Струшки минеј
Струшки минеј — старословенски ракопис од XV век. Има 47 листови и е пишуван во две колони со ситно полууставно писмо. Фрагментот е дел од обемен минеј што бил сопственост на семејството Чакарови од Струга. Во втората половина на XIX век Александар Чакаров му го дал овој фрагмент од минејот на Георги Баласчев, кој подоцна ѝ го отстапил на Софиската народна библиотека (бр. 455).[1] Под 27 јули во минејот е сместен словенски превод на грчката служба на Св. Климент Охридски. Кај некои од текстовите се означени и нивните автори. Така, како автор на Великата вечерна е означен охридскиот архиепископ Григориј, еден канон на Св. Климент со акростих напишал Теофилакт Охридски и еден канон, исто така со акростих, напишал Димитриј Хоматијан. Климентовата служба од овој минеј ја издаал Георги Баласчев.[2]