Ecce Homo: Како човекот станува она што е (германски: Ecce homo: Wie man wird, was man ist) — книга на германскиот филозоф Фридрих Ниче, напишана во 1888 година, а првобитно објавена во 1908 година.

Ракописот на „Ecce Homo“ од 1888 година.

Содржина уреди

Книгата се состои од следниве поглавја:[1]

  • Предговор: Ниче го објаснува настанувањето на книгата, чија основна цел е желбата да не биде заборавен и заменет. Притоа, тој се прогласува себе како непријател на идеалите, а потоа особено го истакнува своето дело „Така зборуваше Заратустра“.[2]
  • Зошто сум толку мудар: Во овој дел, Ниче објаснува дека има двојна личност, т.е. дека истовремено е декадент и спрротивност на декаденцијата. Тој признава дека целосната ведрина и радост во него живеат во единство со најдлабоката физиолошка слабост. Потоа, тој зборува против несебичноста, љубовта кон ближните и сличните пораки свјствени за христијанскиот морал. Сепак, тој истакнува дека не може да ги мрази и презира луѓето и дека на непријателството одговара со пријателство, а во тешките мигови му се препушта на рускиот фатализам. Меѓутоа, тој истакнува дека е воинствен при што ги објаснува своите принципи во борбата против туѓите ставови. Потоа, Ниче истакнува уште една своја особина - способноста да навлезе во длабочината на душата на секој човек и дека чистиот однос кон себе е основната претпоставка на неговиот живот.[3]
  • Зошто сум толку паметен: На почетокот на овој дел, Ниче изјавува дека не верува во поимите, како што се: Бог, бесмртноста на душата итн. Потоа, тој зборува за неговите навики во однос на исхраната и пијалаците, како и потребата од движење. Како сродно прашање, го објаснува значењето на местото на живеење и на климата при што се жали дека престојот во германските градови влијае лошо врз духовната работа. Во продолжение, тој зборува за читањето и ја објаснува својата омилена литература и омилената музика, особено искажувајќи ја својата почит за Вагнер. Исто така, Ниче ги објаснува своите принципи на самоодбраната во односите со луѓето (помалку да зборува и да не реагира), како и главното оружје на самоодржувањето - себичноста.[4]
  • Зошто пишувам толку добри книги: Ниче тврди дека неговите современици, особено во Германија, не се дораснати на неговото дело и дека тие не можат да ги разберат неговите книги. Според него, тоа произлегува оттаму што тој носи сосема нов јазик со кој се прикажани потполно нови и оригинални искуства. Оттука, неговите дела се напишани само за мал број одбрани читатели. Исто така, тој се изразува пофално за својот книжевен стил и, најпосле, тврди дека во неговите дела зборува голем психолог, каков што не постои во светот.[5]
  • Раѓањето на трагедијата: Овде, Ниче го објаснува своето дело „Раѓањето на трагедијата“, тврдејќи дека праведниот однос кон него бара нешто од него да биде заборавено. Всушност, според него, ова дело најмногу ја фасцинирало јавноста токму со она што во него е погрешно и дека тоа е виновно за високото мислење на културната вредност на вагнеровското движење. Според Ниче, вистинскиот наслов на делото би бил „Грчката култура и песимизмот“, зашто тоа докажува дека преку трагедијата Грците расчистиле со песимизмот. Исто така, Ниче тврди дека „Раѓањето на трагедијата“ е многу несовремено дело, политички индиферентно, негерманско, дека мириса хегеловски, а во некои формули е извалкано од парфемот на Шопенхауер. Според Ниче, ова дело носи две новини: разбирањето на дионизискиот феномен, како корен на сите грчки уметности и разбирањето на сократизмот како орудие на грчкото распаѓање. Книгата ги негира сите естетички вредности, истакнувајќи го дионизискиот симбол како крајна граница на афирмацијата. Притоа, Ниче тврди дека токму оние морални вредности што се оспорени од христијанството се од бескрајно повисок ред. Врз таа основа, Ниче се прогласува себе за прв трагичен филозоф, како спротивност на песимистичкиот филозоф.[6]
  • Несовремени разгледувања: Четирите есеи, подоцна собрани под насловот „Несовремени разгледувања“, Ниче ги нарекува „целосно борбени“. Од нив, првиот есеј (од 1873 година) претставува напад на германското воспитување; вториот есеј (од 1874 година) го критикува „модерното производство на науката“; а во третиот и четвртиот есеј е дадена критика на германската култура. Според Ниче, од овие „четири атентати“, првиот има извонреден успех, предизвикувајќи бројни негодувања, но тие предизвикале непроценливо дејство во неговиот живот, зашто по нивното објавување, тој стекнал слобода на говорот и никој повеќе не барал расправа со него. Притоа, Ниче тврди дека есеите за Шопенхауер и за Вагнер се визија на неговата иднина и во нив се запишани неговата најдлабока историја, но и неговиот завет.[7]
  • Човечко, премногу човечко: Ова дело, Ниче го нарекува „споменик на една криза“ при што секоја реченица во неа изразува по една победа, зашто ова дело му овозможило да се ослободи од она што било несвојствено на неговата природа - идеализмот. Во делото, Ниче ги замрзнал сите идеали, како: генијот, јунакот, верата, светоста, соучеството, „стварта сама по себе“ итн. Според неговото сведоштво, почетоците на ова дело датираат од времето на првите свечени претстави во Бајројт, кога во него се појавила длабока отуѓеност од сè што го окружувало и одвратност кон вагнерството како урнек на германската култура. Според Ниче, „Човечки, премногу човечки“ е „споменик на ригорозното самовоспитување“ со кое тој се подготвувал за радикален раскин со идеализмот. Најголемиот дел од книгата била напишана во Соренто, а таа била завршена една зима во Базел при што Ниче диктирал, легнат в кревет, а пишувал неговиот пријател Петер Гаст, тогашен студент на Универзитетот во Базел. По издавањето на книгата, Ниче испратил два примерока во Бајројт, а истовремено тој добил еден примерок на текстот на „Парсифал“, потпишан од Вагнер. Според Ниче, ова вкрстување на книгите симболично претставувало збогување со Вагнер.[8]
  • Зора: Според Ниче, речиси секоја реченица во оваа книга се родила на морскиот брег, во близината на Џенова, а со оваа книга започнала неговата војна против моралот. Во неа, тој се залага за ослободување од сите морални вредности и одобрување на сето она што било забрането и презирано. Притоа, тој тврди дека поимите, како што се: „бог“, „душа“, „дух“, „слободна волја“, само го упропастуваат човештвото.[9]
  • Весела наука: Ниче вели дека за „Веселата наука“ (la gaya scienza) вреди сето она што е речено за „Зора“ - речиси во секоја реченица од ова дело провејуваат длабочината и „највисоката надеж“.[10]
  • Така зборуваше Заратустра: Ниче го опишува настанувањето на делото на следниов начин: Основната концепција, мислата за вечното враќање, се родила во август 1881 година, за време на една планинска прошетка. Неколку месеци претходно, како некаков предзнак, дошло до голема промена на музичкиот вкус на Ниче, за време на неговиот престој во близината на Виченца. Завршниот дел го напишал 18 месеци подоцна, во февруари 1883 година, во часот кога умрел Рихард Вагнер. Таа зима, Ниче ја поминал во местото Порто Фино, во близината на Џенова. Според Ниче, Заратустра е тип кој може да се нарече „големо здравје“. Потоа, тој ја објаснува својата инспирација во текот на пролетта кога престојувал во Рим, каде ја напишал „Ноќната песна“ која ја нарекува „најсамотната песна која воопшто е напишана“. Летото му се појавил вториот Заратустра, а зимата, која ја поминал во Ница, го пронашол и третиот Заратустра. Според Ниче, ова дело стои потполно за себе и, споредено со него, сето останато човечко дело е бедно, вклучувајќи ги Гете, Шекспир, Данте и поетите на Ведите. Ниче вели дека Заратустра е најафирмативен од сите духови, а во него се споени сите спротивности во едно ново единство; во него, поимот на „натчовекот“ е изразен во најголемата стварност. Всушност, Заратустра го претставува поимот на Дионис, зашто тој вели „не“ на сето она за кое се зборувало дека е, тој ја смислил „најпонорната мисла“. Потоа, Ниче ја разгледува „Песната на ноќта“ за која вели дека е „бесмртна тажачка поради својата обилност на светлина и моќ, поради својата сончева природа, да се биде осуден да не се сака.“ Заратустра ја определува својата задача - човекот да се афирмира преку ослободување од сето што поминало при што човекот не може да биде никаков предмет на љубовта или на сочувство. Заратустра вели дека човекот е безобличност, градба, грд камен кому му треба вајар.[11]
  • Отаде доброто и злото: Оваа книга од 1886 година, Ниче ја опишува како „критика на модернитетот“, вклучувајќи ги и модерната наука и уметност, па дури и политиката. Откако претходо го решил афирмативниот дел од својата задача, во ова дело тој ја остварил нејзината негативна половина, т.е. преодредувањето на досегашните вредности (големата војна). Имајќи предвид дека ова дело доаѓа по „Така зборуваше Заратустра“, во него тој се зафаќа со сфаќање на она најблиското околу нас.[12]
  • Генеалогија на моралот: Ова дело, кое се состои од три расправи, Ниче го опишува како „најнеобичното“. Притоа, почетокот е студен, научен, па дури и ироничен, а потоа светнува молња, а на крајот се доаѓа до некоја нова вистина. Првиот есеј се занимава со психологијата на христијанството, предмет на вториот есеј е психологијата на совеста, а третиот есеј дава одговор на прашањето: од каде потекнува силната моќ на аскетскиот идеал. Со еден збор, Ниче заклучува дека ова дело ја содржи првата психологија на свештенството.[13]
  • Самракот на идолите: Ова дело, Ниче го опишува како „ведро и кобно во тонот, демон кој се смее“, а било напишано во толку мал број денови, што тој се срами да каже. Сепак, тој вели дека оваа книга е исклучок меѓу книгите, зашто од неа нема ништо побогато со супстанција. Притоа, непосредно по завршувањето на ова дело, Ниче се зафатил со задачата за преодредување на вредностите. Предговорот го напишал на 3. септември 1888 година, а попладнето на 21. септември пристингал во Торино, каде веднаш започнал да работи на последната четвртина од делото, кое го завршил на 30. септември, по што отишол да се одмори на брегот на реката По. Истиот ден го напишал предговорот за „Самракот на боговите“.[14]
  • Случајот Вагнер : Според Ниче, за да може целосно да се сфати ова дело, мора да се страда од судбината на музиката, поради тоа што таа го загубила својот афирмативен карактер и поради тоа што таа е декадентна. Сепак, во ова дело, Ниче задржал многу нешта за себе и не го нападнал Вагнер, кого го сакал. Во продолжение, Ниче зборува против германското сфаќање на културата, велејќи дека Германците се одговорни за сите културни злосторства во последните четири века.[15]
  • Зошто сум судбина: Во овој дел, Ниче вели дека еден ден, неговото име ќе биде поврзано со нешто огромно, опишувајќи се како „динамит“. Но, тој се плаши од тоа еден ден да не биде прогласен за светец, зашто светците се лажливи, а тој кажува страшна вистина. Неговата формула за највисокото самоосвестување на човештвото е преодредувањето на сите вредности. Притоа, тој се прогласува за „иморалист“ и „уништувач par excellence“. Како иморалист, тој го негира типот на човек кој во историјата се сметал за највисок, а тоа добриот, добронамерниот и добротворниот човек, а исто така го негира и христијанскиот морал кого го смета за лажен и за спротивен на животните инстинкти. Уште повеќе, Ниче вели дека да се биде слеп пред христијанството е злосторство, зашто тоа е противприродно и го расипало човештвото. Спорд него, христијанскиот морал на одрекување од телесните и од живонтите потреби значат пропаѓање на човекот и го негираат животот, поради што е потребно перодредување на сите вредности.[16]

Осврт кон книгата уреди

Делото „Ecce Homo“ е напишано пет-шест недели пред целосната парализа на Ниче и тоа претставува последен грч на неговиот свесен живот. Иако делото требало да претставува предговор на неговото главно животно дело „Преодредување на сите вредности“, тоа е повеќе епилог на сето она што го напишал претходно. Делото е напишано нервозно и гордо, со забележливи дози на нервноболен човек, тоа поседува некакво претчувство, карактеристично за луѓето со интензивна душа и со голема осаменост. Воден од потребата да не биде несфатен и заменет, авторот дава дефиниција за себе и за своето творештво. Така, во едно писмо до неговата сестра, од октомври 1888 година, Ниче пишува: „Во оваа златна есен, најубавата која воопшто сум ја доживеал, пишувам осврт на својот живот, само за себе. Никој нема да го чита, освен еден добар Лама, кога ќе дојде преку морето да го посети својот брат. Тоа не е за германската стока, чија култура во милата татковина напредува толку чудно. Јас ќе го закопам ракописот и ќе го скријам да гние, а кога сите ние ќе изгниеме, тој нека го слави своето воскреснување.“ Меѓутоа, на еден лист од ракописот, Ниче напишал „за моите пријатели“ и многу брзо, во писмата од ноември и декември со радост им раскажувал на сите свои пријатели за своето ново дело, а тој самиот го подготвувал за печатење и ги избрал обликот и квалитетот на хартијата. Во писмото до својот пријател Петер Гаст, Ниче сведочи дека книгата започнал да ја пишува на неговиот роденден, 15. октомври, а го завршил на 4. ноември при што вели дека делото испаднало многу убаво.[17] Исто така, во самата книга Ниче за време на тие 70 денови во текот на есента, додека работел „нешто што не може да направи никој по мене“, на него не можела да се забележи никаков напор, туку само обилна свежина и веселост.[18]

Во писмото до неговиот издавач, од 6. ноември, Ниче самоуверено изјавува: „Верувам дека Ecce Homo ќе биде познато, можеби и отповеќе“, а во писмото од 26. ноември му порачува: „Штом излезе Ecce Homo, ќе бидам првиот човек кој сега живее“. Во сличен тон, во едно писмо до Петер Гаст, Ниче кажува дека делото го пишува во стилот на „оној кој владее со светот“, а во друго писмо самоуверено изјавува дека книгата „буквално ја разделува историјата на човештвото на два дела“.[19] Во писмото до А. Г. Брандес од 20. ноември, Ниче пишува: „Сега со цинизам, кој ќе стане светско-историски, се раскажав самиот себе. Книгата се вика Ecce Homo и таа е атентат, без никакви обѕири, на Распнатиот; завршува во грмотевица и бура против сè што е христијанско или христијански инфектно... Сè е предигра на 'Преодредување на сите вредности', делото кое готово лежи прд мене: ви се колнам дека за две години, целата земја ќе биде во грчеви.“[20] Најпосле, во писмото до Карл Фукс од 27. декември, Ниче пишува: „Отсега, нема смисла, мил пријателе, да се зборува и да се пишува за мене; прашањето, кој сум јас, го ставив ad acta за најблиската вечност со записот Ecce Homo“.[19]

Во „Ecce Homo“, Ниче дава концизен приказ на надворешните фактори и егзистенцијалните контексти во кои тој ги напишал познатите дела, а во помал дел книгата содржи и коментари на клучните тези содржани во делата на Ниче. Така, книгата содржи суптилни самоопишувања на психолошките состојби низ кои поминал Ниче во разни периоди од животот, како: односот кон Вагнер, чувствата кон Саломе, аверзијата кон христијанството итн.). Овие описи може да се сфатат како завет и поука како треба да се доживуваат неговите клучни идеи. За таа цел, во оваа книга Ниче изведува уште подалекусежни консеквенци на неговите идеи изложени во другите дела. Притоа, во „Ecce Homo“ се сублимирани и концентрирани непосредноста, наративноста, експлицитноста и другите одлики на творештвото на Ниче, и тоа на поапстрактен начин.[21]

„Ecce Homo“ претставува и напад на христијанството. Притоа, Ниче истапува на дионизиски начин против Распнатиот и одредува нови вредности, уривајќи ги аскетските идеи за жртвувањето на телото во полза на душата и напаѓајќи ја пасивноста на христијанскиот морал.[22] Според Рихард Елер, „Ecce Homo“ е повеќе психографија, отколку биографија на Ниче. Според Елер, делото го спасува од тоа да испадне смешно само тоа што во него Ниче се крева на извонредна висина при што „во пофалното истакнување на вредностите на сопствените дела е постигната крајната граница на можното. Кога сето тоа би стоело само за една трошка пониско... делувањето на смешноста би било неизбежно.“[23]

Изданија на македонски јазик уреди

Во 2011 година, издавачката куќа „Ѓурѓа“ ја објавила книгата „Ecce Homo“ во рамките на библиотеката „Воскреснати богови“. Ликовното и графичкото уредување било извршено во Студиото за ликовен и графички дизајн „Ѓурѓа“ (кое ја извршило и јазичната и стилска подготовка), а ликовен уредник бил Љупчо Јакимоски - Кум. Книгата има 112 страници, со димензии од 20 сантиметри, а на крајот од делото се наоѓа поговор со наслов „Ecce Homo или натчовекот на Фридрих Ниче“, напишан од Тони Науноски. Таа е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи меѓународната изнака ISBN 978-608-201-137-0.[1]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Фридрих Ниче, Ecce Homo. Скопје: Ѓурѓа, 2011.
  2. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 15-20.
  3. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 22-41.
  4. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 42-68.
  5. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 69-82.
  6. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 83-90.
  7. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 91-97.
  8. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 98-106.
  9. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 107-110.
  10. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 111-112.
  11. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 113-132.
  12. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 133-135.
  13. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 136-137.
  14. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 138-140.
  15. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 141-150.
  16. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 151-164.
  17. Владимир Ћоровић, „Ecce Homo“, во: Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 3-4.
  18. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 67.
  19. 19,0 19,1 Владимир Ћоровић, „Ecce Homo“, во: Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 5.
  20. Владимир Ћоровић, „Ecce Homo“, во: Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 6.
  21. Фридрих Ниче, Ecce Homo. Скопје: Ѓурѓа, 2011, стр. 108-110.
  22. Владимир Ћоровић, „Ecce Homo“, во: Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 7.
  23. Владимир Ћоровић, „Ecce Homo“, во: Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 8-9.