„Фати ме ако можеш“ (англиски: Catch Me If You Can) е американски филм од 2002 година, во режија на Стивен Спилберг (Steven Spielberg). Автор на сценариото е Џеф Нејтансон (Jeff Nathanson), а главните улоги ги толкуваат: Леонардо Ди Каприо (Leonardo DiCaprio), Том Хенкс (Tom Hanks), Кристофер Вокен (Christopher Walken), Ејми Адамс (Amy Adams), Натали Беј (Nathalie Baye), Џејмс Бролин (James Brolin) и Мартин Шин (Martin Sheen). Автор на музиката за филмот е познатиот Џон Вилијамс (John Williams). Филмот е снимен според вистинска приказна, опишувајќи го животот на еден од најголемите измамници на сите времиња, Френк Абегнејл, кој на возраст меѓу 16 и 19 години живеел бурен живот. .[1]

Стивен Спилберг

Содржина уреди

Френк Абегнејл (го игра Ди Каприо) е тинејџер чиј татко (го глуми Вокен) има проблеми со даночните органи, така што мора да се преселат од пространата куќа во мал стан. Истовремено, тој е сведок дека неговата мајка има врска со друг маж. Гледајќи ги финансиските проблеми на својот татко, Френк се впушта во серија измами, мислејќи дека така ќе собере доволно пари за да го спаси семејството кое се распаѓа пред неговите очи. Затоа, тој се преправа дека е пилот и започнува да фалсификува чекови, а кога полицијата му влегува во трагата, тој се преправа во лекар, а потоа и во адвокат. На денот на неговата свадба, во куќата на неговата невеста упаѓа полицијата, но Френк во последен миг успева да побегне. Сепак, најпосле, тој е уапсен на југот на Франција (во родното место на мајка му) и детективот (го глуми Хенкс) со авион го носи во САД. Додека слетува авионот, Френк успева да побегне и оди во куќата каде што живее неговата мајка, која има нов маж и девојче. Френк сфаќа дека нема надеж да го обедини неговото семејство и се предава. Откако е затворен, еден ден, тој му помага на детективот да фати еден фалсификатор на чекови и оттогаш, тој работи за полицијата.[2] [3] [4]

Наводи уреди

  1. Uhvati me ako možeš, američki film (2002.) (пристапено на 24.3.2024)
  2. „Потера по најголемиот измамник во светот“, Антена, број 845, 5.9.2014, стр. 3.
  3. „Фати ме ако можеш“, Антена, број 876, 10.4.2015, стр. 15.
  4. „Биографска приказна за генијалниот измамник-тинејџер“, Антена, број 872, 13.3.2015, стр. 3.