Не го поистоветувајте со германскиот шкотски јазик.

Шкотски јазик (Gàidhlig [ˈkaːlikʲ] ( слушнете)) — јазик од групата на гојделски јазици во состав на келтското јазично семејство, што го прави различен од британските јазици каде се наоѓаат велшкиот, корнскиот и бретонскиот. Шкотскиот, манскиот и гелскиот се сите потомци на средноирскиот јазик, кој пак потекнува од староирскиот јазик и примитивниот ирски јазик.

Шкотски јазик
Gàidhlig
Изговор[ˈɡaːlɪkʲ]
Застапен во Шкотска
 Канада
 САД
 Австралија
Подрачје Шкотска
 Нова Шкотска
 Онтарио.
Говорници58.552 во Шкотска.[1]  
Јазично семејство
Писмошкотска азбука
Статус
Службен во Шкотска
Регулативен органнема
Јазични кодови
ISO 639-1gd
ISO 639-2gla
ISO 639-3gla
{{{mapalt}}}
Дистрибуција на гелските говорници во Шкотска во 2011

Во англискиот јазик овој јазик е именуван како шкотски гелски, за да се разликува од нецелосно признатиот германски шкотски јазик кој потекнува од староанглискиот.

Според пописот во 2001 година, овој јазик во Шкотска го зборувале околу 58.652 жители или 1,2 % од населението над три години.[2] Споредено со пописот од 1991 година, се забележува пад на јазикот за 7.300 жители. Поради тоа се имплементираат мерки за зачувување на јазикот, кои се покажале со одреден успех[3] и има млади говорници на јазикот[4].

Историја уреди

Шкотскиот јазик (гелски) се развил во посебен јазик во XII век заедно со останатите гојделски јазици. Овој јазик станал доминантен јазик и ги заменил претходните јазици како камбрискиот, пиктскиот и во одредени делови, староанглискиот.[5] Денес не постојат историски записи кои би потврдиле точно колку долго се зборувал шкотскиот јазик во Шкотска, но се тврди дека се зборувал во старата јазична форма уште пред подемот на Римското Царство.[6]. Не се постигнала согласност по ова прашање во научната јавност, но се поврзуваат фактите за постоењето на кралството Далријада во IV век и со негово проширување кон Алстер и западна Шкотска и со тоа се проширил јазикот. Понатаму, јазикот опстоил преку Господарот на Островите, географски и културен наследник на кралството Далријада кој контролирал делови од Алстер сè до 1500 г.

Среден век до класично гелско учење уреди

Со сигурност се знае дека шкотскиот јазик го заменил пиктскиот јазик северно од реката Форт и до доцниот XV век и веќе започнал да се именува со денешниот термин. Јазикот до XIII век започнал сè помалку да се зборува во јужните делови на Шкотска.

Од околу XVI век Шкотите започнале да го нарекуваат својот јазик како Erse што во превод значи „ирски“. Ова било малку иронично бидејќи Шкотите се стремеле да ја дооформат својата културна посебност.[7]

Името „ирски“ се користело бидејќи сите образовани лица во Ирска и Шкотска го користеле литературниот класичен гелски јазик и немало остри разлики помеѓу овој јазик и зборуваниот јазик во Шкотска. Кога класичниот гелски јазик престанал да се користи во образованието во двете земји, се развиле и почнале да се користат локалните јазици кои се развиле во посебни јазика.

Современ период уреди

Шкотскиот јазик има голема орална и пишана традиција која на шкотски јазик се нарекува „beul-aithris“. Јазикот зачувува знаење за предфеудалниот период и племенските закони и обичаи на Шкотска.

Што се однесува за книгоиздавателството, ирскиот превод на Библијата се користел во Шкотска сè додека не била преведена на шкотски јазик.[8] Авторот Дејвид Рос во својата книга „2002 историја на Шкотска“ забележува дека шкотска верзија на Библијата била испечатена уште во 1690 година од Роберт Кирк во Лондон, но истата не била распространета меѓу шкотското население.[9] Првата добропозната Библија на шкотски јазик е издадена во 1767 година од страна на Џејмс Стјуарт од Килин и Дугалд Баханан од Ранох.

Поранешни дијалекти уреди

Денешниот шкотски јазик најдобро и најточно може да се именува како „планински гелски“ за да се разликува од поранешните дијалекти на „низински гелски“. Од овие, галовејскиот гелски дијалект можеби е последниот дијалект на гелскиот јазик кој се зборувал во Низинска Шкотска. До крајот на средниот век, низинскиот шкотски бил заменет во средниот англиски јазик или со шкотскиот германски јазик и британскиот јазик исчезнал. Според Џејмс Крихтон, последното место во Низинска Шкотска каде се зборувал шкотскиот јазик било селото Бар во Карик. Како и да е, нема топографска граница на северните и јужните јазични разлики.

Денес, најблизок ирски дијалект со шкотскиот јазик е алстерски ирски дијалект. Овој дијалект содржи голем број на архаични зборови и јазична конструкција што ги поврзува двата јазика. За разлика од тој дијалект, стандардните јазици се малку поразлични, односно ирскиот јазик се заснова на дијалекти од југоистокот на земјата. Од друга страна пак, шкотскиот јазик се развил на островите Надворешни Хебриди и се проширил кон остатаокот од Шкотска, иако денес во источните делови послабо се зборува јазикот.

Говорници уреди

Следува приказ на бројот на говорници на шкотскиот јазик и споредба со говорниците на шкотскиот и англискиот според бројот на населението на Шкотска.

Говорници на шкотскиот јазик во Шкотска (1755 - 2001)
година шкотско население говорници само на шкотскиот говорници на шкотскиот и англискиот говорници на шкотскиот и англискиот во %
1755 1.265.380 289.798 н/п н/п (22,9 еднојазични Шкоти)
1800 1.608.420 297.823 н/п н/п (18,5 еднојазични Шкоти)
1881 3.735.573 231.594 н/п н/п (6,1 еднојазични Шкоти)
1891 4.025.647 43.738 210.677 5,2
1901 4.472.103 28.106 202.700 4,5
1911 4.760.904 18.400 183.998 3,9
1921 4.573.471 9.829 148.950 3,3
1931 4.588.909 6.716 129.419 2,8
1951 5.096.415 2.178 93.269 1,8
1961 5.179.344 974 80.004 1,5
1971 5.228.965 477 88.415 1,7
1981 5.035.315 н/п 82.620 1,6
1991 5.083.000 н/п 65.978 1,4
2001 5.062.011 н/п 58.652 1,2

Распространетост уреди

Говорник на шкотски.
 
Распространетост на шкотскиот јазик во Шкотска.

Според пописот од 2001 година во Шкотска има 58.652 говорници на шкотскиот јазик, односно 1,2% од населението на државата со над тригодишна возраст.[10] Споредено со пописот од 1991 година, се гледа пад на активните говорници за околу 7.300 жители, што дава впечаток дека јазикот е во постојана опасност од исчезнување.

Според податоците на граѓанските парохии во државата, кои пак дозволуваат учење на шкотскиот јазик уште од XIX век, две нови околности се случиле во рамките на шкотското општество кои се поврзани со овој пад на бројот:900.

  • ниту една парохија во Шкотска нема пропорција на шкотски говорници поголема од 75% и најголема пропорција има Барвас со 74,7%.
  • ниту една парохија во копнена Шкотска нема пропорција на говорници на шкотски јазик поголема од 25%, и најголема пропорција има Лохалш со 20,1%

Најголемо упориште каде се зборува јазикот се островите Надворешни Хебриди или на шкотски Na h-Eileanan Siar, каде целокупната пропорција на населението изнесува 61,1% и сите парохии забележале пропорција од 50% во однос на зборуваните јазици т.е. шкотски и англиски. Исто така парохијата во Килмуир забележала таков сооднос, односно 50%.

Надвор од овие острови, најголем број на шкотски говорници можат да се пронајдат на островот Тире со вкупно 47,8% од населението, Скај со 36,8 % од населението, Расај со 36,1% и Лисмор со 28,8% од населението.[11] Така, целокупната слика на 900 парохии во Шкотска во споредба со бројот на говорници на шкотски јазик изгледа вака:

  • 9 од парохиите имаат шкотски говорници над 50%.
  • 20 од парохиите имаат шкотски говорници над 25%.
  • 39 од парохиите имаат шкотски говорници над 10%.

Надвор од овие средини, говорниците на шкотскиот јазик се речиси изолирани од употреба на јазикот и скоро и да нема монолингвизам во државата кога станува збор за шкотскиот.

Паравопис и азбука уреди

 
Огамско писмо.

Историја на правописот уреди

Прастариот или огамскиот ирски јазик, претходник на староисркиот јазик, користел линиски огамско писмо. Огамското писмо се состоело од знаци запишано под и над хоризонтална линија. Со продорот на христијанството во V век се вовела латиницата на просторите на Британските Острови и на Ирска. Историски, гојделските јазици порани биле дијасистем кој се протегал од јужна Ирска, преку островот Ман па сè до северна Шкотска.

Класичниот гелски јазик се користел како книжевен јазик во Шкотска сè до XVIII век. Разликата помеѓу правописот на шкотскиот и ирскиот јазик е како резултат на скорешни правописни реформи кои ги стандардизирале јазиците.

Со преводот на Новиот завет на шкотски јазик во 1767 година го стандардизирал јазикот. За времето на Втората светска војна, правописот на ирскиот јазик претрпел нова реформа и се вовел официјалниот правопис наречен Caighdeán Oifigiúil. Понатамошните реформи во 1957 година резултирале со елиминирање на некои тивки букви од јазикот, но кои денес се користат во шкотскиот јазик. Шкотската катедра за оценување во 1981 година препорачала шкотска конвенција за правопис, која била прифатена од поголем број на издавачи и агенции, но сепак од некои академици се смета за контроверзна.[12]

Азбука уреди

 
Сообраќаен знак на шкотски.

Современата шкотска азбука се состои од 18 букви засновани на латиницата. Тие се:

Големи букви
A B C D E F G H I L M N O P R S T U
Мали букви
a b c d e f g h i l m n o p r s t u

Буквата „h“ која денес се користи за лениција на согласките, не се користела во стариот шкотски правопис. Наместо неа се ставало точка над буквата која треба да е ленитирана. Традиционално, имињата на буквите биле според дрва, но овој начин на именување не се користи повеќе.

Квалитетот на согласката е индициран со запишување на самогласката која ја опкружува согласката. Таканаречените „тенки“ согласки се палатизирани, додека „широките“ согласки се неутрални или се веларизирани. Самогласките „е“ и „и“ се класифицирани како „тенки“, додека „а“, „о“ и „у“ се класифицирани како „широки“. Правилото за пишување познато како „тенка до тенка и широка до широка“ (caol ri caol agus leathann ri leathann) побарува да среднозборна согласка или согласна група проследена од запишани „и“ или „е“ биде исто така претходена од запишани „и“ или „е“. Истото правило важи и за „широките“ самогласки. Квалитетот на согласката е индицирана со запишаните самогласки до согласката и правилото за запишување ги отстранува можностите за несигурност за квалитетот на согласката со тоа што се додаваат букви кои не се изговараат. Како илустрација на ова правило се зема буквата „t“ во зборот slàinte [s̪lˠ̪a:ɲtʲə] и буквата „t“ во зборот bàta [paːʰt̪ə].

Ова правило нема ефект на изговор на самогласките. Така на пример, множинската форма во шкотскиот јазик се формира со додавање на наставка „-an“ и имаме: bròg [prɔːk] (чевел) / brògan [prɔːkən] (чевли). Поради правилото за запишување, пред суфиксот се додава буква „е“, но изговорот не е променет. Слични пример е taigh [tʰɤj] (куќа) / taighean [tʰɛhən] (куќи).

Промените кои биле предложени во 1967 година исто така претрпеле модификации поврзани со правилото за пишување. Така на пример наставката за минат партицип секогаш се пишува „-te“, дури и после „широка“ согласка, како во зборот „togte“ воздигнат.

Каде во пишувањето се сретнуваат парови самогласки, нема целосна сигурност за тоа која самогласка треба да се изговори и која самогласка е вметната за да се задоволи барањето на правилото за пишување.

Неакцентираните самогласки кои се занемарени при зборување, можат да бидат занемарени и при формално запишување, како во примерот:

Tha mi an dòchas. („Јас се надевам.“) > Tha mi 'n dòchas.

Штом еднаш се научат правилата за пишување на шкотскиот јазик, изговорот на запишаниот јазик е лесно предвидлив. Како и да е, учениците мора да бидат внимателни да не ги мешаат изговорот на англиските букви со изговорот на шкотските букви, бидејќи не се исти и доведува до погрешен изговор.

Фонологија уреди

Фонеми уреди

Повеќето од дијалектите на шкотскиот јазик имаат од 8 до 9 самогласки кои можат да бидат кратки и долги. Самогласките се [i], [e], [ɛ], [a], [o], [ɔ], [u], [ɤ] и [ɯ]. Исто така има две редуцирани самогласки [ə] и [ ɪ] кои можат да бидат само кратки. Во шкотската фонологија има околу 9 дифтонга и неколку трифтонга.

Повеќето од согласките можат да бидат палатизирани или да не бидат палатизирани, вклучувајќи голем број на ликвидни, носни и вевни согласки. Шкотскиот јазик нема звучно допирање, туку има комплексен систем на преаспирација на непочетни позиции.

Пишување уреди

Долгите самогласки во шкотскиот јазик се бележат со надреден знак како на пример à, è, ì, ò, ù или се означени преку диграфи, како на пример ao е [ɯ]. Исто така должината може да се означи преки согласната околина, па така на пример „у“ претходи на неинтервокално „nn“ тогаш таа буква се изговара како долга „у“ или [uː]. Традиционалниот правопис користи надреден знак за акцент за да се означи квалитетот на самогласката, одошто нејзината должина. Овој начин на пишување не се користи денес по воведувањето на новите правописни реформи.

Граматика уреди

Шкотскиот, односно гелскиот јазик, споделува голем број на граматички одлики со останатите келтски јазици, како на пример:

  • зборовниот ред во реченицата е „прирок-подмет-предмет“, одлика која не е својствена за голем број на светски јазици.
  • сврзнички предлози
  • предлози за изразување присвојност:
Tha taigh agam — „Јас имам куќа“ (буквално „Куќата е на мене“)
Tha an cat sin le Iain - „Јан поседува мачка“ (буквално „Е мачката која со Јан“)
  • емпатични заменки:
Tha cat agadsa ach tha cù agamsa – „Ти имаш мачка но јас имам куче“.

Именки уреди

Именките и заменките во шкотскиот јазик имаат само два граматички рода: машки и женски род. Именките од среден род се распоредени во машкиот и женскиот род.

Исто така, именките во шкотскиот јазик имаат три граматички броја: еднина, множина и двоина. Двоината често се наоѓа после бројот два (). Именките од машки род имаат иста двоина како за еднината, додека именките од женски род прават двоина со „затеснување“ на последната согласка. Множината се прави така што се додава наставка „-an“ и со „затеснување“ на последната согласка.

  • м.р.: aon òran, dà òran, trì òrain – „една песна, две песни (двоина), три песни“
  • ж.р.: aon uinneag, dà uinneig, trì uinneagan – „еден прозорец, два прозора (двоина), три прозори“

Падежите во шкотскиот јазик се: номинатив, вокатив, генитив и датив.

Придавки уреди

Формите на придавките на шкотскиот јазик се менуваат според лицето и бројот. Придавките обично следуваат после именката, па така има:

  • (air) breac mòr – „(на) голема пастрмка“
  • (air) a' bhreac mhòr –„(на) големата пастрмка“

Мал број на придавки претходат на именката, како на пример:

  • seann chù, droch shìde, deagh thidsear – „старо куче, лошо време, добар наставник“

Членови уреди

Шкотскиот јазик има определен член и неопределен член.

an taigh — 'куќата', taigh — 'куќа'

Формите на определениот член зависат од бројот, родот и падежот на именката.

едн. мн.
м.р. ж.р.
ном. AN AN NA
дат. AN
ген. AN +L NA NAN

"" означува дека наредниот збор е ленитиран.

Забелешка: Поради технички причини, останатите граматички елементи можете да ги погледнете во главната статија за граматиката на овој јазик.

Зборовен фонд уреди

Голем дел од зборовниот фонд на шкотскиот јазик е од келтско потекло. Покрај нив има поголем број странски, позајмени зборови од латинско, грчко (за религиски потреби), старонорвешко, хебрејско и шкотскогерманско потекло. Покрај ова, доста чести се појавите на неологизмите, зборови кои се користат во повеќето од светските јазици. Така на пример во шкотскиот јазик има telebhisean за телевизија или coimpiùtar за компјутер, иако за сите неологизми има и шкотски назив. Покрај овој процес на примање странски зборови, постои и обратниот процес. Така шкотскиот влијаел врз шкотскогерманскиот и англискиот јазик. Такви зборови се: виски, слоган, клан, стронциум, но и добропознатите зборови „бен“ за планина или „лох“ за езеро.[13]

Статус уреди

Законски статус уреди

Историски, шкотскиот јазик немал легално право на службен јазик во Обединетото Кралство како што бил случајот со велшкиот јазик. Но на 21 април 2005 година, шкотскиот јазик станал законски рамноправен јазик во Шкотска со донесување на актот за шкотскиот јазик. Актот вклучувал[14]:

  • основање гелско развојно тело кое ќе се грижи за официјалниот статус на јазикот и рамноправен јазик со англискиот и за промовирање на јазикот
  • подготвување на национален план за јазикот кој ќе биде одобрен од министрите
  • подготвување водич за воведување на јазикот во образованието

Првичниот план на телото за шкотскиот јазик бил тоа да биде советодавно, но со политичките интервенции телото станало сатутно.

Медиуми уреди

Покрај тоа што јазикот се учи во училиштата, каде кај некои е и главен јазик, тој исто така се користи кај некои локални совети на Надворешните Хибриди. BBC Scotland има радио програма на шкотски јазик под името Radio nan Gàidheal, но и телевизиски емисии и филмови на шкотски кои често имаат и превод на англиски јазик. Телевизијата STV продуцира и забавни програми на шкотски јазик. Покрај локалното емитување на шкотски телевизиски и радио програми, Gaelic TV се емитува и на сателитот Астра.

Примери уреди

Во продолжение следуваат примери на шкотскиот јазик, но и нивни еквиваленти со ирскиот и манскиот јазик.

шкотски ирски мански македонски
Fàilte Fáilte Failt добредојде
Halò Haileo или Haigh или Dia dhuit (трад. превод: "Господ да е со тебе") Hello здраво
Latha math Lá maith Laa mie добар ден
Ciamar a tha thu? Conas atá tú? (Cén chaoi a bhfuil tú? на конактски ирски или Cad é mar atá tú? на алстерски ирски) Kys t'ou? Како си?
Ciamar a tha sibh? Conas atá sibh? (Cén chaoi a bhfuil sibh? на конактски ирски или Cad é mar atá sibh? на алстерски ирски) Kys ta shiu? Како сте?
Madainn mhath Maidin mhaith Moghrey mie Добро утро
Feasgar math Trathnóna maith Fastyr mie Добар ден
Oidhche mhath Oíche mhaith Oie vie Добра ноќ
Tapadh leat Go raibh maith agat Gura mie ayd Благодарам
Tapadh leibh Go raibh maith agaibh Gura mie eu Ви благодарам
Dè an t-ainm a tha ort? Cad é an t-ainm atá ort? or Cad is ainm duit? Cre'n ennym t'ort? Како се викаш?
Dè an t-ainm a tha oirbh? Cad é an t-ainm atá oraibh? or Cad is ainm daoibh? Cre'n ennym t'erriu? Како се викате?
Is mise..., Mise... Is mise..., Mise... Mish... Јас сум...
Slàn leat Slán leat Slane lhiat Пријатно
Slàn leibh Slán libh Slane lhiu До видување
Dè a tha seo? Cad é seo? Cred shoh?, Cre shoh? Што е ова?
Slàinte Sláinte Slaynt „здравје“ (за наздравување, односно „на здравје“)

Наводи уреди

  1. „CnaG ¦ Census 2001 Scotland: Gaelic speakers by council area“. Архивирано од изворникот на 2006-09-25. Посетено на 2010-03-07.
  2. Kenneth MacKinnon (2003). „Census 2001 Scotland: Gaelic Language – first results“. Архивирано од изворникот на 2006-09-04. Посетено на 2007-03-24.
  3. MacKinnon, Kenneth, Gaelic A Past and Future Prospect, 1991
  4. http://news.scotsman.com/royalnationalmod/Mods-fluent-youth-speaks-volumes.3471169.jp
  5. W. F. H. Nicolaisen: Scottish Place-Names, B. T. Batsford, London 1986, p.133
  6. Campbell, Ewan (2001). „Were the Scots Irish?“. Antiquity. 75: 285–92.
  7. Gaelic - A Past and Future Prospect. MacKinnon, Kenneth. Saltire Society Edinburgh 1991. p41
  8. Mackenzie, Donald W. (1990–92). „The Worthy Translator: How the Scottish Gaels got the Scriptures in their own Tongue“. Transactions of the Gaelic Society of Inverness. 57: 168–202.CS1-одржување: датумски формат (link)
  9. Ross, David. Scotland: History of a Nation. Geddes & Grosset, 2002.
  10. Kenneth MacKinnon (2003). „Census 2001 Scotland: Gaelic Language – first results“. Архивирано од изворникот на 2006-09-04. Посетено на 2007-03-24.
  11. Duwe,Kurt(2006):Gaidhlig(Scottish Gaelic)Local Studies Vol.20 Muile,Tiriodh & Colla page 23 2nd edition September 2006 and Duwe,Kurt(2006:Gaidhlig(Scottish Gaelic)Local Studies Vol.17 Gleann Comhann,Lios Mor & Aird Chatain page 27 2nd edition May 2006
  12. The Board of Celtic Studies Scotland (1998) Computer-Assisted Learning for Gaelic: Towards a Common Teaching Core. The orthographic conventions were revised by the Scottish Qualifications Authority (SQA) in 2005: „Gaelic Orthographic Conventions 2005“. SQA publication BB1532. Архивирано од изворникот (PDF) на 2007-05-07. Посетено на 2007-03-24.
  13. An Etymological Dictionary of the Gaelic Language, Alexander MacBain.
  14. Gaelic Language (Scotland) Act 2005.

Користена литература уреди

  • Gillies, H. Cameron (1896) Elements of Gaelic Grammar, Vancouver: Global Language Press (reprint 2006), ISBN 1-897367-02-3 (hardcover), ISBN 1-897367-00-7 (paperback)
  • Gillies, William (1993) "Scottish Gaelic", in: Ball, Martin J. and Fife, James (eds) The Celtic Languages (Routledge Language Family Descriptions), London: Routledge. ISBN 0-415-28080-X (paperback), p. 145–227
  • Lamb, William (2001) Scottish Gaelic, Munich: Lincom Europa, ISBN 3-89586-408-0
  • MacAoidh, Garbhan (2007) Tasgaidh - A Gaelic Thesaurus, Lulu Enterprises, N. Carolina
  • McLeod, Wilson (ed.) (2006) Revitalising Gaelic in Scotland: Policy, Planning and Public Discourse, Edinburgh: Dunedin Academic Press, ISBN 1-903765-59-5
  • Robertson, Charles M. (1906–07). "Scottish Gaelic Dialects", The Celtic Review, vol 3 pp. 97–113, 223–39, 319–32.
  • Black, Ronald (1997). Cothrom Ionnsachaidh. Edinburgh: University of Edinburgh, Department of Celtic. ISBN 0906981336.
  • Calder, George (1990) [1923]. A Gaelic Grammar. Glasgow: Gairm. ISBN 978-0-901771-34-6.
  • Dwelly, Edward (1988) [1901–11]. The Illustrated Gaelic-English Dictionary (10. изд.). Glasgow: Gairm. ISBN 978-1-871901-28-3.

Поврзано уреди

Надворешни врски уреди

  Статијата „Шкотски јазик“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).