Трново (Преспанско)

поранешно село во Преспа, Егејска Македонија

Трново (грчки: Αγκαθωτό, Анкатото; до 1927 г. Τύρνοβο(ν), Тирново(н)[1]) — поранешно село во Преспанско, Егејска Македонија, на територијата на денешната општина Преспа на Леринскиот округ во областа Западна Македонија, Грција. Сè до неговото растурање по Грчката граѓанска војна било населено исклучиво со Македонци.[2]

Трново
Αγκαθωτό
Трново is located in Грција
Трново
Трново
Местоположба во областа
Трново во рамките на Преспа (општина)
Трново
Местоположба на Трново во Леринскиот округ и областа Западна Македонија
Координати: 40°42.53′N 21°2.49′E / 40.70883° СГШ; 21.04150° ИГД / 40.70883; 21.04150
ЗемјаГрција
ОбластЗападна Македонија
ОкругЛерински
ОпштинаПреспа
Општ. единицаПреспа
Надм. вис.&10000000000000856000000856 м
Население
 • Вкупнонапуштено
Часовен појасEET (UTC+2)
 • Лете (ЛСВ)EEST (UTC+3)

Географија уреди

Остатоците од селото се наоѓаат на југозападниот брег на Малото Преспанско Езеро, на 2 км од државната граница со Албанија. Местото се граничи со Граждано и Дробитишта на север, езерото на исток и југ, и албанската граница на запад, каде се сместени селата Шуец и Ракицко од областа Мала Преспа.[3]

Атарот зафаќал површина од 8 км2, од кои дел отпаѓаат на рамно крајезерско обработливо земјиште, а дел на ридско-планински карстни предели прекриени со дрвја како даб, зеленика, фоја, јасен, леска, дрен, габер, смрека и др. Има пасишта во месностите Ѓонова Нива и Лазоик.[3] На приближно 2 км северно од селото има голема пештера во која била сместена болница на ДАГ за време на Грчката граѓанска војна.[3]

Иако било мало село, Трново било поделено на четири маала: Глигоровско, Стојановско, Колевско и Пандовско.[3]

Топонимија уреди

Ова е список на позначајните топоними во атарот на Трново:[3]

Грозданоа Нива, Долиштата, Долчето, Дренчето, Ѓоноа Нива, Извор, Караулата (Филаќето), Крушата, Лазоик, Лозјата, Љубаражда, Маркова Нога, Орли Камен, Припекот, Свети Атанас, Свети Ѓорѓија, Трново, Црницата.

Историја уреди

Во Отоманското Царство уреди

Во историските документи Трново за првпат се среќава во XV век како село Трновче во Горичката каза, во кој по име се попишани 73 глави на домаќинствата.[4] Се спомнува во дефтер од 1530 г. под името Трновеч со 53 семејства,[5] а потоа и во записникот од 1568-69 г. за Биглишката каза.[3] Во XIX век Трново било чисто македонско село во Битолската каза. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. во Трново живееле 100 жители Македонци христијани.[6][7]

Трново било често ограбувано од арнаутските банди, и населението зело активно учество во Илинденското востание под водство на селскиот војвода Филип Пандов. Неколкумина трновци загинале во борбите, а селото било запалено.[3] По востанието, на неколку наврати селото било тероризирано од грчките андартски чети.

Целото село потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија. По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Трново (Tirnovo) има 200 Македонци, сите под егзархијата.[6][8] Според Л. Огненов во 1902 г. селото имало 12 куќи и 89 жители Според Георги Трајчев во 1911/1912 г. имало 25 куќи и 212 жители. Во овој период Боривое Милоевиќ завел 11 македонски куќи.[3]

Припојување кон Грција уреди

За време на Балканските војни селото најпрвин потнаднало под српска, а потоа под грчка окупација. Со завршувањето на војната, во 1913 г. е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор, кога населението броело 87 жители. Во него работело училиште на грчки јазик, во обид да се погрчи населението. За време на Првата светска војна низ селото минувале војските на Антантата, и тоа француски, српски и грчки единици. На пописот од 1920 г. е забележано намалување на 65 жители, но подоцна населението се зголемило, така што во 1928 г. тука живееле 72 лица.[3]

Нешто подоцна неколку трновци биле испратени како војници на боиштата во Мала Азија во Грчко-турската војна (1919-1922).

Во овој период грчките власти воделе жестока политика на денационализација и асимилација на населението, придружена со забрани и казни.[3] Во 1927 г. преименувано е во Анкатото, што е грчки превод на со значење „трнливо“. Во пописот од 1940 г. е запишано дека во Трново живееле 84 лица.

Во Втората светска и Грчката граѓанска војна уреди

За време на Втората светска војна Штрково влегло во окупациската зона на Италија по капитулацијата на Грција во Грчко-италијанската војна. Во таа војна, на фронтот во Албанија биле мобилизирани повеќе трновци. Населението било евакуирано од другата страна на Малото Преспанско Езеро, сместувајќи се во селата Герман, Р’мби, Медово, Штрково и Рудари. По капиулацијата на Италија во 1943 г. Штрково станало слободна територија на НОАВМ и ЕЛАС.[3]

Селото зело учествуво во Грчката граѓанска војна и во борбите дало четири жртви. Во 1947 г. за првпат е отворено училиште на македонски јазик, во зградата на некогашниот бег.[3] Селото сосема настрадало во Грчката граѓанска војна; населението било принудено да се исели во Р Македонија и источноевропските земји и до денес не е обновено.[2]

Родови уреди

Во Трново живееле следниве семејства: Глигоровци, Јаневци, Колевци, Кузманови, Митровци, Наумовци, Павловци, Пандовци, Ристановци и Чекови.[3]

Население уреди

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година 1940 1951 1961 1971 1981 1991 2001 2011 2021
Население 84
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Цркви уреди

На подрачејто на селото постојат три верски зданија:[3]

  • Св. Ѓорѓија“ — црква на височинка северно над селото; изградена во 1812 г.; има резбан иконостас, а тука се и селските гробишта;
  • „Св. Ѓорѓија“ — истоимена црква 2 км југозападно од селото крај границата со Албанија;
  • „Св. Атанас“ — светиче во облик на ѕитче со камара; служело за собири по повод Свети Атанас; тука некогаш биле погребани неколку деца

Традиционална селска слава била Свети Ѓорѓија (Пренесување на Моштите) на 3 ноември (16 ноември по стар стил).[9]

Стопанство уреди

Главна стопанска гранка во Трново бил риболовот, со кое се занимавале сите жители. Уловот се продавал во гратчето Билишта во Албанија, а подоцна на други поблиски места во Егејска Македонија. Покрај ова, трновци се занимавале со полјоделство и сточарство за сопствени потреби; во извесни периоди се правел ќумур и се собирале дрва.

Дел од населението одело на печалба во Америка, Аргентина, Канада и Австралија.

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Τύρνοβον - Αγκαθωτόν
  2. 2,0 2,1 Симовски, Тодор (1998). Населените места во Егејска Македонија : географски, етнички и стопански одлики. II дел. Скопје: Институт за национална историја. стр. 177–178.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа: местоположба, историски развој и минато (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 444–448. ISBN 978-9989-2117-6-8.
  4. Гандев, Христо. „Българската народност през XV век. Демографско и етнографско изследване“, Наука и Изкуство, II изд., София, 1989.
  5. Harun Yeni, Demography and settlement in Paşa sancaği sol-kol region according to muhasebe-i vilayet-i rumeli defteri dated 1530 [1530 tarihli Muhasebe-i Vilayet-i Rumeli defteri'ne göre Paşa Sancağı sol-kol bölgesinde demografi ve yerleşim], Ankara, 2006, стр. 118.
  6. 6,0 6,1 Како што е општопознато, Македонците во бугарските извори се присвојуваат и водат како Бугари, и покрај признанието дека самите се изјаснувале како Македонци.
  7. Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 242.
  8. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 170-171.
  9. „Светиот великомаченик Георгиј“. Денови.мк. Посетено на 28 ноември 2019.

Надворешни врски уреди