Чеч

историско-географска област поделена помеѓу Пиринска и Егејска Македонија

Чеч или Чечко (понекогаш Чечлак) — историско-географска област поделена помеѓу Пиринска и Егејска Македонија во денешна Бугарија и Грција. Опфаќа околу 60 села, чие население е речиси целосно сочинето од Македонци-муслимани (Помаци),[1] од кои мал дел се со турска национална свест. Соседното христијанско население ги нарекува Чеченци, Чечлии или Чешлии, додека пак македонската наука постручно ги нарекува Чечки Помаци.[2] Се користи и името Гаџели, особено во врска со доспатските села.

Топографска карта на Чеч. Со црвено е обележано веројатното место на изворното село Чеч и неговата околина.

Географија уреди

Областа е сместена во југозападниот дел на Родопите и северните предели на планината Боздаг (Фалакро), чиј поголем дел е во Егејска Македонија. Историски областа се дели на Неврокопски Чеч и Драмски Чеч, од кои Драмскиот е целосно во Егејска Македонија, а Неврокопскиот е поделен помеѓу двете страни.

Западната граница на Неврокопски Чеч е ридот од десната страна на Плетенска Река (Чечка Бистрица) меѓу селата Грмен и Долно Дреново, кој на југ се протега сè до Места. Места е југозападната и јужната граница на Неврокопски Чеч, но во подножјето на Боздаг границата оди отаде реката и ги опфаќа и селата Вршен, Сидерово и Пепелаш. Северозапдната граница на Неврокопски Чеч е Дабничката Река и билото, кое продолжува од реката на североисток, опфаќајќи ја територијата на денешното шумарско подрачје Дикчан. Оттаму границата се спушта по највисокото било од источната страна на Дабраш, поминува од западната страна на Барутин и Чавдар, кои до 1787 г. исто така влегувале во Неврокопско. По ова место, границата се движи по течението на Русковска, потоа и по она Орховска Река, сè до нејзиниот влив во Места.

Драмски Чеч го опфаќа источниот дел на планината Боздаг, поречието на Места до нејзиниот излез од долината и на територијата на исток од Неврокопски Чеч до Скечкото Горје.

Историја уреди

Областа е наречена по некогашното село Чеч, за што сведочи подробен записник на тимарите и хасовите во вилаетите Места, Драма, Зихна, Кешишлик, Сер, Неврокоп, Демир Хисар и Солун од 1478 – 1479 г. (ознака BOA, TD7). Во документот по име се набројани главите на неговите 73 домаќинства, како и 18 неженети машки лица, 3 вдовици и 2 немуслимани.

Според Евгениј Радушев, овој подробен записник е доказ дека исламизацијата во овој крај воопшто не била присилна. Во Забележано е дека освен Чеч, во областа имало уште десетина села кои биле речиси наполно исламизирани веќе во 1478-79 г. Радушев забележува дека во целиот европски дел на царството, ваков ран процес на исламизација се забележува само уште во Босна. Тој смета дека селото Чеч се наоѓало некаде близу Радибош, Драмско. Чеч како село повеќе не се споменува во подоцнежните записници, што значи дека е напуштено или се води под сменето име.[3]

Чеч е присутен во османлиските описи дури до преземањето на областа од Бугарија. Отпрвин не му се споменува управниот статус, а подоцна станува нахија. Се добива впечаток дека во истиот период, едни исти села се споменуваат како чечки, а воедно и како села во Неврокопската или Драмската нахија. Во пораните периоди во Неврокопско постоеле и други нахии, како Калојанската, во која, на пример, спаѓале селата В’лкосел и Кочан, како и нахиите Испанаполска и Карасу (Поместие). Ова укажува дека тие нахии се дел од предосманлискиот управен систем, а Чеч бил и село и некаква општина пред доаѓањето на Османлиите. Подоцна Чеч добил своја нахија, што било неопходно бидејќи Неврокопската каза вклучувала над 123 села и била тешка за управување.[4]

Ширењето на исламот зело поголем замав во XVI век, а на почетокот на XVII век речиси сите села во Чечко биле наполно муслимански, како што се гледа од документите BOA, MAD5 25; BOA, TD7; BOA, TD70; BOA, TD403; BOA, TD167; Мевкуфат калеми бр. 8723 од Истанбул, како и ф. 126, а.е. 4 и ф. 126, а.е. 9 од НБКМ – Ориентален оддел.

Тахсин-бег, мудир во Чечката нахија во 1898 г. пишува:

Седумдесет отсто од народот во Чеч говори македонски. Помаци се. Многу сиромашна, многу сосипана заедница. Она што ми остави впечаток во таа нахија е дека имамите беа богати и влијателни. Во секое село во Чеч имамот беше важна личност, дури имаше и аги меѓу имамите... Во секое село имаше по еден имам и еден-двајца аги, кои правеа сè за да го изгорат и унишат селото.[5]


Имамите, според Тахсин-бег, се „катили во турбани“, кои имаат речиси полна власт во селата. Во нивна надлежност е избегнувањето на воената служба, продажбата на тутунот, посредувањето со различни претставници на власта. Помалку од 1 % од населението на Чеч е писмено, нема ниедно „вистинско училиште“.[6]

По Балканските војни целиот Драмски и половината од Неврокопскиот Чеч е припоен кон Грција, а другата половина од Неврокопски Чеч ѝ припаднал на Бугарија. За време на Вората светска војна, Бугарија го зазела целиот Чеч, но веќе тогаш месното население во егејскиот дел заменето со грчки бегалци од Турција согласно Лозанскиот договор од 1923/4 г. Македонското население на Неврокопски Чеч е иселено претежно во Мал Самоков, Лозенград, Одрин и Узунќопру во Источна Тракија, Турција.[7]

Населени места во Бугарија уреди

 
Карта на населените места во Чеч (портокалово) во Пиринска (горе) и Егејска Македонија (долу).

Пиринска Македонија уреди

Историски уреди

Смољанска област уреди

Населени места во Егејска Македонија уреди

Неврокопски Чеч уреди

Историски уреди

Драмски Чеч уреди

Историски уреди

Интересно е што многу од селата кои ги набројува К’нчов се заведени во многу постар записник од 1478-79 г. Во записникот се гледа дека нивното население не е турско, туку македонско, кое уште тогаш го примило исламот речиси во полност. К’нчов ги наведува жителите на тие села како Турци, но Евгениј Радушев јасно укажува дека станува збор за помачки села, во кои турскиот се наметнал поради масовноста на исламската вероисповед уште од средината на XV век.[8]

Списокот погоре не ги одразува сите села во Чечко. Кај едни, ова е поради неможноста да им се утврди точната местоположба, а пак други се премногу ситни населби како што е на пр. Цилингирови Колиби, за кои исто така недостасуваат податоци.

Потекло на името уреди

Според бугарскиот јазичар Јордан Н. Иванов, името Чеч доаѓа од турското çeç, што значи „стог сено“ или „крстица“, иако семантичката врска е нејасна.[9] Според други тврдења, поимот чеч значи „тврд камен“.[10]

Литература уреди

  • Васил К’нчов. Патување по долините на Струма, Места и Брегалница.
  • Енциклопедия „България“. Том 7, София, Издателство „Марин Дринов“, 1996.
  • Лалев, Лалю. „Чеч“, Малка туристическа библиотека, София, 1983.
  • Сребранов, Румен. „Чечкият говор“, Академично издателство „Проф. Марин Дринов“, София, 2007. ISBN 978-954-322-230-8
  • Стоянов, Людмил (1979). Мехмед Синап: историята на един бунт. София: Военно издателство.
  • Радушев, Евгений (1998). „Демографски и етнорелигиозни процеси в Западните Родопи през XV-XVIII век (Опит за преосмисляне на устойчиви историографски модели)“. Историческо бъдеще, кн. 1. ISSN – 0144 1311 – 0144.
  • Радушев, Евгений (2005). Помаците – християнство и ислям в Западните Родопи с долината на р.Места, XV – 30-те години на XVIII век. Част I. София: Народна библиотека Св. Св. Кирил и Методий – Ориенталски отдел. ISBN 954-523-084-3. OCLC 166026969.
  • Радушев, Евгений (2005). Помаците – християнство и ислям в Западните Родопи с долината на р.Места, XV – 30-те години на XVIII век. Част II – Приложения. София: Народна библиотека Св. Св. Кирил и Методий – Ориенталски отдел. ISBN 954-523-084-3. OCLC 166026970.
  • Димитров, Страшимир. Помохамеданчванията в Неврокопско XV-XVIII век
  • Мельов, Антон. Етнодемографска и социална характеристика на западнородопското население през втората половина на XV век
  • Srebranov, Rumen. Bulgarian Muslims from the Chech region and their linguistic self-identification

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Македонското национално малцинство во Република Бугарија“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 888. Text "series " ignored (help)
  2. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Торбеши“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1497. Text "series " ignored (help)
  3. Радушев, Евгений (2005). Помаците - християнство и ислям в Западните Родопи с долината на р.Места, XV - 30-те години на XVIII век. Част I. София: Народна библиотека Св. Св. Кирил и Методий - Ориенталски отдел. стр. 282–285. ISBN 954-523-084-3. OCLC 166026969.
  4. Димитров, Страшимир. Помохамеданчванията в Неврокопско XV-XVIII век
  5. Узер, Тахсин. Тахсин беj ја објаснува Македонија, Скопје 2013, стр. 52–53.
  6. Узер, стр. 53–57.
  7. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Македонското национално малцинство во Република Грција“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 891. Text "series " ignored (help)
  8. Радушев, Евгений (2005). Помаците – християнство и ислям в Западните Родопи с долината на р.Места, XV – 30-те години на XVIII век. Част I. София: Народна библиотека Св. Св. Кирил и Методий – Ориенталски отдел. стр. 282–285. ISBN 954-523-084-3. OCLC 166026969.
  9. Йордан Иванов. „Местните имена между Долна Струма и Долна Места“. София, БАН, 1982, стр.219.
  10. Светиева, Анета. 2016. Разговор со г. Дамјан Искренов и со г. Шикир Бујуков од село Кочан — чечки Помаци од Западните Родопи (Пиринска Македонија), Р. Бугарија, ЕтноАнтропоЗум бр. 4, 2004 г. (со звучна верзија) (македонски)

Надворешни врски уреди