Двајцата Тартарени
  7. Европејци во Шангај. Голема трговија. Татари. Да не е Тартарен Тарасконецот обичен лажго? Вообразување
  8. Митеновата менажерија. Лавот од Атлас. Во Тараскон. Страшна и свечена средба
  9. Чудните последици на вообразеноста
  10. Пред поаѓањето
  11. Со меч, господо, со меч... а не со игла!
  12. За она што беше речено во баобабовата куќичка
  13. Заминување
  14. Марсејското пристаниште. На брод! На брод!

Куќата на Тартарен, човек на возраст од околу 45 години, се наоѓала на влезот на Тараскон, а нејзините најважни одлики биле градината со егзотични растенија и работната соба со различни оружја. Секоја недела, сите жители на Тараскон оделе на лов, но бидејќи во околината немало дивеч, тие пукале во своите капи, а Тартарен бил прогласен за крал на ловците во тој град. Втората голема страст на жителите на Тараскон биле романсите при што секоја куќа си имала своја романса, а повторно, Тартарен бил крал на романсите. Иако бил омилен во целиот град, Тартарен не бил среќен, зашто постојано мечтаел за авантури, меѓутоа никогаш во животот не го напуштил родното место. Причината за тоа била двојната личност на Тартарен: во исто време, во него живееле Дон Кихот и Санчо Панса при што првиот сонувал за авантури, додека вториот ја претпочитал удобноста на домашниот живот. Само еднаш, Тартарен добил покана да замине во Шангај, но иако не отпатувал, тој редовно раскажувал разни случки од тамошниот „престој“. Еден ден, во градот пристигнал вистински лав и жителите почнале да зборуваат дека Тартарен ќе оди на лов на лавови во Африка. По три месеци, градот веќе почнал да го исмејува и тој бил принуден да замине. И навистина, еден ден, испратен од целиот град, Тартарен се качил на возот за Марсеј, а таму фатил брод за Африка.[2]

Втора епизода - Меѓу Турците уреди

  1. Премин. Пет положби на фесот. Третиот ден навечер. Господе боже
  2. На оружје! На оружје!
  3. Повикувањето на Сервантес. Истоварување. Каде се Турците? Ги нема Турците. Разочарување
  4. Прва заседа
  5. Дум! Дум!
  6. Доаѓање на женката. Страотна борба. Зборно место на жадот
  7. Историја на еден омнибус, една Маварка и едно венче јасминов цвет
  8. Спиете, атласки лавови!
  9. Кнезот Грегори од Црна Гора
  10. Кажи ми го името на татко ти, па ќе ти го кажам името на овој цвет
  11. Сиди Тарт'ри, бен Тарт'ри
  12. Ни пишуваат од Тараскон

Патувањето до Африка траело три дена и Тартарен цело време лежел во кабината, болен од морска болест, слушајќи ја веселбата на патниците, горе на палубата. Најпосле, кога бродот застанал, Тартарен помислил дека бродот тоне и целиот наоружан излегол на палубата. Во тој миг, бродот пристигнал во пристанишетот во Алжир, а Тартарен помислил дека бродот е нападнат од гусари. Кога пристигнал во градот, тој бил потполно збунет од големата врева и мешаница при што само тој бил облечен како Турчин. Уморен, само што стигнал во хотелотЕвропа“, тој веднаш заспал, а откако добро се наспал, излегол надвор од градот да бара лавови. Ноќта, се појавило некое животно и Тартарен пукнал, но тоа побегнало. Кога се разбудил, тој видел дека не се наоѓа во пустината, туку во една зеленчукова градина во градот, а следејќи ја крвавата трага на ранетото животно, тој видел дека не убил лав, туку обично магаре. Тогаш, Тартарен бил нападнат од една старица, сопственичка на магарето, а се спасил дури кога пристигнал нејзиниот маж. За магарето, Тартарен платил многу повисока цена од пазарната, а кога пристигнале во блиската гостилница, гостилничарот му кажал дека во околината воопшто нема лавови. Решен да оди на југ во потрага по лавовите, Тартарен се вратил во Алжир, а патем се вљубил во една млада Маварка со која патувал во омнибусот. Потоа, осум дена ја барал девојката низ градот, но без успех. Две недели подоцна, Тартарен го сретнал кнезот Грегори од Црна Гора кого го запознал на бродот. Кнезот му ветил дека ќе ја пронајде девојката и по некое време, откако му изнудил многу пари, го однел Тартарен кај една девојка за која тој не бил сигурен дали е онаа што ја барал. Во период од неколку месеци, Тартарен живеел мирен, удобен живот со Маварката Баја, во арапскиот дел од Алжир, сè додека еден ден не го сретнал капетанот на бродот кој се обидел да му ја каже вистината за Баја и за кнезот. Тогаш, Тартарен прочитал исечок од весник во кој пишувало дека жителите на Тараскон се загрижени за неговата судбина. Потресен од тоа, Тартарен се расплакал и заминал на југ.[3]

Трета епизода - Меѓу Лавовите уреди

  1. Прогонети дилижанси
  2. Како што се приближува еден мал господин
  3. Манастир на лавовите
  4. Караван на патот
  5. Вечерна заседа во олеандровата шума
  6. Најпосле!
  7. Несреќа по несреќа
  8. Тараскон! Тараскон!

Патувајќи кон југ, Тартарен се запознал со славниот ловец на пантери, Бомбонел, кој му кажал дека во Алжир нема лавови. Сепак, кога застанал во еден град, Тартарен го сретнал црногорскиот кнез, кој му раскажал дека во близина има манастир каде одгледуваат лавови. Така, тие тргнале на пат, качени на едн камила, а на Тартарен му станало мачно од нишањето на камилата. По еден месец патување на југ, без да сретне ниту еден лав, најпосле на Тартарен му се причинило дека слуша лавјо рикање. Тој поставил заседа крај едно поило, а кнезот го оставил на сигурно место, оставајќи му ги сите пари. Чекајќи го лавот, Тартарен слушнал чекори во ноќта, се исплашил и побегнал, но во меѓувреме кнезот Григори побегнал. Утредента, Тартарен заплакал од очај, но токму тогаш пред севе видел лав и веднаш го убил. Меѓутоа, тоа бил припитомен лав и Тартарен се нашол на суд, каде морал да плати казна од 2.500 франци. Бидејќи немал пари, тој морал да го продаде целиот свој имот, а му останала само камилата којашто никој не сакал да ја купи. Така, Тартарен бил принуден да се врати пеш во Алжир. Таму, кога влегол во својата куќа, Тартарен затекнал бучна забава при што Баја му пеела на капетанот на бродот. Така, Тартарен конечно сфатил дека Баја е проститутка, дека цело време таа го изневерувала со локалниот муезин, а дознал и дека грофот е в затвор. За среќа, капетанот му понудил бесплатно да го превезе до Франција. Потоа, Тартарен влегол во блиската џамија и почнал да извикува клетви. Кога се качил на бродот, одеднаш се појавила неговата камила, којашто исто така се качила на бродот, иако тој цело време се правел дека не ја познава. Таа го следела и по bпруга од Марсеј до Тараскон, каде воодушевено го пречекале сите жители. Всушност, во меѓувреме, таму пристигнала кожата од лавот, а весниците измислиле приказна дека Тартарен убил многу лавови, така што тој станал славен.[4]

Наводи уреди

  1. Alfons Dode, Tartaren Taraskonac. Beograd: Rad, 1963.
  2. Alfons Dode, Tartaren Taraskonac. Beograd: Rad, 1963, стр. 3-36.
  3. Alfons Dode, Tartaren Taraskonac. Beograd: Rad, 1963, стр. 37-68.
  4. Alfons Dode, Tartaren Taraskonac. Beograd: Rad, 1963, стр. 69-98.