Убиство на Тодор Александров

Убиството на Тодор Александров било извршено на 31 август 1924 година кај селото Лопово[1] на планината Пирин. Се случило во време на обидите што тој ги преземал за организирање на конгрес на Серскиот револуционерен округ на ВМРО и напорите што се преземале во правец на средување на состојбите во истата по потпишување на Мајскиот манифест во 1924 година. Заземањето на новиот курс по однос на борбата за решавање на македонското прашање и потоа откажувањето од потписите на Александров и Протоѓеров создале предуслови за тоа повеќе фактори да се заинтересираат за отстранување на Тодор Александров од водачката позиција во ВМРО.

Телото на Тодор Александров поставено во ковчег по убиството

Подготовки уреди

 
Алеко Василев
 
Георги Атанасов

Според верзијата на ВМРО, која најмногу се засновала на кажувањата на неколку лица, директни учесници во тие настани, а пред се' исказот на Динчо Мицев Сугарски. Според него Алеко Василев - Пашата, пред Гоце Манолев, Петар Говедаров, Гогата Полски и Никола Хаџиев, во куќата на Говедаров, му наредил нему да отиде од селото Горна Сушица, преку Мелник, во селото Деремислим за да пречека едно лице, коешто требало да го спроведе во селото Лопово. Во наведеното село со него дошле и војводите Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, коишто биле блиски со Алеко Василев.

Вечерта на одреденото место пристигнале три лица и целата група заминала во селото Горна Сушица, каде што во куќата на Гоце Манолев пристигнал уште и Динчо Марков Балкански. Овде Вретенаров и Влахов го повикале Динчо Сугарски и Динчо Балкански надвор од куќата и под заклетва им соопштиле, дека дојдените лица биле Тодор Александров и Александар Протогеров, им објасниле кој е едниот, а кој другиот и им кажале дека по патот ќе го убијат Тодор Александров. Уште, според овој исказ, им било речено дека убиството требало да се изврши по наредба на Алеко Пашата.

Убиството уреди

 
Тодор Александров

Околу 11 часот, претпладне групата во состав: Тодор Александров, Александар Протоѓеров, телохранителот на Александров, Панзо Зафиров, Штерју Влахов, Динчо Вретенаров, Динчо Балкански и Динчо Сугарски, на коњи се упатиле кон селото Лопово, каде што требало да се одржи Окружен конгрес на Серскиот револуционерен округ на ВМРО.

По настојување на Вретенаров и Влахов се тргнало по потешкиот и пострмен пат кон селото, што веројатно било дел од заговорничкиот план. По патот атмосферата била весела и опуштена, при што Александров, не претчувствувајќи ја опасноста, разговарал со Протоѓеров и останатите. Во еден момент групата била престигната од едно момче, кое имало задача да донесе одморени коњи, но тоа незабележано од Александров било запрено од Штерју Влахов, којшто веднаш го вратил назад.

На едно планинско изворче, групата застанала да јаде. За цело време на ручекот се воделе разговори по однос на плановите на Организацијата и по однос на борбата на истата со претходната земјоделска влада на Бугарија, при што Александров бил љубезен со сите и на неколкупати ја делел храната со другите негови соборци.

 
Панзо Зафиров

По јадењето групата го продолжила патувањето, при што Александров му ја дал на носење својата пушка на Динчо Сугарски, со што останал без оружје. По извесно време, тие пак застанале со цел да ги одморат коњите, а воедно и тие малку да отпочинат, што било искористено од страна на заговорниците, секавично да дејствуваат. Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, застанале над Тодор Александров и стрелале со пушките во него, при што разбуден од истрелите неговиот телохранител Панзо Зафиров се обидел да ја дофати својата пушка, но и тој бил застрелан од страна на Динчо Балкански.

Александар Протогеров, изненаден од брзината на дејствијата, се онесвестил и со таа своја постапка останала нејасна неговата улога во атентатот врз Тодор Александров. По убиството телата на двајцата убиени набрзина биле закопани во блиската шума[2].

Можни нарачатели на убиството на Александров уреди

Покрај директните физички извршители на атентатот, кои се познати, како можни нарачатели се посочувале повеќе страни: групата во ВМРО околу Алексо Василев - Пашата и Георги Атанасов, бугарските комунисти, Комунистичката Интернационала, Иван Михајлов, Александар Протогеров и неговите приврзаници во Организацијата, бугарската влада на Александар Цанков, но со сигурност не може да се утврди ниту еден од горенаведените.

 
Георги Атанасов, Александар Протоѓеров и Алеко Василев

Постојат повеќе нејасни и таинствени околности околу атентатот врз Тодор Александров, кој како настан е еден од најмистериозните во поновата македонска историја. Мотив за неговото отстранување од високите позиции што тој ги имал во хиерархијата на македонското националноослободително движење, имале помалку или повеќе сите горенаведени фактори.

Освен дирекните извршители, кои се познати, кругот на заговорниците се стеснува околу Алеко Паша и Георги Атанасов, чиешто сомнително држење во сите тие настани укажува на најголема веројатност дека тие биле запознаени со плановите за атентат врз Александров. Од гледна точка и на можните мотиви, сенката на сомнежот паѓа врз овие двајца од причина што тие, без разлика на нивната идеолошка определеност, во периодот пред атентатот се наоѓале во непријателски односи со Александров и се обидувале да создадат силна опозиција, внатре во ВМРО, против првиот. Атанасов и Пашата, коишто за краток временски период успеале да натрупаат милиони левови на своите конта за сметка на угледот на Организацијата, исто така се плашеле дека на претстојниот Окружен конгрес би можеле да ги изгубат високите позиции во водечката хиерархија во ВМРО, а со тоа и стекнатите богатства.

Можат да се посочат два центри кои би можеле да бидат можните „интелектуални“ убијци на Тодор Александров: Комунистичката интернационала заедно со БКП и другите левоориентирани партии, движења и струи во Бугарија и воено-политичките фактори блиски до бугарската влада на премиерот Александар Цанков.

Комунистичката интернационала и БКП уреди

 
Димитар Влахов
 
Мајски манифест

Во однос на првата претпоставка одат неколку настани. ВМРО долго време преку свои полномошници имала контакти со Советска Русија со цел да издејствува помош и да се претстави пред тамошните власти дека таа како организација е најмоќната сила во редовите на македонското национално-ослободително движење и со самото тоа најповикана да се избори за државно- правен статус на Македонија. Контактите на ЦК на ВМРО со официјална Москва ги одржувале доверливи луѓе на Александров, неговиот зет Михаил Монев и Димитар Влахов.

Последниот и во моментите на влошување на тие односи, поради учеството на дел од четничкиот апарат на ВМРО во задушување на комунистичкото Септемвриското востание во Бугарија, ги одржал врските со Советите. Поради тие врски, но и поради мислењето на советските раководители дека ВМРО е навистина релевантна сила, започнале обиди од страна на Советскиот Сојуз, како и Коминтерната, за придобивање на раководителите на ВМРО на страната на левоориентираните и комунистички партии. Во тој правец биле и преговорите што во Виена се воделе помеѓу длабоко поделените сили во македонското ослободително движење за нивно обединување во рамките на ВМРО, а коишто преговори се воделе со посредство на функционери од Коминтерната и СССР.

Резултат на сите тие усилби било потпишувањето на Мајскиот Манифест во 1924 година, документ којшто претставува пресвртница во борбата на ВМРО за создавање на обединета и независна македонска држава. Манифестот во својот текст внел сосема нови формулации по однос на решавањето на македонското прашање. Тодор Александров, иако со полномоштво, го ставил потписот под овој документ. Свесен за целосно новата ориентација на ВМРО, тој барал Манифестот да не се обзнанува веднаш, туку да му се остави извесен временски период, да ја испита базата во ВМРО по однос на ова суштинско прашање, но и да го подготви јавното мислење и политичките кругови во Бугарија по однос на ова.

Меѓутоа македонските емигрантски кругови побрзале и набргу го објавиле Манифестот во Виена со што му ја изрекле смртната пресуда на водачот на ВМРО. Токму затоа се поставува прашањето, дали таа постапка со објавувањето била намерно направена? Дали комунистичките кругови во Коминтерна, БКП и СССР му го простиле индиректното учество во задушувањето на Септемвриското востание? Дали наглото свртување во лево на ВМРО имале за цел отстранување на убедениот антикомунист Александров од кормилото? Прашања кои и понатаму ќе чекаат на одговор.

Военоофицерските кругови и бугарската влада на Александар Цанков уреди

 
Александар Цанков
 
Раководителите на Деветојунскиот удар во домот на Иван Русев
Од лево кон десно: Димо Казасов, Кимон Георгиев, Никола Рачев, Јанаки Моллов, Иван Влков, Александар Цанков, Христо Калфов, Иван Русев, Петар Тодоров, Цветко Бобошевски.

Втората можна верзија е учеството на военоофицерските кругови и бугарската влада на премиерот Александар Цанков. Поради отвореното непријателство со владата на БЗНС на чело со премиерот Стамболиски, ВМРО учествувала во 9-то јунскиот преврат во 1923 година на страна на превратниците и новата владеачка политичка групација Демократски заговор на чело со професорот Александар Цанков.

Добрите односи на ВМРО со новата бугарска влада траеле малку време, кога се појавиле сериозни несогласувања помеѓу Тодор Александров и одделни министри, пред се, Калфов и генералот Русев. Состојбата ескалирала до тој степен што по неколкуте вербални преписки и закани, Александров на обвинувањата дека ВМРО е "нула без Бугарија", на посочените министри им одговорил дека така сметале и Стамболиски и Даскалов, затоа и доживеале таква судбина. Односите на ВМРО со бугарската влада на Цанков уште повеќе се влошиле по се почестите контакти со Кралството на СХС и обидите за нормализирање на односите помеѓу двете држави, што со негодување било пречекано кај водечките структури на Организацијата.

Таквата состојба значела дека се стеснувал просторот за дејствување на комитските чети на ВМРО, бидејќи Пиринска Македонија под бугарска власт била главната организациона територија од која што тие навлегувале на територијата на Вардарска Македонија под власта на Кралството.

Активностите на ВМРО за приближување кон Советскиот Сојуз, контактите со Коминтерна, како и новата ориентација на Организацијата озваничена со Мајскиот манифест, ја исплашиле владата на Цанков. И покрај тоа што својот потпис под Манифестот, Александров го нарекол "мистификација на егзалтирани комунисти", не го променил впечатокот кај бугарската влада, дека водачот на ВМРО станувал се понезависен и поопасен за бугарските државни интереси во однос на Македонија и македонското прашање. Затоа многу голема е веројатноста дека идејата за неговото убиство би можела да потекнува од воено-политичките кругови, блиски до премиерот Александар Цанков.

Дел од превезот врз овие настани се подоткрил дваесетина години по атентатот врз Александров, десетина дни пред победата на Отечествениот фронт во Бугарија во 1944 година. Во една кафеана биле собрани првите луѓе од Воената лига: Порков, Кочо Стојанов, Димитар Радев, директорот на полицијата Куцаров и Атанас Милушев, на когошто Кочо Стојанов му раскажал како настанало убиството на Тодор Александров. Стојанов, кој бил под дејство на алкохол, сакал да се исповеда и истакнал дека Воената лига решила да го убие Тодор Александров, зошто биле уверени дека тој не се откажал искрено од Мајскиот манифест [3].

Лигата го испратила Кочо Стојанов во Св.Врач, каде што требало да го придобијат Александар Протоѓеров за таа нивна намера. Таму Стојанов бил пречекан од Мицо Чегански, телохранителот на Протоѓеров, кој ги спровел офицерите кај него, при што тие заедно со Протоѓеров со автомобил заминале за Софија, за којшто настан Чегански му раскажал на Стојан Неговански. Во Софија офицерите Порков, Кочо Стојанов и другите му го разоткриле планот на Александар Протоѓеров, но тој не се согласил со него. Потоа од Протоѓеров, којшто исто така бил бугарски офицер, бил побаран чесен офицерски збор дека нема да соопшти никому за разговорот и дека тие самите се откажувале од планот.

Атентатот врз Тодор Александров не го оставил рамнодушен и самиот бугарски цар Борис. Во однос на убиството тој го дал следниот коментар:

"Можеби некои луѓе околу владата нема да бидат толку незадоволни... Сега тие ќе имаат добро извинување да реагираат против Србите, нели? Беше ли убиството чисто македонска работа, или беше сврзано со бугарската политика? Уште порано го предупредував Стамболиски да не ги вмешув Македонците во нашиот внатрешен политички живот, но Александар Димитров и други го вовлекоа. Истото му го говорев и на Александар Цанков... На самиот Тодор Александров, кого што го видов веднаш по 9 јуни, му реков: Не дозволувајте вмешување на Македонците во нашата внатрешна политика, лошо ќе се случи; вие ќе се заразите од недостатоците на нашето партизанство, а нашето партизанство ќе ги поприми вашите хируршки методи. Не ме послуша. Помисли дека јас говорам така можеби од страв. И несреќникот ја плати со главата таа своја грешка." [4]

Наводи уреди

  1. Виолета Ачковска и Никола Жежов, Предавствата и атентатите во македонската историја, Скопје, 2004 г.
  2. Заговорътъ противъ Тодоръ, Александровъ, по данни на ВМРО, София, 1924, 28/30.
  3. Спомени на Стоян Неговански във връзка с убийството на Тодор Александров, Убийството на Тодор Александров (изследване и документи), избор и редакција Кирил Пърличев, София, 2002, 168.
  4. Стефан Груев, Корона от тръни, царувањето на Борис III 1918-1943, София, 1991,160.