Црква „Св. Петар“ - Голем Град

црква на Голем Град

Свети Петар — една од седумте, но единствена целосно сочувана црква на островот Голем Град во Преспанското Езеро. Таа е изградена околу 1360 година, за време на владеењето на царот Волкашин[1]. До нејзе може да се пристапи единствено преку воден пат. Во црквата се влегува преку два влеза од западниот и јужниот ѕид. Нејзината архитектура е добро сочувана, а нејзина реконструкција последно е извршена во 1934 година. Црквата претставува нагласено висока градба без купола изградена од тули и кршен камен. Фреските во црквата се слабо зачувани и тоа на источниот, западниот и јужниот ѕид и делумно на јужната фасада. На источниот ѕид е претставена Богородица од Благовести. На јужниот ѕид веднаш до олтарниот простор насликани се светители во цел раст како и остатоци од претстави на два светители кои не можат да се идентификуваат, но видливи се делови од нивните ликови со ореоли, а потоа насликани се монаси. На западниот дел од јужниот ѕид видливи се остатоците од композициите средба на Јоаким и Ана, Раѓањето на Богородица, Првите чекори на Богородица и Благословот на тројцата Свештеници. На западниот ѕид претставени се Св. Теодосиј Киновијарх и Св. Ефрем Сирин. На овој ѕид видливи се и остатоци од претставите Св. Елена и Св. Костантин како и остатоци од Воведението. Поради насликаните сцени на циклусот на Богородица се сметало дека црквата била посветена на св. Богородица[2]. На јужната фасада постојат илустрации на настанот поврзан со настанувањето на Акатистот Богородичен. Поради долгите изложувања на надворешни влијанија зачуваниот живопис е во лоша состојба. Сепак некои делови можат добро да се забележат како што е ликот на Св. Роман Мелод.

Свети Петар

Поглед на црквата

македонска православна црква
Епархија Преспанско-пелагониска
Архијерејско намесништво Ресенско
Местоположба

Карта

Место Голем Град
Општина Ресен
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Апостол Петар
Изградба 1360
Архитектонски опис
Стил еднокорабна
Фрески во црквата

До црквата се наоѓа единствениот конак кој е изграден во XIX век е што се ползувал за живеење на црковните служители, но и чувари на илегалните македонски револуционери од предилинденскиот и за време на востанието во 1903 година кога на островот биле засолнувани голем број преспански востаници.

Занимливост уреди

Тука е претставена една композиција со извонредно тематско значење. Станува збор за фреската каде првпат е претставена Опсадата на Цариград од страна на Персијанците и Аварите во 626 година. Оваа тема подоцна ќе стане една од најчестите во фрескописот во црквите во Молдавија. Меѓу композициите вредно е да се спомене и композицијата „Бегство во Египет”, која ретко се среќава во македонските средновековни цркви.

Наводи уреди

  1. Velev, Ilija (1990). Преглед на средновековни цркви и манастири во Македонија. Наша книга.
  2. Macedoniae acta archaeologica (10. изд.). Археолошко друштво на СР Македонија. 1989.

Надворешни врски уреди