Црвената буква (англиски: The Scarlet Letter) - роман на американскиот писател Натаниел Хоторн од 1850 година.

Содржина уреди

 
Корицата на првото издание на „Црвената буква“

Романот се состои од вовед со наслов „Царинарница“ и 24 глави:

  • Царинарница: Во воведниот дел, авторот ја опишува својата работа како контролор во царинарницата во Салем, каде бил опкружен со незаинтересираните и подмитливи службеници и стариот управник, пензиониран генерал. Работата му била монотона сè до моментот кога на таванот пронашол пакет со документи, а вниманието му го привлекле црвената ткаенина со големата буква „А“ и хартиите во кои бил опишан на старата госпоѓа Естер Прин која живеела во 17 век. Тој се почувствувал повикан да напише книга за нејзиниот живот, меѓутоа монотоната работа му ги затапела интелектуалните капацитети и не бил способен да ја оствари намерата. Во третата година од неговата служба се случила пресудна промена - по промената на владата, тој добил отказ по што се вратил на своето старо занимање - пак станал писател.[1]
  • Глава I-IV: Во средината на 17 век, пред затворот во Бостон биле собрани многу луѓе, со цел да присуствуваат на јавното изложување на Естер Прин, убава жена осудена поради прељуба. Држејќи го своето тримесечно бебе, таа била спроведена на плоштадот каде била принудена да стои неколку часа, а на една црвена ткаенина на нејзините гради била навезена големата буква А, кратенка од зборот Adulteress што означува жена која извршила прељуба. Притоа, таа била осудена да го носи знакот на себе до крајот на животот. На насобраната толпа ѝ се придружил необичен странец кој ја препознал Естер. Двајца свештеници побарале од неа да го каже името на мажот со кого го направила гревот, но таа одбила да го открие љубовникот. Потоа, неа ја вратиле во затворот, а поради нејзината лоша состојба го повикале странецот во својство на лекар. Со помош на една напивка, тој ги смирил Естер и нејзиното бебе, а потоа започнал разговор со неа. Странецот се претставувал како Роџер Чилингворт, а всушност тој бил сопругот на Естер. Младата и убава Естер се омажила со него, иако тој бил грд. Некое време, брачниот пар живее во Европа, а потоа Естер заминала за Нова Англија, а сопругот требало да ѝ се придружи подоцна. Меѓутоа, нему му се изгубила трагата, а за тоа време тој живеел во заробеништво на некое индијанско племе. Откако Естер одбила да му го открие љубовникот, тој ѝ кажал дека планира да го дознае неговото име. Исто така, Роџер ја присилил да не им кажува на луѓето дека тој е нејзиниот законски маж.[2]
  • Глава V-VIII: По излегувањето од затворот, наместо да избега во Европа, Естер одлучила да остане во Бостон и да го трпи срамот поради гревот што го направила. Таа се населила во една мала колиба на крајот од градот и живеела осамено, зашто сите луѓе ја осудувале и ја избегнувале. За да ја прехрани својата ќерка Перл, Естер работела вредно, шиејќи и везејќи за пари. Перл била убаво девојче со див темперамент, така што Естер често се прашувала дали во неа се вселил ѓаволот. Поради гласовите дека видните луѓе сакаат да ѝ го одземат старателството врз ќерката, еден ден, Естер го посетила гувернерот, каде се уверила дека навистина постојат такви планови. Меѓутоа, младиот свештеник Димесдел застанал на нејзината страна и така таа успеала да ја задржи ќерката.[3]
  • Глава IX-XII: Сопругот на Естер останал да живее во Бостон под името Роџер Чилингворт, каде бил прифатен од средината како угледен и успешен лекар. Постепено, тој се спријателил со свештеникот Артур Димесдел чие здравје во меѓувреме се влошило. Затоа, лекарот и свештеникот живееле во иста куќа. Под изговорот дека го лекува, Роџер почнал да го испитува свештеникот, со цел да го открие изворот на неговите душевни маки. Еден ден, свештеникот заспал во длабок сон, а Роџер му ја растргнал плаштот и на неговите гради го видел истиот знак што го носела Естер. Душевната состојба на Димесдел се влошила, него го гризела совеста, но тој немал храброст јавно да ја искаже својата тајна. Една ноќ, во состојба на агонија, тој отишол на плоштадот и се качил на местото на кое ги казнувале злосторниците. Случајно, тука поминале Естер и Перл и тројцата стоеле држејќи се за рацете, а на небото се појавила голема буква А. Таа глетка ја видел Роџер, кој го однел свештеникот дома. Утредента, Димседел ја одржал својата најдобра проповед, а еден свештеник му ја дал ракавицата која била пронајдена на губилиштето.[4]
  • Глава XIII-XXIV: Гледајќи ја бедната состојба на Артур Димесдел, Естер донела цврста одлука да му помогне, кажувајќи му дека Роџер е неговиот најголем непријател кој сака да го уништи. Во една прилика, таа се сретнала со својот сопруг и барала од него да престане да го измачува свештеникот. Подоцна, таа имала средба со Димесдел во шумата при што тие донеле одлука да го напуштат градот и да живеат заедно. По таа средба, Димесдел се вратил во градот потполно изменет и со безбожни мисли. На денот на изборот на новиот гувернер, Димесдел го одржал својот најдобар говор кој ги восхитил сите присутни. За тоа време, Естер и Перл стоеле пред црквата во која тој го држел говорот, а околу нив се собрале многу луѓе. Во меѓувреме, Роџер дознал дека Естер и Димесдел планираат да си заминат со еден брод. Кога излегол од црквата, Димесдел бил целосно исцрпен, но со последните сили, на општо запрепастување на присутните, ги зел Естер и Перл за рака и се качил на губилиштето, соопштувајќи им на присутните дека е грешник. Пред да умре, тој ги покажал градите на кои била запишана буквата А. Некое време по неговата смрт умрел Роџер, а целиот имот ѝ го оставил на Перл. Естер и Перл заминале во Европа, а подоцна Естер сама се вратила во градот каде го поминала животот правејќи добри дела. Кога умрела, таа била закопана во близина на гробот на Димесдел, а за неговата постапка кружеле неколку различни легенди. Гробовите на Естер и на Димесдел имале еден заеднички надгробен камен на кој била напишана буквата А.[5]

Осврт кон делото уреди

Романот „Црвената буква“ претставува најдобар пример на книжевната постапка на Хоторн: порокот води кон натамошни пороци, а тие водат кон пропаст на човечката психа; неумереноста води кон кршење на моралните правила; љубомората предизвикува физичка и душевна грдотија; неодлучноста и стравот водат до душевна агонија. Главните ликови во романот се: Естер Прин, Роџер Чилингворт и Артур Димесдел. Естер е силен лик, жена која направила грев и која поради тоа е осудена на доживотен срам, но наспроти тоа, таа стекнува нова сила, независност на духот и, со текот на времето, општо признание и почит. Нејзината буква А постепено се претвор од симбол на гревот во симбол на напатена, но слободна душа која сфаќа дека ќе дојде време кое „ќе ги постави сите односи меѓу мажот и жената на сигурната основа на заемната среќа“. Наспроти неа, двата главни машки лика, Чилингворт и Димесдел, се движат во спротивна насока: кај нив, гревот го ослабува карактерот и ја нагрдува психата. Така, на почетокот од романот, Естер е прикажана како грешничка, но постепено таа се претвора во безгрешно суштество, додека нејзиниот поранешен сопруг паѓа во сè подлабок грев. Своето научно знаење тој го става во служба на сатанската омраза која уништува наместо да лечи. Оттука, за него нема спас, зашто ја преминал етичката граница, завлекувајќи се во душата на својата жртва. Свештеникот Димесдел, кој го носи истиот грев како Естер, ја нема нејзината карактерна цврстина и станува лицемер кој почнува да се мрази себеси. Неговиот спас доаѓа дури откако неговиот непријател му ја уништува душата и откако му е замрачен разумот. Во триаголникот Естер-Чилингворт-Димесдел дејствува и четвртиот фактор - пуританското општество во чија сенка се одвива целата фабула. Тоа ја претставува сцената на која се манифестираат два конфликта: еден меѓу природните импулси и совеста, а другиот меѓу поединецот и средината. Кршејќи ги законите на етиката и на својата душа, ликовите во романот ги кршат и општествените закони. Вистинската сила на романот лежи во тоа што покрај психолошката анализа на поединецот, со посредна, алегорична постапка, авторот го испитува и општеството. На тој начин, главната тема во романот не е само гревот со неговите последици, туку односот меѓу поединецот на општеството и неговите конвенции.[6]

Влијание уреди

Врз основа на романот, во 1973 година бил снимен истоимениот германски филм (германски: Der scharlachrote Buchstabe) во режија на Вим Вендерс.[7]

Наводи уреди

  1. N. Hotorn, Skerletno slovo. Beograd: Rad, 1964, стр. 3-40.
  2. N. Hotorn, Skerletno slovo. Beograd: Rad, 1964, стр. 40-63.
  3. N. Hotorn, Skerletno slovo. Beograd: Rad, 1964, стр. 63-92.
  4. N. Hotorn, Skerletno slovo. Beograd: Rad, 1964, стр. 92-122.
  5. N. Hotorn, Skerletno slovo. Beograd: Rad, 1964, стр. 122-202.
  6. Vidosava Janković, „Natanijel Hotorn“, во: N. Hotorn, Skerletno slovo. Beograd: Rad, 1964, стр. 206-207.
  7. HRT, Der scharlachrote Buchstabe, njemačko-španjolski film (12) - Retrospektiva Wima Wendersa (пристапено на 18.5.2020)