Хорациј (драма на Пјер Корнеј)

Хорациј (француски: Horace) - драма (трагедија) на францускиот писател Пјер Корнеј од 1640 година.

Корнеј - Хорациј, 1641 година
Корнеј - Хорациј, 1641 година

Содржина уреди

„Хорациј“ се одликува со сосема поинаква концепција од „Сид“, зашто главниот женски лик во оваа трагедија, Камила, не сака да прифати ништо освен љубовта кон својот свршеник, така што е готова да проколне секого и да жртвува сè што ќе се испречи пред нејзината љубов. Нејзиниот брат, Хорациј, е целосна спротивност, зашто тој е персонификација на бескомпромисен патриотизам. Камила е подготвена да се откаже дури и од татковината за да го спаси својот свршеник, додека младиот Хорациј е готов да го жртвува дури и животот на своите најблиски ако тоа го бараат интересите на татковината. Борбата меѓу овие две спротивставени страсти, изведена во три дејства, е централната тема во драмата, која мора да има трагична разврска.[1]

Осврт кон делото уреди

Корнеј ја напишал трагедијата „Хорациј“ во 1640 година, како одраз на душевната состојба и искуството во дебатата со своите непријатели по повод драмата „Сид“. Оваа трагедија може да се смета како триумф на неговата концепција, уметност и техника. Така, поучен од полемиката во врска со „Сид“, во ова дело Корнеј строго се придружува кон правилото за трите единства, својствени за класичната драма. Темата за драмата е земена од римската историја, со цел да ја изнесе моќта на римскиот патриотизам од времето на републиката. Исто така, во делото се опишува борбата меѓу љубовта и патриотската должност кон државата, но за разлика од „Сид“, овде љубовта е таа што е потчинета кон должноста. Сепак, слично на „Сид“, и „Хорациј“ се одликува со благопријатна разврска и со психолошка концентрација.[2]
Иако од формална и содржинска страна, драмата е сосема задоволителна, сепак таа била примена со воздржаност. Тоа се должело на фактот дека, пред да се изведе претставата, Корнеј договорил средба со неколку писатели во куќата на Буаробер, доверлив човек на кардиналот Ришелје. На средбата, тој им го прочитал ракописот, но не се согласил да ги прифати значителните измени што тие ги побарале. Сигурен во својто вкус, Корнеј ја оставил драмата во својата првобитна форма и ја предал на театарската дружина за прикажување. Публиката отпрвин се држела воздржано, но по неколку претстави таа сè повеќе се воодушевувала, иако драмата била потешка за разбирање и подалеку од францускиот дух во тоа време.[3]

Наводи уреди

  1. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 23.
  2. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 23-24.
  3. Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 24.