Храм на небото

царско светилиште во Пекинг

Храм на небото или Олтар на небото (кин. трад. 天壇, упр. 天坛; пинјин: Tiāntán; манџ. Абкај мукдехун) — светилиште во југоисточниот дел на центарот на Пекинг. Служел за државни обреди, каде царевите од династиите Минг и Ќинг секоја година се помолувале на небото за добра жетва во царството. Важи и за таоистички храм,[1] иако обожувањето на небото во Кина е многу постаро.

Храм на небото: царски жртвеник во Пекинг
светско наследство на УНЕСКО
Молитвената сала за добра жетва
Молитвената сала за добра жетва
Критериумкултурно: i, ii, iii
Навод881
Запис1998 (22-ро заседание)
Скалестиот Кружен олтар
Царскиот небесен свод
Внатрешноста на Молитвената сала за добра жетва

Историја уреди

Светилиштето е изградено во периодот од 1406 до 1420 г., за време на царот Јунгле, кој го изградил и Забранетиот град. Денешното име го добил во времето на царот Ѓаѓинг (XVI век). Царот изградил и уште три важни храма во градот: Храмот на сонцето (日壇) на исток, Храмот на земјата (地壇) на север и Храмот на месечината (月壇) на запад. Храмот на небото е реновиран во XVIII век во времето на царот Ченлунг — последен крупен зафат во царско време поради влошувањето на државните финансии.

За време на Втората опиумска војна, светилиштето паднало во рацете на англо-француската војска. Во 1900 г., за време на Боксерското востание, сојузничките сили го зазеле светилиштето и една година го користел како штаб. Зградите и градините претрпеле потешки оштетувања, па дури биле и пљачкосувани. Со падот на династијата Ќинг, храмот останал запуштен, и во наредниот период неколку сали се срушиле.[2]

Во 1914 г. тогашниот претседател на Република Кина, Јуен Шикај извршил царски молитвен обред како дел од неговите усилби да биде прогласен за цар. Во 1918 г. храмот и околината станал парк и за првпат се отворил за јавноста.

Во 1998 г. светилиштето е прогласено за светско наследство на УНЕСКО.[3] Денес паркот е мошне популарно место за рекреација.

Објекти уреди

Светилиштето зафаќа површина од 2,73 км2 со парк и три групи градби, сите изградени по строго филозофски начела:

  • Молитвената сала за добра жетва (祈年殿) — величествен трикалкански кружен објект со пречник од 36 м и висина од 38 м, изградена врз мермерна основа на три нивоа. Внатре царот се молел за родна година. Целиот објект е направен од дрво, без ниедна шајка. Во 1889 г. изгорел до темел поради пожар предизвикан од гром, па е изграден одново за неколку години.
  • Царскиот небесен свод (皇穹宇) — еднокатен еднокалкански објект изграден врз мернерна основа. Сместен е јужно од Молитвената сала за добра жетва и личи на неа, но има поскромни димензии. Околу градбата е расположен кружен ѕид што го одбива звукот и му овозможува голем досег. Овој објект е поврзан со молитвената сала со издигнат премин долг 360 м што полека се спушта од сводот до молитвената сала.
  • Кружниот олтар (圜丘坛) — самиот олтар на светилиштето, јужно од Царскиот небесен свод. Ова е празен кружен подиум од мермер на три нивоа, богато украсен со змејови во камена резба. Разните елементи на олтарот (скалилата, столпчињата на оградата итн.) се девет на број, или во содржатели на девет. Средишниот дел се нарекува „Срце на небото“ (天心石) или „Врховен јанг“ (太阳石), каде царот се молел за добри услови за род. Олтарот е така изработен, што звукот се одбива од оградата и дава одек кој се верувало дека подобро патува до небото. Олтарот е изграден во 1530 г. по налог на царот Ѓаѓинг, а преуреден во 1740 г.

Обред уреди

Во Кина, царот се сметал за „син на небото“, кој раководел со овоземските работи како претставник на небесата. Како таков, имал задача да се моли за добра жетва за целата земја, притоа принесувајќи жртва.

Двапати годишно царот и неговата придружба доаѓале во светилиштето и се залогорувале. Царот носел посебно облекло и држел строг тридневен пост. На обичниот народ му било забрането да присуствува на обредот или подготовките. Потоа царот се молел за плодна година. На зимската краткодневица се вршел посебен обред, кој морал да се изведе совршено за да не се урочи земјата.

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Cooper, Jean C. Cooper and William Stoddart (2010). An Illustrated Introduction to Taoism: The Wisdom of the Sages. World Wisdom. стр. 24. ISBN 9781935493167.
  2. Парк на Храмот на небото: Историја Архивирано на 10 август 2011 г. (англиски)
  3. Храм на небото: царски жртвеник во ПекингУНЕСКО (англиски)

Надворешни врски уреди

Координати: 39°52′56.07″N 116°24′23.29″E / 39.8822417° СГШ; 116.4064694° ИГД / 39.8822417; 116.4064694